Марсејски атентат

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Марсејски атентат
МестоМарсеј, Франција
Датум9 октомври 1934
16:20
ЦелАлександар I
Луј Барту
Вид на нападПолитичко убиство
Употребено оружјепиштол „Маузер
Мртви2 (уште 2 лица во толпата
убиени од полицијата,
атентаторот исто така бил убиен)
СторителиВладо Черноземски

Марсејскиот атентат е извршен на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Тој е еден од најдобро организираните атентати во XX век, којшто по многу нешта претставува настан што предизвика пресвртница во меѓународните односи и го означи почетокот на активностите што биле вовед во Втората светска војна.

Извршител на атентатот бил Владо Черноземски, член на Внатрешна македонска револуционерна организација.[1][2][3][4][5][6][7][8][9][10][11][12][13][белешка 1][14][15] [белешка 2][белешка 3] Тој, во текот на нападот, смртно го погодил кралот Александар I Караѓорѓевиќ со четири куршуми, а со еден куршум го ранил францускиот министер за надворешни работи Луј Барту, кој починал од од здобиената повреда.

Черноземски ја напуштил Бугарија во летото 1932 година, по наредба на ВМРО и местото на неговиот престој не било познато. Веројатно од тогаш започнале и подготовките за извршување на атентатот врз кралот Александар. Непосредните соработници на терористот на ВМРО во извршувањето на атентатот биле членовите на усташката организација Мијо Крал, Иван Рајиќ и Звонимир Поспишил, додека непосреден раководител на акцијата бил еден од првенците на оваа хрватска организација, Еуген Кватерник. Завршните подготовки за атентатот започнале во Швајцарија кон крајот на септември 1934 година.

За учеството во атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту, на Звонимир Поспишил, Мијо Крал и Иван Рајиќ судот им изрекол казна доживотен затвор со присилна работа. Во отсуство, смртна казна им била изречена и на водачите на усташката организација Анте Павелиќ и Еуген Кватерник што имало за цел да ги задоволи и смири југословенските државно-политички кругови.

Атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ претставувал врв на сите убиства што ВМРО ги извршила во периодот помеѓу двете светски војни.

ВМРО и усташката организација[уреди | уреди извор]

Кокарда на ВМРО
U симбол на усташите

На 19 мај 1934 година новата бугарска влада на чело со Кимон Георгиев законски го забранила постоењето на ВМРО на Иван Михајлов, по што била растурена целата нејзина организациона мрежа на територијата на Бугарија. Поголемиот дел на нејзиното членство бил уапсен од страна на бугарската власт, додека Михајлов заедно со неговата сопруга Менча Карничева и неговиот соработник, Петар Ацев, побегнале на територијата на Турција. Со распуштањето на ВМРО се сметало, посебно во политичките кругови во Кралството Југославија, дека ќе престанат терористичките активности на оваа организација насочени против последната.

Меѓутоа, ВМРО неколку години пред нејзиното распуштање, а и потоа, се поврзала со некои организации и движења во тогашна Југославија, кои се бореле против нејзиното уставно устројство и за отцепување на територии и формирање на независни држави.

За таа цел на 20 април 1929 година како поканети гости на Националниот комитет на македонските братства во Бугарија пристигнале водачите на усташката организација од Хрватска д-р Анте Павелиќ и Густав Перчец, и овде со раководството на ВМРО било разговарано за заедничка борба против големосрпската хегемонија во Кралството Југославија. По оваа средба, кадешто била донесена и Декларација за создавање на независна Македонија и Хрватска, властите во Белград на суд им изрекле смртни казни на Павелиќ и Перчец, по што тие преминале во илегала.

Кирил Дрангов
Марко Дошен

Во исто време и македонските и хрватските емигрантски организации во Америка постигнале спогодба за соработка за нивна заедничка борба против големосрпскиот режим во Југославија. Во Женева повторно дошло до средба помеѓу Анте Павелиќ и Иван Михајлов, на која, покрај разговорите за продолжување на соработката, Павелиќ настојувал да се изврши атентат врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во содејство на усташката организација и ВМРО, на што Михајлов изразил воздржаност.

Во 1930 година со помош на Анте Павелиќ во арсеналот на ВМРО влегле 1.000 автоматски пушки, кои биле купени од фабриката „Хајнрих Фолмер". За возврат од страна на ВМРО на располагање на усташката организација и бил испратен специјалист за употреба и ракување со експлозивни материи, а како инструктор на усташките терористи во нивниот логор за обука кој бил стациониран во Јанка Пуста во Унгарија, во 1931 година отишол Кирил Дрангов. Соработката меѓу двете организации продолжила со тоа што на 12 февруари 1933 година во Горна Џумаја, на Великиот собор на македонската емиграција што тогаш ја истакнал паролата за создавање на независна Македонија и се обратил и пратеникот од усташката емиграција со подршка на таа идеја - Марко Дошен.

