Серски револуционерен округ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Дел од серијалот Јане Сандански
Јане 7.JPG

Серски револуционерен округ — дел од структурата на Македонската револуционерна организација. Округот ги вклучувал Горноџумајскиот, Мелничкиот, Неврокопскиот, Разлошкиот, Демирхисарскиот, Серскиот и Драмскиот револуционерен реон.

Во округот е активна т.н. Серска група, основана од раководителот на округот Јане Сандански и неговите соработници. Групата е под силно социјалистичко влијание. Поради тоа идејните ставови на дејци во Серско се одликуваат со јасен анархистичко-социјалистички колорит. Серскиот револуционерен округ е главна потпора во борбата против Врховизмот. Во овој округ 6 месеци се одвивала Аферата мис Стон.

Први револуционерни комитети[уреди | уреди извор]

Гоце Делчев

Во септември 1896 година Гоце Делчев бил назначен за главен учител (директор) на второкласното училиште во Банско во учебната 1896/97 година. Тој започнал со плетење на разлошката организациска мрежа. По основањето на револуционерните комитети во Банско и Мехомија (Разлог) постепено ја раширил организациската мрежа и во селата Белица, Годлево, Драглиште, Доб’рско, Бања, Добриништа, Јакоруда, Елешница и Бачево. Потоа, Гоце основал револуционерни комитети во Горна Џумаја и Неврокоп. Во текот на учителствувањето, тој уредил и два канала за Рилскиот манастир низ Годлево и низ Драглиште - Добрско. Истовремено тој уредил и канал од Банско за Србиново (Брежани) и Горна Џумаја. Гоце имал примарни заслуги за втемелувањето на Македонската револуционерна организација во овој дел на Македонија. Лазар Томов истакнува дека:

Целта му (на Гоце Делчев б.н) беше да го поврзе и подигне духот на населението во целата Пиринска област, којашто тој ја нарекуваше непобедлива тврдина, сакано живеалиште на ајдутите и идна света област на револуционерите. Неговата цел беше постигната од Сер и Драма до Горна Џумаја, по долините на Места и Струма. Во главните населби основа и уреди револуционерни комитети, им влеа вера во иднината, им даде директиви и план за натамошна дејност... [1]

Граници[уреди | уреди извор]

  • Трети Серски революционен округ
    • Серски реон
    • Драмски реон
    • Неврокопски реон
    • Демирхисарски реон
    • Разлошки (Бански) реон
    • Мелнички реон
    • Поројски реон

Афера мис Стон[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Афера мис Стон.

Аферата мис Стон според времетраењето, спектакуларноста, добиените финансиски средства и афирмацијата на македонското револуционерно дело на меѓународен план е најголемата афера во историјата на Македонската револуционерна организација. Главни актери во неа биле Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов и грабнатата Мис Стон која била првиот американски граѓанин киднапиран надвор од територијата на САД [2][3].

Борби со врховистите[уреди | уреди извор]

Горноџумајско[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот
Македонска револуционерна организација
Печат на Македонскиот комитет

Иван Цончев веднаш откако го презел Македонскиот комитет во свој раце започнал со организирење и препраќање на чети во Македонија. Овие врховистички чети биле составени од разни арамии и морално пропаданти луѓе.

Пионири на врховизмот во Македонија биле: Хаљо, Дончо Златков, Иван Карасулијата, Ангел Спанчовалијата, подофицерот Лазов.

Во летото 1901 година од левата и десната страна на реката Струма се нашле две врховистички чети. Едната под команда на капетанот Јурдан Стојанов а другата на чело на Пашалијата. Присуството на овие врховистички чети на територијата на Македонија неминовно воделе кон судир со четите на ТМОРО. Набргу во овеј крај се нашла четата на чело со Сава Михајлов и Јане Сандански и тие ги повикале врховистичките чети на јавен дуел пред населението, но врховистите од своја страна одбиле.

Во октомври 1901 година во селото Лагадош се нашла врховистичката чета на чело со подофицерот Михаил Лазаров [4]. Тој дошол во судир со Сава Михајлов при што бил разоружен и принуден да се врати во Бугарија [5].

Овој судир во Лагадош бил повод за Дончо Златков да се нафрли и врз Горно Џумајско, тој од своја страна испратил неколку заканувачки писма до Сава Михајлов во кој од него побарал да бидаат вратени запленетите врховистички пушки од Лагадош, во спротивно се заканил дека ќе запали се.

