Горноџумајски случувања

Од Википедија — слободната енциклопедија

Горноџумајските случувања или Горноџумајски атентати и убиства — серија атентати кои ги извршила десницата на македонското националноослободително движење врз припадници на левицата во септември 1924 година во Горна Џумаја. Атентатите се извршени по убиството на Тодор Александров.

Причини[уреди | уреди извор]

Постојат две гледишта за причините кои довеле до Горноџумајските убиства. Според првото гледиште, Иван Михајлов под превезот на одмазда за убиството на Тодор Александров, а под обвинение дека тие го сториле тоа, сакал да се пресмета со левицата во Организацијата, предводена од Алеко Василев и Георги Атанасов и со раководството на емигрантската Илинденска организација во Бугарија.

Според второто гледиште, случувањата се оценуваат како етапа на кризата предизвикана од Коминтерната во ВМРО и последен чекор кон решително одделување на левицата од Организацијата како ВМРО (Обединета). Според ова гледиште, Горноџумајските случувања се оценуваат како казнена акција на десницата од ВМРО врз учесниците во заговорот и убиството на Тодор Александров. Меѓутоа, постојат повеќе нејасни околности околу атентатот врз Тодор Александров, кој како настан е еден од најмистериозните во поновата македонска историја. Се посочуваат два центри кои би можеле да бидат можни инспиратори на убиството на Тодор Александров: Комунистичката интернационала заедно со БКП и другите левоориентирани партии, движења и струи во Бугарија и воено-политичките фактори блиски до бугарската влада на премиерот Александар Цанков.[1] Овие нејасности го доведуваат под знак прашалник оправданието на десницата за акција.

Хронологија[уреди | уреди извор]