Сите овие околности во непосредното опкружување на Југославија говореле дека овие две организации се подготвувале за некоја крупна вооружена акција што би предизвикала поголеми потреси и поместувања во меѓународната политика, во оној дел што се однесувал на состојбите на Балканот.

Позадина[уреди | уреди извор]

Мала Антанта

Различните европски држави имале свои интереси и на свој начин сакале да ги исползуват овие ревизионистички барања насочени кон државите територии на Кралството Југославија. Франција како една од големите и европски сили го потпомогнала создавањето на т.н. Мала Антанта, во која влегле Југославија, Романија и Чехословачка и со создавањето на тој сојуз била заинтересирана да се сочуваат границите на Балканот зацртани со Версајската мировна конференција. Со истата намера, Франција го потпомогнала и создавањето на Балканскиот пакт на 9 февруари 1934 година помеѓу Југославија, Романија, Грција и Турција, со главна задача потписниците заемно да си ја гарантираат неповредливоста на своите граници.

Спротивно на француските интереси за непроменливост на границите на Балканот биле тенденциите на европските држави во подем, кои сметале дека созреало времето кога треба да бидат исцртани новите европски граници. Таков интерес посебно покажале Германија и Италија, каде во 20-тите и 30-тите години била воспоставена фашистичка власт. Посебно големи биле апетитите на Германија со доаѓањето на власт на Адолф Хитлер во 1933 година, којшто посебно бил заинтересиран за истиснување на француското влијание од Балканот и посебно Југославија.

Во исто време Италија како соседна држава на Југославија исто така била заинтересирана за промената на границите на штета на нејзиниот сосед. Територијалните претензии на фашистичката власт во Италија биле насочени кон Далмација, целото Јадранско приморје, полуостровот Истра и Јулијска Краина, а југословенско-италијанските интереси се судирале и во поглед на Албанија.

Членки на Балканскиот пакт

Италија за разлика од Германија се обидувала да го неутрализира француското влијание во Југославија преку подобрување на односите меѓу двете држави, што во почетокот и успеало, но подоцна дошло до заладување на односите поради тоа што Италија дозволила на нејзината територија да се создадат кампови за обука на усташките терористи, кои се бореле против територијалниот интегритет на Југославија. Германија, од своја страна во почетокот на 1934 година успеала да издејствува подобрување на односите со Југославија, што од своја страна било мотивирано од германските обиди за растурање на Малата Антанта и Балканскиот пакт, кои претставувале пречка за доминацијата на Германија на Балканот.

Поради ова се повеќе било загрозувано француското влијание во Југославија, што резултирало со обиди на француската дипломатија да дојде до повторно затоплување на односите на релација Белград - Париз.

Овие обиди за подобрување на француските интересни позиции во Југославија ја натерале Германија и Италија, која и отпорано ги помагала организациите што се бореле против југословенскиот државен и уставен поредок, посебно ВМРО и усташката организација, да ги активираат силите кои ќе им зададат удар на ваквите напори. Такви биле меѓународните односи во пресрет на најавената посета на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ на Франција закажана за октомври 1934 година.

Атентатот[уреди | уреди извор]

Подготовка[уреди | уреди извор]

Лажниот пасош на Владо Черноземски

Черноземски ја напуштил Бугарија во летото 1932 година, по наредба на ВМРО и местото на неговиот престој не било познато. Веројатно од тогаш започнале и подготовките за извршување на атентатот врз кралот Александар.

По налепницата што била пронајдена на неговиот багаж со потекло од унгарскиот град Печуј, се сметало дека тој престојувал на територијата на Унгарија, но во кој дел, не можело со точност да се утврди.

Според информациите што доаѓале од кругови блиски до ВМРО, Владо Черноземски извесно време престојувал во усташкиот логор за обука на терористи во местото Јанка Пуста, каде бил инструктор по стрелање. Поврзаноста на хрватската усташка организација со ВМРО ја потврдил и Анте Павелиќ, којшто исто така истакнал дека биле отворени кампови за обука на терористи во Унгарија, во Јанка Пуста, каде како инструктор дошол Владо Черноземски. Павелиќ посочил дека такви кампови било планирано да се отворат и на територијата на Англија, бидејќи терористичките акции не биле насочени само кон Југославија и Франција.

Непосредните соработници на терористот на ВМРО во извршувањето на атентатот биле членовите на усташката организација Мијо Крал, Иван Рајиќ и Звонимир Поспишил, додека непосреден раководител на акцијата бил еден од првенците на оваа хрватска организација, Еуген Дидо Кватерник. Завршните подготовки за атентатот започнале во Швајцарија кон крајот на септември 1934 година, кога петчлената група се состанала во хотелот „Сен Готард“ во Цирих.

Групата на чело со Кватерник потоа се упатила во Лозана, каде тој им купил нова облека на тројцата усташи и на Черноземски по што заговорниците на 29 септември со брод, преку Женевското Езеро, преминале на територијата на Франција. Овде групата се разделила на два дела, а заради уште поголема конспиративност Кватерник им разделил нови чехословачки пасоши.

