Прејди на содржината

Петар Поп Арсов

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Петар Поп Арсов
Роден(а)14 август 1868(1868-08-14)
Богомила, Велешко, Османлиско Царство
Починал(а)1 јануари 1941(1941-01-01) (возр. 72)
Софија, Царство Бугарија
ПочивалиштеСофија, Бугарија
Занимањефилолог, идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ
Активен период1885 — 1913
ОрганизацијаМакедонско студенско друштво  • Млада македонска книжевна дружина  • Македонска револуционерна организација  • Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација
Влијаел(а) врзКрсте Петков Мисирков
ДвижењеМакедонско национално движење
Вераправославие
СопружникХрисанта Настева
РодителиИлија и Ѕуна Поп Арсови
Потпис
Дел од темата „Петар Поп Арсов
Дел од темата
Пантеон на бессмртните предводници на македонската револуционерна епопеја“

Петар Поп Арсов (14 август 18681 јануари 1941) — македонски национален херој, филолог, револуционер, еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација, долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник на организацијата, автор на Првиот устав на Внатрешната организација и автор на познатата публикација „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, идеолог, книжевник, публицист, борец за национално, културно и духовно издигање на македонскиот народ. Поборник за македонската самобитност. Борец за воспоставување на самостојна независна држава Македонија, за изградување на независна Македонска црква и образование и македонскиот литературен јазик и правопис.[1]

Основно образование завршил во родното село Богомила 1877/78 — 1880/81 г. Школувањето го продилжил во Велес каде изучил трикласно ниже гимназиско образование во годините 1881/82 — 1883/84 г. Се запишал во Солунската гимназија Св. Кирил и Методиј и таму завршил 4-7 клас во периодот 1884/85 — 1887/88 г. Кога бил 7 клас во Солун бил исклучен од гимназијата и школувањето го продолжил во Белград, во учебните 1888/89 и 1889/90 г., меѓутоа и од таму бил исклучен и заедно со 34 македонски ученици се префрлил во Софија. Во бугарската престолнина студирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот Св Климент Охридски, во учебната 1890 — 1892 г. — прва и втора год., а потоа студирал на Филозофскиот факултет, оддел филологија, како вонреден студент.

Петар Поп Арсов е меѓу оние македонски дејци (Даме Груев, Крсте Петков Мисирков и др.) кои созреале на релацијата СолунБелградСофија. Во текот на оваа патешествие Поп Арсов како и голем број негови сопатници, разбрал дека ослободувањето на Македонија може да стане само со сопствени сили, без да се бара бара помош од некого: Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата, ќе ни ја земе земјата.

Во Софија станал еден од основачите на Македонското студенско друштво (заедно со Даме Груев, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев, Никола Дејков и др. ). Учествува во работата на оформување на уставот и правилникот на друштвото. По растурањето на друштвото учествува во основањето на Младата македонска книжевна дружина и влегол во редовите на Лозарското движење (заедно со Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов и др.). Арсов бил поставен за главен уредник на весникот Лоза, официјален орган на Лозарите. Од првиот број на списанието каде го објави и својот расказ На Мокров, воведе еден нов македонски фонетски правопис, каде и за првпат ги наоѓаме и употребени и карактеристичните букви: К', Г', Н’, а се исфрлени двогласните букви:Ъ, Ю, Ь, a гласот Ј е предаден во I.[2]

По растурањето на Младата македонска книжевна дружина и забраната на Лоза, Арсов заминал за Македонија и во есента 1893 година се вработил како професор во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Во Солун повторно се сретнал со своите стари познаници меѓу кој и Даме Груев. Во тој период меѓу потесен круг на македонски интелектуалци се појавила идејата за основање на една револуционерна организација, во овие случувања активно зел учество и самиот Поп Арсов. Тој ја прифатил иницијативата и станал еден од шесмината основоположници на Македонската револуционерна организација, и изготвувач на првиот устав на Организацијата, 1893 г.

Во текот на својата дејност во Внатрешната организација извршувал повеќе функции и отстварил повеќе активности. Бил: претседател на Прилепскиот околиски комитет во 1896 г., директор на егзархиските училишта во Штип, 1896 г., претседател на окружниот комитет, 1896 г. По Виничката афера, првото масовното разоткривање на Внатрешната организација од османлиската власт е обвинет за - организирање востание и е осуден на 101 г. од страна на специјален воен суд во 1897 г. бил испратен во Подрум Кале, каде бил до 1902 г., кога бил амнестиран. Останал настрана за време на Илинденското востание, поради апсење по Солунските атентати, (во тоа време дошло до саморастурање на Централниот комитет). Арсов стнал член на ЦК на Внатрешната организација, 1904 г. Учествува во работата на Рилскиот конгрес, 1905 г. и бил избран за задграничен претставник, учествува во дејноста на организацијата сè до нејзиниот неформален расцеп.

За време на подготовките на списанието „Македонија“, двапати бил притворан како интелектуален поттикнувач. Учествувал во работата на Народната федеративна партија и парламентарните избори во 1910 г. Се заложил за изградување на независна Македонска црква и независно образование, ја пласирал идејата за отворање на Висока педагошка школа во Скопје со статус на државен факултет, со Теодосиј Гологанов и Крсте П. Мисирков. За време на Првата балканска војна се повлекол во Велес , каде организирал семакедонска конференција, на која заедно со Димитрија Чуповски, бил избран да отпатуваат во Лондон за да го постават — македонското прашање на Мировната конференција, неговиот поглед по во ова прашање го дознаваме од реченицата:Македонија ако ја немаше би требало дипломатијата да ја создаде за доброто на Балканот, но под притисок на српската власт биле разоткриени, Чуповски се вратил во Русија , а Петар под закана за сопстевниот живот пребегал во Бугарија. Во 1914 г. Во Костенец станал учител. Во 1920 г. се повлекол од јавниот политички живот и се оженил со учителката од Солунската женска егзархиска гимназија, Христина Начева. Во 1930 г. се преселил во Софија (се претпоставува дека контактирал со Македонскиот литературен кружок), каде останува до крајот на животот.

Бил уредник на списанието Лоза — официјално списание на Младата македонска книжевна дружина, 4 броја; (01. 1892 — 06. 1892 г.), го објавува прозниот расказ На Мокров во Лоза, (дејството е локализирано во родната Богомила, секојдневие од животот на поробената Македонија, во него за првпат се употребени меките македонски согласки, и формата на графемите, потоа, редовната употреба на тројниот член. По прашањето за изградување на македонски литературен јазик и правопис, Арсов сметал дека најприфатлива основа е живиот говорен македонски народен јазик и фонетски правопис како принцип при конечното оформување. Ја напишал брошурата Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, под псевдонимот Вардарски, во која ја демаскирал бугарската денационализаторска политика во Македонија. Во четвртиот број на билтенот на Привременото претставништво на поранешната Внатрешна организација ја објавил статијата Распни ја. Во осмиот број, статијата Потеклото на револуционерното движење во Македонија и првите чекори на Солунскиот комитет за придобивање политички права на Македонија дадени со Берлинскиот конгрес [3]. Објавувал и алегорична поезија Бабуна, велика македонска планина.

Петар Поп Арсов е единствениот основоположник на Внатрешната организација кој го потпишал апелот на привременото претставништво на поранешната ВМРО, со кој се барало воспоставување на Македонија како самостојна и независна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници. Решенијата на Париската мировна конфеенција, која всушност со мали измени ја потврдила одлуката од Букурешкиот мировен договор биле причина за големата разочараност кај него и повлекување од јавната политичка сцена.

Потекло

Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност.

— Христо Андонов-Полјански [4]
Црквата Св. Богородица, поглед од страната на камбанаријата, во село Ореше
Римски мост на реката Бабуна во село Богомила

Во југозападниот дел на велешката околија се наоѓа областа Азот, планинско - ритчеста висорамнина. Според народните преданија областа своето име го добила од турскиот збор асси, поради бунтовничкиот и непокорлив карактер на населението [5]. Во втората половина на XIX век, Азот бил оделна административна единица во рамките на Велешката каза со нахиски центар во Богомила. Нахијата се состоела од 14 села распространети по реката Бабуна и падините на истоимената планина. Поголемиот дел од населението во оваа област е од племето Брсјаци, додека селата Ореше и Папрадиште биле населени со Мијаци. Во околу три села живееле исламизирани Македонци, а во селото Согле живееле Албанци кои биле тенденциозно население од османлиската власт.

Во целата област, со својата големина и дух се издигнала Богомила, која своето име го добила по основачот на Богомилството, поп Богомил. Во некогашната лулка на богомилското движење во семејството на попот Илија и презвитерата Ѕуна Поп Арсови се родил нивниот втор син Петар. Поп Арсови биле едно од водечките семејства во Богомила со постојана служба на народот. По иницијатива на ова семејство, во 1868 година, кога се родил Петар Поп Арсов, во Богомила било отворено 4 годишно основно училиште, во кое се предавало на македонски народен јазик. Споменатото училиште било изградено со заеднички пари на сите селани во висина од 10 000 гроша.

Своето рано детство го минувал со своето семејство кое што целосно било предано кон развојот на црковно-училишното дело. Во Богомила, се стекнал со основно образование кое траело од 1877/78 до 1880/1881 учебна година. Во Богомила се задржал до својата 13 година од животот и имал можност да се запознае со тешкиот живот на своите соселани, наметнат од османлиската власт. Во истиот период се запознал и со слободарските стрмежи на македонскиот народ изразени преку разни форми на отпор, вклучително и вооружената борба која биланасочена против официјалната власт и разните албански разбојнички банди.

Во текот на 50-тите и 60-тите на XIX век во Азот се движеле повеќе разбојнички банди. Над мирното македонско население со своите зулуми се истакнал Зендил ага со својата банда. Во почетокот на 60-тите годиниа, Андреја Ќуљашев и неколкумина орешани ја ликвидирале Зендиловата дружина. Охрабрени од овој подвиг, орешани и селаните од Црешново го ликвидирале арамијата Ибраим. Во периодот помеѓу 1865-1875 година, во Азот се движел разбојникот Фета Џока, а околу 1880 година Фејзо ага. Семјството Ќуљашеви од селото Ореше во овој период се истакнало во заштитата на христијанксото население во Азот. Браќата Андреја и Мано Ќуљашеви во 1872 година го ликвидирале Селман ага заедно со неговото седмучлено семејство и сиот добиток на неговиот чифлик во Согле. Селман бил ликвидиран поради поддршката што ја давал на патријаршистите и малтретирањето над попот Спасе од Теово. Во борбата против разбојничките дружиби во Азот, се истакнал и Темелко од Богомила. За овие случувања, младиот Петар слушнал од постарите и тоа оставило длабока трага врз неговата детска душа што подоцна ќе најде одраз во неговиот расказ На Мокров [1].

Поради планинскиот релјеф и слабат плодност на земјата, населението било принудено да одат на печалба надвор од Македонија, особено во Србија. Првиот човек кој заминал на печалба во Србија бил дедо Мирче поради што бил наречен Србот [5]. Набргу потoа се зголемил брјот на печалбарите кои заминувале во оваа балканска земја. Со печалбарството се зголемила и опасноста од српската пропаганда во Богомила што печалбарите ја носеле со себе. Во 1882 година, младиот Петар имал можност да види како поп Ангеле отворено застанал на страната на србоманите, со што настанал до раздор меѓу богомилчани на два спротивставени табора. Поп Арсовото школување во Богомила било надополнето и со настаните од големата источна криза, кога македонскиот народ го искажал своето незадоволство преку Разловечкото и Кресненското востание.

Образовна одисеја

Едно 3-4 месеци пред тоа студентите Македонци во Вишата школа се нафативме да се организираме во име на идејата за самообразование и заемно влијаење. Целта ни беше: по завршувањето на учењето да си се прибереме сите внатре во Македонија, во која имаше голема потреба од сили на интелигенцијата. Сред тој наш тесен, интимен круг веќе се беше родила идејата да се издигне револуционерна организација во Македонија.

— Даме Груев, Спомени [6]
Коста Шахов
Софискиот универзитет Св. Климент Охридски

По завршувањето на основното образование во Богомила, во учебната 1881/82 година се запишал во велешката нижа гимназија која била финансирана од Велешката црковноучилишна општина. Во 70-тите години на XIX век дошло до обединување на двете општини во една Велешка црковно-училишна општина. Таа ги презела сите ингеренции од црковно-училиштен и општествен карактер, дејствувајќи самостојно и врз принципите од црковното и обичајното право. Меѓутоа, против таквиот од на работите истапила новата духовна покровителка на велешани - Бугарската егзархија. Егзархијата го искористила општиот економски колапс на Османлиското Царство [7] и Велес. Егзархијата успеала да воспостави контрола над македонските училишта. Оттогаш датираат и првите борби на велешката интелигенција и граѓанство против мешањето на Егзархијата во општинските работи

Во учебната 1884/85 година се запиѓал во четврти клас при Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Низ клупите на оваа гимназија минале голем број на македонски револуционери: Ѓорче Петров, Пере Тошев, Дамјан Груев, Гоце Делчев, Борис Сарафов и други [8]. Во почетокот на 1885 година дошло до училиштен бунт, предводен од Пере Тошев и Ѓорче Петров. Поради бунтот биле исклучени 14 ученици. Оваа мерка само привремено ги смирила духовите во гимназијата. Во гиманзијата пристигнувале и други ученици од сите краишта на Македонија. Тие меѓусебно се запознавале и взамено си влиајеле. Во учебната 1886/87 година во петтиот клас на гимназијата се запишал Даме Груев. Двајцата набргу се запознале и формирале училиштен кружок кој се занимавал со разни прашања од минатото, но и од современоста, општата состојба во Македонија. ктивноста на овој кружок особено се почувствувал во учебната 1887/88 година кога дошло до нов училиштен бунт. Тие го организирале бунтот затоа што: Не можеле да работат на бугарски јазик, туку сакале да им се предава на нивниот домашен македонски дијалект [9]. Тогаш Поп Арсов го добил првото револуционерно крштевање [10] и заедно со своите сомисленици застанал на патот на големобугарските стремежи во Македонија [1]. За нов директор бил поставен Никола Начов, кој донел одлука за исклучување на осумина ученици, намалување на поведението, одземање на стипендиите и забрана за излегувањето од пансионот. Поради оваа одлука, како знак на протест половина од учениците на седмиот клас ја напуштиле гиманзијата, а во текот на овие случувања од гимназијата биле исклучени 38 ученика. Меѓу исклученте биле Даме Груев и Петар Поп Арсов.

