Прв скопски конгрес

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Скопски конгрес)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Скопскиот конгрес бил окружен конгрес на Скопскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација. Започнал со работа на 2 јануари 1905 година и траел една недела. Се одржал во Осоговските Планини над село Кнежево, Кратовско.[1] На него присуствувале 20 делегати, а меѓу нив се нашле Крсто Б’лгаријата, Ефрем Чучков, Атанас Бабата и Тодор Александров.[2]

На конгресот биле разгледани главните прашања кои во целина се однесувале на Македонската револуционерна организација. Овој Конгрес е еден од низата окружни конгреси, а на него се потврдил појавениот сепаратизам на Скопскиот револуционерен округ.

Тек на конгресот[уреди | уреди извор]

Како главно прашање во работата на Конгресот се наметнало идното уредување на Организацијата. Разгледувањето на оваа прашање започнало со проектот-правилник на Пере Тошев наречен Образец I од Прилепскиот конгрес. Меѓутоа таквиот проект на Тошев претрпел измени од страна на самиот Конгрес особено во поглед Централниот комитет и Задграничното претставништво.

Таквиот преработен проект-правилник, Конгресот решил да стапи во сила веднаш во Скопскиот револуционерен округ за да се зачува единството во работата на Округот [3][4], меѓутоа правилникот бил ревидиран и ставен во сила без да биде потврден од еден општ конгрес на Организацијата и тоа претставува израз на сепаратизам од страна на Скопскиот револуционерен округ.

Меѓутоа конфузијата се зголемила откако Конгресот ги прифатил и принципите на Христо Матов (Брут) - Основите на Внатрешната револуционерна организација и Директивата за идна дејност од софиските советувања, притоа дополнувајќи дека Организацијата ќе ги гони сите Срби кој нема да се придружуваат кон нејзините статути.[3]

Конгресот прифатил решенија кој меѓусебно си противречеле и затоа самиот Христо Матов, чии решенија биле прифатени и преовладувале на Конгресот, обвинил за кршење на единството во Организацијата.[5]

Избор на органи[уреди | уреди извор]

Согласно ревидираниот правилник било избрано ново окружно раководство во кое влегле:

Конгресот исто така го избрал Даме Груев за претседател на Скопскиот револуционерен округ, а доколку тој не ја прифател таа должност, да ја извршува Б’лгаријата.

Конгресот го избрал Иван Гарванов за задграничен претставник на Скопскиот округ. Додека траела работата на Конгресот, Даме Груев се наоѓал во Софија и тој го прифатил изборот за претседател на овој Округ и истовремено го препорачал Гарванов за задграничен претставник и на Солунскиот и на Битолскиот округ, а набргу потоа Даме Груев се нашол на територијата на Скопскиот округ.

Значење[уреди | уреди извор]

На овој конгрес биле разгледани низа на прашања кој ја засегале Македонската револуционерна организација и бил направен обид за нивно решавање. Меѓутоа со донесените решенија само се засилиле недоразбирањата меѓу македонските дејци. Самиот Скопски округ со овој Конгрес манифестирал сепаратизам видлив преку преседанот при избор на Иван Гарванов за задграничен претставник на Округот.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
  2. Димитар Димески, Конгресот на Скопскиот округ на МРО (јануари 1905), Историја XXVIII/1-2, Скопје, 1992
  3. 3,0 3,1 Протоколъ на I-вия редовенъ революционенъ конгресъ въ Скопския окръгъ, откритъ на 2 яануарий, 1905 година, Ил. Илинденъ, г.5/4 (44), София, 1933, (сообщава - Боянъ Мирчевъ).
  4. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Универзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско-историски науки, Скопје, 1981.
  5. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)