Лажниот пасош на Мијо Крал

Во Париз на конспиративната група им се придружило едно лице, чиј што идентитет е многу тешко да се утврди. Кватерник на членовите на групата им го претставил под името Петар, а тој во хотелот каде што престојувал се пријавил со чехословачки пасош на име Јан Вудрачек, заедно со неговата жена Марија Вудрачек. Истражните дејствија на француската полиција покажале дека лицето било на 45-годишна возраст и дека добро го владеел италијанскиот јазик врз основа на што имало некои тврдења дека тоа најверојатно бил Анте Павелиќ. Според други тврдења, улогата на Павелиќ добро ја одглумил хрватскиот усташ Антун Година заедно со неговата жена. Антун извесен временски период живеел во Чикаго, каде бил член на гангстерската банда на Ал Капоне и бил специјалист за фалсификување на документи.

На 6 октомври, сега седумчлената група, повторно се раздвоила, што Звонимир Поспишил и Рајиќ добиле наредба да заминат во Версај, а потоа во Париз да чекаат понатамошни инструкции, така што по ова биле целосно изолирани и ништо не знаеле за понатамошниот тек на акцијата. Од друга страна Кватерник заедно со Черноземски и Крал заминале за Авињон, снабдени со револвери и бомби и со нови чехословачки пасоши. На 7 октомври тие пристигнале со автобус во Марсеј, каде Кватерник ги снабдил Георгиев и Крал со компаси и карта на градот.

На 8 октомври лицето со псевдоним Петар (Јан Вудрачек), Кватерник, Георгиев - Черноземски и Крал ја проучиле маршрутата по која требало да помине кралот Александар, при што според наредбите Черноземски требало да го убие кралот, а Мијо Крал имал задача да активира бомба во толпата народ за да му овозможи на првиот да побегне. По последните дадени инструкции Еуген Кватерник, вечерта на 8 октомври заминал од Франција и утредента се наоѓал на сигурно во Швајцарија.

Утредента на 9 октомври, откако го зеле оружјето од брачниот пар Вудрачек, Георгиев и Крал се измешале со народот што се собрал по повод пречекот на југословенскиот крал. За тоа време таинствените Вудрачекови, коишто всушност биле раководители на операцијата исчезнале од градот, исто како и Кватерник, се со цел да си обезбедат алиби по извршувањето на атентатот.

Официјална посета на кралот Александар на Франција[уреди | уреди извор]

Марсејското пристаниште

Во октомври 1934 година француската влада го очекувала пристигнувањето на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во неговата прва официјална посета на Франција. На 9 октомври парабродот „Дубровник“ пристигнал во пристаништето во градот Марсеј, носејќи ги со себе високите гости од Југославија.

За да му се даде поголема свеченост на настанот, земјата домаќин се погрижила југословенскиот параход да добие придружба од француски воени бродови, а во моментот кога тој влегувал во марсејското пристаниште биле испукани плотуни во знак на поздрав, на што од „Дубровник“ исто така било одговорено.

На палубата на југословенскиот параход се качила француската делегација, која му посакала добредојде на кралот Александар. Југословенскиот крал, којшто бил облечен во адмиралска униформа на брегот бил пречекан од страна на францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. По официјалниот пречек, кралот Александар се качил во подготвениот автомобил за таа цел, до него седнал министерот Барту, а на едно од седиштата на автомобилот седнал и генералот Жорж. Во другиот автомобил се возеле југословенскиот министер за надворешни работи Јефтиќ и францускиот министер Пиетри, позади кои што следувала кралската придружба и луѓето што го организирале дочекот. Југословенската кралица Марија поради тоа што страдала од морска болест кон Франција патувала со воз.

Гласини за можен атентат[уреди | уреди извор]

Во тие моменти кралот Александар бил блед и на неговото лице се гледала изнемоштеност, која веројатно била резултат на пловидбата. Друга причина за таквиот израз на лицето била неговиот страв од можен атентат.

Таквиот страв се пренел и врз луѓето од неговото лично опслужување, така што во еден момент пред почетокот на патувањето во Франција кралскиот собар Зечековиќ му советувал на кралот во џебовите на униформата да стави члични плочки, кои би го заштитиле од куршуми во случај на атентат. За зголемување на напнатоста, не само кај гостите, туку и кај домаќините, кај францускиот министер за надворешни работи Барту, придонесувале гласините што во Париз се ширеле за можен атентат врз високиот гостин од Југославија. Службата за државна безбедност на Франција добила анонимно писмо, неколку дена пред посетата, дека југословенскиот крал ќе биде убиен токму во Франција.

Шпекулациите за можниот атентат ги подгреале и натписите во париските весници „Пари-миди“ и „Пари-соар“, кој на денот на посетата пишувале дека врз југословенскиот крал се подготвувал атентат од страна на терористички организации на хрватската емиграција.