Исклучувањето на македонските ученици било погоден момент за српската пропаганда да се добере до лесен плен кој според нејзините разбирања можел да се обработи и отпосле да послужи како спроводник на српската асимилаторска политика во Македонија [1]. Набргу потоа се започнало со практична реализација на планот за префрлање на учениците во Србија. За таа цел, во Солун пристигнал Светомир Николаевиќ, претседател на друштвото Свети Сава. Тој во јуни успешно ја префрлил првата група од 13 ученици. Во оваа група бил и Петар Поп Арсов. Поп Арсов во Белград се запишал прва година на Филозофскиот факултет, оддел филологија, како вонреден студент [1]. Тој станал питомец на Министерството за надворешни работи и бил сместен во приватна куќа. Светомир Николаевиќ поднел барање до Министерството за просвета и црковни работи да се подготви еден пансион за сите ученици. На 1 ноември 1888 година бил отворен Светисавскиот пансион во куќата на владиката Виќентие. Тука биле сместени 32 питомци, меѓу нив бил и Петар Поп Арсов. Тука: бегајќи од едно разочарување, учениците наидуваат на друго, уште потешко [11]. Асимилаторскиот однос на претпоставените, кои дури ги принудувале учениците писмата до своите семејства да ги пишуваат на српски јазик, предизвикале разочарување и огорченост кај Поп Арсов уште на самиот почеток. Настојувањата на српската пропаганда да ги посрби младите ученици биле попусти. Ристо Попов, на 21 август 1889 година, во врска со тоа запишал: Сепак, ние оставаме такви какви што сме биле [9]. Во учебната 1889/90 година, се запишал во втора година и повторно бил сместен во пансионот на друштвото Свети Сава. Во меѓувреме се активирал бугарскиот дипломатски претставник во Белград, Димитар Минчович кој водел преговори со македонските ученици за нивно префрлање во Бугарија. Тој им ветил на македонските ученици дека во Софија ќе им биде дозволено да се организираат врз македонска основа. Српската денационализаторска политика и ветувањата, придонеле 34 макооднски ученици да го напуштат Белград и да заминат за Софија [белешка 1]. Така: Петар Поп Арсов и останатите Македонци, по сила на околностите биле принудени да побараат прибежиште во кнежевството Бугарија за да го продолжат своето образование [1].

По напуштањето на Белград, Поп Арсов го продолжил своето образование во Софија како редовен студент по филологија на Софискиот универзитет Свети Климент Охридски. Во тоа време во Софија пристигнала групата од 34 ученици и студенти. Кон крајот на 1890 година, Поп Арсов со неколку свои пријатели го формирале Македонското студенско друштво. По истакнати членови на друшвото биле: Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Поп Коцев, Димитар Мирчев, Никола Дејков и Никола Наумов, а посебна улога при формирањето на друштвото имал Коста Шахов. Меѓутоа плановите на Друштвото биле попречени од убиството на бугарскиот министер за финансии Христо Белчев. Во средината на 1891 година врз основа на распуштената Дружина, била формирана Младата македонска книжевна дружина. Во нејзините редови влегувале: Петар Поп Арсов, Георги Баласчев, Георги Белев, Климент Караѓулов, Ефтим Спространов, Никола Дејков, Коста Шахов, Иван Хаџи Николов, Андреј Љапчев, Тома Карајовов, Христо Матов, Наум Туфекчиев, Ангел Наумов и др. Дружината била во тесна врска со кружокот во Софиското воено училиште со кој раководел Гоце Делчев [7]. Во јануари 1892 година, излегол во печат првиот број на официјалниот орган на ММКД, списанието Лоза, по кое припадниците ќе се наречат Лозари. Поради своите тенденции Младата македонска книжевна дружина и списанието Лоза се нашле на отстрел пред бугарското општество и влада.

На Мокров

Рајо, рајо! Мислиш ли ти, дека со бабински плачеви ќе те слушне Бог и ќе се спасиш? Се лажеш несреќнице! Дојди по мене и ќе се спасиш - рекол Исус на еден, а тоа значи: Стани, опри се против непријателот и Бог ќе ти помогне. Лозјето не сака молитва, ами мотика! Од оф и леле и што ми било пишано! до сега никој не видел аир... та свести се, забога! Те тепа арнаутин - тепај го и ти! и тој душа и ти: раце ти дал Господ - што му додеваш на Бога...

— Петар Поп Арсов, На Мокров [12]
Петар Поп Арсов
Дупликат од сведителството на Петар Поп Арсов за завршено Високо образование

Додека траела полемиката, Лоза го објавила Поп Арсовиот прозен расказ На Мокров. Во расказот, Поп Арсов дијалозите ги предава на македонски јазик со карактеристичен дијалект на Азот. Расказот е напишан на типичен лозарски правописис, но тој е усовршен и е единствен текст во списанието со таков правопис. Поп Арсов е првиот Македонец [13] што во текстот за меките македонски консонати ја употребува формата на графемите онака како што Крсте Петков Мисирков ги употребува по 11 години. Поп Арсов во текот на својот престој во Белград, се запознал со Вуковиот фонетски правопис, а како студент по филологија дошол до сознание дека за македонскиот литературен јазик најприфатлива основа е живиот говорен македонски народен јазик и фонетски правопис како принцип при конечното оформување [14]. Големо влијание за таквите негови определби имала и полемиката што се водела помеѓу филолозите во Бугарија околу македонските консонати. Тој имал подготвено и една опширна студија за македонскиот литературен јазик [белешка 2]. Поп Арсов вовел новина која се соостоела во употребата на графемите за палаталните консонати к’ (кук’а, нек’у, к’е), г’ (мег’у, луг’е, г’аур) и н’ (кон’у). Во неговите дијалози не се наоѓа буквата л, најверојатно поради мошне ретката употреба во македонскиот јазик [1]. Друга одлика на Поп Арсов е редовната употреба на тројниот македонски член (к’iошот, чо’еков, селово, очиве долон) и честото испуштање на интервокалното в (чое’к, гласо’и, краста’и). Поп Арсовата новина воведена во расказот На Мокров послужиле како урнек на Крсте Петков Мисирков кој подоцна ја употребил истата форма на графеми за меките македонски консонати во знаменитата книга За македонцките работи [1].

Поп Арсовата, како и активноста на останатите лозари, била насочена кон самосознавање на Македонците во нивната културна, етнографска и јазична посебност. Тоа ја вознемирило бугарската влада која во средината на 1892 година ја забранила Лоза и ја растурила Младата македонска книжевна дружина. Со забраната на Лоза, бугарските власти се спротивставиле на едно македонско национално движење кое го жигосале како сепаратистичко. Во тој период, на 8 јули 1892 година, Поп Арсов го добил сведителството за завршен филолошки факултет.

Отука, неговиот престој во Бугарија станал излишен, доследен на заветите дадени во МСД и ММКД, тој се вратил во Македонија каде го продолжил започнатото дело. Поп Арсов и лозарите изврпиле силно влијание сред македонската емиграција во Бугарија и воопшто во македонското дело. Нивното прво призание уследило по десетина години од перото на Крсте Петков Мисирков кој забележал дека лозарите настојувале: во почетокот на деведесеттите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци [15]. Во 1934 година, Бистришки истакнал дека лозарите под уредништво на Петар Поп Арсов се бореле против српската, грчката и бугарската пропаганда во Македонија и дека тие:

т.н. македонски сепаратисти го докажаа постоењето на одделна македонска нација и пледираа за самостоен државен живот на таа држава [16]


Враќање во Македонија

Ние Македонците немаме толку мака од Турците да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат... Нашата Егзархија со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија ја врши всушност најмизерната задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, му ги одзема сите национални белези и ги заменува со туѓи... Турците земаат имоти и животи на рајата, но не посегнуваат по неговиот дух. Тие го уништуваат телото, но духот го почитуваат. А, нашата света Егзархија го убива ова другото, постојаното... Ние духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли туѓинските управи, да ги отфрли Патријашијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во лоното на Охридската Црква, нивната вистинска мајка црква. Не е ли крајно време да се запре националното делење на ист народ само поради тоа што едниот ја признава Патријашијата, другиот Егзархијата, а третиот му се клања на Мухамед.

— Митрополит Теодосиј Гологанов [17]
Теодосиј Гологанов
Скопското кале

По завршувањето на филолошките студии во Софија и по забраната на Лоза, Поп Арсов се вратил во Македонија. Во учебната 1892/93 година се вработил како професор во Скопје. Во текот на едногодишниот престој во овој македонски град, преку скопските граѓани одблизу се запознал со дејноста на митрополитот Теодосиј Гологанов. Активноста на овој макеоднски митрополит била насочена против странските пропаганди во Македонија, а особено против Бугарската егзархија, изразена преку барањето за обнова на Охридската архиепископија, поради што бил отстранет од митрополискиот престол [18].

Додека Поп Арсов престојувал во Скопје, на чело на Митрополијата се наоѓал Бугаринот Максип. Против владеењето на овој бугарски митрополит постоело големо незадоволство, а меѓу граѓаните постоела поделеност. Еден дел од граѓаните го бојкотирале Максим, а две големи маала откажале да го признаат за владика [18]. Во заострената атмосфера, Поп Арсов застанал на страната на оние граѓани кои биле антагонистички настроени против Максим, а биле и под влијание на поранешниот митрополит Теодосиј, кој се залагал за одбрана на македонските национални интереси. Овие погледи на Теодосиј против пропагандите во Македонија, ги дознаваме од неговото писмо од 22 јуни 1891 година , испратено до Дионосиј.

Во него, меѓу останато било истакнато: Ние духовниците по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли туѓите управи, да ги отфрли Патријаршијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во лоното на Охридската архиепископија, нивната вистинска мајка црква [1]. Теодосиј Гологанов поради својата отворена антиегзархиска дејност, бил сменет и отстранет од Скопје, меѓутоа овој потег на Егзархијата предизвикал огорченост и реакција ширум Македонија кај побудното граѓанство и интелегенција, која што поголемиот дел од своите погледи ги идентифукувала со оние на сменетиот митрополит. Дејноста на Теодосиј имала силно влијание врз младиот Поп Арсов за зацврстување на, на веќе постојното, антиегзархиско и антибугарско расположение [1]. Потврда за тоа е и Поп Арсовата книга Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници [19].

Кон македонскиот пантеон

Егзархијата дава пари и купава ветер зашто народноста со пари не се купува - тоа е такво деликатно нешто, кое штом сети дека го пазариш изветрува... сомневајќи се во најново време во некаков сепаратизам, а првин - се гледа во нашата народност. (се стреми б.н) да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин... да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез... да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш... Ни даваат пари за да не убијат... По ѓаволот тие пари, ако нашите општини, убивајќи ги, уште и не ги веруваат, па им натрапуваат семожни претседатели, владици, директори, учители и сл. за да ги контролирале (?!) сумите-единствениот мотив на бугарската пропаганда... Да, бугарска пропаганда!

— Петар Поп Арсов, Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници [19]

Основање на Внатрешната организација

Даме Груев
Солун

Во последната деценија на XIX век, македонската интелигенција која била револуционерно настроена се собрала во Солун кој веќе израснал во културен, економски и политички центар на Македонија [8]. Во 1892 година, кај Иван Хаџи Николов созреала идејата дека само една револуционерна организација може да го пресече патот на пропагандите. Тој започнал потрага по лица кој би можеле да му помогнат во оформувањето на замислената организација. Хаџи Николов се водел од принципот дека револуционерната организација може да биде оформена само од лица кои се антиегзархиски настроени. Такви луѓе, во тој момент видел во Димитар Цонев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и Христо Батанџиев. Но, формирањето на организацијата било одложено, бидејќи биле малкумина и не сакале да се изложуваат на опасности [8]. Идејата не ја напуштиле. Во јули 1893 година, Иван Хаџи Николов во Софија побарал од Коста Шахов да му посочи лица кои би можеле да учествуваат во формирањето на идната револуционерната организација. Шахов, како погодно лице го посочил Гоце Делчев [8].

Хаџи Николов во Борисовата градина пред Коста Шахов и Гоце ги претставил следниве начела врз кои таа требало да се оформи: 1) Организацијата да се основа во Македонија, а не во Софија, бидејќи основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие организации и од нашата организација нема да биде ништо. Поради тоа треба да биде тајна. 2) Основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеаат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат изложени и тие на истата опасност , на каква што ќе бидат иузложенени и нивните последувачи, преку кои полесно ќе ја спечалат довербат на населението. 3) Лозинката треба да биде Автономија на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз член 23 од Берлинскиот конгрес за да се надеваме на успех. Да се постигне Автономија на Македонија, значи да ја откинеме не само од Турција туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на Автономана Македонија, Србите и Греците веќе не ќе можат да бараат делови од неа, кога, ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија, Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Наша задача треба да биде да ја споиме Македонија цела, а тоа може да биде преку една Автономна Македонија. 4) Организацијат треба да биде самостојна и независна. Да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади. 5) Од Македонците во Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме морална и материјална поддршка без притоа да ни се мешаат во работата [8].

Христо Татарчев, прв претседател на Централниот комитет на МРО
Податотека:Релјеф од споменикот Даме Груев, основање на МРО.jpg
Релјеф од споменикот Даме Груев, основање на МРО

Во летото 1893 година во Солун се нашол Даме Груев, кога се вработил како коректор во печатницата на Коне Самарџиев. Во 1892 година во македонскиот центар се нашол Иван Хаџи Николов, а на 11 септември 1893 година тој ја отворил својата книжарница. Есента 1892 година како лекар во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ се вработил Христо Татарчев. Во учебната 1893/94 година, Поп Арсов се вработил како професор во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Даме и Поп Арсов заедно созреале на релацијата Солун-Белград-Софија, тие двајца биле едни од главните протагонисти на Македонското студенско друштво во Софија, Поп Арсов преку Лозарското движење се запознал со Иван Хаџи Николов и најверојатно Арсов бил врската помеѓу Даме и Хаџи Николов. Даме од Арсов разбрал за нереализираните револуционерни планови на Хаџи Николов [8]. Во август 1893 година Даме се запознал со Христо Татарчев, барајќи од него медицинска помош. На третата средба Даме се отворил и разговарале за политичката положба на нашиот народ. Даме на оваа средба се обврзал да пронајде други лица за идејата, а Даме во тој период се зближил и со Андон Димитров.