Истовремено врховистичите чети презеле разни активности за поткопување на авторитетот на ТМОРО кај македонското население. Врховистите агитирале дека тие ќе доставаат пушки и тоа за безпари, и на тој начин успеале да привлечаат дел од незадоволното население, првенствено она кое дало пари а не добило пушки, кон нив се приклучиле и оние на кои ТМОРО насила им собирала пари како и разни работници на ТМОРО кој на разни начини се огрешиле кон оваа организација.

На тој начин кон ВМОК се придружил Смилјан Димитров, раководителот на ТМОРО од село Падеж, тој кај себе ја прибрал повторно вратената врховистичка чета која била разоружана кај Лагадош [6].

Демихисарско[уреди | уреди извор]

Во есента 1901 година во демихисарско се нашле две врховистички чети едната на Дончо Златков, а другата на Касапчето. Тие дошле во судир со четата ТМОРО предводена од дедо Иљо Крчовалијата. При овој судир Дончо бил ранет и се вратил во Бугарија додека пак Касапчето и Ангел Спанчовалијата подоцна биле разбиени на Пирин [7]. Дончо Златков откако ќе закрепне во Бугарија ќе се најде во Петричко и отворено ќе застане на страната на Иван Цончев.

Петричко[уреди | уреди извор]

Стојко Бакалчето
Дончо Златков
Иван Карасулијата

Пионир на врховизмот во Петричко бил Стојко Бакалчето, поранешен раководител на ТМОРО во селото Игуменец. Бакалчето во почетокот на 1901 година злопотребил 12 лири на ТМОРО и поради тоа бил осуден на смрт но успаал да ја избегне ликвидацијата и да издејствува помилување [8].

Но овој настан кај Бакалчето предизвикла да се одалечи од ТМОРО, а кога дознал од весниците за судирот помеѓу ТМОРО и Врховниот комитет, решил да застане на страната на ВМОК и го поканил врховистичкот војвода Дончо Златков да дојде во областа Каршијак.

Таму Дончо на селаните им говорел дека:

Бугарија и Русија ќе помогнат и дека не треба да се даваат пари за пушки, туку секој да каже каква пушка сака и сам да си дојде до границата за да му се предаде. Оставете ги внарешните, тие не мислат за вашата слобода [9]

Во летото 1901 година Дончо со својата врховистичка чета се нашол во областа Каршијак и успеал на своја старана да спечали повеќе раководители и работници на ТМОРО.

Меѓу нив биле: поп Трендафил од Палат, учителот Цоне од Гореме, поп Иван од Долна Рибница и деградираниот војвода на Организацијата Алексо Поројлијата.

Тие здружени со Дончо стапиле во контакт со Врховниот комитет и ја започнале борбата за Петричко со четите на ТМОРО. Дончо и Алексо Поројлијата на измама успеала да го ликвидираат петричкиот војвода на ТМОРО, Кецакаров [10], по што дошле во судир со четата на дедо Иљо Крчовалијата.

Во селото Чуричане, Дончо ги убедувал селаните да ја предадат на Турците четата на Крчовалијата. Во селото Долна Рибница врховистите ја предале здружената чета на Григор Иванов и Атанас Тешовалијата по што тие морале да се повлечат од овој крај.

Врховистички бази во Македонија[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1901 година врховизмот успеал да фати корени и да создаде свој бази во Североисточна Македонија. Според Христо Силјанов речиси сите села во Малешевско, Горноџумајско и Петричко биле под контрола на врховистичките чети. Во врска со првите врховисти во Македонија, Сиљанов истакнува дека ВМОК без помошта на разбојниците и разните декласирани елементи многу тешко би можел да постигне успех, додавајќи дека:

... Дончо и неговите колеги се претходниците и патоводителите, кои ги отворија дверите на Пиринското царство за капетан Јурдан Стојанов, Софрониј Стојанов, Тодор Саев, Лефтеров и другите офицери... за да подготваат едно востание [11]

Горноџумајско востание[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Горноџумајско востание .

Првата активност за започнување на врховистичкото востание во Македонија ја почнал полковникот Атанас Јанков. Во средината на 1902 година, Јанков со голема чета навлегол во Македонија и се движел од Џумаја до Костурско.

Поминувајќи низ Џумајско, Малешевско, Струмичко, Гевгелиско и други места, Јанков оставал свои приврзаници и го повикувал населението на востание. Меѓутоа ТМОРО успеала со својата дејност да го спречи објавувањето на Врховистичкото востание во Костурско.

Во текот на оваа акција на полковникот Јанков во југоисточна Македонија започнало Горноџумајското востание. Со востанието биле зафатени Горноџумајско, Мелничко, Петричко, Малешевско, Струмичко и Разлошко.