Меѓутоа поголемиот број од релевантните безбедносни фактори во Франција не ги сфатиле за сериозно овие закани, бидејќи до тогаш не успеал ниту еден од планираните атентати врз некој државник или домашен политички функционер.

Обезбедување[уреди | уреди извор]

Во однос на обезбедувањето во градот Марсеј најголеми забелешки имал генералот Димитријевиќ, којшто бил министер на кралскиот двор. Тој бил изненаден во негативна смисла од недоволните мерки за обезбедување што ги презела француската полиција.

Обезбедувањето на градот Марсеј и било доверено на локалната полиција и мерките што таа ги преземала се сведувале на заштита само на улицата каде што требало да помине поворката и тоа на тој начин што полицајците биле поставени на растојание од десетина чекори, со грбот свртени кон насобраните луѓе. Димитријевиќ исто така бил изненаден од податокот дека одредот од мотоциклисти, кој требало да ја обезбедува поворката заради поголема сигурност, не дошол.

Наместо нив како единствено обезбедување останале двајца коњички офицери, кои јавале отстрана и неколкумина пред поворката. Недостатоците во обезбедувањето на кралот Александар се гледале и на автомобилот во кој се возел.

Автомобилот не бил блиндиран, на него постоеле големи платформи кои биле погодни за употреба кај можните атентатори и на крај подвижниот кров бил отворен, поради убавото време, со што се создавала уште поголема можност за дејствување на потенцијалните стрелци.

Нападот[уреди | уреди извор]

кралот Александар Караѓорѓевиќ
Моментот кога Полковникот Пиоле го расекува Черноземски

Посетата започнала со бавно придвижување на поворката среде толпата од народ, која се создала за да го види високиот гостин од Југославија. Автомобилите се движеле со брзина од околу 4 км на час, наместо со предвидените по протокол, 20 км на час, што се практикувало при возењето на секој владетел. Однесувањето на луѓето во толпата било смирувачко и не постоеле било какви знаци дека може нешто да се случи. Поворката со автомобилите се движела на средината на улицата помеѓу трамвајските шини. Состојбата укажувала на тоа дека критичните моменти и стравувањата за атентат биле неоправдани.

Часовникот покажувал 4 и 20 минути попладне и поворката автомобили веќе се наоѓала пред зградата на берзата во градот кога од толпата луѓе излегол еден човек. Полковникот Пиоле, еден од обезбедувањето на поворката, во тој момент се обидел да го сврти коњот за да се врати и да го заштити автомобилот во кој се наоѓал кралот Александар од таинствениот напаѓач.

Меѓутоа напаѓачот бил побрз од него и успеал да се искачи на платформата на кралскиот автомобил и да се најде непосредно пред самиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Потоа настаните се случувале со огромна брзина. Атентаторот извадил револвер и испукал два куршуми во градите на кралот, кој паднал на седиштето целиот облеан во крв. Следниот истрел го погодил во раката францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту. Револверските истрели го исплашиле возачот Фуасак, кој го запрел автомобилот и побегнал, додека генералот Жорж кој седел пред кралот Александар се обидел да го онеспособи атентаторот, но бил погоден со револверски истрели, два во градите и по еден во секоја рака.

Потоа врз терористот скокнал и се обидел да го собори полицаецот Гали, но и тој бил застрелан. Тогаш полковникот Пиоле успеал да го скроти својот коњ и да го сврти кон атентаторот на кој му задал два удари со сабјата, додека во исто време кон него започнале да пукаат и другите полицајци од обезбедувањето. Во општата пукотница што настанала биле убиени и неколку луѓе од масата што се собрала да го пречека југословенскиот крал.

После овие настани се случило панично бегство на толпата луѓе, при што настрадал атентаторот. Во тие критични моменти полицијата успеала да фати едно лице кое се упатило кон кралскиот автомобил, а под сомнение дека тој бил убиецот на кралот Александар. Во полицијата тој бил подложен на физичко малтретирање за да на крајот се воспоставило дека несреќникот сакал да им пружи прва помош на ранетите, по што бил пуштен. Според друга верзија фатениот човек бил вистинскиот атентатор на кралот Александар и бил однесен во полициска станица каде бил испитуван и физички малтретиран, по што тој ги замолил нив да го остават него, а да им помогнат на ранетите кои настрадале при обидот за атентат.

Луј Барту
Автоматскиот пиштол „Маузер“ со кој бил извршен атентатот

Како и да е, по тие драматични настани се установило дека кралот Александар Караѓорѓевиќ им подлегнал на раните. Во моментите пред да умре кралот, според кажувањето на министерот Јефтиќ, последните негови зборови биле: "Чувајте ми Југославију", што е малку веројатно и повеќе имало пропагандно значење, поради големата веројатност дека кралот починал веднаш по извршениот атентат.

