Прилепски конгрес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Прилепскиот конгрес или (Подвижен конгрес) е окружен конгрес на ТМОРО кој се одржал во 1904 година после Илинденското востание во Македонија. После оваа востание се поставиле голем број на прашања за понатамошната егизтенција на Организацијата како и за нејзината дејност. Главни актери при свикувањето на овој Конгрес биле двајцата револуционери Христо Узунов и Ѓорѓи Сугарев [1] со помош на Пере Тошев и Ѓорѓи Поп Христов.

Собир[уреди | уреди извор]

Во почетокот на пролетта било донесено решение за Конгрес и во првите денови на мај се собрале на окружен конгрес во прилепско, следните раководни лица: од битолскиот округ: Даме Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев, Георги Поп Христов, Никола Каранџулов, Петар Ацев, Георги Пешков, Јордан Тренков [2].

Од соседните реони беа претставени уште Стефан Димитров, велешки војвода, Добри Даскалов и Петар (Пешо) Самарџиев од тиквешко. За претседател бил избран Дамјан Груев и секретар Христо Узунов [1].

Една чета од околу 30 души, делегати и четници, се движеше од село во село. Заседанијата започнаа во с. Беловодица, продолжија во Дрен, Смолјани, Царевско, Топлица, Тројаци, Плетвар, Ореовец, Крстец, и завршија кон крајот на мај во Никодимската планина, на врвот Козјак затоа овој собир се нарекува уште и Подвижен конгрес.

Работа[уреди | уреди извор]

Прашањето за децентрализација и централизација на Организацијата[уреди | уреди извор]

На Конгресот дошло до спротиставување на две гледишта за поредокот на Организацијата. Имено, Дамјан Груев се залагал за централистичкиот поредок но не наишол на подршка. Наспроти него била концепцијата на Пере Тошев за децентрализација на Организацијата и тој бил подржан од сите повидни револуционери [3]. Пере Тошев изработил предлог-статут наречен (Образец I) со кој се отфрлала мистериозната централизација. Ѓорче Петров за првиот предлог истакува дека:

...кога ќе се почне од Ц.К. та до селата, а наместо неа — широка децентрализација. Сложен механизам во вишите раководни установи се предвиде, за да можат сите повидни сили на организацијата да земат учество во делата на организацијата... И покрај силната мотивација на Пере Тошев, кој меѓу другото се потпираше на расположението и желбата на самото македонско население, неговиот предлог-статут, како крајно децентралистички и којшто не одговараше на една револуционерна организација, не беше прифатен во неговата целост [3]

Дамјан Груев откако увидел дека неговиот став за централизација нема да пројде предложил нов проект-правилник познат како (Образец II) кој бил копија на првиот меѓутоа во поумерена форма [3]. Двата проекти од страна на Ѓорче Петров му биле испратени во Софија на Борис Сарафов кој требало да ги испечати [3] [2].

Однос кон пропагандите[уреди | уреди извор]

Второ по важност прашање, кое станало предмет на долготрајни и страсни дискусии, бил односот кон пропагнадите посебно кон грчката и српската. Тука, како главни противници биле Пере Тошев и Ѓорче Петров. На крајот беше решено да се преземат строги мерки против двете вооружени пропаганди и се изработиле и посебни директиви за водење на борбата против нив.

Нов правилник за четите[уреди | уреди извор]

Трета важна работа на конгресот била да се распределат по реони постоечките раководни сили, и да се определат нивните должности. Новоизработениот правилник за четите предвидувл и должност на инструктори-ревизори на четите во округот. За такви биле назначени: П. Ацев и Н. Каранџулов во прилепско и мариовско, Христо Узунов — за охридско, струшко и кичевско, Ѓорѓи Сугарев — битолско, демирхисарско и ресенско, Г. Поп Христов — за леринско и костурско.

Значење[уреди | уреди извор]

На самиот Конгрес биле отворени голем број на прашања кој ја засегале организацијата за некои од ни бил изграден заеднички став од страна на револуционерните дејци меѓутоа дошле до израз различните ставови меѓу дејците од Битолскиот округ. Овој конгрес меѓу другото покажал дека времето на авторитетните дејци во Организација поминало. Сето тоа допринело да се продлабочи кризата во самата Организација и меѓусебните судири.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Революционата борба в Битолскиоя окьрг, Спомени на Георги п. Христов, София, 1953
  2. 2,0 2,1 Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]