На 21 октомври, односно 2 ноември (во нов стил) 1893 година покрај солунскиот брег се сретнале Даме, Иван Хаџи Николов и Антон (Андон) Димитров, тие разговарале за ослободување на Македонија. Паднал предлогот тие тројца да формираат револуционерна организација. Николов понудил во основањето да учествуваат и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев. Се договориле за два дена да имаат нова средба, на која дошло до создавање на Македонската револуционерна организација. На 23 октомври 1893 година, (стар стил), се одржал состанок на кој присутвувале Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила - Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово - Солунско и секако домаќинот Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско [20]. На оваа средба била разгледана општата состојба во Македонија, и дошле до заклучок дека положбата на населението е неподнослива, за да се подобри потребна е една: планомерна и сериозна акција, и тоа колку побрзо, толку поголем изглед за успех ќе има [21].

Била разгледана и опцијата самата османска власт да ја подобри положбата на христијаните преку реформи, но се согласиле дека тоа е невозможно, сè додека не дојде до суштинска промена во душите и традицијата на муслиманите [21]. Откако ја отфрлиле оваа опција едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација. Според И. Х. Николов тогаш биле прифатени следните начела:

Организацијата да е тајна и револуционерна, нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна, во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност, политичкото верују на организираните Македонци е автономија на Македонија, да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави [22]


Јануарска средба

Јануарската средба се одржала на 5 јануари 1894 година [23], пред Богојавление, за божиќните празници. Тогаш дошло до конкретно основање на Македонската револуционерна организација. На оваа средба била дефинирана целта, а било донесено и името на Организацијата и ЦК. За време на јануарската средба бил конституиран Централниот комитет во него влегле 6-мината основоположници. За претседтел бил избран Христо Татарчев (псевдоним Свеимиров), за секретар и касиер бил избран Даме Груев (Брајан Митрев), а Иван Хаџи Николов во отсуство на Татарчев ја заземал неговата позиција [24]. Централниот комитет го задолжил Петар Поп Арсов да го создаде нацртуставот и да ја напише брошурата Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници [25]. Во врска со зачленувањето во организацијата бил прифатен предлогот на Иван Х. Николов, дека во организацијата можаат да членуваат сите кои имале јасни децентрализирачки ставови во однос на црковно-просветното дело во Македонија, тие да се сметаат за погодни, а оние кои биле приврзаници на егзархиската централистичка политика да се сметаат за непогодни [26].

Прв устав на Внатрешната организација

Првиот Печат на ЦК со потиси на Светимиров (Татарчев) и Брајна Митрев (Даме)
Според Бугарски историчари првиот устав ја именува организацијата како БМОРК, но според светски историчари и членови од МРО, организацијата никогаш не се викаше БМОРК.[27][28][29]

По Јануарската средба, на некоја од седниците на Централниот комитет бил прифатен Првиот устав на Внатрешната организација. Во историкста наука не е доволно јасно, дали поднесениот нацрт - устав на Поп Арсов бил целосно прифатен или претрпел некои измени. Даме Груев истакнува дека тие се групирале меѓу себе и го изработиле правилникот - устав [30].

Целнсиот наслов на првиот Устав на Внатрешната организација гласи: Устав на бугарските македоно - одрински револуционерни комитети. Отука се наметнало прашањето меѓу историчарите, зошто првиот Устав на Организацијата го носи овој наслов? Одговорот на ова прашање го соопштил Крсте Петков Мисирков во своето дело За македонцките работи: Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија. Уставот има националистички карактер, односно тој предвидувал примање во редовите на Организацијата само на Бугари т.е Македонци - егзархисти [15][белешка 3][белешка 4][белешка 5]. Според Димитар Димески, овие ставови биле резултат: тогашната идејна тесноградност, недооформеност, туѓо влијание и неискуство [7].

Христо Татарчев истакнува дека префиксот бугарска бил изоставен и од името на организацијата и од неговиот комитет [31], но од друга страна вели, во организацијата можеле да членуваат Бугари, бидејќи основачите потекнувале од бугарската средина, меѓутоа истовремено истакнува дека: не се раководеле од друга тенденција, освен од идејата за слободата и благото на целиот македонски народ [21]. Првиот устав се состои од 14 члена поделени во 4 глави. Во првата глава се целта на организацијата, во втората глава е составот и устојството на организацијата, во трета глава се материјалните средства и на крај се казните.

  • член 1. придобивање на полна политичка автономија на Македонија и Одринско
  • член 2. да го разбуди сознанието за самозаштита, да шири меѓу него револуционерни идеи преку печатот или усно и да подготви и подигне едно општо востание
  • член 3. член на организацијата може да биде секој Бугарин (Македонец-егзархист б.н), што не е компромитиран со ништо нечесно и бескарактерно во општеството [32]

Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници

Стефан Стамболов
Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници

Она што е карактеристично за Внатрешната организација и во суштина ја одвојува од останатите организации на македонското револуционерно движење е борбата против Бугарската егзархија и нејзините приврзаници во Македонија. Впрочем, корифеите на Организацијата спасот на македонскиот народ од пропагандната поделеност го видел во формирање на една револуционерна организација. Антипропагандните определби на Организацијата соодветно место нашле во нејзините уставо-статутарни акти. Меѓутоа, уште позначајна е брошурата Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници. Таа била напишана од перото на Поп Арсовпо и барање на Централниот комитет. Била отпечатена во Софија од страна на Иван Хаџи Николов. Бидејќи постоела опасност по животите на нејзините автори, Петар Поп Арсов се потпишал со псевдонимот Вардарски, како место на печатење е означена Виена. Брошурата имала за цел да ја разобличи на политиката на бугарскиот премиер Стефан Стамболов и егзархиската црковно-просветната пропаганда во Македонија. Била наменета за сите Македонци, вклучително и за македонската емиграција во Бугарија.

Брошурата своето име го добила по бугарскиот премиер Стефан Стамболов. За него, Поп Арсов вели дека тој си беше помислил дека е вистински е... повикан од провидението, да ја игра улогата на бугарскиот Бизмарк, па затоа посегнал и врз Егзархијата во Цариград од каде што планирал да ја протегне својата рака и врз Македонија. Тој тиранин... за задоволување на својата желба за власт, посака да се послужи и со училишното дело во Македонија. Тој блудник, кој се подигра со честа, животот и имотот на своите сонародници во кнежевството, посака да го направи истото и со нас Македонците во сопствената наша татковина-Македонија. За да го постигне тоа, Стамболов се служел со ниски луѓе и сакал да ја централизира училишната власт... гонејќи ги сите оние учители, кои не сакаат да служат на туѓите за земјата (Македонија б.н) интереси [19]. Стамболов го поставил Лазаров на чело на училишниот оддел при Егзархијата во Цариград со мисија да го одземе од егзархот учебното дело во Македонија. По назначувањето на Лазаров, борбата меѓу световната и духовната власт се пренела во Македонија. Приврзаниците на Лазаров во Македонија, Поп Арсов ги нарекува џингис-ханова орда во која најмногу се истакнал Васил К’нчов најголемиот македонофоб кој не еднаш го засегнал честољубието на Македонецот со фразите: ние ве храниме! и сл [19].

К’нчов настојувал да ги заграби училиштата во Македонија и со тоа да услужи на Стамболовата експлататорска мисла. И така сè што не го одобруваше новиот курсна учебното дело во Македонија, требаше да ја наведне главата пред тоа хунско продирање на среќните синови на балканска Прусија. На таквиот продор, Поп Арсов одговорил: ... ајде да видиме, што ќе стане; Србија-Пиемеонт балкански, Бугарија, балканска Прусија, Македонците... сепаратисти. Македонците кои не можеле да поднесат како се подигруваат со судбината на нивната татковина... [19] јавно зборувале дека учебното дело во Македонија, Лазаров го отстранил од правиот пат и го турка кон пропаст. Тие истакнувале дека треба да се работи така што општините лека-полека сами да ги поддржуваат училиштата и да се дава предност на месната интелегенција, од чијашто средина да се избираат и учители и директори и архимандрити и владици итн. итн.,-дека училиштатасо еден збор, како што се поставени сега, ги немаат предвид интересите на таа земја (Македонија б.н) за која навидум постојат. Петар Поп Арсов заклучил дека работите во Македонија оделе така, затоа што ние немаме училиштен оддел во Цариград, кој да се грижи за добриот развој за училиштата во Македонија, а просто и чисто еден северно-бугарски езуитски одред со позната задача... задача која во себе ја содржи уште и тенденцијата-да создава во Македонија Бугари! [19]. Поп Арсов ја согледал оваа опасност и истакнал дека само... луѓе со чесен, тврд, постојан, отворен и правилен карактер... [19] ќе можат да излезат победници во нерамната борба со порокот и само тие ќе го изнесат на своите рамења нашиот народ од пропаста, во која е турнат. Поп Арсов истакнува дека учителскиот кадар во Солунската гимназија се делел на три групи: привилигирани северњаци, благоразумни, неблагонадежни и сепаратисти. (Првите б.н) како пионери на бугарската идеја... раководени во Солун од (Михаил б.н) Сарафов... се господари во Солунската гимназија и слободни се секојдневно да фрлаат по некоја навреда... Ние ве храниме, храни куче да те лае [19]. Против бугарската политика во Македонија која била спроведувана преку Егзархијата, отворено застанала младата македонска интелигенција на чело со МРО. Таа полека го привлекла и граѓанството. За овие случувања, Поп Арсов пишува: ... граѓаните веќе започнуваат да си играат со бившиот министер, тешко е бај (Михаил б.н) Сарафов, кога човек веднаш ќе падне морално пред очите на народот - нели?... и ве уверуваме дека така ќе продолжи да бива положбата на сите твои сотатковци, кои доаѓаат во Македонија, со претензија да создаваат Бугари, да ја култивираат земјата... уште потешка ќе стане положбата на вашето начелство, кое сака нека биде тоа, ако продолжите да ви дава слични инструкции, не ќе прокопса бугарската идеја, ако одите со тој ум. Зашто ние Македонците, баш ништо немаме, ништо не сме спечалиле, благодарение на слепата доверба кон своите божем браќа, па нема што да изгубиме [19].

Јосиф I Бугарски
Железната црква „Свети Стефан“ во Цариград — катедрален храм на Бугарската егзархија до 1913 година

Особено место во брошурата, Поп Арсов оделил за македонските црковно-училишни општини и зачувувањето на нивната самостојност зашто тие се единствен наш парламент, каде се закрепнувал и зачувал стариот демократски словенски дух на нашиот народ... единствена народна институција, која ја зачувале нашата националност и човечка физиономија во петстогодишниот период. Меѓутоа, како што пишува авторот, Егзархијата која сомневајќи се во најново време во некаков сепаратизам, а првин - се гледа во нашата народност. (Се стреми б.н) да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин... да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез... да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш [19]. За да ги оставри своите цели, Егзархијата се служела и со силата на парите. Но, Петар Поп Арсов ја согледал опасноста и акцентирал: Ни даваат пари за да не убијат... По ѓаволот тие пари, ако нашите општини, убивајќи ги, уште и не ги веруваат, па им натрапуваат семожни претседатели, владици, директори, учители и сл. за да ги контролирале (?!) сумите-единствениот мотив на бугарската пропаганда... Да, бугарска пропаганда! [19]

Петар Поп Арсов ја согледал опасноста од создавање на Бугари во Македонија и ги повикал напомош сите чесни Македонци! Елате да ги спасиме општините во Македонија што умираат, со тоа сакаат да не претворат во мртви трупови, за да си играат со нас, како што посакуваат, нашите наводно браќа! Поп Арсов заклучил дека Егзархијата со својата пропаганда постигнала контра ефект во Македонија, претворајќи ги Македонците во извонредна храна за Србите и другите пропаганди, затоа не можеле да се простат гревовите на Егзархијата, зашто тие се големи и зад себе повлекуваат опасни последици за цел народ. Поп Арсов препорачал: да станеме народ, или да тргнеме со посмели чекори по патот на еврејскиот материјализам, а во Македонија ќе се најдат луѓе кои не ќе ја остават Егзархијата, да си игра со цел еден народ по свој ќеф [19]. Петар Поп Арсов излезот од хатотичната состојба во која се наоѓало македонското црковно-училишно дело го гледал во формирање на Мириски совет при Егзархијата. За да се реализира тоа, Поп Арсов ги поканил на соработка сите Македонци и општини доколку не сакаат да бидат одговорни пред потомството и историјата. Од друга страна, авторот им препорачал на сите оние кои немаат природни врски со Македонија и нејзините интереси, да ја напуштат, зашто тие дошле во Македонија или привремено или пак за високи плати, поради што не се трудат да се запознаат поодблизу со месните услови, та работат како некои донкихоти... [19] Брошурата не само што ги одразувала погледите на МРО кон Егзархијата и нејзината пропаганда во Македонија, таа дала голем придонес кон осамосозбавањето на Македонецот и дефинирањето на неговите посебни интереси, кои врз себе ги презела штотуку формираната Организација.

Први револуционерни чекори

Тодор Станков
Солунската гимназија „Св. Кирил и Методиј“

По формирањето на ЦК на Вантрешната организација, Поп Арсов како професор во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, ја пропагирал револуционерната идеја меѓу вработените и учениците. Оваа активност наишла на отпор кај егзархиската и пробугарската групација. Бидејќи овие личности имале поинакви погледи за иднината на Македонија, судириот помеѓу Внатрешната организација и проегзархистите бил неизбежен. Според Ванчо Ѓорѓиев, Поп Арсов бил предодреден да ја води оваа борба, а Христо Татарчев истакнал: Поп Арсов, опстојуваше со својата цврстина во борбата со нашите идејни противници [33]. Потврда за тоа е неговата книга Стамболовштината како и еден натпис во Глас македонски, потпишан со иницијалот И, кој претставува кратка верзија на споменатата книга.

Истовремено, Поп Арсов работел и за придобивање на нови членови за револуционерното дело. Тој заедно со Иван Хаџи Николов и Андон Димитров, околу Велигден во 1894 година го сондирал теренот за вклучување во Внатрешната организација на Лазар Димитров. Во станот на Поп Арсов кој се наоѓал во близина на ученичкиот пансион, се одржувале средби меѓу посветените и непосветените во македонското револуционерно дело. Кон крајот на учебната 1893/94 година, во неговиот стан, заедно со Даме Груев, во тајните на Внатрешната организација ги посветил учениците: Славејко Стрезов, Васил Папанчев, Александар Хаџи Панов и Тодор Станков, Алексо Келешов - часовничар во Солун и комисионерот Атанас Мурџев [34].