Атентатот врз југословенскиот крал бил погубен и за францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Неговата прострелна рана во подлактицата не била опасна по живот, но поради нестручното поставување на завојот на неговата рана, дошло до обилно крварење кое предизвикало губење на свест кај францускиот министер. Во болницата во која бил донесен со ранетиот терорист, врз Барту била извршена хируршка интервенција, но неговото ослабено срце не можело да ги издржи тие напори, така што починал без да дојде при свест.

Ранетиот генерал Жорж и покрај тешките прострелни рани по петмесечно лекување успешно се опоравил и живеел до 1951 година, додека полицаецот Гали, којшто исто така бил ранет, починал после неколку месеци. Атентаторот исто така во тешка состојба бил пренесен во болница и околу 8 часот навечер, без да дојде при свест, подлегнал на повредите.

Атентаторот[уреди | уреди извор]

Владо Черноземски

При прегледот на личните работи на атентаторот, полицијата во неговите алишта пронашла чехословачки пасош на име Петер Келеман, како и револвери од марката "Маузер" и "Валтер" и бомба. При аутопсијата на неговата десна рака била пронајдена тетоважа со иницијалите на ВМРО, череп, вкрстени коски и паролата Слобода или смрт. Атентаторот бил погребан на 12 октомври на гробиштата во Марсеј и неговиот гроб не бил одбележан.

При обдукцијата на телото на атентаторот има веројатност дека бил пронајден куршум за кој се сметало дека веројатно бил истрелан од неговиот соучесник од усташкото движење, Мијо Крал. Тоа било договорено пред извршувањето на атентатот за да не проговори нешто во врска со неговото планирање во случај да биде фатен од страна на француските власти. Смртта кај атентаторот настанала од тој куршум, без да може да ја голтне отровната ампула која ја имал во неговата уста и која исто така ја чувал за да не биде жив фатен по атентатот.

Атентаторот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ бил Владо Георгиев - Черноземски, кои во круговите на ВМРО, од каде што потекнувал, бил познат под името Владо шоферот. Всушност, вистинското име на терористот не било ни горенаведеното, туку Величко Димитров - Керин. Како и да е, Владо Черноземски бил назначен од страна на раководството на ВМРО да ја изврши оваа тешка задача поради неговата храброст и големиот број на атентати што пред тоа ги имал успешно извршено благодарение на неговата умешност во ракувањето со оружје.

Останатите учесници во атентатот[уреди | уреди извор]

Мијо Крал
Мијо Бабиќ, Владо Черноземски и Звонимир Поспишил

Организаторите на атентатот веројатно намерно не испланирале сигурно повлекување на директните извршители на убиството на кралот Александар за да со нивното елиминирање се отстранат опасностите за откривање на нарачателите.

Во критичните моменти пред непосредната акција, Мијо Крал, кој требало да му помогне на Черноземски, станувал се понервозен и колеблив во врска со успешниот исход на атентатот. На предлогот да се повлечат од намерата за атентат врз кралот, ладнокрвниот Владо Георгиев му одговорил на хрватскиот усташ дека и него ќе го убие доколку не го следи, што подоцна на судењето било потврдено и од самиот крал.

Во моментот кога вниманието на Черноземски било насочено кон автомобилот на кралот Александар, неговиот придружник Крал ја искористил толпата народ и побегнал од местото на настанот. Тој се обидувал да побегне, но поради непознавањето на францускиот јазик станал сомнителен за полицијата и при еден обид да биде легитимиран започнал да бега, но бил фатен од страна на француските власти во близина на селото Мелон.

Звонимир Поспишил
Иван Рајиќ

За тоа време, другите двајца усташи, Поспишил и Рајиќ се наоѓале во Париз и за атентатот дознале од вечерните весници, кои со големи наслови известувале за марсејскиот атентат. Откако увиделе дека Кватерник нема да се појави на договореното место во Париз, тие решиле преку местото Евијан да заминат за Лозана во Швајцарија.

На 11 октомври, во раните утрински часови, Поспишил и Рајиќ биле уапсени во нивните хотелски соби во градот Тонон.771 По апсењето на тројцата припадници на усташката организација станало очигледно учеството на оваа хрватска емигрантска организација во атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ. Тогаш Франција упатила официјално барање до Италија да ги уапси усташките првенци, Анте Павелиќ и Еуген Кватерник.

Под притисок на француската дипломатија и на Југославија, италијанските власти се согласиле да ги уапсат усташките водачи, но единствено нешто што направиле во полза на расветлувањето на атентатот било земањето на писмени искази од обвинетите. Павелиќ и Кватерник одрекувале било каква поврзаност со убиството на југословенскиот крал и дури негирале дека воопшто се членови на усташката организација.

Судски процес[уреди | уреди извор]

Лажниот пасош на Звонимир Посипишил

Веднаш по атентатот врз југословенскиот крал, истрагата на полицијата била насочена кон откривање на сите усташки терористички организации на териториите на поголем број европски држави, додека вниманието кон испитување на учеството на ВМРО во атентатот, било многу мало или воопшто никакво поради тоа што уште не се знаел вистинскиот идентитет на атентаторот.

