ВМРО во Првата балканска војна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

На 18 октомври 1912 година започнала Првата балканска војна. Балканските држави (нивниот сојуз) гледале добра можност со војна да освојат делови од Европска Турција, а истовремено да ги реализираат своите национални планови. Во предвечерието на војната, и Македонската револуционерна организација и македонската емиграција се наоѓале во криза и внатрешни поделби.

Непосредното организирање на македонската емиграција и нејзиното активирање во подготовките за војна на Бугарија против Турција, започнало во септември 1912 година. На чело на овие сили бил Александар Протогеров и Централниот комитет на ВМРО - Тодор Александров и други нивни соработници. Истовремено со објавувањето и текот на општата мобилизација во Бугарија во втората половина на септември 1912 година, раководителите на ЦК т.е. десните претставници на ВМРО: Тодор Александров, Александар Протогеров, Тодор Лазаров, потоа, полковник Николов, Петар Д'рвингов, Христо Матов и други, биле повикани кај началникот на Штабот на бугарската армија, генералот Иван Фичев, од кого добиле заповед веднаш да пристапат кон организирање на доброволечки - македонски оружени чети.

Организацијата му била доверена на Александар Протогеров и полковникот Петар Д'рвингов. Тие, уште пред почетокот на војната, требало да навлезат во Османската држава, односно Македонија, со цел да развијат известувачка служба и во содејство со месното население да ја попречуваат мобилизацијата и концентрацијата на османските војски [1]

Штабот на Македоно-одринските доброволечки чети во состав: Протогеров, Д'рвингов, Николов, Атанасов и Величков, ја започнал работата околу прифаќањето и организирањето, обуката и испраќањето на доброволечките чети преку граница, во Македонија.

Пријавувањето на македонските емигранти било масовно. Во текот на октомври, до почетокот на воените дејствија против Османската држава, до Штабот или лично до Протогеров, или до другите членови на Штабот, пристигнувале бројни телеграми во кои илјадници Македонци се јавувале како доброволци во четите или доброволечките одреди за да учествуваат во војната против Османската држава.

Четите подготвени од Штабот, упатени во Македонија преку одредените пунктови, ја минале границата меѓу 8 и 11 октомври 1912 година и се нашле во заднината на османските војски и власти, по точно означени реони низ Македонија. Овие чети пристигнати од Бугарија, на теренот наишле на други, од порано постоечки чети кои биле под раководството на Централниот комитет на ВМРО, на чело со Тодор Александров, Христо Чернопеев, Петар Чаулев и други војводи. Некои од овие чети дејствувале и самостојно, а имало и такви што биле под раководството на серските револуционери на чело со Јане Сандански.

Учество на ВМРО во ослободувањето на Македонија[уреди | уреди извор]

Настаните во Серскиот револуционерен округ[уреди | уреди извор]

Подрачје каде се одвивале воените дејствија

Во отсуство на единствено македонско политичко и воено раководство одредени македонски војводи се обиделе да ги надминат меѓусебните недоразбирања и барале да прекинат непријателствата меѓу македонските фракции, четите да содејствуваат. Првиот обид за помирување и заеднички содејства на четите на ВМРО, на Сандански и на врховистичките чети го направил Христо Чернопеев кој упатил повик до Јане Сандански и до Тане Николов.

Сите раководители на ВМРО заминале во илегала, со задачи да го подготват населението и локалните војводи на дадениот повик да ги започнат дејствата. Мелничкиот округ бил поделен на околии, на реони и на села, а така се формирале и единиците, односно вооружените формации. Центар на округот бил Мелник, а главен раководител Јане Сандански. Негов помошник бил Ѓорѓи Казепов, кој воедно бил и околиски војвода.

Христо Чернопеев

Од Мелник биле раководени и координирани дејствата во целиот Серски револуционерен округ. Покрај македонското, поради авторитетот на Сандански, во неговите формации самоиницијативно се пријавувало и влашко, еврејско, дури и грчко население. Овие чети за партизански дејства ја вршеле разузнавачката и известувачката служба.

Тодор Александров се обидел преку Христо Чернопеев и Казепов да контактира со Јане Сандански, со цел да ги распушти серските другари и да ги стави под команда на штабот на ВМРО. Сандански во почетокот одбивал секаква соработка со штабот на Александров. По тоа прашање закажал средба со своите војводи. Средбата се одржала на Пирин и било констатирано дека штабот на Александров се обидува да ја стави серската организација под своја команда. Распуштањето на другарите за Сандански било апсолутно неприфатливо.