  • Во Горна Џумаја била закажана средба на која требало да се надминат недоразбирањата меѓу спротивставените страни.
  • Групата околу Иван Михајлов, а тоа биле Петар Шанданов, Георги Баждаров, Јордан Ѓурков, Панчо Михајлов отишле да го известат генералот В'лков за убиството на Тодор Александров со цел за да ја придобијат Воената лига на своја страна во пресметките што претстоеле.
  • На 11 септември во Горна Џумаја пристигнале луѓето блиски до Михајлов. Истата вечер, Шанданов, кој бил одреден за раководител на акцијата, незабележано отишол во домот на Иван Караџов, со кого се договорил акцијата да почне утредента, на 12 септември, а Караџов требало да ја подготви милицијата на ВМРО од градот што му била лојална.
  • На 12 септември, Алеко Василев-Пашата и Атанасов имале средба со Александар Протогеров. Средбата започнала со голема недоверба меѓу присутните од двете групи. Најпрвин зборувал членот на ЦК, Протогеров, кој со солзи соопштил дека оваа средба по убиството на Александров била со цел да се зачува единството на ВМРО и таа да се спаси од распаѓање. Откако зеле збор и Шанданов и Алеко Василев, бил утврден дневниот ред на состанокот по однос на разни тековни прашања, при што и покрај тензиите, разговорите протекле мирно.
  • Вечерта, на 12 септември пристигнале и раководителите на Илинденската организација, а во градот пристигнал и Кирил Дрангов, кој, по наредба на Иван Михајлов, го известил околискиот началник на ВМРО, Константин Алексиев за претстојните настани. Вечерта, групата составена од Шанданов, Иван Караџов, Кирил Дрангов, Панчо Михајлов, Асен Даскалов и Јордан Ѓурков, во куќата на Киро Црниот се договориле да дејствуваат за половина час.
  • По изготвениот план, според кој Шанданов и Ѓурков истовремено требало да стрелаат во Георги Атанасов, а Панчо Михајлов и Дрангов во Алеко Василев, се упатил кон куќата на Панајот Рајнов, каде требало да ги извршат убиствата. Биле проверени од обезбедувањето и во собата во почетокот останале сами Шанданов и нервозниот Дрангов. Настаните се одвивале со голема брзина: Шанданов и Дрангов истовремено пукале во грбот и во главата на Алеко, кој паднал мртов. По првите истрели, Панчо Михајлов и Јордан Ѓурков, изненадени од предвремениот почеток на нападот, со своите револвери почнале да пукаат преку прозорците во собата каде што бил Георги Атанасов со обезбедувањето. Атанасов успеал да избега.
  • По делумното смирување на состојбата во градот, Шанданов, раководителот на акцијата, му наредил на началникот на градската милиција на ВМРО, Борис Тиков, да ја опколат куќата каде се сметало дека бил скриен Атанасов и неговите пријатели и во текот на денот да ја претресат.
  • По контактите на Михајлов со генералот В'лков, Горна Џумаја била блокирана од бугарска војска и полиција, која имала за задача да ги убие или уапси сите останати приврзаници на Алеко Паша, но и членовите и раководителите на Илинденската организација. На 13 септември при обидот маскиран да се пробие низ опсадата на градот, бил заробен Георги Атанасов, кој и покрај неговите молби да биде поштеден, бил застрелан од Асен Даскалов.
  • Четата на струмичкиот војвода Милан Пустоларски добила задача заедно со една бугарска воена единица да се упати кон селото Препечино, во близина на Петрич, за да ги фати и убие атентаторите на Тодор Александров, војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. На 15 септември четниците и војската ја опколиле куќата во која биле убијците на Александров, при што се развила жестока престрелка во која за да се принудат Влахов и Вретенаров на предавање бил запален кровот на куќата во која тие биле засолнети. Откако куќата веќе сериозно била зафатена од пламенот, се слушнале истрел од револвер и експлозија на бомба. Куќата целосно изгорела и потоа се утврдило дека Штерју Влахов се самоубил со истрел во устата, а Динчо Вретенаров си го одзел животот со бомба. Нивните тела не биле закопани, туку од страна на четниците и војниците биле фрлени во реката Струма.
  • На 17 септември на падините на Пирин Планина бил убиен Арсениј Јовков, еден од раководителите на Илинденската организација и уредник на весникот „Илинден“. Во масовните убиства што ВМРО ги спровела над припадниците на македонската левица биле направени обиди за убиства врз повеќе членови на Илинденската организација, при што некои од нив, како Петар Ацев и Владо Георгиев, успеале да се скријат. Георги Занков и Арсениј Јовков во нивната намера да побегнат се упатиле кон градот Дупница. Притоа Занков успеал да побегне во странство, во Виена, додека Јовков, којшто бил крупен човек по природа, не можејќи да бега бил пристигнат од неговите гонители и бил погубен.
  • Во септември 1924 година бил убиен припадникот на македонската левица Методи Алексиев во близина на селото Покровник, Горноџумајско, од страна на терористи на ВМРО, откако претходно безобзирно и најсурово бил одвлечкан од читалиштето во Петрич и пред неговото убиство, однесен во Горна Џумаја.
  • Неколку дена по Горноџумајските убиства во близина на Петрич биле убиени браќата Коста и Нашко Елшански, блиски пријатели на убијците на Александров, Штерју Влахов и Динчо Вретенаров.
  • ВМРО го ливидирала Васил Попстојанов, санданист и приврзаник на Алеко Василев, а бил фатен и убиен петричкиот околиски војвода Танчо, санданист и исто така пријател на Алеко Пашата.
  • Во Мехомиско (Разлошко) во септември 1924 година биле убиени Георги Ковачев, Георги Пенков и Александар Бујнов, македонски револуционери од левицата и членови на Серскиот револуционерен округ.
  • Во Петрич и Петричко од луѓе на ВМРО биле убиени Георги Манолев, Петар Говедарчето и Петар Балкански, припадници на левицата во македонското националноослободително движење.
  • На 13 септември од атентатори на ВМРО во Софија се убиени Димо Хаџи Димов и Ангел Василев.
  • На 17 септември во Пловдив бил застрелан санданистот и членот на Серскиот револуционерен округ, Чудомир Кантарџиев.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Виолета Ачковска и Никола Жежов „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]