Во учебната 1894/95 година, поради своите антибугарски и антиегзархиски определби, не добил работа во солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Но и понатаму останал во Солун. Притоа со скромни финансиски средства, станал содружник на Иван Хаџи Николов, од чијашто книжарница се ширеле револуционерните идеи низ цела македонија. Истовремено, Поп Арсов ја извршувал и секретарската должност во Внатрешната организација, зашто дотогашниот секретар Даме Груевв заминал на работа во Штип. На оваа должност во Солун, Поп Арсов останал до средината на февруари 1895 година.

Бугарската егзархија од своја страна ја согледала дека непокорливата и самостојната активност на Поп Арсов во полза на Внатрешната организација и почнала да го напаѓа како нездрав човек за Турција, а од друга страна како турски шпион пред велешани. При таквиот развој на настаните, Поп Арсов како човек кој ја критикувал секоја власт си поднел оставка на должноста секеретар - инспектор на училишниот оддел при Велешката егзрахиска општина. Петар Поп Арсов во оставката истакнал дека причината е неопределеноста на должноста со која бил натоварен. Во текот на својот престој во Велес, Поп Арсов не успеал многу да го попречи отворањето на српските училишта. Сепак, во текот на 1895 година, како резултат на Поп Арсовата дејност, десетина куќи од Богомила се вратиле под закрилата на Егзархијата, а истото го сториле и неколку жители од село Ораовец, Теово, Башино Село и други. По заминувањето на Петар Поп Арсов од Велес, борбата против српската пропаганда ја предводел неговиот брат Андреја.

Борба против српската пропаганда

Митрополит Авксентиј Пелагониски
Оставка на Петар Поп Арсов на должноста секретар - инспектор при Велешката егзархиска митрополија

Засиленото дејствување на српската пропаганда во 90-тите години на XIX век, во Велес и Азот била главната причина за доаѓањето на Поп Арсов во Велес во март во 1895 година. Како последица од агресивноста на српската пропаганда, егзархиските учители биле изложени на разни напади и принудени на бегство. Училиштата по наговор на србоманите биле затворани. Под ист удар се нашле и свешениците, бидејќи србоманите посегнеле и по црквите и манастирите. Истовременото дејствување на бугарската и српската пропаганда во Азот, допопринело да дојде до поделба на македонското населението на србомани и бугараши, брат против брат, син против татко [35]. Егзархот со посланието од 9 декември (стар стил) 1894 година, го овластил велешкиот митрополит Авксентиј Пелагониски да одбере специјален чиновник, кој требало да се спротивстави на српската пропаганда во Велес и Азот. Меѓутоа, никој не се решил да ја прифати таа должност, зашто во меѓувреме Богомила речиси целосно застанала на страната на србоманите. Отука, како неопходност се покажала потребата од повикување на Поп Арсов од Солун и негово назначување на таа должност [1]. Во Велес, Поп Арсов најпрво се сретнал со митрополитот Авксентиј, а потоа заминал за Богомила каде што се задржал четири дена. На терен сакал да ги испита причините за појавата и ширењето на српската пропаганда, по што требало да се бараат и преземат мерки за парализирање на оваа пропаганда. Во тој период, во Богомила како борци против српската пропаганда се истакнале Андреја Поп Арсов [белешка 6], Најдо Лилјак, Георги и Павел Чикабеви и попот Ангеле.

Поп Арсов заклучил дека и покрај зачувувањето на чистотоата на македонскиот јазик, сепак српската пропаганда успела да го претвори духот на народот во српски и дека нејзиниот успех се должел токму на печалбарството и покај тоа што вешто бил прикриен под превезот на омразениот грцизам [1]. Српските агенти во својата агитација се користеле со разни ветувања, од кои Поп Арсов ги издвојува следните: намалување на бегликот на 3, 5 гроша, бесплатно патување по железницата за Србија, бесплатни српски учители и учителки, преполување на данокот за крштевање, венчавање, погреб и др. Во текот на обиколката на Азот, Поп Арсов меѓу населението агитирал да се откаже од посрбување [1]. Поп Арсов својот престој во Велес го искористил за агитација кај населението за ширење идеите на Внатрешната организација, притоа ги кординирал акциите на Организацијата во Азот за одбрана од србизмот. Првата група за револуционерна работа која ја организирал Поп Арсов ја сочинувале: Велко Думев, Андреја Коробаров, Трајче Христов, Димче Зеков, Иван, Диме и Јордан Варналиеви. За време на Велигденската мисија, Поп Арсов се сретнал со Гоце Делчев и Туше Делииванов кои биле на пат за Солун и Кукуш. Биле разменеи мислења за постигнатите резултати на револуциоерното дело во Велес и Штип.

Претседател на прилепскиот месен комитет

Атанас Иванов
Прилеп

Во учебната 1895/96 година, Поп Арсов бил назначен за директор на прилепските егзархиските училишта. Истовремено, со препорака на Централниот комитет на Организацијата, тој станал и претседател на месниот комитет на Внатрешната организацијата во Прилеп. Во тој период, во прилепскиот месен комитет влегувале: Атанас Иванов - секретар, Јордан Поп Костадинов - началник на теросристичката група, Илија Црвенков - благајник, Никола Миљовски, Павел Христов и П. Саратинов [36]. Комитетот своите заседанија честопати ги одржуавал во станот на Петар Поп Арсов. Во меѓувреме, заначително се зголемил бројот на членството на Организацијата достигнувајќи 300 души, распоредени во десетини, а за стотник бил назначен Ил. Крапчев. Поп Арсов бил целосно предаден на организациската работа. Тој ги посетил селските училишта и меѓу учителите вршел пропаганда за револуционерна дејност [1]. Тогаш го посетил и Кавадарци каде зборувал за развојот на револуционерното дело со Георги Поп Христов и со останатите учители. Во исто време, Поп Христов и Атнас Иванов го посетиле селото Небрегово со агитациона намера. Овие обиколки биле направени непосредно по Солунскиот конгрес за да се запознае членството со конгресните одлуки.

Набргу потоа во Битола пламнала Доневата афера, меѓутоа благодарение на брзата куриска служба на Внатрешната организација, последиците биле избегнати. Во тоа време во Прилеп се нашол Григор Попев кој, откако разбрал за фаќањето на Дончо и откривањето на бомбите, побрзал за тоа да ги извести Петар Поп Арсов. Но, тој веќе бил информира од Гоце Делчев од Штип. Динамичната активност во прилепскиот месен комитет довела до разединување меѓу неговите членовите. Тоа се случило поради поумерените учители кои сметале дека заради револуционерната активност не смее да се запостави училишното дело. Недоразбирањата уште повеќе се заостриле со незаконскиот избор на Никола Миљовски за член на месниот комитет. Овој спор бил изгладен со интервенција на Павел Христов [7]. Во овој спор место имала и подвоеноста на учителското тело, зашто едни биле со идејата на Организацијата - револуционери, други со Егзархијата - еволуционисти [37]. За да се привлечат што поголем број на членови во редовите на Внатрешната организација, Поп Арсов инсистирал за автономно управување со училиштата. По тоа прашање тој имал поддршка од членовите на прилепската општина, но затоа пак се судрил со училишната управа. Поп Арсов не поднесувал никакви извештаи до училишната управа за работата на училиштата. Отука, управата писмено се пожалила до прилепската општина дека Поп Арсов не дава ни рапорти, ни сметки за поверение [1]. Поп Арсов намерно не сакал зад себе да остава писмена докумантација за да не биде обвинет за бунтарство при евентуални разоткривања. Од тоа време е сочувано само едно писмо до прилепската општина од 22 мај 1896 година, во кое се пожалил за разединувањето меѓу учителите предизвикани од Вл. Црвенков и барал негово казнување. Поп Арсов ја бранел црковно - училишната автономија на Македонија и отука не му допуштил на главниот егзархиски инспектор Васил К’нчов да изврши ревизија на училиштата во Прилеп, под образложение дека прилепските училишта се автономни. Во тој перио прилепската општина сама ги издржувала своите училишта, а само директорот бил плаќан од Бугарската егзархија. Бидејќи не му било допуштено да влезе во училишната зграда, К’нчов побарал да влезе како приватно лице, неговото барање било прифатено.

Во Прилеп, Поп Арсов се покажал како успешен организатор на граѓанството за изнесување на неговото незадоволство од османлиската власт. При закопот на двајца Македонци, убиени од Турците, тој ја кренал целата Организација и општината, а наредил во знак на жалост, да се прекрати наставата во гиманзијата и секаква работа во градот. Поп Арсов заедно со сите ученици и илјадното граѓанство приредил демонстративен закоп на убиените Македонци, како знак на протест на ова убиство [10]. Поради оваа акција, Поп Арсов бил приведен од полицијата во прилепскиот затвор, каде што бил малтертиран и му биле скршени неколку заби [1]. Егзархијата имајќи ја севкупната активност на Поп Арсов во Прилеп која воопшто не и одговарала, го сменила од должноста директор на прилепските училишта. За нов управник во учебната 1896/97 година бил поставен Благој Калејчев.

Солунски конгрес од 1896 година

Првиот печат на Централниот комитет, кој гласи Македонски револуционерен комитет, Слобода или смрт
Солун во 1897 г.

Развојот на организацијата на преден план исфрлила голем број на внатрешни и надворешни прашања, потоа се покажало дека постојните нормативни акти се тесни за понатамошен развој на Македонската револуционерна борба, а истовремено дошло до засилување на странските пропаганди кои носеле опасност за организацијата. Овие, како и други прашања биле разгледани на Солунскиот конгрес.

Солунскиот конгрес се одржала за време на велигденската ваканција во 1896 година, а со него заседавал Христо Татарчев. Непосреден повод за свикување на првиот конгрес бил стремежот на Врховниот комитет за потчинување на Организацијата. Меѓутоа, развојот на револуционерното дело на преден план исфрлило голем број на внатрешни и надворешни прашања кои зазеле централно место во дискусиите. Постојните нормативни акти се покажале како тесни за понатамошниот развој на македонското револуционерно движење, а истовремено се засилиле странските пропаганди кои носеле опасност за Организацијата и целото дело, особено споменатата тенденција на Врховниот комитет. Целиот конгрес, Татарчев го оценил како основачки и законодавен.

На конгресот присуствувале: Даме Груев, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев, Антон Димитров и Ѓорче Петров како членови на Централниот Комитет. Додека како прествници на револуционерните реони присуствувале: Гоце Делчев - Штип, Пере Тошев - Битола, Христо Матов - Скопје, Петар Поп Арсов - Прилеп, Велко Думев - Велес, Кирил Прличев - Воден, Благој Калејчев - Сер и Христо Поп Коцев како претставник на Одрин. Организацијата од овој конгрес излегла со ново име: Тајна македоно - одринска револуционерна организација (ТМОРО).На почетокиот од конгресот, раководителите поднеле извештаии за состојбите во своите реони , а потоа биле разгледани следните прашања: 1. Администартивно - територијалната поделаба на организациионата територија, 2. Начинот на коресподенција, 3. Централизација или децентрализација на организацијата, 4. Односот кон останатите етнички групи во Македонија, 5. Статусот на Одрин и Цариград, 6. Прием на жените во организацијата, 7. Односот кон Врховниот комитет, 8. Односот кон егзархиската групација, 9. Односот кон странските пропаганди, 10. Преточување на конгресните одлуки во нов Устав и Правилник.

Биле донесени следните одлуки: Организациската територија да се подели на 7 окрузи: Солунски, Битолски, Скопски, Велешко - Тиквешки, Струмичко - Џумајски, Штипски и Одрински. Прилеп и Цариград имаат право дирекно да кореспондираат со ЦК, додека пак Централниот комитет со внатрешноста на Македонија кореспондира преку окрузите и затоа било решено ЦК да има посебни шифри за комуникација со окрузите, посебни за комуникација меѓу ЦК и Задграничните претставници, а окрузите имаат посебни шифри за комуникација меѓу себе. Во врска со децентрализцијата, бил одбиен предлогот на Пере Тошев окрузите да имаат посебни печати, на тоа се спротивставил Даме. Било решено во организацијата да можат да членуваат сите без разлика на верата и народноста и дека делото ќе има чист македонски карактер. За Одринско било решено да биде третирано оделно од Македонија, но Македонија и Одринско претставуваат единствена кауза преку извојување на автономија за двете области. По прашањето за вклучување на жените во организацијата, кое било поставено од Ѓорче Петров, било решено самите реоните да одлучуваат. Тенденцијата на Врховниот комитет да се наметне над ЦК на организацијата и да ја претвори во орудие за остварување на своите цели, била оценета како опасна по целото македонско ослободително дело и да се заземе став да се разубедува ВК да ја напушти таквата тенденција. Било решено да биде отворено Задгранично претставништво во Софија кое ќе има задача да ја претставува организацијата и да застане пред надворешните посегања. Во врска со проегзархиските групи во Македонија, било истакнато дека портите на организацијата се отворени за секого кој ќе ги прифати начелата на организацијата.

На Конгресот најверојатно станало збор и за испраќањето на Јордан Венедиков на вонредниот Втор македонски конгрес како претставник на Цариградскиот револуционерен комитет, кои бил раководен од Димитар Љапов [38]. Оваа испраќање било спротивно од одлуките на ЦК, бидејќи ниту еден друг делегат немал полномоштво на Внатрешната организација. Димитар Љапов претендирал револуционерниот комитет во Цариград да има посамостоен карактер и да биде врската помеѓу Македонија и Одринско. Меѓутоа, Даме Груев не го поднесувал Љапов, најверојатно поради неговата одлука да испрати Венедиков на споменатиот Конгрес, и настојувал да не му се дава значење за да немаат главоболки. За да се спречи слична активност на Димитар Љапов, било решено Цариград да сочинува еден круг со Одринско. Солунскиот конгрес има големо историско значање, по него започнува нова фаза на македонското националноослободително и револуционерно движење. Вратите на организацијата биле широко отворени за сите незадоволни елементи и се создале услови за масовност на движењето. Меѓутоа, она што е уште позначајно, внатрешните дејци со овој конгрес цврсто застанале на патот на надворешните влијанија, особено пред патот на ВМК кој се обидувал да ја потчини Организацијата, и го манифастирале принципот за одбрана на самобитноста на Македонија.