Меѓутоа, со оглед на неизбежноста на војната и во името на Македонија се согласил на спогодување со четите на Александров. До почетокот на војната, Сандански успеал да мобилизира околу 2.000 луѓе. Сандански помирувањето не го прифатил, но непријателството го замрзнал поради војната.

Настаните во Вардарска Македонија[уреди | уреди извор]

Во реоните на Штип и на Кочани четите ги предводеле војводите Ефрем Чучков, Симеон Ѓорѓиев, Оровчанов и други. Во Солунскиот реон најголема чета имал војводата Ичко Димитров. Се појавиле и други партизански водови и чети на ВМРО, на кои им се приклучувале месните селски чети.

Прилепско[уреди | уреди извор]

Прилепските чети, на пример, на 20 октомври го ослободиле селото Тополчани, а на 23 октомври 1912 година влегле во Прилеп како ослободители. Во прилепскиот реон се борела четата на Крсто Гермов, која била наречена Прилепски летечки одред. Во неа, главно, влегувало месно население и содејствувало со четата на ВМРО на војводата Милан Ѓурлуков. Во Прилепско, на повикот за војна, населението масовно се пријавувало и се формирала месна милиција од повеќе чети. Војводите Мирче и Аргир мобилизирале околу 1.000 милиционери и на 15 октомври 1912 година разбиле еден турски коњанички одред на просторот меѓу Прилеп и Плетвар.

Костур, Лерин, Воден[уреди | уреди извор]

Георги Поп Христов

На планината Плачковица уште пред објавувањето на војната се појавиле повеќе доброволни селски чети. Пристигнале и неколку партизански водови на ВМРО. Овде се нашле и војводите Георги Поп Христов, Марко Иванов, Павел Христов, Васил Чакаларов, Иван Попов и Христо Силјанов. Оттука се префрлувале кон Тиквеш, кон Гевгелија и за Костурско. Насекаде на четите им се приклучувало месното население, а се воделе и активни борбени дејства. За кратко време биле ослободени повеќе села, а на 20 октомври бил ослободен градот Воден, каде што била воспоставена власт од месното население.

Војводите кои уживале силен авторитет уште од Илинденското востание, па за кратко време била ослободена голема територија на просторот Костур-Лерин-Воден. Во ноември 1912 година, турската војска презела противофанзива кон ослободената територија. Меѓутоа, многубројната селска милиција и партизанските чети на ВМРО во содејство со сојузничките сили (српската и грчката војска) успеале да ја одбијат турската офанзива. Македонските борци беа изложени на големи понижувања, навреди, па и отворени закани од страна на сојузничките команданти. Сепак, по завршувањето на Првата балканска војна на 12 декември 1912 година, четите на ВМРО се повлекле кон Бугарија, четите на месната милиција биле распуштени, а српските и грчките власти паралелно воспоставувале своја власт и воделе преговори за поделба на Македонија.

Кумановско[уреди | уреди извор]

Активноста на месната селска милиција особено била значајна во реонот на Куманово, каде што речиси секое село имало своја чета. Во овој реон, селската милиција имала неколку илјади души. Во времето на движењето на турската војска, милициските чети од зад грб ги напаѓале турските позиции. На 10 и 11 октомври 1912 година, кај село Орашец селската милиција ги нападнала позициите на турската тешка артилерија и запленила повеќе орудија. Потоа пристигнала четата на ВМРО со војводата Крсто Лазаров, па во содејство ги нападнале турските сили и на тој начин дале голем придонес во брзиот пробив на српската војска. Во Скопскиот округ дејствувале четите на ВМРО со кои раководел Тодор Александров. Во скопските села била активна селската милиција, која содејствувала со четите на ВМРО.

Струмичко[уреди | уреди извор]

Во котлината на реката Струмешница се организирало месното македонско население. Се формирала селска милиција од околу 700 души, кои на 19 октомври 1912 година успеале да ги ослободат селата Иловица и Сушица. Потоа пристигнале четите на Кочо Лефтеров и на Иван Смоларски, па со заеднички сили на 20 декември разбиле еден турски одред.

На Селечка Планина кај Студенчица прилепската месна милиција, дејствувајќи во тилот на турската војска, успеала да заплени големи количества храна и воен материјал. На планината Бабуна прилепските чети овозможиле српската војска да ги пробие турските позиции на Присад, поради што војводата Ѓурлуков добил лично благодарност од српскиот престолонаследник кнезот Александар. Потоа србите сите чети, без разлика, ги нарекувале бугарски, а војводата Ѓурлуков го прогласиле за штетен за српската политика, па го затвориле.

