Убиства за време на Септемвриското востание

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Убиствата за време на Септемвриското востание се серија на ликвидации на комунисти-Македонци од страна на ВМРО во 1923 година. Меѓу убиените бил и внукот од сестра на Гоце Делчев, Тодор Чопов.[1] Како причина за овие убиства од страна на ВМРО било наведено непочитувањето на договорот помеѓу ВМРО и БКП од последната за неширење на востанието во Пиринска Македонија.

Повод[уреди | уреди извор]

Тодор Чопов

Септемвриското востание требало да се крене веднаш по 9-то јунскиот преврат и атентатот врз Александар Стамболиски, меѓутоа по големите спорови и дискусии по ова прашање, на крајот под влијание на Коминтерната, за да се исправела претходната грешка, било испланирано востанието да се крене во месец септември 1923 година. Во ова востание организирано од БКП учество зеле членови-комунисти, како и приврзаници на соборената Земјоделска партија на поранешниот премиер Александар Стамболиски.

Тоа имало поддршка и кај Македонците во Пиринска Македонија, пред се кај членовите и симпатизерите на БКП. БКП пред почетокот на востанието се обидела да ја привлече на своја страна и ВМРО или, ако тоа е невозможно, барем да ја неутрализира. Таквата возможност се гледала во создавањето на едно лево течение, внатре во Организацијата, кое било предводено од бивши членови на Серскиот револуционерен округ, блиски до Јане Сандански, како и членови на ВМРО на кои им биле блиски комунистичките идеи. Во полза на тоа оделе и не толку добрите односи меѓу владата на Александар Цанков и раководството на ВМРО по прашањето за подобрување на односите меѓу Бугарија и Кралството на СХС.

Сето тоа придонело ВМРО во преговорите со БКП да вети дека ќе остане неутрална за време на востанието и дека ако тоа успее, ќе ја признае новата комунистичка власт. Но како услов за својата неутралност раководителите на ВМРО го поставиле барањето во Пиринскиот дел на Македонија да нема востанички акции. Дури еден дел од левицата на Организацијата на чело со Алеко Василев-Пашата, активно го помагале септемвриското комунистичко востание.

По започнување на борбите еден одред од околу 130 вооружени луѓе на чело со Тодор Чопов и Димитар Ацев се упатил кон бугарскиот град Дупница на помош на востаничките сили, придржувајќи се на договорот да не се разгорува борбата во Горна Џумаја и другите околии во Пиринска Македонија. Откако добиле известување дека востанието во Дупница било прекинато, одредот се поделил на неколку групи, од кои една заминала за Разлог, а другата за Горна Џумаја.

Хронологија[уреди | уреди извор]

  • На 24 септември раководителите на востанието дознале дека во многу краеви на Бугарија востанието воопшто не било кренато, а таму каде што избувнало во поголем број случаи било задушено. Откако сфатиле дека нивната борба била изолирана и дека против нив се кренале и четите на ВМРО заедно со редовната бугарска војска, меѓу локалните раководители на востанието била донесена одлука да се влезе во преговори со раководството на ВМРО, при што последното да се обврзе дека ќе го поштеди животот на востаниците.
  • Преговорите помеѓу востаниците и ВМРО започнале на 24 септември при што бил постигнат договор според кој востаниците го предале оружјето, со ветување дека нема да бидат убиени.
  • Договорот влегол во сила на 25 септември, така што борбите завршиле, а единствено група востаници, меѓу кои Атанас Стајков, Георги Рачев и Георги Караџов не го предале оружјето и создале нелегална чета, која дејствувала на Рила планина.
  • По овие настани започнало преследување од страна на власта врз учесниците во Септемвриското востание, во што се вклучиле и вооружените чети на ВМРО, при што им биле изречени смртни пресуди на поголемиот дел од водачите на востанието, но благодарение на наклоноста на Алеко Василев-Пашата, дел од нив се спасиле.
  • Од страна на четите ВМРО биле убиени: браќата Борис, Кирил и Димитар Костовски од село Кочариново, Коста Сандев од село Зарево, Солунско, Никола Иванов од Хисарлак, Сотир Лазаров и Јанчо Хајдушки од Горна Џумаја, Игнат Николов од Цариброд, Васил Коритаров од Босилеградско, Ташко Малев, Јордан Клинчаров и Атанас Георгиев од Горна Џумаја, Иван и Георги Савов од Ќустендил, Стефан од Одринско, Петар Ичков од Горна Џумаја, Петар Здравков од Велес, Евгениј Георгиев, Сотир Календерски и Иван Марков од Горноџумајско, Никола Тодоров Нучков и Стојко Стоилов од Горна Џумаја, Ристо Стојков, Ѓорѓи Иванов Хаџијски, Борис Давитков, Илија Катачки, Методи Мазнев, Петар Димитров, како и раководителот на разлошката востаничка чета, Тодор Чопов.
  • Од страна на припадниците на ВМРО, Михаил Монев (зет на Тодор Александров), Васил Мечкуевски и Иван Караџов во Горна Џумаја, биле убиени комунистите: Димитар Ацев - учител, Никола Лисичков - адвокат и нотарот на градот Стефан Велинов. Тие биле обесени, а нивните тела биле оставени да висат неколку дена во градот. Ноќта меѓу 9 и 10 октомври 1923 година на старите врби кај мостот во центарот на Горна Џумаја биле направени четири бесилки за Ацев, Лисичков, Велинов и Илија Илиев. Првите тројца биле обесени, додека Илиев, кој бил тешко болен, терористите од ВМРО не можеле да го довлечкаат до бесилката и го убиле пред својот дом. Четворицата убиени биле погребани во иста гробница во Горна Џумаја, која народот ја нарекол "Комуна".
  • Иван Илиев Ајдински од село Дабиле, Струмичко, македонски револуционер од левицата бил убиен на 9 октомври 1923 година во Горна Џумаја од страна на ВМРО под обвинение дека се занимава со комунистичка дејност. Смртната пресуда му била извршена поради неговите левичарски убедувања.

Види исто така[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Виолета Ачковска и Никола Жежов, „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.