Раководител на штипскиот окружен комитет

Мише Развигоров
Штип кон крајот на XIX век

Со Доневата афера, османлиските власти станале свесни за постоењето на револуционерните заговори во Битола и Штип, а било свртено и вниманието врз Гоце Делчев кој морал да го напушти Штип. Со овој чин штипскиот центар на Внатрешната организација останал непокриен со соодветна личност која требало да одговори на сите задачи. Од друга страна, Поп Арсов за време на престојот во Прилеп бил компромитиран пред локалните османски власти. За да се избегне негово понатамошно компромитирање пред властите во Прилеп и за да се покрие Делчевото испразнето место во Штип, Поп Арсов во согласност со Централниот комитет на Организацијата, на 22 август (стар стил) 1896 година поднел молба до егзархиската митрополија во Скопје да биде назначен за учител во Штип [39]. Неговото барање било прифатено и бил назначен за директор на училиштата во Штип. Истовремено Поп Арсов станал и раководител на окришниот комитет на Организацијата во Штип. Во овој период, Штип бил крупен стратешки центар на Внатрешната организација, бидејќи оттука минувале тајните канали на Организацијата кон Бугарија, што ги воспоставил Делчев [40]. Во ова време, Штипскиот окружен комитет бил еден од најдобро организираните во Македонија. Голема улога во тоа имало присуството на Даме Груев во 1894/95 година, како и некои од повидните граѓани: Тодор Лазаров и неговиот брат Арсо.

Во работата на овој комите особено се истакнал Мише Развигоров. Во овој период, ТМОРО прераснала во масовна народна организација. Таквата состојба ја налагала потребата од забрзано подготвување за достигнување на поставената задача, односно воружување, снабдување со револуционерна литература и други материјали. За успешно реализирање на оваа задача требало да се одржуваат постојните канали, но и да се формираат нови. Поп Арсов делувал за нивно проширување на релацијата Скопје - Велес - Солун. Во текот на својот престој во Штип, Поп Арсов дејствувал согласно решенијата донесени на Солунскиот конгрес. Никола Зографов истакува дека Поп Арсов: широко гледа на иднината, допушта дека ќе настапи сознание кај Турците, Албанците и србоманите, ќе разберат дека земјата и слободата еднаково се потребни за сите жители во Македонија [41]. За да ги разбие илузиите кај макеоднскиот народ за наводната помош од надвор, која била вешто лансирана од емисарите на Врховниот комитет, како и за зачувување на самостојниот карактер на Внатрешната организација, Поп Арсов постојано проповедал дека:

Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата ќе ни ја земе земјата [41]


Во средината на декември 1896 година, преку Гоце Делчев започнало со работа Задграничното претставништво на Организацијата, кое во март 1897 година било дополнето со Ѓорче Петров. Една од главните грижи на задграничните претставници била снабдувањето и препраќањето на оружје и други материјали во Македонија за потребите на Внатрешната организација. Дистрибуцијата се вршела преку Ќустендилскиот пункт, а компентенциите за понатамошното пренесување и складирање ги презел Штипскиот окружен комитет на чело со Поп Арсов. Од едно писмо на Мише Развигоров дознаваме: Од одговорот на писмото од Петар Поп Арсов велите дека се сте вршеле по наредба од внатре. Ова не можеме да го разбереме, дали по наредба од Централниот, или на други комитети, но со Централниот не можете да соопштите ништо додека не мине преку нас [42]. Никола Зографов, ќустендилски пунктовен началник, честопати по свое видување или по барање на некои од куририте, ветувал оружје за одредени места. Тој дури и самиот се обидувал да врши распоредување на оружјето, без претходно консултирање со Штипскиот окружен комитет. Меѓутоа, Поп Арсов успеал да фати едно такво писмо упатено за Паланка, во кое зографов ветил испорака на 100 пушки за Кратово. Зографов бил предупреден дека негова грижа е да го испраќа до каналот, а за понатака да го остави Окружниот комитет. Во исто време Никола Зографов бил посоветуван: за понатаму, додека некој нов курир не го препорача Окружниот не треба да влегува во спогодба со него [43]. Дејноста на Поп Арсов и растежот на македонското ослободително дело биле прекинати со Виничката афера.

Виничка афера

Тодор Лазаров
Виница во почетокот на 20 век

Ноќта на 14 ноември 1897 година, една група од околу 15 души, предводена од Коте Голчев влегла во селото Виница и го убила Ќазим ага. Ограбувачите најпрво влегле во куќата на Ќазим, каде ги зеле сите пари и накитот на неговата жена во вредност од 600 лири. Во текот на грабежот, Ќазим препознал еден од напаѓачите и побарал да му остават нешто од парите. Тоа било причина за негова ликвидација во дворот на куќата. На повлекување, групата го убила Васе, чувар на селото, кој се обидел да ги легитимира.

По двете убиства, во Виница пристигнал кочанскиот кајмакам во придружба на двајца полицајци, истражен судија, општинскиот лекар и јусбашија и започнале истрага. Жената на убиениот Васе, помислила дека нејзиниот маж бил убиен од чета на Внатрешната организација, и на властите ја соопштила таа информација. Таа истакнала дека на денот на убиствата селскиот кмет Иван Петров со неколку селани, доаѓал кај нив дома и го зел Васе да одат некаде. Таа не знаела да каже каде, меѓутоа го посочила скриеното оружје во нивната визба. Набргу започнала една поголема афера. Бил известен скопскиот валија Хафиз Мехмед паша, а тој во Виница го испратил Дервиш Ефенди, началникот на полицијата во Скопје. По неговот пристигнување, започнале масовни апсења, претреси, измачувања.

Во текот на истрагата биле уапсени челновите на комитетот во Штип: Поп Арсов, Мише Развигоров и Тодор Лазаров. Во текот на испитувањата Развигоров признал дека организирал и воружувал населението, притоа тој ја презе сета одговорност врз себе. Поп Арсов по приведувањето бил затворен, набргу властите го ослободиле, но по неколку дена повторно го затвориле. За да извлечат признанија од него, бил жестоко тепан и мачен [1]. Од приведените Поп Арсов најмашки се држел [1] и истакнал дека: не ја одобрува работата на Турција, и, ако тоа се смета за вина-тој е виновен [1].

На 3 јануари 1898 година, Министерскиот совет на Османлиското Царство донел одлука во Скопје да биде испратен специјален воен суд и анкетна комисија. Задача на комисијата била да се испитаат сите престапи поврзани со аферата. Военот суд требало да оддели три до пет души, како потикнувачи, а останатите откако ќе положеле заклетва да ги ослободи. За претседател на воениот суд бил поставен Енвер паша, командант на градот Воло. Членови на судот биле: Садедин паша и тројца други полковници. Судењето започнало на 19 февруари (стар стил) 1898 година. Судот објавил дека учителите и свешениците се најопасниот елемент, и обвинил десетмина за организирање на востание [1], меѓу нив се нашол и Поп Арсов. Тој бил обвинет затоа што во некои од писмата на Развигоров се споменувало и неговото име како член на некаков си комитет [1].

Воениот суд како политички претстапници, за организирање на востание ги осудил: Петар Поп Арсов, Мише Развигоров, Димитар Мирасчиев, Јосиф Даскалов, јеромонахот Козма (игумен во Лесновскиот манастир), Александар Белчев, Александар Икономов и Ангел Пандуров[1]. Сите тие биле осудени на 101 година заточение. Данаил Велков и Илија Крстев биле осудени на три години затвор [1]. Од осудените на 101 година, најтешка била пресудата на Поп Арсов, Развигоров и Икономов. Тие биле осудени на вечен затвор во окови, а останатите на вечен затвор во град. На 23 август (стар стил) 1898 година, Поп Арсов и остантите осудени поради организирање на востание, биле спроведени кон Подрум Кале за издржување на нивната казна.

Подрум Кале

Иван Хаџи Николов
Подрум кале

Осумината осудени на 101 година, поради Виничкат аафера, биле донесени во Подрум кале. Останите двајца: Илија Крстев и Даниел Велков биле испратени во друг затвор. Затворот Подрум кале се наоѓал во градот Акија во Аданскиот вилат.

Оваа месност од југозапад била заплискувана од море, а на североисток била обградена со планини и била ретко населувана. Таму условите за живот биле ужасни [1]. Во тврдината меѓу затворениците владеала голема сиромаштија. Климата била неповолна и отвореноста на затворските ќелии, давале можност за брзи и опасни заболувања.

Поп Арсов во писмата до својата мајка постојано се поплакувал на влагата и жестокото однесување на затворениците и чуварите во затворот кон него и неговите другари [1]. За условите во затворот Поп Арсов, Развигоров и Александар Коцев напишале:

Ние сме изложени на жестокоста на полудивите затвореници и сите несреќи кои произлегуваат од неа, а сето тоа ја уништува душата заедно со телото [1]


Во текот на јули 1901 година, бројот на македонските револуционери во Подрум кале се зголемил, поради Солунската афера. Меѓу затворените се нашле и члановите на ЦК на Внатрешната организација: Пере Тошев, Христо Татарчев, Христо Матов и Иван Хаџи Николов. Малку подоцна им се придружил и Даме Груев. Во Подрум Кале, Даме своите соборци и пријатели од Македонија ги затекнал раскарани. На една страна биле Петар Поп Арсов, Хаџи Николов, Мирасчиев и други, а од другата страна биле Татарчев, Христо Матов, Развигоров и други. Таквата поделба влијаела и врз Даме. За оваа поделба Ѓорче Петров вели:Тие во Подрум се беа зајале меѓу себе, Пере и Докторот (Татарчев б.н) веќе не можеа да се трпат. Даме и со Матов и со докторот беше оладен до голем степен... во затворот веќе нема општо дело и таму се раздробуваат [44].

На 19 август (стар стил) 1902 година, османлискиот султан Абдул Хамид II, по повод денот на неговото стапување на престолот решил да помилува 36 македонски политички затвореници. Со амнестијата бил опфатен Поп Арсов и останатите седуммина обвинети во Виничката афера. Истовремено биле помилувани членовите на ЦК на Внатрешната организација. На 24 август (стар стил) 1902 година, групата заточеници се јавил до редакцијата на весникот Право, известувајќи за нивното скорешно заминување во Солун. Според Христо Матов, тие во Солун пристигнале на 1 септември (стар стил) 1902 година [1].

Врховистички провокации

Додека Поп Арсов бил во Подрум кале, во редовите на македонското револуционерно движење се случиле крупни настани. Во јануари 1901 година дошло до Солунската афера во која речиси сите членови на Централниот комитет на Организацијата биле уапсени. Оваа афера на површина го исфрлила Бугаринот Иван Гарванов. Во Софија, Македонскиот комитет се нашол во рацете на Бугаринот Иван Цончев, кој бил близок со кнезот Фердинанд I. Врховистите за предизвикаат раздвижување во Македонија ги организирале Мисијата на Атанас Јанков, Тушимското востание и Горноџумајското востание. Во почетокот на септември 1902 година полковникот Јанков пристигнал во Загоричани, а на 23 септември 1902 година започнало врховистичкото востание во источна Македонија.

Во предвечеријето на овие врховистички акции, на 1 септември (стар стил) 1902 година во Солун пристигнале заточениците од Подрум Клае. Следниот ден се одржало советување. Покрај членовите на Централниот комитет на советувањето учествувале Пере Тошев и Христо Матов. Советувањето било потикнато од врховистичките акции. Поп Арсов бил поканет да улествува во советувањето, но одбил.

Расцеп на Внатрешната организација

Димо Хаџи Димов
Горе: Стефан Чавдаров, Добре Даскалов, Мише Анчев, Иван Караџов, Запранов, Михаил Дорев, Борис Мончев. Средина: Петар Ацев, Петар Кушев, Христо Матов, Тодор Лазаров, Тодор Александров. Долу: Стојан Мишев, Григор (Гешо) Илиев, Петко Пенчев, Христо Саракинов и Георги Занков.

По востанието во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. Овие советувања се одржале во периодот од декември 1903 до февруари 1904 година, на нив учествувале истакнати раководители, војводи и началници, главно прашање кое било разгледувано е каков да биде правецот на делување по неуспешното востание. На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе прозлезат две струии, едната концепција била претставена од Христо Матов кој се залагал за зачувување на централистичкиот принцип, а другата струја се залагала за децентрализација и демократизација на Организацијата. На советувањата преовладала концепцијата за децентрализација и демократизација предводена од Серчани [45]. Отука произлегла Директивата за идната дејност на Организацијата изработена од Димо Хаџи Димов, Димитар Мирасчиев и Димитар Стефанов со што биле поставени основите на Реформска струја. Како одговор на Директивата, Христо Матов ја напишал брошурата Основите на Организацијата од Брут (бг. основитѣ на Организацията отъ Брутъ) во мај 1904 година. Во брошурата биле претставени пет принципи околу кои ќе се групира Конзервативна струја. Главните прашања околу кој се судриле дејците на Организацијата, се прашањето за централизација или децентрализација, односно демократизирање, како и крајната цел на самата Организација, односно автономна Македонија или оформување на Македонија како самостојна политичка единица во рамките на една балканска федерација.

Кризата и поделбите кој се појавиле по Илинденското востание, во текот на 1904 и 1905 година се продлабочиле. Во овој период дошло до прегрупирање на силите, најистакнатите дејци на македонското револуционерно движење тргнале во барање на сојузници и приврзаници за наметнување на сопственото влијание. Влијанието на Даме во Битолскиот револуционерен округ по Илинденското востание опаднало, тој презел и една обиколка низ Солунскиот округ и пошироко за наметнување на своето влијание, но ова обиколка не ги постигнала посакуваните резултати. Прилепскиот конгрес покажал дека Даме има различни погледи од Пере Тошев и Ѓорче Петров, по прашањето за идното устројство на Организацијата. Даме бил во лоши односи и со Борис Сарафов, кој преку поедини војводи го ширел своето влијание во Македонија. Поради централистичките погледи, Даме бил на спротиваната страна од Јане Сандански и Серчани, како и со дејците на Струмичкиот револуционерен округ. Тој ги расипал односите и со Атанас Лозанчев, со него во ноември 1904 година имал и физички судир [46][47].