Во судскиот процес против уапсените тројца учесници во планирањето на марсејскиот атентат како нивни бранител бил ангажиран адвокатот Жорж Десбон, кој во францускиот политички живот важел за противник на европските граници воспоставени со Версајскиот мировен договор.

Судењето започнало на 18 ноември 1935 година во францускиот град Екс-ан-Прованса и за неговото времетраење биле преземени дотогаш невидени мерки за безбедност. Во обезбедувањето на градот, улицата и зградата во која се одвивало судењето биле вклучени 600 полицајци и неколку стотина жандарми, при што строго се контролирале сите оние што влегувале во градот, поради стравот од нови можни терористички напади.

Еуген Дидо Кватерник (првиот од десно во усташка униформа)

На вториот ден од судењето на обвинетите за атентатот стигнало писмо до поротата во кое се укажувало дека потеклото на оружјето со кое бил убиен кралот било од италијанско потекло, но откако тоа не му било покажано на бранителот на обвинетите, по расправијата со судиите, тој бил отстранет од случајот и му била изречена забрана за бавење со адвокатура. По отстранувањето на адвокатот Десбон од функцијата адвокат-бранител на обвинетите, судењето западнало во ќорсокак поради противењето на тројцата обвинети да ги застапува друг адвокат.

Процесот продолжил на 6 февруари 1936 година во истиот град Екс-ан-Прованса со полициско обезбедување кое ги надминувало сите нормални граници. На судењето биле повикани околу 66 сведоци од кои повеќето не се појавиле, но најголема бура на негодување кај бранителот предизвикало отсуството на началникот на службата за безбедност во Марсеј.

Понатамошната судска расправа течела без некои позначајни измени во однос на првиот дел од процесот и од страна на обвинителството претежно била насочена кон тоа да им се изрече смртна казна на тројцата присутни обвинети. Одбраната настојувала да докаже дека улогата на обвинетите во извршениот атентат била споредна нагласувајќи го фактот дека двајца од нив на никаков начин директно не учествувале во неговата подготовка.

По завршување на расправата, на 12 февруари 1936 година судот донел одлука дека обвинетите Звонимир Поспишил, Мијо Крал и Иван Рајиќ се виновни за учеството во атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту и ги осудил на доживотен затвор со присилна работа. Во отсуство,смртна казна им била изречена и на водачите на усташката организација Анте Павелиќ и Еуген Кватерник што имало за цел да ги задоволи и смири југословенските државно-политички кругови.

Истрага[уреди | уреди извор]

Лажниот пасош на Иван Рајиќ

Во однос на полициската истрага што се водела за атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ, експертите забележале дека во официјалните документи постоеле многу недоречености. Така, иако француската полиција располагала со сознанија и докази дека потеклото на бомбите најдени кај Владо Черноземски било од една италијанска фабрика во Милано и дека револверите најдени кај атентаторот биле купени со посредство на италијанска фирма од Германија во 1932 година, за тоа не се зборувало во судската постапка. На тој начин се избегнувало прашањето за евентуалната замешаност на Италија во атентатот.

Втора работа која во текот на истрагата била исто така занемарена, свесно или несвесно, била необјаснивото однесување на француските власти во однос на недоволно преземените мерки за организирање на безбедноста на југословенскиот крал. Зачудувал податокот што во последен момент била дадена наредба за повлекување на моторизираниот одред, кој требало да претставува засилено обезбедување на гостинот од Југославија.

Наредбата била дадена од структури на француската тајна полиција или поточно од комесарот Систерон, кој во однос на причините за тоа никогаш не направил извештај до неговите претпоставени. Во сите овие околности најмногу превез на таинственост имало околу претпоставката чии наредби и инструкции спроведувал Систерон односно кој од претпоставените му наредил да го повлече моторизираниот вод од обезбедување на кралската поворка. Веројатно не се исклучувала можноста дека некои кругови во Италија и Германија со огромни финансиски средства имале подмитено некои луѓе во француската државна безбедност, на што укажувал и податокот дека во текот на истрагата воопшто не се поставило прашањето за тоа од каде им била позната на терористите програмата на престојот на кралот Александар и мерките на неговото обезбедување, што претставувало државна тајна.

Исто така важна работа која во текот на полициската истрага била запоставена била прашањето за учеството на ВМРО во подготовките и извршувањето на атентатот. Нејзината улога во тоа од страна на истражните органи била маргинализирана, што било сосема погрешно, поради фактот што оваа организација го дала непосредниот извршител на атентатот, а во годините пред тоа имала огромен удел во обуката на припадници на усташката организација за терористичко дејствување.

Тајна останал и идентитетот на таинствениот брачен пар Вудрачек, наредбодавците и главните раководители со акцијата. Најчестите претпоставки за нивниот идентитет, посебно на Петар Вудрачек, биле дека зад него се криел водачот на усташкото движење Анте Павелиќ.

