Прејди на содржината

Васил Аџаларски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Васил Аџаларски
Роден 24 декември 1880
Миладиновци, Скопско, Македонија
Починал 14 ноември 1909(1909-11-14) (возр. 28)
Скопје, Македонија
Писмо од Богдан Раденовиќ до српскиот конзул во Скопје, во кое го известува за убиството на војводата Василие Аџарлар. (11 ноември 1909)

Васил Стојанов Стаjков, познат како Аџаларски[1] и Дервишов (24 декември 1880, Миладиновци, Скопско - 14 ноември 1909, Скопје) — македонски револуционер, скопски и кумановски војвода на Внатрешната македонско-одрински револуционерна организација.[2]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Васил Стојанов е роден на 24 декември 1880 година во скопското село Аџалари (денешно Миладиновци), според кое го добил својот прекарот, тогаш во Османлиското Царство. Тој е братучед е на војводата Трифун Аџаларски. Во 1901 година неговото семејство се преселило во Скопје. Влегол во ВМОРО и извршувал разни задачи на Организацијата - пренесувал пошта, криел и надополнувал оружје, извршувал терористички акции. Истата година бил уапсен и одлежал две години во скопскиот затвор Куршумли ан. По амнестија бил ослободен. Во пролетта 1903 година станал нелегален четник и првично бил при војводата Сандо Чолакот во Кумановско, подоцна во 1904 година бил помошник војвода во четата на Боби Стојчев, а од 1905 година бил војвода во Скопска Црна Гора и Блатијата под раководство на Даме Мартинов. Аџаларски извршил неколку ливидации на турски бегови.

Од крајот на 1904 до 1908 година неговата чета водела 14 борби со турскиот аскер и со чети на Српскиот комитет на четничката акција. Како одмазда за убиството на 7 Македонци-егзархисти од страна на српска чета, тој убил 9-мина србомани од Бродец, по што српските чети ги прекинале активностите од тој тип. Во февруари 1907 година ја запалил меаната во селото Сопиште, која служела како за база на српските чети при нивното преминување во Порече, тогаш подвојвода кај него бил Тодор Јаков. До Младотурската револуција бил скопски реонски војвода и дејствувал со чета од 18 души, поделена на 4 дела [3]. По Младотурската револуција во 1908 година се легализирал. Ја одржувал Народната федеративна партија.

Убиен е заедно со својот 80-годишен дедо во заседа пред врата на својот дом од страна на властите во Скопје во 1909 година. Тој е погребан во црквата „Св. Димитрија“ , а неговото убиство било повод за масовни протести на македонското население од Скопско против властите, а неговиот убиец, Кор Расим бил обесен на камениот мост во градот.

Оратори на митингот при неговиот погреб биле учителот Атанас Михајлов и адвокатот Тома Петков кој биле осудени на 2 години, а учителот Димитар Папанков, на три. При акција за собирање на оружјето во режија на младотурците во 1910 година биле уапсени татко му Стојан и неговиот брат Панчо [4].

  1. Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 87
  2. Енциклопедија ВМРО, Скопје 2015, стр. 26
  3. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 475-481., „Българските революционни чети в Македония според доклад на А. Тошев до министъра на външните работи и изповеданията Д. Станчов“
  4. Дебърски глас, година 2, брой 18, 20 август 1910, стр. 4.