Во август 1904 година во Софија се вратил Ѓорче Петров. Тој истакнал дека Даме е уморен и дека е потребна негова замена ако сакаат да ја продолжат и завршат борбата на Организацијата. Петров тогаш бил во коалиција со Петар Поп Арсов, Пере Тошев и Јане Сандански. Оваа групација се залагала за демократизација на Организацијата, прекинување на врските со било која бугарска влада и распуштње на актуелното Задгранично претставништво. Според српскиот дипломатски претставник во Софија - Симиќ, во декември 1904 година македонското револуционерно движење било поделено на 4 групи, една околу Борис Сарафов, кон неа клонеле Ѓорче Петров и Васил Чакаларов, друга околу Матов - Татрчев, трета околу Даме и четврта анархистичка околку која се вртеле Петар Поп Арсов, Михаил Герџиков, Димитар Мирасчиев и други, тие биле групирани околу весникот Револуционерен лист. Симиќ истакнал дека највлијателна група била онаа на Даме, а нејзин најекспониран претставник во Бугарија бил Иван Гарванов [48]. Симиќ исто така истакнал дека дошло до зближување меѓу Даме, Гарванов и Иван Цончев, а на спротивната страна дошло до зближување меѓу Пере Тошев, Лозанчев, Сарафов и Ѓорче Петров [48].

Рилски конгрес

Јане Сандански
Рилски манастир

И покрај поделбата и диференцирањето на фракциите во Организацијата, најголемиот дел од дејците биле на став дека излезот од таквата состојба може да се најде само преку еден општ конгрес, кој би го воспоставил повторно единството во македонското револуционерно движење. Меѓутоа патот до општиот конгрес траел 2 години. На нему му претходеле Струмички конгрес од 1904 година, Прилепскиот конгрес и Скопскиот конгрес од јануари 1905 година. Во летото 1905 година се одржале два конгреса на Солунскиот револуционерен округ, во конгресот од јуни и конгресот од август. Потоа се одржал Струмички конгрес од 1905 година и Серскиот конгрес. Со тоа се создале услови за свикувње на општиот конгрес.

Кон крајот на септември 1905 година во Софија се собрал најголем број од делегатите кој требале да присуствуваат на Конгресот. Во главниот град на Бугарија биле извршени дополнителни советувања на кои дошло до недоразбирање околу местото за одржување на Конгресот. Јане Сандански побарал Конгресот да се одржи во Македонија и на тој начин да се повлече: чисто внатрешниот карактер и полната независност на Организацијата [49]. Сепак најголемиот број од делегатите посочиле дека Конгресот не треба да биде вознемируван од никого и затоа предложиле тој да се одржи надвор од границите на Македонија. По преговорите било постигнато компромисно решение Конгресот да се одржи во Рилскиот манастир, во близината на македонската граница [49].

Конгресот го имал следниот дневен ред:

1. Извештај за минатата дејност и сегашната положба во Организацијата по окрузи и околии
2. Идната дејност на Организацијата
3. Устројство и управа на Организацијата;
а) административен оддел
б) судски одел
в) финансиски одел
г) културно - економски одел
4. Литература и печат
5. Односот и поведението на Организацијата спрема разните теченија; a) спрема сите пропаганди б) спрема бугарскиот државнички национализам и Егзархија в) спрема врховистите, емиграцијата и јавноста во Бугарија г) спрема одделни организациски групи внатре и надвор
6. Тактика на Организацијата
7. Отчет за дејноста на ЦК и Задграничното претставништво[49]

Најдолго време распрвале, дваесет дена, за точката три, односно идното устројство на Организацијата. Според Христо Силјанов по ова прашање дошле во судир две струи кои имале различна концепција по ова прашање. Двете струи Силјанов ги нарекува: радикално - реформска и умерено - конзервативна [49]. На овој Конгрес најистакнати претставници на првата групација биле Пере Тошев, Ѓорче Петров и Јане Сандански, тие ја имале наклонетоста на најголемиот број на делегати. Оваа крило се залагало за децентрализација и демократизација на Организацијата, широка примена на изборното начело. На страната на оваа група застанал и Борис Сарафов сакајќи на тој начин да добие амнестија од обвиненијата. На чело на другата групација застанал Даме кои се залагал за зачувување на централистичкиот хиерархиски поредок [белешка 7]. Меѓутоа тој ја немал поддршката на најголемиот број на делегати и затоа бил подготвен на компромис, а зад него застанале Аргир Манасиев, Борис Мончев, Лазар Маџаров, Стамат Икономов и Добри Даскалов.[49] По дваесет дневна расправа меѓу двете групи, Конгресот ги прифатил новиот Устав и Правилник на Организацијата. Христо Силјанов истакнува дека новоусвоените акти биле компромисно решение меѓу двете групации:

со чувствително наклонување на лево [49]

и дека отстапките за компромисот биле направени од умерено - конзервативното крило. Иако Христо Силјанов истакнува дека бил постигнат компромис, во постарата литература преовладува ставот дека влијанието на левицата преовладал на овој конгрес. Дополнителна кофузија е поделбата на левица и десница, кога е познато дека Борис Сарафов застанал на страната на радикално - реформска крило кое во постарата литература се нарекува како лево крило, а Даме бил на чело на умерено - конзервативната струја, во постарата литература познато како десно крило. И покрај струењата бил постигнат компромис и бил усвоен новиот Устав и Правилник според кој Организацијата добила ново официјално име: Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО)[49]. Врз основа на штотуку усвоените нови акти за членови на ЦК биле избрани: Дамјан Груев, Пере Тошев, Тодор Поп Антов, во Претставничкото тело влегле - Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов, за уредник на Револуционерен лист бил избран Димо Хаџи Димов. За ревизори на Организацијата биле избрани Иван Гарванов, Никола Пушкаров и Борис Сарафов, меѓутоа тие не ја прифатиле должноста.[47].

Одговорноста на Борис Сарафов како и на другите дејци на Организацијата биле оставени за на крајот од дневниот ред, бидејќи оваа прашање било најделикатно. Сарафов бил обвинуван од сите страни и за секакви дејствија, дека земал пари од српската влада, за пропуштање на српски чети, за препраќање на свои чети во Македонија, давање пари на разни службеници со што предизвикувал раскол и расипништво. Според Христо Силјанов фактите биле толку силни што Сарафов:не можел, а да не се чувствува за грешник [49]. Главни обвинители на Конгресот бил Јане Сандански и серчани. Тие биле поддржани од струмичаните како и од реформските делегати, а против Сарафов биле и делегатите од Битолскиот и Солунскиот округ под влијание на Даме, нивен гласноговорник бил Борис Мончев [49]. Сарафов морал да се брани и затоа го обвинил Јане Сандански за пасивност при Илинденското востание, а на Дамјан Груев му дофрлил што дозволил да биде грабнат од просрпскиот војвода Мицко Крстевски. Единствен кој застанал на страната на Сарафов бил Ѓорче Петров кој пак добил поткрепа од страна на Пере Тошев дека амнестирањето на обвинетите е најдобро решение со што би се разрешило заплетканото прашање. Улогата на миротворец требало да ја одигра непомирливиот противник на Сарафов, самиот Јане Сандански. На изнанедување на многумина Сандански истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување, да се остави минатото. Во тој дух се изјаснил и Ѓорче Петров, а поддршка дал и Даме. На крај конгресот изгласал опша амнестија за сите обвинети вклучително и за Сарафов [49]. На конгресот преовладал духот за постигнување на компромис и возобновување на единството. Со новиот устав и правилник во Организацијата требало да се воведе широка децентрализација и демократизација од највисоките до најниските раководни тела. Mеѓутоа единството кое било воспоставено траело кратко.

Претставничкото тело

Втор редовен конгрес

Ѓорче Петров
Стојо Хаџиев, Петар Поп Арсов и Таската Серски

Составот на новиот централен комитет бил компромис помеѓу фракциите во самата Организација. Даме како член ЦК ја претставувал Конзервативната струја, а Пере Тошев Реформската струја, додека пак Тодор Поп Антов бил близок со Серчани. Даме и Пере Тошев стоеле на различни стојалишта во поглед на многу прашања и тоа го отежнувало функционирањето на Централниот комитет и самата Организација. Тодор Поп Антов бил легален член, за разлика од останатите кои биле нелегални, тоа придонело да биде отежната комуникацијата помеѓу нив. Недоразбирањата помеѓу членовите на ЦК, особено меѓу Даме и Пере Тошев, биле пречка за повторното воспоставување на единство во Организацијата. Ефтим Спространов истакнува дека и по Рилскиот конгрес, дејците во Организацијата се делат на три групи: Ѓорче Петров-Борис Сарафов, Даме Груев-Христо Матов и трета околу Пере Тошев, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов. Според Спространов: Првите се за интереси и сакаат да се држат за да јадат, вторите за стариот ред во управувањето на Организацијата, а последните-за новиот Правилник [50]. Српскиот дипломатски претставник во Софија, Св. Симиќ во својот извештај од 3 ноември 195 година, соопштил дека Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов припаѓале на т.н слободномисливи и се приврзаници на Сандански [1]. Во еден друг извештај од 30 мај 1906 година Симиќ истакнува дека Борис Сарафов и Ѓорче Петров нерадо се сретнуваат со Поп Арсов, Груев, Гарванов и другите и дека меѓу нив сè поголем замав зема старата недоверба па секоја група работи сама за себе [1]. Разликите биле преголеми, отука Организацијата и по една година од Рилскиот конгрес се наоѓала во старата состојба на внатрешни поделби и расправии [51]. Причините за разединувањето помеѓу Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов на една страна и Ѓорче Петров на друга, лежеле во слабостите на Ѓорче кон Борис Сарафов [1]. Поп Арсов и Стефанов биле незадоволни од сојузот помеѓу Ѓорче и Сарафов, отука тие сè повеќе се свртувале кон серчани и струмичани со кои идејно биле блиски и ја зацврстиле својата соработка со Јане Сандански [1].

Во услови на поделби и разединувања, во летото 1906 година започнале подготовките за Вториот редовен конгрес на ВМОРО кој требало да се одржи до крајот на тековната година. Во рамките на подготовките, Серскиот округ го одржал својот Втор редовен конгрес во селото Ловча. Кон крајот на ноември во Софија почнале да пристигнуват делегати од цела Македонија за одржување на неопходните претконгресни средби. За време на Советувањата дошло до целосно слевање на веќе покојниот Даме Груев, Иван Гарванов и Борис Сарфов, кои взаемно си ги признале своите делегати [1].Имено, Сарфов, Гараванов, Христо Матов, Христо Татарчев и Петко Пенчев го имале изгубено правото да бидат делегати на предвидениот конгрес, затоа што долго време биле надвор од треиторијата на ВМОРО. Во претходниот период помеѓу конзервативните групи постоела извесна нетрпеливост и соперништво, но во овој момент заедничката омраза кон Јане Сандански ги обединила [1]. Во текот на советувањата во Софија, Серчани го наметнале прашањето за местото на одржување на претстојниот конгрес, истовремено инсистирале тој да се одржи во Македонија. Од своја страна, конзервативната група побарала да се предаде оружјето и муницијата ој пограничните пунктови, кои биле под контрола на Јане Сандански, на една мешовита комисија. Предлогот бил одбиен. Петар Поп Арсов и Сандански биле непопусливи пред барањата на конзервативците, а Пере Тошев се држел резервирано [1].

Борис Сарафов
Михаил Даев

Во текот на советувањата во Софија спорни биле три прашања: 1) местото на одржување на Конгресот 2) предавање на оружјето од пограничните пунктови 3) верификација на делегатските мандати како најспорно прашање [1]. На едно собрание околу полноќ, дошло до заострени дискусии околу последното прашање, а дошло и до демостративно напуштање на седницата од страна на Петар Поп Арсов, Христо Чернопеев, Крсто Б’лгаријата, Стојо Хаџиев, А. Станоев, Д. Икономов и други. Меѓутоа сепак бил постигнат компромис, било одлучено конгресот по вторпат да се одржи во Рилскиот манастир [1]. На првиот ден од Коледе, Претставништвото испратило покани до сите делегати повикувајќи да заминат за Рилскиот манастирм но многумина делегати од конзеравтивното крило ги вратиле назад поканите [1].

И покрај оваа постапка на конзервативците, припадниците на реформската група на чело со Сандански, заминале за Рилскиот манастир. Непосредно пред манастирот, Михаил Даев во полупијана состојба предизвикал инцидент, во текот на кој двајца месни врховисти биле убиени, а еден бил ранет [1]. Оваа случка и послужила на бугарската полиција како повод за блогада на Рилскиот манастир. Сандански и останатите делегати ја согледале стапицата, по што го напуштиле местото и ја минале границата. Следниот ден, 2 јануари 1907 година, во селото Рила пристигнал Петер Поп Арсов и тука дознал за инцидентот и веднаш се вратил во Софија. Борис Сарафов и Михаил Даев уште во Софија планирале да направат некоја провокација со која требало да се спречи одржувањето на конгресот [1], затоа што нивното мнозинство на Конгресот не било сигурно [1]. Христо Силјанов тенденциозно тврди дека реформската група била во малцинство и се состоела од 12 делагти и затоа го напуштиле местото.

Заминувањето на Сандански и неговите приврзаници од Рила го искористиле конзервативците за да ги обвинат Серчани дека го провалиле Конгресот. По ова прашање, Ванчо Ѓорѓиев истакнува: Меѓутоа, провалувањето дошло од самите конзеравтивци. Тие дури и не се појавиле на местото закажано за одржување на Конгресот. Предизвиканиот инцидентод страна на М. Даев, враќањето на поканите за учеството на Конгресот, непојавувањето на местото на одржување на Конгресот, и секако, појавата на бугарската полиција кај Рилскиот манастир, не биле случајни. Тоа била смислена саботажа од страна на конзервативците со цел да го прикријат своето отсуство од Конгресот [1]. По пропаѓањето на Конгресот, конзеравтивците се собрале во ќустендилско и конституирале во советодавно собрание. Тие во своето изложение ги прогласиле за непрактични и неприменливи нормативните акти на ВМОРО од Рилскиот конгрес од 1905 година. На крајот, си избрале свои задгранични претставници: Иван гарванов, Борис Сарафов и Христо Матов за Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот револуционерен округ [1].

Советувања

Пере Тошев
Од лево кон десно: Чудомир Кантарџиев, Стоју Хаџиев, Јане Сандански, Георги Скрижовски, непознат

Речиси истовремено, реформската група на ВМОРО одржала свое советување во почетокот на феврурари 1907 година. Советувањето се одржало на чифликот на браќата Башавелови во Големо Село, Дупничко. На Советувањето учествувале: Петар Поп Арсов, Димитар Стефанов, Пере Тошев, Јане Сандански, Крсто Б’лгаријата, Христо Чернопеев, С. Хаџиев, М. Даев, П. Китанов, Д. Икономов и др.

