Атанас Бабата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Атанас Димитров – Бабата
Роден 1875
Синитево, денес Бугарија
Починал 25 јуни 1905
врв Видин, ден. Република Македонија

Атанас Иванов Димитров, наречен Бабата, е револуционер од Бугарија, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.

Животопис[уреди | уреди извор]

Атанас Бабата е роден во село Синитево, близу до град Пазарџик. Рано останува сирак и се насочува кон шивачкиот занает. Работи како калфа во Пазарџик, а подоцна во Софија.

Неговите врсници го нарекуваат Бабата заради неговото крупно тело и најмногу заради неговата голема глава. Во Софија темпераментниот млад човек влегува во Унтерофицерското училиште и во 1897 година станува член на ВМОРО.

Револуционерна дејност[уреди | уреди извор]

Атанас Бабата, заедно со Марко Лерински, Христо Чернопеев и Михаил Апостолов – Попето, е еден од луѓето кои Гоце Делчев ги испраќа како први воени инструктори во Македонија.

Во 1897 година Атанас Бабата се вклучува во четата на Антон Бозуков и заедно со четите на Гоце Делчев и Кочо Муструкот ги обиколуваат Драмско и Серско, за да го организираат населението и да собираат средства за ВМОРО.

Во почетокот на 1901 Атанас Бабата веќе е помошник војвода во четата на Петар Јуруков, која дејствува во Тиквешко, а подоцна истата година е назначен за самостоен војвода.

Учествува во прочуената Афера Мис Стон заедно со Христо Чернопеев, Јане Сандански, Сава Михајлов, Крсто Асенов и Андон Ќосето, која дава голема популарност на македонската борба пред европската јавност.

За време на Илинденското востание четата на Атанас Бабата дејствува во Кратовско, каде води неколку тешки борби со многуилјадна турска војска.

Борби со српските чети[уреди | уреди извор]

По востанието Атанас Бабата се враќа во Софија заедно со поголем дел од раководителите на Организацијата. Меѓутоа уште во март 1904 година тој повторно влегува во Македонија како предводник на чета.

Совет на војводи – Атанас Бабата, Боби Стојчев и други.

Тоа се првите чети, кои Организацијата ги испраќа во Македонија по востанието – четата на Боби Стојчев – за Скопско и на Атанас Бабата – за Кратовско.

Во новата ситуација по Илинденското востание, Организацијата започнува повторно да ја возобновува револуционерната мрежа и да создава комитети. Основниот проблем, кој се исправува пред Атанас Бабата е засилената српска пропаганда во Кратовско.

Србоманите се ставиле во услуга на турските власти и повеќепати ги предаваат четите на Организацијата. После едно такво предавство на 11 јули 1904 година четите на Атанас Бабата, Славејко Арсов и Стојан Донски се опколени кај село Горно Ѓуѓанци, Светиниколско. Борбата траела шест часа. Турците употребуваат артилерија и кавалерија, но четите успеваат да го пробијат кордонот и да се извлечат, при што загинуваат околу 20 четници, а ранетиот војвода Славејко Арсов се самоубива.

Набрзо српската шпионска мрежа е откриена, донесени се смртни пресуди, кои се исполнети од кратовската чета на Атанас Бабата. Имено, откако Атанас Бабата добил информации дека четите биле поткажани од србомани од селото Кокошиње, на 6 август неговата чета влегува во ова село и убива 53 селани. Нивните трупови биле оставени на сред село и била оставена белешка дека се убиени како одмазда за убиените четници на ВМОРО.[1]

Подоцнежна активност[уреди | уреди извор]

Четата на Атанас Бабата
Зборната чета на војводите Ефрем Чучков, Мише Развигоров, Атанас Бабата, Даме Груев, Стефан Димитров, Крсто Б’лгаријата, Петар Ангелов, Коста Нунков и други.

На 2 јануари 1905 година над село Кнежево, Кратовско, се одржал конгрес на Скопскиот револуционерен округ. За членови на окружното раководство на Скопскиот реон се избрани Даме Груев, Ефрем Чучков, Крсто Б’лгаријата, Мише Развигоров и Атанас Бабата.

На 25 јуни 1905 година меѓу селата Куклица и Пендак четата на Атанас Бабата попаѓа на турска потера. Војводата ја изнесува четата од 21 души на врвот Видин и зазема одбранбена позиција. Врвот е опсаден од неколку илјадна турска војска и башибозук. Борбата започнува околу 10 часот изутрината, но и покрај нерамноправноста на силите, четниците ги одбиваат сите напади.

Од Куманово пристигнува и кавалерија од два ескадрона, но и таа не успева да ги преземе позициите на револуционерите. Подоцна од Куманово доаѓа и планинска артилерија, која започнува да стрела кон врвот и положбата на четата станува критична. Нападите на аскерот се обновени, но комитите ги одбиваат.

Најкритичниот момент настанува кога привршуваат патроните. Тогаш четниците ги кршат своите пушки, ја уништуваат архивата и ја зачувуваат последната бомба за себе. Нерамната борба завршува со херојска саможртва, слична на борбата на Ножот. За да не паднат живи во рацете на Турците четниците самите се убиваат. Последен ја активира својата бомба војводата.

Значење[уреди | уреди извор]

Атанас Бабата дејствува како револуционер во Македонија осум години и неговиот придонес во борбата за слободата на Македонија е неоспорен. Од 1897 до 1905 година Атанас Бабата организира 15 револуционерни реони во Македонија. Неговата чета води повеќе од 30 борби со Турците. Неговиот соборец и деец на Организацијата Стефан Аврамов за него рекол:

Бабата беше една од крупните фигури на ослободителното движење. И каква вера имаа во него Гоце, а потоа и Даме! Со својата неисцрпна енергија и свеж дух тој ја будеше од вековен сон поробената раја и ѝ вдахновуваше живототворен ентузијазам за борба и вера во започнатото ослободително движење... Неговата челична структура, неговиот добар дух и неговата творечка енергија не му даваа одмор. Тој не знаеше што е замор. Неговата смелост и решителност се ретки во историјата на македоно-одринското ослободително движење.[2]

Атанас Бабата е опеан во македонската народна песна „Славни кумити, сè Македонци“.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Влатко Билески, „Војводата Кочо Куршумот“, „Македонска нација“
  2. Биографични данни от библиотека на ВМРО-София
  3. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 111-112.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Биографски податоци од библиотеката на ВМРО-Софија
  • Биографски податоци и фактологија – “Алманах на бугарските национални движења по 1878 г.”