Тевтонски меч[уреди | уреди извор]

Ханс Шпајдел
Геринг и Хитлер во 1935 година

Сите докази и показатели оделе во правец на тоа дека убиството на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ било внимателно подготвено и испланирано од страна на раководството на Нацистичка Германија и дека тајната операција била наречена "Тевтонски меч".

Мозокот на операцијата биле самите првенци на Третиот Рајх, Хитлер, Химлер и Херман Геринг, додека за директен раководител на операцијата бил назначен генералот Ханс Шпајдел, за што сведочеле писмата испратени до него од страна на Геринг и од шефот на германската тајна служба. И покрај вмешаноста во атентатот, Шпајдел и по пропаѓањето на нацистичка Германија ја продолжил својата генералска кариера, но тогаш како генерал на новоформираната воено-политичка организација - НАТО.

За контактите на усташката организација и ВМРО со фашистичка Германија во периодот пред атентатот врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ посведочил и водачот на хрватските усташи Анте Павелиќ, кој не криел дека имал средба со Хајнрих Химлер, еден од клучните фигури во тогашна фашистичка Германија, кога веројатно биле утврдени плановите за претстојниот атентат.

Улогата на ВМРО[уреди | уреди извор]

Средбата на Михајлов со бугарскиот митрополит Андреј Велички[уреди | уреди извор]

Ванчо Михајлов

На 9 октомври 1934 година во Истанбул, Турција, во домот на бугарскиот митрополит Андреј Велички, по ручекот излегле на терасата за да го испијат попладневното кафе, митрополитот и водачот на распуштената ВМРО, Иван Михајлов. Некаде околу 16 часот, Михајлов погледнал на часовникот и изјавил:

Во овој момент ќе се случи нешто, коешто ќе биде фатално за човештвото! Започна ново броење на годините. Се начнува календарот на... Втората светска војна! [16]

По мала пауза, Михајлов на збунетиот бугарски митрополит му објаснил дека бил испланиран атентат врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ и дека во тој момент веќе бил убиен во францускиот град Марсеј. Водачот на распуштената ВМРО понатаму дообјаснил дека зад атентатот стоела не само ВМРО, туку и Германија и некои други земји, коишто не ги посочил.

Утредента митрополитот Андреј Велички побрзал да ги купи сите можни весници коишто ги имало во Истанбул. На насловните страни митрополитот го видел и прочитал сето она што претходниот ден му го имал навестено неговиот гостин во однос на настаните што се случиле во Франција.

Има претпоставка дека таинствениот Петар Вудрачек би можел да биде и Иван Михајлов, водачот на распуштената ВМРО и дека неговото присуство во Истанбул за време на атентатот било само алиби за да се одврати вниманието од неговото евентуално учество во овие настани. Во корист на оваа претпоставка оди и неверојатната точност со која Михајлов му го навестил атентатот на бугарскиот митрополит Андреј Велички, што упатува на тоа дека бил многу добро запознаен со плановите за неговото извршување.

Круна на сите убиства[уреди | уреди извор]

Статија во Winnipeg Free Press за убиството на Александар Караѓорѓевиќ.

Како и да е, во сите овие настани неоспорна била улогата што ја имала ВМРО. Колку и да не била насочувана истрагата во правец на откривањето на вмешаноста на оваа македонска организација во подготовката на атентатот, фактите зборувале поинаку.

Не само што директниот егзекутор потекнувал од нејзините редови, туку и улогата на нејзиниот водач Иван Михајлов останала вешто прикриена, бидејќи острицата по извршениот атентат била насочена кон хрватската усташка организација, која судејќи по се одиграла епизодна улога. Атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ претставувал круна на сите убиства што организацијата ВМРО ги вршела во периодот помеѓу двете светски војни. Со нејзиното забранување во 1934 година била срушена нејзината организациона мрежа и убиствата што таа ги организирала по различна основа престанале. Но, со тоа не престанала таа крвава црна страница на македонската историја.

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Без разлика на етничкотото потекло, Черноземски во суштина е македонски револуционер и терорист, бидејќи својот живот го дал за македонската кауза. Постојат многубројни слични примери, еден таков пример е Лафајет, француски маркиз, еден од американските воени раководители во Американската револуционерна војна, оттука му се oддаваат сите почести како на американски револуционер (видете гробот на Лафајет во Париз
  2. Хрвоје Матковиќ го посочува како Македонец. Цитат: За главен лидер на групата атентатори, Павелиќ го поставил Еуген Дидо Кватерник. Атентатори се подготвувале на Јанка Пуста во Унгарија, оттаму со фалсификувани пасоши преку Австрија и Швајцарија стигнале во Франција. Во Швајцарија им се приклучил и Дидо Кватерник во придружба на Македонецот, член на ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација), наречен Владо-шоферот. Впрочем, ВМРО одржувало добри односи со усташката организација поради заедничката цел - рушење на Југославија. Затоа (ВМРО б.н) испраќала свои членови како инструктори за диверзански акции. И споменатиот Владо-шоферот бил еден од нив. Според Хрвоје Матковиќ, Историја на Независна Држава Хрватска.
  3. Владо Черноземски бил член на Внатрешна македонска револуционерна организација. Оваа организација се борела за самостојна македонска држава, според Иван Михајлов: Идејата за слободна и независна Македонија е толку голема; правдата. за којашто македонското население се бори, така очигледна; самата борба така сеоддајна и идеалистички водена; објективните странски познавачи на вистината за Македонија толку авгоритетни и многубројни што за секој чесен човек е лесно да ја разбере таа вистина, а заедно со тоа и големината на непријателските аспирации кон Македонија. Види: Македонија Швајцарија на Балканот