Мелничко и Светиврачко[уреди | уреди извор]

Војводата Јане Сандански во четничка униформа

На почетокот Јане Сандански е против тоа да се учествува во балканските војни, но големото разочарување што го доживеал од Младотурците и бесната пропаганда што ја покренуваат новопечените балкански сојузници против Турција, придонеле тој да го смени својот став.

Во одлукана на Сандански се предвидувало заминување во нелегалност, соработка со сите соседни воени сили што се борат против османлиската војска, но македонските единици да бидат самостојни и од соседните земји да бидат третирани како рамноправен сојузник во сојузничката војна. Јане Сандански го започнал организирањето на македонските вооружени сили во Серскиот округ.

Борбените дејства Сандански ги започнал на 5 октомври 1912 година, односно 13 дена пред соседните земји да и објават војна на Турција. Еден дел од овие сили се борел источно од Пирин кон Неврокоп (Гоце Делчев) и Драма, а другите се бореле во областа на Мелник и Свети Врач (Сандански), односно го ослободиле Мелник и ги продолжиле дејствата кон околните места.

Силите на Сандански биле под команда на бугарската 7. Рилска дивизија и дејствувале на нејзиното десно крило. За движењето на покрупните турски сили била известувана командата на 3. бригада на 7. Рилска дивизија. Бугарските офицери известувале дека секој ден добиваат по 5.000 леба дневно и друга храна од Јане Сандански и дека тој организирал болница за бугарските ранети војници.

Вооружените борби силите на Сандански ги започнале со извршувањето диверзии во тилот на турската војска и со напади на помали формации. Под непосредна команда на Сандански на 14 октомври во 1912 година бил ослободен Мелник и била воспоставена локална граѓанска власт. При повлекувањето, турските сили извршиле злосторство врз 26 Македонци и врз Гркот Манолис Кордопулос, кој бил близок пријател на Сандански. Покрај ослободувањето на Мелник, силите на Сандански за краток период го разбиле турскиот гарнизон во село Црвиште, и Сандански завладеал со целата струмска долина од Мелник до Рупелската Клисура.

Долините на реките Струма и Места[уреди | уреди извор]

По долината на реката Струма борба развиле и четите на Христо Чернопеев, со бројна состојба од 70 души. Кон оваа чета пристапиле и партизанските водови на Георги Занков, Стефан Чавдаров и Михаил Чаков, со вкупно 35 четници. Потоа им се придружила и четата на Таско Стоилков, со што се создало јадро од 150 четници. Со оваа чета командувал Христо Чернопеев, а бројната состојба постојано се зголемувала од селската милиција. Првата воена акција на четата се водела за ослободување на Банско. Потоа, на 27 октомври 1912 година, четата на Чернопеев заедно со четите на војводите Пејо Јаворов и Јонко Вапцаров ја ослободиле и Кавала.

Ослободување на Охрид[уреди | уреди извор]

Петар Чаулев

Во Охридскиот реон дејствувала четата на окружниот војвода и член на ЦК на ВМРО, Петар Чаулев. Покрај неговата чета во Западна Македонија, односно во Дебарца, во Кичевско, во Малесија и во Демир Хисар, се бореле четите на војводите Дејан Димитров и Стефан Атанасов. Тие, исто така, содејствувале со бројните месни чети на селската милиција. Во содејство, овие сили до 10 октомври ги ослободиле речиси сите наведени места, а на 15 октомври 1912 година, четата на Атанасов во заседа заробила 250 турски војници.

На 14 октомври кај Сливово, месните чети заробиле 300 турски војници, а на 23 октомври Чаулев воспоставил врски со српската војска, од кои дознал за таканаречената спорна зона (види Српско-бугарска спогодба) во Македонија.

Разочарувањето било огромно, бидејќи договорот за поделба на Македонија било тајна меѓу српската и бугарската влада. На 4 и на 5 ноември, предводени од Чаулев, четите на ВМРО, четите на селската милиција и бројни доброволци од месното население извршиле напад врз Прибилци и Брежани и заробиле 600 турски војници. Следниот ден воделе нови борби со војската на Џавит-паша, која била присилена да се повлече. Кај местото Бухово на патот Ресен-Охрид биле заробени 300 војници. На 10 ноември 1912 година, Чаулев влегол во Охрид. Била воспоставена месна самоуправа. Но, по три дена навлегла српската војска и воспоставила српска власт.

Ослободување на Крушево[уреди | уреди извор]

Настаните во Крушево во Балканските војни даваат најдобра слика за состојбата во цела Македонија. Без оглед на верската и национална припадност, народот, поучен од илинденските настани што се уште му биле во свежи сеќавања, избрал војводи од својата средина, Ванчо Делев-Џонето и Ванчо Белувчето. По формирањето на месните чети пристигнал и партизанскиот вод на ВМРО со војводата Методи Стојчев. Месните чети во содејство со српската војска учествувале во битките на Обедник, во Облаково, во Снегово и во Битола.

