Чудомир Кантарџиев
Чудомир Кантарџиев | ||
Роден | 23 септември 1883 Сливен, денес Бугарија | |
---|---|---|
Починал | 17 септември 1924 Пловдив, Бугарија |
Чудомир Петров Кантарџиев е македонски[1][2] револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Животопис
[уреди | уреди извор]Чудомир Петров Кантарџиев е роден во град Сливен на 23 септември 1883 г. Завршува гимназија во Сливен и извесно време е учител во бургаските села.
Во текот на 1902 г. се запишува на Софискиот универзитет. Во Софија се вклучува во дејноста на Внатрешната организација и во текот на 1904 г. го прекинува учењето и станува четник при Јане Сандански.
Во 1906 г. веќе е окружен ревизор на четите во Серски револуционерен округ и нелегален член на Серскиот окружен револуционерен комитет.
Станува еден од блиските соборци на Сандански и неговата група, којашто се залага за децентрализација на Организацијата. Тој го поддржува Сандански при убиството на задграничните претставници на ВМОРО Иван Гарванов и Борис Сарафов.
Чудомир Кантарџиев, заедно со Сандански и Тодор Паница, активно учествуваат во Младотурската револуција од 1908 г. и во новоформираната Народна федеративна партија.
Во 1909 г. Кантарџиев е учител во Педагошкото училиште во Сер. Подоцна истата година, со стипендија дадена од младотурската влада учи инженерство во Лозана, Швајцарија.
При избувнувањето на Балканската војна се враќа во Бугарија и на чело на чета учествува во ослободувањето на Пиринска Македонија.
После 1918 г. оди да живее во село Л'џене (денес квартал на Велинград) и заедно со Ѓорче Петров и други бивши санданисти се спротивставуваат на дејноста на Тодор Александров и возобновената од него ВМРО.
По убиството на Тодор Александров, поради сомнение дека учествувал во заговорот против него со решение на ЦК на ВМРО му е издадена смртна пресуда. Убиен е во Пловдив, каде што се сокривал, на 17 септември 1924 г.[3][4][5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Vlahov, D. I. (1950). Makedonija: momenti od istorijata na makedonskiot narod. Državno knigo-izd. na NR Makedonija.
- ↑ Istoriska vistina: progresivnata opštestvena javnost vo Bugarija i Pirinska Makedonija za makedonskoto nacionalno prašanje : dokumenti, studii, rezolucii, apeli i publicistički prilozi 1896-1956. (1981). Kultura.
- ↑ Биографични данни от сайта на ВМРО[мртва врска]
- ↑ „Алманах на българските национални движения след 1878 г.“, Академично издателство „Марин Дринов“, София, 2005.
- ↑ Енциклопедия България, том 3, София, Издателство на БАН, 1982.