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Istoricheski pregled, Books 1-6, Bŭlgarsko istorichesko druzhestvo, Institut za istoria (Bŭlgarska akademia na naukite), 1987, str. 49.
  2. Велинград - online, публикувано на 12 октомври 2010 г. В памет на Владо Черноземски.
  3. Според акт за раѓање No 74 од 1897 година, на Каменицката општина Величко Димитров Керин е бил роден во селото Каменица на 19 октомври 1897 година бил е именуван е на 26 октомври 1897 година во црквата во селото Каменица (денеска Велинград) и тоа е запишано во црковниот регистар под No 77 од 1897 година. Кум му е бил Трендафил 3латанов. Неговиот татко Димитар Величков Керин бил роден во селото Каменица во 1873 година. Мајка му Риса Христоскова Балтаджиева е од истото село, и била родена во 1875 година, а починала на 30 март 1931 г. види: Атентатът в Марсилия, Владо Черноземски. Живот,отдаден на Македония, Митре Стаменов, (Издание на ВМРО-СМД, София, 1993)[1]
  4. Request of the Yugoslav government under article 11, paragraph 2, of the Covenant: Communication from the Hungarian government, Hungary - Yugoslavia, League of Nations, Tibor Eckhardt, Publisher League of Nations, 1934, p. 8.
  5. Stefan Troebst,"Historical Politics and Historical “Masterpieces” in Macedonia before and after 1991", New Balkan Politics, Issue 6, 2003: "... the suicide-assassin from VMRO, Vlado Cernozemski, who, on orders from Mihajlov and his ethno-national VMRO, which was defined as Bulgarian, killed the Yugoslav king Alexander I Karadzordzevic and the French Minister of Foreign Affairs Louis Bareau in Marseilles in 1934."
  6. The national question in Yugoslavia: origins, history, politics, Cornell Paperbacks: Slavic studies, history, political science, Ivo Banač, Cornell University Press, 1988, ISBN 0801494931, p. 326.
  7. Crown of thorns, Author Stéphane Groueff, Publisher Madison Books, 1987, p. 224.
  8. Balkan Firebrand - The Autobiography of a Rebel Soldier and Statesman, Todorov Kosta, READ BOOKS, 2007, ISBN 1-4067-5375-0, p. 267.
  9. Violette Nozière: a story of murder in 1930s Paris, Author Sarah C. Maza, Publisher University of California Press, 2011, ISBN 0520260708, p. 230.
  10. Shadows on the Mountain: The Allies, the Resistance, and the Rivalries That Doomed WWII Yugoslavia, Marcia Kurapovna, John Wiley and Sons, 2009, ISBN 0-470-08456-1, p. 157.
  11. Yugoslavia's ethnic nightmare: the inside story of Europe's unfolding ordeal, Jasminka Udovički, James Ridgeway, Lawrence Hill Books, 1995, ISBN 1556522150, p. 34.
  12. Contested Ethnic Identity: The Case of Macedonian Immigrants in Toronto, 1900-1996, Nationalisms Across the Globe, Author Chris Kostov, Publisher Peter Lang, 2010 , SBN 3034301960, p.139.
  13. Burn this house: the making and unmaking of Yugoslavia, Jasminka Udovički, James Ridgeway, Duke University Press, 2000, ISBN 082232590X, p. 35.
  14. „Povijest Nezavisne Države Hrvatske“, Drugo dopunjeno izdanje, (Naklada P.I.P. Pavičić, Zagreb, 2002.), ISBN 953-6308-39-8.
  15. Povijest Jugoslavije : 1918-1991 : hrvatski pogled, 1998. Naklada Paviĉiĉ, Hrvoje Matković
  16. Петьр Япов,Пьтуване из дневниците на митрополит Андрей,глава назадграничната Бьлгарска православна цьрква,Ню Юрк,1937-1972,Марскилскиятатентат с участието на Ванчо Михайлов и ВМРО 9 октомври 1934,София,2002,19.

Литертура[уреди | уреди извор]

  • Митре Стаменов, Атентатьт в Марсилия, Владо Черноземски, живот отдаден на Македония, София, 1993.
  • V.K. Volkov,Ubistvo kralja Aleksandra,Hitlerova zavera, Beograd, 1983.
Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Марсејски атентат“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).