Јонко Вапцаров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Yonko Vaptsarov IMARO Bansko.JPG
Роден 1861/ 1880
Починал 21 јануари 1939
Софија, Бугарија

Иван Николов Проданичин познат како Јонко Вапацаров, со псевдоним Белоречки (1861/1880 - 21 јануари 1939) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација и Внатрешната македонска револуционерна организација и разлошки војвода. Тој е татко на Никола Вапцаров.

Биографија[уреди | уреди извор]

Македонска револуционерна организација[уреди | уреди извор]

Јонко Вапцаров е роден во Банско, Пиринска Македонија, тогаш во Отоманската империја. Татко му Никола Проданичин загинал во ослободителни борби на македонското население. Завршил 6 класа во Банско и се вклучил во ВМОРО во 1896 година. Станал секретар на Банскиот револуционерен комитет. Во 1901 година учествувал во разоружувањето на врховистот дедо поп Најден во селото Србиново заедно со Јане Сандански. Учествувал во аферата "Мис Стоун". Во 1902 година постанал војвода на чета во родниот крај. По Илинденското востание во 1903 година бил уапсен и лежел во затвор во Солун. По Младотурската револуција во 1908 година бил ослободен.

За време на Првата балканска војна бил војвода на чета при Македонско-одринското ополчение. Зборната чета на Иван Вапцаров, Христо Чернопеев, Пејо Јаворов и Лазар Колчагов ги ослободил Банско, Мехомија и Кавала. Подоцна Вапцаров служел при 13-та кукушка дружина [1]. Веднаш по ослободувањето на родниот крај во 1912 година станал околиски началник на Разлошката околија.

Според некои извори, Jонко Вапцаров, веќе како окружен раководител на ВМРО, заврзал лично пријателство со царот Фердинанд I. Јонко Вапцаров патувал за Цариград во 1916 година, за да го разреши имотното прашање на Фердинанд [2]. На 13 октомври 1917 година во домот на Јонко Вапцаров, на пат за Солунскиот фронт, ноќевале кајзерот Вилхелм II и Фердинанд I [3]. Добри односи Јонко Вапцаров одржувал и со царот Борис III [4].

ВМРО[уреди | уреди извор]

По Првата светска војна Иван Вапцаров учествувал во создавањето на ВМРО. Во 1921 година бил избран за помошник градоначалник на Банско. Во 1926 година бил полномошник на ЦК на ВМРО и добивал плата во висина 4 500 лева [5]. По расцепот на ВМРО бил на страната на десницата, но по убиството на Александар Протогеров во 1928 година влегол во конфликт со Иван Михајлов и во пролетта 1929 година, михајловистите направиле обид за убиството на Вапцаров, кој потоа се преселил во Њујорк кај свои роднини. Се вратил во Бугарија во 1930, а во 1933 година бил киднапиран од михајловистка чета, но бил ослободен по 19 - то мајскиот државен удар во 1934 година.

Јонко Вапцаров умрел во 1939 година во Софија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 108, 894.
  2. Николов, Григор. Скандали, бунтове и смърт заради царските гори, в. Сега, 12.8.2003 г.
  3. Национален литературен музей Къща музей „Никола Вапцаров“ София, Живитопис на Никола Вапцаров
  4. Николов, Григор. Скандали, бунтове и смърт заради царските гори - 2, в. Сега, 13.8.2003 г.
  5. Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, ИК „Знание“, София, 1998 г., стр.167