На 24 октомври селската милиција го зазела Крушево и веднаш организирала месна народна власт по принципот на Крушевската Република, во која имало припадници на сите народности што живееле во Крушево. Месната власт обезбедувала храна и друга помош за српската војска. Месната власт во Крушево била составена од постари и познати луѓе, меѓу кои биле Тодор Спасев, Велко Ќурчијата и други претставници избрани од народот. Оваа власт траела 20 дена.

Во меѓувреме пристигнал капетанот Велко со една чета српска војска. Така, во исто време во градот се нашле месни македонски чети и чети на српската војска. Со оглед на тоа дека српската војска била посилна, била воспоставена српска државна власт. На четата на Ванчо Џонето и било наредено да го предаде оружјето и ако сакаат можела да остане во Крушево, а ако не, со редовни документи нејзините борци можеле да заминат за Бугарија. Четата на Ванчо Џонето го предала оружјето, но четите на Ванчо Белувчето и на Ставре Димитровски одбиле да го предадат и пак заминале во планините.

Српската власт организирала потера по овие чети, во кои учествувале и српски чети, кои по Илинденското востание дејствувале во Порече. По неколку дена Белувчето бил убиен, а неговата глава отсечена ја носеле по Крушево за да го заплашат народот. По тие настани се состанала Крушевската револуционерна организација и, меѓу другото, констатирала:

“... Ние што можевме сторивме, дури и над нашите можности, прогласивме и република. Но, кога од едно ропство одиме во друго, тогаш ќе мораме да почекаме да заврши војната и веруваме дека мирот ќе донесе нешто ново”. На тој начин престанала да функционира крушевската револуционерна организација.

Соработка со бугарската царска армија[уреди | уреди извор]

Воjници од Македонско-одринското ополчение

Јане Сандански веднаш по дознавањето за Српско-бугарската спогодба на своите соборци им изјавил дека не е можна спогодба меѓу Србите и Бугарите доколку не се работи за поделба на Македонија. Поради тоа, а следејќи ја и мислата на Гоце Делчев дека за Македонија е подобро да остане под турска власт отколку да ја распарчуваат соседите, Сандански бил против Балканските војни доколку тие не се водат за создавање на една балканска федерација. Таквиот став Сандански го искажал со зборовите: Тие што ќе дојдат да нѐ ослободат, всушност ќе не поробат.

Покрај Сандански, односно Серското крило, против Балканските војни биле и македонските социјалисти, Учителската организација и други. Тие ослободувањето на Македонија го гледале во можноста за создавање обласна самоуправа во Македонија во демократизирана Турција и во можноста за создавање независна македонска држава во слободна демократска заедница на балканските народи. Таквата идеја кај наведениве македонски сили била застапувана уште од периодот на Младотурската револуција.

Меѓутоа, непосредно пред Балканските војни, овие сили под влијание на соседните пропаганди во Македонија биле потиснати. Со оглед на тоа што во Српско-бугарската спогодба, Бугарија се откажала од прелиминарниот Санстефански договор и поради тоа што на Македонија двете потписнички ѝ ветувале автономија, сите македонски сили, па и Јане Сандански одлучиле да учествуваат во Балканската војна под бугарска Врховна команда. Сандански ги вклучил своите чети под команда на бугарската 7 Рилска дивизија.

Серската група не можејќи да остане во средината, решила да ја помогне бугарската царска армија. Според некои извори, Сандански се определил, во крајна линија, за соработка со Бугарија поради претпоставката дека Бугарија имала најголеми изгледи да ја заземе цела Македонија, со надеж на тој начин да ја зачува нејзината целост и единство, не откажувајќи се притоа од принципот Македонија на Македонците и од остварувањето на истиот. Меѓутоа, неговата определба за Бугарија и самите бугарски офицери ја сметале како сојузничка.

Согледувајќи ја новонастанатата состојба, Серската револуционерна група: Јане Сандански, Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски и други, во почетокот на јуни во 1912 година одржале советување во Солун. На советувањето, било решено да земат активно учество во војната и да заминат за Источна Македонија и да ги започнат подготовките. До септември 1912 година веќе биле извршени организациските и логистичките подготовки. Во почетокот на септември, во Мелник било одржано второ советување, на кое се расправало за воените прашања.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Виолета Аковска и Никола Жежов „ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА“, Скопје, 2004.