На собирот биле разгледани три генерални прашања: 1) како да се попречи врховистичкото влијание 2) што да се преземе во Скопскиот, Солунскиот и Битолскиот округ што биле зафатени од српската и грчката пропаганда 3) внатрешните разногласија [1].

На Советувањето се појавиле два предлога. Првиот бил од Јане Сандански кој побарал серчани да испратат свои чети во Скопскиот затоа што таму имале луѓе кои биле пријателски наклонети кон нив и оттаму да се изврши влијание во Битолско и Солунско. Од друга страна, Христо Черноеев поаѓал од фактот дека тие се дејци на Внатрешната организација, а не само на одделни окрузи и отука предложил самиот да замине за Битолско, а Сандански по сопствен избор, да замине за Солунско или Скопско, каде што требало лично да ја поведе борбата против надворешните влијанија [1]. Предлогот на Чернопеев бил поддржан од страна на Петар Поп Арсов и шестмина учесници. На крајот не било донесено единствено решение.

Во пролетта 1907 година во Софија било одржано советување на кое присуствувале: Петар Поп Арсов, Јане Сандански, Стоју Хаџиев, Крсто Б’лгаријата, Петар Ангелов, Лазар Плавев и Алексо Мартулков. На ова советување било решено да се воружат две чети кои требало да заминат за Скопскиот округ. Крсто Б’лгаријата и Петар Ангелов требало да останат во Скопско, а Алексо Мартулков и Лазар Плавев требало да заминат за Велешко и да го поддржат реонскиот војвода Дачо Јотов Крсто [1]. Учесниците на советувањето тргнувле од становиштето дека од Велешко лесно може да се изврши влијание во Втората револуционерна област на Македонија [1]. За овие настани, Ванчо Ѓорѓиев истакнува:

Неодржувањето на Вториот општ конгрес на ВМОРО, како и постапките и одлуките на двете јасно издиференцирани крила кои меѓусебно се нарекле лево и десно, претставува почеток на крајот на постоењето на единствената макеоднска револуционерна ослободителна организација на единствената и цела македонска територија [1]


Убиство на Борис Сарафов и Иван Гарванов

Тодор Паница
Телата на Борис Сарафов и Иван Гарванов

Во почетокот на ноември 1907 година, Сандански пристигнал во Софија каде што одржал неколку советувања со своите сомисленици. Едно од главните прашања на овие собири, бил односот кон Сарафов и неговите приврзаници. На советувањата учествувале: Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров и Димитар Стефанов (тројцата легитимни претставници), Пере Тошев (член на ЦК на ВМОРО), Христо Чернопеев, Димо Хаџи Димов, Иван Харизанов и други. Јане Сандански доминирал на овие советувања. Според Ќамилов, Старикот истакнал:

треба да се работи за пробудување на сознанието на масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека за извојување на својата слобода треба да се борат без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги поробат[52]


Сандански укажал дека: сите што агитираат било во Македонија, било надвор од неа на база: ослободување и обединување на Бугарите, од ВМОРО треба да бидат дочекани непријателски, така како што се дочекуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети [52]. Оваа алузија се однесувала на Сарафов и Гарванов [1]. На советувањата имало одделни предлози за помирување, меѓутоа Сандански не се откажал од свите намери. Вечерта на 28 ноември 1907 година, самопрогласените задгранични претставници во домот на Принцот, на улица Осогово, 36, договориле средба со Тодор Паница, нивниот нов приврзаник [52]. Кога Сарафов ја привршувал својата вечера, пристигнал Иван Гарванов. Малку подоцна пристигнал Тодор Паница, вооружен со два наганта. На гостинот му биле понудени мезе и чаша вино, но Паница одбил. Во разговорот со Сарафов и Гарванов, дознал дека Христо Матов нема да присуствува на средбата [52]. Матов ги известил дека поради неодложна работа нема да дојде на средбата. Сарафов и неговите двајца гости се повлекле во друга соба, каде што разговорот меѓу нив течел спокојно. Околу 11 часот, Паница станал да си оди, а Сарафов и Гарванов станале да го испратат. Кога пристигнале до влезната влата, се слушнале зборовите: Уште едно прашање? а во истиот момент се слушнале два истрела. Веднаш дотрчале домашните кои се стаписале од ужасот: Сарафов и Гарванов, облеани во крв, умираа. И двајцата беа погодени со по еден смртоносен удар. Сарафов беше застрелан во левото слепо око, а Гарванов во левото уво [52]. Тодор Паница веднаш го нпуштил местото, а набргу во домот на Сарафов пристигнале еден полициски инспектор и судски истражувач, во придружба на еден софиски репортер, кој вака ја опишал глетката која ја затегнал:

Во антрето, до влезната врата, Сарафов паднал, потпрен на левиот ѕид, со спуштена глава в десни, со раширени нозе и раце - една отворена, другата со свиткани прсти. Гарванов паднат на грбот, со главата легната на десната нога на Сарафов, испружен во ходникот со раширени нозе кон внатрешноста. И двајцата со бледи лица изгледаат како заспани... Под труповите и наоколу големи локви крв која продолжуваше да тече. Околу безживотните трупови горко плаче остарениот татко на Сарафов, неговата мајка, неговите браќа, сестра му, снаа му и неговите блиски [52]


По двојното убиство, бугарските власти уапсиле околу 50 души. Меѓу нив биле: Чернопеев, Крсто Б’блгаријата, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Стојно Стојнов, Ст. Кемилев, д-р К. Д. Списаревски, Ал. Радославов, браќата Харизанови и други. Неколку дена подоцна, со одлука на бугарското Народно собрание бил затворен Антон Страшимиров, народен пратеник од редовите на радикалната партија, тој бил обвинет како интелектуален соучесник [52]. На 13 декември 1907 година, софискиот градоначалник наредил: да се фатат и да се затворат, каде и да се наоѓаат: Јане Сандански, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Тодор Паница [52]. На крај бугарските судови ги осудиле на смрт Сандански и Паница, откако ги прогласиле за разбојници.

Христо Матов
Тодор Александров

По убиството на Сарафов и Гарванов, утрото на 29 ноември 1907 година Христо Матов ги собрал повидните војвди и раководители на конзервативната струја кои се наоѓале во Софија, за да ја разгледаат новонастанатата состојба. Со двојното убиство се срушиле сите мостови и опции за соработка помеѓу двете групи во Македонската револуционерна организација. Матов веднаш презел мерки за продолжување на работата на самопрогласеното Задгранично претставништво и по телефон го повикал Тодор Александров од Бургас, доверувајќи му ја благајничката работа, која претходно ја вршел Гарванов [52]. Александров станал десна рака на Матов, и оттогаш почнува неговото брзо искачување [52]. Главната задача која си ја поставил Матов била свикување на нов конгрес. Конгресот требаше да се свика по секоја цена и во најкус рок [52]. Подготовките за Ќустендилскиот конгрес завршиле релативно брзо и се одржал во првите денови на мрат 1908 година во селото Жабокрт, Ќустендилско. На него приисуствувале: Христо Татарчев, Петар Ацев, Ефрем Чучков, Христо Шалдев, Тодор Александров, Васил Чакаларов, Климент Шапкарев и други [52]. Едногласно за претседател на конгресот бил избран Христо Матов, а за секретари Климент Шапкарев и Петко Пенчев. Делегатите разгледале повеќе прашања, а кон крајот на март Бирото на конгресот објавил една Декларација [52]. Во неа биле објавени решенија за повеќе прашања кои се однесувале на Македонија и македонското револуционерно движење.

По прашањето за Убиството на Сарафов, Гарванов и Даев било одлучено: Откако ги разгледаа фактите за убиството на Гарванов, Сарафов и Даев, а имајќи ги во вид и самопризанијата и објаснувањата на виновниците, содржани во нивното отворено писмо, Конгресот заклучи дека убиството е мотивирано со стремеѓот на неговите автори да и се наметнат со недопустливи средства на Организацијата. Сакајќи да ги зачува единството и дисциплината во Организацијата и да го искорени системот на самоволијата и заканите во отвореното писмо за нови убиства, Конгресот оддлучи потписниците на отвореното писмо, како и физичките убијци да се исклучат од редовите на Организацијата и да се сметаат за нејзини непријатели [52].

Со Ќустендилскиот конгрес се ставил крај на Македонската револуционерна организација и се поставиле темелите на идната Внатрешна македонска револуционерна организација, позната како Автономистичка. Сандански и Серчани биле обвинети за непријатели на Организацијата поради убиството на Сарафов и Гарванов, меѓутоа разликите биле посуштински. Двете страни имале дијаметрално различни концепти за решавање на македонското прашање. Христо Силјанов истакнува дека во преден план на конзервативците била целосната воена подготовка на населението и дека не треба да се троши време и сили за неважни работи [52], односно дека Еволуционизмот на серчани е побиен [52]. Меѓу останатото, конзервативците истакнале дека не можат да и го одречат природното право на Бугарија да се грижи за судбината на своите сонародници во Турција [52] и дека: Нашите патишта со Младотурците не се сретнуваат... Нас иднината на турската држава не не интересира и не можеме да ја врзуваме судбината на нашата татковина со судбината на разноверните и разнојазичните племиња, народи и раси... [52].

Петар Поп Арсов и Младотурската револуција

Македонска конференција

На собирот присуствувале: Петар Поп Арсов, Иван П. Јорданов, Ризо Ризов, Димитрија Чуповски, врховистот Крум Зографов во придружба на двајца врховистички претставници од Штипско и Кочанско, Алексо Мартулков и други. Најпрво говорел Поп Арсов, а по него Димитрија Чуповски. Тој ги запознал присутните дека поделбата на Македонија е решена од страна на сојузниците и отука побарал да се преземе активност за самостојност на Македонија. Меѓутоа, оваа концепција уште на самиот почеток наишла на остро спротивставување кај врховистите. Крум Зуграфов заканувачки рекол: Јазиците ќе ви ги исечеме, само ако некој рече самостојна Македонија. [53].

Привремено претставништво на поранешната Внатрешна организација

Смрт

Чествување

Петар Поп Арсов активно се пројавил низ повеќе македонски пулсации во интервал подолг од три децении, поконкретно од 1888 до 1920 година. Притоа, се пројавил како филолог, револуционер - идеолог, книжевник и публицист. Тој е борец за национално, културно и духовно издигање на сопствениот нарпд. Воедно речено - поборник за македонската самобитност.

— Ванчо Ѓорѓиев, Петар поп Арсов [1]
Детал од споменикот на основачите на Внатрешната организација, Скопје. Петар Поп Арсов се наоѓа во средина каде што го држи првиот устав на Организацијата
Спомен-куќа на Петар Поп Арсов

Веднаш по ослободувањето и создавањето на современата македонска држава, македонскиот народ му одал видно признание на својот голем син. Поп Арсовата личност и дело, редовно се одбележува на свечените академии и други собири, во печатот, радиото и телевизијата. Голем број на училишта, улици, културно-уметнички друштва го носат неговото име: ОУ „Петар Поп Арсов“ - Богомила, улица Петар Поп Арсов во Скопје и др. Во Македонија тој се слави како еден големите чинители во создавањето на македонската национална држава.

По повод дваесет години од прогласувањето на независноста на Република Македонија бил официјално отворен Музејот на македонската борба, во кој меѓу останатото се наоѓа и една восочна фигура на Поп Арсов [54]. Во 2012 година, бил поставен Споменикот на основачите на ВМРО во Жена-парк, Скопје. Споменикот е посветен на шестмината основачи на Македонската револуционерна организација, Петар Поп Арсов се наоѓа во средината каде што го држи првиот устав на Организацијата.

Неговата родна куќа во Богомила е претворена во Спомен-куќа во која се наоѓа музејската поставка [55]. Во текот на повеќе децении оваа спомен-куќа била посетена од илјадници посетители. Еден дел од историчарите, Петар Поп Арсов го оценуваат како бугарски револуционер и општественик [56][57][58]. Животот и делото на поп Арсов во современата историска наука не нашла соодветен третман и место. Прв обид за расветлување на неговата личност направил Петар Стојанов во 1963 година. Празнината која постоела била пополнета од страна на Ванчо Ѓорѓиев кој во 1997 година го објавил делото Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонското националноослободително движење. Истиот автор истакнува дека:

Бугарската историографија која често се занимава со македонското национално-ослободително движење, а со цел да ни ја докажува познатата теза за наводниот бугарски карактер на движењето, до сега не нашла за потребно, а ние мислиме дека и нема интерес да се занимава со делото на Петар Поп Арсов поради неговите кристални македонски определби [1]