Оваа акција на Комитетот ја ослабнал и сериозно ја загрозил организациската мрежа на ТМОРО. Меѓутоа треба да се истакне дека Горноџумајското востание успеало да ги раздвижи дипломатите на големите сили околу македонското прашање и да ги предизвика таканаречените Падарски реформи.

Еден дел од историчарите сметаат дека оваа акција на Комитетот допринела Централниот комитет на ТМОРО да го свика когресот на кој било поставено прашањето за востание во престојната 1903 година. По Горноџумајското востание претседателот на Централниот комитет Иван Гарванов сакал да дојде до помирување со Врховниот Комитет, а Иван Цончев за таквото помирување го поставил условот за кревање на востание во пролета 1903 година.

Илинденско востание[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Илинденско востание.

Подготовки[уреди | уреди извор]

Подготовките за востанието во Серско ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Јане Сандански. Сандански се нашол во Бугарија за да се снабди со воени матерјали и за да собере чета. Во Бугарија Јане Сандански се задржал еден месец. Откако собрал 50 души кој биле вооружени со манлихерки и берданки, се вратил во Серски револуционерен округ, а со него биле Пејо Јаворов, Никола Наумов, Димитар Стефанов и други.

Востанието во Серскиот револуционерен округ требало да почне подоцна. На 11 август (стар стил) Задграничното претставништво го известило Јане Сандански како началник на воените сили во Пиринско дека восатнието во Битолскиот округ започнало, а востанието го зафатило и II-от востанички округ-Кожув.

Во август со дозвола на Задграничното претставништво почнале да навлегуваат врховистичките чети. Првата поголема таква чета броела 160 души и била под раководство на Јурдан Стојанов и Љубомир Стоенчев. По нив пристигнале Иван Цончев и Атанас Јанков со околу 350-400 души. Во Серскиот округ се нашле околу 500-600 души под команда на врховистички војводи.

IV востанички округ - Пирин[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „IV востанички округ - Пирин.
Atanas Teshovski 1.jpg

Во Мелничко борбите започнале порано од предвидениот ден за востание. На 12 септември кај св. Троица во близината на село Пирин била откриена здружената чета на Сандански, Димитар Зографов, Петар Дрвингов, Дончо Златков, Михаил Чаков, Јурдан Стојанов и други.

На Крстовден 27 септември здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил опколен од сите страни и затоа во текот на ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна, а Цончев кон Разлошко.

На Крстовден во Демирхисарско дошло до борба кај Ак бунар, каде загинале 15 востаници. Турците имале 5 загинати и 3 ранети. Овој судир бил последниот во Демирхисарско. По оваа борба Љубомир Стоенечев заминал за Неврокоп, а потоа кон Бугарија, поради предвремено започнување на борбите, предвидениот план не бил реализиран.

Спроти Крстовден, Атанас Тешовалијата и Стојан Филипов ги исекле телеграфските линии помеѓу Куманич и Долно Броди. Истата ноќ било нападнато селото Обидим со 5 чети во јачина од околу 200 души, со војводите Чаков, Малчаков, Иван Апостолов - Копран чауш, Антон Вимола, Лимо Карлович и други.

Во Разлошко биле преземени најобемните подготовки за востанието. По Серскиот окружен конгрес, тука бил одржан Околиски конгрес на кој имало делегати од Банско, Мехомија и од селата Бачево, Годлево, Добриништа, Белица, Јакоруда, Бања, Елешница, Горно и Долно Драглиште и други.

Иван Цончев со врховистичка чета

Разлошко располагало со значајни чети и војводи. Тука биле: Борис Голев, Родон Тодев, Тасе Фурнаџиев, Костадин Колчагов, Саве Мехомиски, Милош Колчагов, Димитар Лазаров - Минѓов, Симеон Молеров, Георги Галев, Јонко Вапцаров и Костадин Молеров.

Подготовките во Драмско биле под раководство на Мирчо Кипров. На првиот ден од востанието било предвидено да се ликвидираат одделни шпиони и да се изведат атентати на железничката линија. На 3 октомври биле откриени четите на Николиев и Диката кај Горно Фраштани. Дошло до битка која траела 8 часа, по која четите се повлекле без загуби.

Во Горноџумајско имало две борби на 11 октомври. Последниот судир во оваа област бил на 21 октомври. Во оваа борба учествувале Стефан Николов, поручникот Саракинов и поручникот Балтов, имало еден загинат.