Галерија

Белешки

  1. Македонските ученици по инструкција на Минчевич, на 1 февруари 1890 година испратиле Адреса до Српското народно собрание. Оваа Адреса била подпишана од 28 до 30 ученици, а Даме бил третопотпишан. Во неа било истаканото: На секој му е познато, дека тоа е земја (Македонија б.н) населена од мнозинство словени, и тоа - Бугари. Меѓутоа, од пред некое време српското јавно мнение толку се зазело со пишување за да ги посрби Македонците, така што тоа заземање постана вистинска страст, како за сите српски новинари, така и за државниците, книжевниците, па и за поедини приватни луѓе. Не слушајќи ги толку авторитетите на образовниот свет, тие сакат насила да го уверат целиот свет дека во Македонија живеат чисти, овејани Срби! Меѓу таквите грешки спаѓа и основањето на друштвото Св. Сава со задача да го шири српството во несрпски краишта. Ние кои до вчера бевме благодејанци на тоа друштво... Мислевме, дека нашите браќа Срби ќе не изддржуваат нас без задни цели, но, за жал, ние луто се излагавме. Да знаевме, дека нашето доаѓање овде ќе имаше такви последици, ние никако не би ни дошле... Но, што гледаме сега? Гледаме се врши некаква политичка цел, гледаме дека ние веќе постанавме оружје против својата народност, со еден збор ние сме - изиграни. Во последно време... ние видовме како друштвото Св. Сава истера тројца питомци од општествениот пансион, а полицијата двајца од нив ги протера надвор од земјата само затоа што се осмелија гласно да ја кажат својата народност. Овој неодамнешен настан, нас не жегна до срце, бидејќи нив ги истераа како Бугари, следува дека ние не сме тоа што тие биле, значи не сме Бугари, тогаш нормално - Срби. Зарем ние Срби? Ние, со кои овде секаде се постапуваше како со Бугари, ние кои овде и од малите деца сме нарекувани Бугари?! ... Ние не ножеме само да се восхитуваме на толкавата дрскот на оние, кои нас не нарекуват Срби, кога тие со тоа не прават ништо друго, освен, ранување на срцето, како на нас, така и на секој родољуб Македонец. Тоа се причините, кои нам ни дадоа повод малку сериозно да се замислиме и што е можно порано да престанеме да бидеме оружје за подигање на нова пропаганда во нашата мила татковина. Во Адресата македонските студенти се изјаснуваат како Македонци и како Бугари, меѓутоа се истакнува дека нивната татковина Македонија е подложна на српската пропаганда. Адресата од страна на бугарската историографија се користи како аргумент за докажување на нивната бугарска национална припадност. Меѓутоа истите тие потписници, а меѓу нив и Даме, претходно се декларирале како Срби, треба да се истакне дека некои од овие потписници, кој подоцна заминале за Софија, побарале да се вратат во Србија затоа што: ние сега гледаме колку сме сродни со Бугарите, подобро да бидеме уште толку години под Турците, отколку под Татари (види Б. Ристовски, Кон проучувањето на престојот на Даме Груев во Белград). Македоците под влијание на пропагандите се изјаснувале за Срби, Бугари, Грци и Романци, но нивното изјаснување треба да се гледа како на променлива категорија во зависност од нивните интереси. Нивното декларирање како Бугари не треба да се смета за вистинко чувство, а уште помалку за докажување на нивните бугарски корени
  2. На 18 февруари 1993 година, Ванчо Ѓорѓиев имал разговор со Стамен Поп Арсов во Скопје. Меѓу другото Стамен соопштил дека Поп Арсов имал напишано азбука и граматика на македонски јазик. Меѓутоа и покрај настојувањата на Ванчо Ѓорѓиев тие не биле пронајдени во личната архива на Петар Поп Арсов
  3. Во Османлиското Царство не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Османските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кој биле нерекувани како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графа како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  4. Македеонската национална свест во 19 и почетокот на 20 век бил слабо развиена. Тоа го потврдуваат повеќе странци: Сеќавањата за минатото потполно исчезнале и кај селаните останале само нејасни преданија за дамнешната слобода која тие ја уживале. Во едно зафрлено село во близината на Охрид, во кое нема ни учител ни свештеник, а неговите жители не знаат ниту да пишуваат ниту да читаат, говорев со неколку дечиња за да дознаам колку тие знаат за минатото. Ги однесов кај едно осамаено и необично закосено ритче на чиј врв се наоѓа урнатините на бугарскиот цар, тие се наоѓаат над езерото и долината. Кој го изградил ова? Ги запрашаав. Одоворот беше впечатлив: Слободните луѓе. А кој биле тие? Нашите дедовци. Да ама дали тие биле Срби, Бугари, Грци или Турци? Не, не биле Турци, тие биле христијани. И тоа беше изгледа сè што тие го знаеја, види: Доживувањата на Х. К. Бреилсфорд, Во Македонија не се поистоветуваат со својата нација (1905). Од друга страна пак повеќето странски пропаганди на територијата на Македонија го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците, види: Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006, Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Скопје 1997, Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  5. Основоположниците на Македонската револуционерна организација биле бугарски воспитаници и биле под влијание на бугарската пропаганда од тоа влијание тие не се отргнале наеднаш туку постепено. Крсте Петков Мисирков во својата книга За македонцките работи истакнува: Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г. Во крајот на 1889 г. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега. Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави - ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со сви сопствени сили и средства слобода и со тоа да го предупредат дележот на Македонија. По нивна иницијатива во почетокот на деведесеттите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”.Но тоа духовно движење на Македонците не и’ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што паминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите. Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија.Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафови другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација. Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија.
  6. Андреја Поп Арсов во 1907 година бил принуден од србоманите да ја напушти Богомила и да замине за учител во Ореше. Тој ја предводел борбата против српската пропаганда во Азот сè до 1918 година кога бил убиен од Србите
  7. Въ тѣзи разисквания се сблъснаха дветѣ известни намъ течения — радикално-реформаторското и умѣрено-консервативното. Макаръ че нѣкои отъ най-влиятелнитѣ вдъхновители на първото (марксистътъ Димо хаджи Димовъ, писательтъ А. Страшимировъ и др.), отсѫтствуваха, демократичнитѣ начала и децентрализацията въ управлението бидоха блѣскаво защитени отъ Г. Петровъ и П. Тошевъ, при подкрепата на Я. Сандански и други отчаяни лѣвичари. Отсѫтствуваше отъ конгреса и най-упоритиятъ привърженикъ на умѣреностьта въ преобразованията, Хр. Матовъ, който и съ перо и съ слово не престана, въ продължение на две години, да доказва пакостьта отъ крайни и неприложими реформаторски тежнения. Съ своята упоритость той бѣше си навлѣкълъ неприязъньта на лѣвичаритѣ, а като задгранични представители, сиречь членове на единствения редовно функциониращъ презъ цѣлия периодъ отъ възстанието до конгреса, общоорганизационенъ висшъ институтъ, той и др.ъ Хр. Татарчевъ бѣха станали прицѣлна точка на всѣкакви критики и нападки. Поради това и двамата, въпрѣки грамаднитѣ си заслуги презъ време на междуцарствието, не можаха да попаднатъ между конгреснитѣ делегати. Наистина, умѣрено-консервативното течение се застѫпваше въ конгреса отъ най-авторитетния деятель въ вѫтрешностьта, Д. Груевъ. Той обаче, било поради природната си склонность къмъ практическитѣ постижения по пѫтя на взаимнитѣ отстѫпки, било поради заемания председателски постъ, остана и тукъ вѣренъ на своята примирителна тактика. Все пакъ централистичната система и умѣрениятъ реформизъмъ броеха множество убедени привърженици, като Л. Маджаровъ, Ст. Икономовъ, П. Васковъ, Добри Даскаловъ и др. и намѣриха въ конгреса горещи защитници въ лицето на Б. Мончевъ, А. Манасиевъ и др, види Хр. Силянов, том II Следъ Илинденското възстание

Наводи

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 1,15 1,16 1,17 1,18 1,19 1,20 1,21 1,22 1,23 1,24 1,25 1,26 1,27 1,28 1,29 1,30 1,31 1,32 1,33 1,34 1,35 1,36 1,37 1,38 1,39 1,40 1,41 1,42 1,43 1,44 1,45 1,46 1,47 1,48 1,49 Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонското националноослободително движење, Скопје, 1997 Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „PPArsov“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  2. Лозарски списанија помеѓу 1892 - 1894
  3. Билтен на Привременото представништво на обединената бивша Внатрешна македонска револуционерна организација, Бр. 8, 19 јули 1919 г., стр. 2-3.
  4. Андонов-Полјански Х., Гоце Делчев и неговото време, Култура, Скопје, 1978
  5. 5,0 5,1 Револуционерните борби во Азот (Велешко) и Поречието, Стефан Н. Аврамов, Софија, 1929
  6. Спомени на Дамянъ Груевъ, Борисъ Сарафовъ и Иванъ Гарвановъ, сообщава: Љ. Милетичъ, София, 1927
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Димитар Димески, Македонското национално-ослободително движење во Битолскиот вилает (1893–1903), Скопје, второ издание, 1982
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  9. 9,0 9,1 Климент Џамабазовски, Културно-општестевните врски на Македонците со Србија во текот на XIX век, Скопје, 1960
  10. 10,0 10,1 Петар Стојанов, Петар Поп Арсов во националното револуционерно движење на макеоднскиот народ (1868-1919) Скопје, 1963
  11. Гане Тодоровски, Македонска правостина, Скопје, 1985
  12. Комплетна фототипна копија на списанието „Лоза“. Издавач: Млада македонска книжовна дружина, Софиа
  13. Стојан Ристевски, создавање на македонскиот литературен јазик, Скопје, 1988, 49
  14. Б. Ристовски, Петар Поп Арсов и македонската азбука, Нова Македонија, XXXVII/12215, Скопје, 25.01.1981
  15. 15,0 15,1 За македонските работи/ Националниот сепаратизам: земјиштето на кое се има развиено и ќе се развива за напред
  16. Орде Ивановски, Значајна студија..., 166.
  17. Љ. Лапе, Одбрани текстови... втор дел, 292 - 293.
  18. 18,0 18,1 Славко Димевски, Митрополит Теодосиј Гологанов, живот и дејност (1864 - 1926), Скопје, 1965
  19. 19,00 19,01 19,02 19,03 19,04 19,05 19,06 19,07 19,08 19,09 19,10 19,11 19,12 Вардарски (Петар Поп Арсов), „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, превод, редакција, коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
  20. Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев София, 1928, страница 100'
  21. 21,0 21,1 21,2 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  22. Основаването на ВМРО (записи на Иван Х. Николов) съобщава Христо Шалдев, Ил. Илинден VIII / 1 (71) София, 1936
  23. Националноослободителното движение на македонските и тракийските българи 1878-1944, том 2, София, 1995. 61.
  24. Мерки за засилување на Певолуционерната организација, записи на Ив. Х. Николов, ИЛ. Илинден 2 (27), Софија, 1936, 6.
  25. Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев, София, 1928, страница 103.
  26. Мерки за засилаване на революционната организация (из записките на Ив. Х. Николов, Ил. Илинден, 2 (27), София, 1936, 6
  27. The daily palladium. [volume], February 03, 1904, Page SEVEN, Image 7
  28. Barton County democrat. [volume], May 15, 1903, Image 3
  29. The sun. [volume], August 12, 1903, Image 1
  30. Спомени на Дамјан Груев..., 11.
  31. Прифатен еднаш автономниот принцип, ни налагаше да бидеме последователни и во понатамошните решенија и да го избегнуваме сето тоа, кое, во инородното население би возбудило сомнение на тесноград национализам. Поради таа причина го напуштивме зборот българска од револуционерната организација; исто така и таа од централниот комитет. Одринско од почетокот не влегуваше во нашата програма. Целото наше внимание тогаш беше насочено околу Македонија; но подоцна почна да се зацврстува идејата во нас, така што нашата организација да го опфати и Одринско, каде судбината на христијанското население, особено на бугаското, не се разликуваше со ништо од тоа на македонскиот народ и каде политичко-социјалните и економски услови беа речиси идентични со оние во Македонија. Притоа чл. 23 од Берлинскиот конгрес не охрабри доста во тој однос и зафативме попосле да го обмислуваме поопстојно и тоа прашање - дали ќе биде полезно, ако и Одринско биде вовлечено во нашата програма. Најсетне дојдовме до заклучок дека и таа област треба да составува дел од нашата ревулуционерна дејност, така што, на тој начин си мислевме дека се даваше едно задоволително решение на балканското прашање, Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995.
  32. Устав на БМОРК
  33. Д-р Христо Татарчев, Спомени од минатото..., 13.
  34. Тодор Станков, Македонската револуционерна организација, Ил. Илинден, г.IV, 4(43), Софија, 1931.
  35. П. Росен, Низ Азот, Македонија, I/VII, Софија, 1922
  36. Г. Трајчев, Принос кон историјата на револуционерното дело во Македонија (Прилепско), Софија, 1925
  37. Градот Прилеп за своите училишта, од Христо Шалдев, том втори, XX/230,17
  38. Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО 1893-1903. Поглед низ долументи, Матица Македонска - Скопје, 2013
  39. АМ, Скопска бугарска митрополија, МФ, 401, влезен дневник од 1896 година
  40. Хр. Настев, Виница, како прв пограничен пункт и канал на В. М. Р. О Организација, Ил. Илинден, XI/5 (105), Софија, 1939
  41. 41,0 41,1 Н. Зографов, Строежа на живота..., 60.
  42. Љ. Лапе, Писма на учесниците во македонското национално револуционерно движење, ГИНИ, XI/1, Скопје, 1972, 202.
  43. Љ. Лапе, Писма на учесниците во македонското национално револуционерно движење, ГИНИ, XI/1, Скопје, 1972, 202 - 203
  44. Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  45. Димитар Димески, Македонската револуционерна организација по Илинден (во пресрет на окружните конгреси), Годишен заборник на Филозофски факултет, книга, 19 (45), Скопје, 1992
  46. Даме Груев, Живот и дело, част I,..., 305
  47. 47,0 47,1 36 години во ВМРО - Спомени на Кирил Прличев, издателство ВЕДА-МЖ, 1999, ISBN 954-8090-01-5
  48. 48,0 48,1 Ристовски Блаже, Даме Груев во извештаите на српскиот дипломатски застапник во Софија во 1905 година, Зборник - Даме Груев 1871-1906, истражувања и материјали, Битола, 1981
  49. 49,00 49,01 49,02 49,03 49,04 49,05 49,06 49,07 49,08 49,09 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
  50. Евтим Спространов. Дневник, Т.I (1901-1907), Предговор Александър Гребенаров, Съставители: Гребенаров, Ал., Милкана Бошнакова, Георги Царев. С. 1994
  51. Вътрешното състояние на Организацията (II), Революционненъ листъ, No. 6, 14. X 1906, 2
  52. 52,00 52,01 52,02 52,03 52,04 52,05 52,06 52,07 52,08 52,09 52,10 52,11 52,12 52,13 52,14 52,15 52,16 52,17 "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
  53. Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов..., 143.
  54. „МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА МЛАДОТУРСКИОТ РЕЖИМ“. Архивирано од изворникот на 2015-03-09. Посетено на 2013-10-17.
  55. ПОДНОВУВАЊЕ НА СПОМЕН-КУЌИТЕ НА ПОП АРСОВ И НА НЕДЕЛКОВСКИ
  56. We, the people: politics of national peculiarity in Southeastern Europe, Автор Diana Mishkova, Издател Central European University Press, 2009, ISBN 9639776289, стр. 116.
  57. The Macedonian question: Britain and the southern Balkans : 1939-1949, Автор Dimitris Livanios, Издател Oxford University Press US, 2008, ISBN 0199237689, стр. 18.
  58. Preparation for a revolution: the Young Turks, 1902-1908, Автор M. Şükrü Hanioğlu, Издател Oxford University Press US, 2001, ISBN 019513463X, стр. 246-247.

Надворешни врски


Статијата „Петар Поп Арсов“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).