Постилинденски период[уреди | уреди извор]

Панорама на Кашина
Јордан Стојанов

По Илинденското востание, Организацијата и Комитетот на Цончев ја продолжиле борбата. Две години по востанието позициите на Комитетот во Поројско и Гевгелиско биле ослабени поради смрта на Алексо Поралијата и Иван Карасулијата во борба со аскерот. Во внатрешноста на Македонија, приврзаниците на Цончев биле принудена да дејствуваат со месните комитети на Организацијата.

Во поствостаничкиот период, приврзаниците на Цончев си поставиле задача во Пострумската област да ја избришат секоја трага на Организацијата и да навлезат во Разлошко, Мелничко, Кресненско и Струмичко. Луѓето на Цончев имале за цел: да ги заземат селата кои биле верни на Организацијата, да ги остранат нејзините раководители, членови и приврзаници, посебно учителите [12].

Особено жестоки во прогоните биле бившите арамиии, Дончо Златков, Гоше Пелтека, Атанас Чифлигаров, како и поранешни организациски луѓе кои се огрешил на разни начини кон Организацијата и се приклониле кон Врховниот комитет. Во текот на нападите, врховистите вршеле убиства, палење на куќите, закани и наредби до селаните да не се потчинуваат на Организацијата [12].

Во селото Добрилаки, четите на Атанас Чифлигаров и Бакалчето го убиле организацискиот раководител затоа што не се потчинил на врховистичките наредби. Во селото Игуменец оваа здружена чета запалила 5 куќи. На 19 април 1905 година четата на Ботков го опколила Чакарското малоо во селото Сенокос, а врховистичкиот војвода влегол во куќите на Чакарски, Доско и Хр. Тренкови, откако не ги пронашол бараните лица го претепал таткото на Трнко, за да му каже каде се неговите синови. Во текот на оваа акција биле измачувани мајката и жената на Ив. Чакарски [12].

Оваа политика на Врховниот комитет на Цончев го засилил анагонизмот меѓу двете Организации и борбата помеѓу нив добила на жестина. Во декември 1904 година, потпоручникот Партениев ги собрал четите на Бакалчето, Васе Пеливанов и други, здружената чета броела околу 60 души. Партениев имал за цел на навлезе во селото Костурино, Струмичко. Меѓутоа сите обиди на врховистичките дејци да го заземат Струмичко биле неуспешни.

Капетанот Јордан Стојанов, со цел конечно да се пресмета со Јане Сандански, презел голем поход во Мелничко. На 7 април 1905 година кај селото Кашина, здружената чета на капетан Стојанов попаднала во заседа поставена од Сандански. Во борбата загинале 9 - мина врховисти, меѓу нив биле: Партениев (заклан многу жестоко), Јанков, Давитков, Бељовалијата и др. Капетанот Стојанов бил ранет и одвај успеал да се повлече, а 37 души од неговата чета биле разоружани и вратени назад за Бугарија. Борбата кај Кашина покажала дека врховистичките чети се немоќни пред Организацијата, меѓутоа по кашинскиот настан борбата добила уште повеќе на жестина.

По Кашина, луѓето на Цончев го засилиле притисокот врз селата кој биле на страната на Организацијата. Полковникот Атанас Јанков, кој се подготвувал да замине за родното село Загоричани за да се одмази на андартите, со својата чета се задржал на Пирин и дејствата ги насочил против Организацијата. Григор, четник на Јанков, во едно свое писмо истакнал дека:

Овие денови ќе го префрлиме Пирин за да слеземе во Банско - пространа рамнина, каде што треба да ги извршиме пресудите над некои села, кои морално и матерјално помогнале за рабивање на една наша чета. Таму ќе има оган и нож, кој што може тоа ќе го прави.

Борбата помеѓу двата табора продолжила, секогаш кога имале можност си поставувале заседи, а борбите се воделе со голема жестокост.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Лазар Томов, Гоце Делчев сред Разлошката Котлина, Хрр. Андонов Полјански, op. cit., III, 82.
  2. Лаура Бет Шерман, Пожари в планината, Македонското ревоюционно движение и отвличането на Елен Стоун, (превод од английски Екатерина Николова), София, 1992
  3. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  4. Х. Силјанов, цит, дело, т1, 161
  5. Спомени на Сава Михајлов..., 87-88
  6. Спомени на Сава Михајлов..., 89
  7. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 142
  8. Спомени на Христо Куслев..., 120
  9. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 143
  10. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 145.
  11. Х. Силјанов, цит. дело, т.1, 161
  12. 12,0 12,1 12,2 "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание