Туше Делииванов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Туше Делииванов.jpg
Роден Петар Иванов Делииванов
13 октомври 1869
Кукуш, Егејска Македонија (денес Грција)
Починал 14 јануари 1950
Софија, Бугарија
Познат раководител и задграничен преставник на ТМОРО

Петар Делииванов - Тушемакедонски револуционер, член и раководител на Македонската револуционерна организација, задграничен преставник, учител, публицист, се залагал за одделна македонска нација [1].

Биографија[уреди | уреди извор]

Учителствувањето и првите контакти со организацијата[уреди | уреди извор]

Туше е роден е Кукуш, на 13 октомври 1869 година. Се школувал во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, а потоа учителствувал во Кукуш.

Поради недостаток на изворна документација не се знае точно кога Делииванов станал член на ТМОРО. Имено Христо Татарчев истакнува дека меѓу првите членови на организацијата бил Туше Делииванов кој бил препорачан од Иван Хаџи Николов бидејќи:

бил почитуван во целиот Кукуш и околијата поради својата добрина, чесност и такт во училишно - општинските работи [2].

Треба да се истакне дека не е јасна улогата на Туше при формирањето на Месниот комитет во Кукуш. Татарчев во своите спомени вели дека по Ресенското советување комитетот во Кукуш собрал големи финансиски средстава за организацијата и дека во таа работа учествувал и Туше.

Од друга страна Димитар Влахов во своите спомени истакнува дека Кукушкиот комитет бил формиран од страна на Туше Деливанов и Христо Влахов [3], а во спомените на Туше индирекно се дознава дека тој го познавал Дамјан Груев уште додека тој бил коректор во печатницата на Коне Самарџиев.

Врз основа на податоци дел од историчарите сметаат дека Туше учествувал во формирањето на комитетот во Кукуш и веројатно претходно се зачленил во ораганизацијата [4]. Меѓутоа, Туше во своите спомени конкретни податоци за овие настани не кажува дури и има извесни контардикторности во неговите изјави [4].

Тој кажува дека поради недоразбирања со учителската управа и поради здодевност во летото 1894 година поднел оставка на учителската фукција и без некоја посебна причина заминал во Софија каде имал случајна средба со Гоце Делчев. Тие двајца потоа од Бугарија се вратиле во Македонија и во Штип се' уште не симнати од коњите биле пречекани од Дамјан Груев. Делииванов истакнува дека тој тогаш заедно со Делчев не дал заклетва на организацијата поради некои императиви во Уставот.

Во ваквите спомени на Делииванов дел од историчарите се сомневаат и мислења, иако непотврдени, дека средбата на Делииванов и Гоце Делчев во Софија не била случајна и дека таа била организирано до страна на Иван Хаџи Николов со цел да се внесе Делчев во организацијата овојпат преку кукушката линија [4].

Претседател на комитетот во Кукуш[уреди | уреди извор]

По завршувањето на учебната 1894/95 година околу 15 јули Туше Делииванов се нашол во Кукуш и се вработил повторно како учител и станал претседател на месниот комитет [5]. Тогаш организацијата во Кукуш преставувала масовно движење и речиси сите биле дирекно или индирекно поврзани со неа со исклучок на неколку богати чорбаџии.

Во Кукуш тогаш егзистирала терористичка група како егзекутивен орган и членовите на организацијата биле поделени во десетки на чело со началник, а била спроведена и втората одлука од Ресенското советување односно парични средставе се собирале и од симпатизерите на револуционерното дело. Понекогаш доѓало и до недоразбирања така што во отсуство на Туше еден од понеискусните раководители побарал пари од Тено Тодоров кој одбил да даде и затоа комитетот го покренал прашањето за негова егзекуција, но кога Делииванов дознал за тоа заминал кај Тодоров и му кажал дека парите се за организацииата по што тој дал 40 лири.

Велигденска мисија[уреди | уреди извор]

Туше Деливанов и Гоце Делчев во 1895 година преземаат една поголема обиколка низа Македонија. Тие ги посетиле Велес, Солун, Кукуш, Дојран, Гевгелија, Струмица и Радовиш и во текот на оваа обиколка биле формирани нови комитети, а воедно биле зацврстени постојните со што дошло до заврстување и проширување на организациската мрежа во Солунскиот вилает.

Подоцнежна дејност[уреди | уреди извор]

Од средината на 1895 до средината на 1898 година Делииванов раководел со комитетот во Кукуш, но конкретни податоци за овој период во историската наука нема. Историчарите претпоставуваат дека комитетот во Кукуш на чело со искусниот Туше Делииванов продолжил да дејствува како и порано, но сега во духот на конгресните одлуки од 1896 година.

По почетокот на 1898 година положбата на Делииванов била неодржлива во Кукуш и затоа Иван Хаџи Николов побарал од Охридско-преспанскиот митрополит Методиј да му даде служба на Туше во неговата митрополија.

По враќањето од Битолскиот вилает во 1900 година Делииванов повторно бил раководител во Кукуш, а тој истата година имал средба со Христо Чернопеев кој малку подоцаа во август со својата чета имал судир со аскерот при што бил ранет и морал да замине на лекување во Солун. Чернопеев на заминување со себе го зел и Михаил Герџиков, а неговото присуство во Кукушко било искористено од Делииванов да агитира меѓу населението истакнувајќи:

(Герџиков е б.н) образован момок, татко му директор на банка, има златна табакера, и дошол да не ослободува [6]

Солунска провала[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Солунска афера.

На 23.01.1901 година се разврзала една од најголемите провали со кој се соочила организацијта. Во Солун биле уапсени неколкумина, а истрагата бргу се проширила и во Кукушко. Кон крајот на јануари во Солун бил донесен и Туше Делииванов, но тој бил пуштен бидејќи според полицијата не се барал Делииванов туку Караиванов.

Меѓутоа Туше разбрал дека него го бараат и дека станува грешка во презимето и веднаш станал нелегален и се засолнил во четата на Чернопеев. Покрај Делииванов во оваа чета се засолниле голем број на легални организациони дејци, така што бројот на душите се качил на 30 и затоа Чернопеев и Делииванов заминале во Гевгелиско каде се ослободиле од нив и четата се свела на 13 души. Христо Чернопеев и Туше Делииванов зедно со четата на 4.02.1901 година во селото Бајалци имале судир со турскиот аскер при првата престрелка загинале 7 комити, но четата успеала да се повлече кон селото Калиново. Таму од селаните разбрале дека доаѓа друга потера и дури третиот ден успеала да и избегаат на турската потера и кон крајот на март Чернопеев и Делииванов се нашле во Бугарија.

Судирот со цончевистите[уреди | уреди извор]

Во Бугарија Делииванов му се придружил на Гоце Делчев во борбата против тежнеењето на Иван Цончев за преземање на Врховниот комитет во свои раце.

Кон крајот на јули и почетокот на август 1901 година во Софија се одржал IX македонски конгрес на кој ТМОРО учествувал со своја листа во која бил и Делииванов, но победила листата на Цончев и тој успеал индиректно преку Стојан Михајловски за го преземе Врховниот комитет во свои раце.

Цончев веднаш по преземањето на комитетот во свој раце дошол во судир со Задграничното претставништво и тој организирал средба на која како преставници на ТМОРО меѓу другите присуствувале Туше и Димитар Стефанов. Тие двајца декларативно изјавиле дека ќе побараат од дотогашните претставници да не се мешаат во работите на Врховниот комитет и ќе побараат од нив да се вратат во Македонија.

Цончев вршел притисок врз Иван Гарванов за отстранување на Гоце Делчев и Ѓорче Петров од Бугарија и затоа на 23.09.1901 година Граванов издал окружно со кое Туше Делииванов и Димитар Стефанов биле поставени за Задграничното претставништво, но остапката прд Цончев била привидна бидејќи Делииванов и Стефанов биле блиски соработници на Гоце Делчев.

Задграничен претставник[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Задгранично претставништво.

Една од главните задачи на Туше Деливанов како задграничен преставник е да се спротивстави на Иван Цончев кој сакал да крене востание во Македонија кое му било потребно на бугарскиот кнез. Цончев веднаш по преземањето на комитетот започнал со праќање на чети во Македонија и посегнал по пограничните пунктови на ТМОРО во Бугарија. Затоа Делииванов и Димитар Стефанов од Врховниот комитет побарале 30-километарска зона на бугарска територија, пари за издршка на здаграничните преставници, пунктовите и за еден весник за Македонија.

Меѓу другото било побарано остранување на Тодор Саев од Дупница кој наредил јавно тепање на Ефрем Чучков. Врховниот комитет ги одолговлекол преговорите и побарал основа за таквите барања. Делииванов и Стефанов истакнале дека ТМОРО е тајна и револуционерна, а дека Комитетот е легална организација која јавно работи и затоа пунктовите треба да бидат под контрола на ТМОРО. Врховниот комитет го прифатил барањето, но по десетина дена било побарано продолжување на преговорите и од своја страна Комитетот издал окружно до македонските друштва во кое било истаканто дека односите помеѓу двете организации се во хармонија.

Бидејќи ова окружно не соодејствувало со вистината, Туше и Димитар Стефанов на Врховниот комитет му поставиле рок од 48 часа да го повлече окружното и бидејќи тоа не било сторено задграничните преставници на 14.12.1901 година ги известиле македонските друштва дека ТМОРО за секогаш ги прекинува контактите со овој состав на Врховниот комитет.

Неговиот однос кон прашањето за востание во Македонија[уреди | уреди извор]

Во ноември, по спласнувањето на врховистичкото движење во Македонија, биле назначени нови задгранични преставници и сега едно од главните прашања кое и било наметнато на ТМОРО е дали да се крене востание во Македонија. Во овие случувања активно дејствувал и Делииванов. Кон крајот на јули 1902 година во Софија било одржано советување на кое покрај Гоце Делчев, Иван Гарванов, Тома Карајовов и други, присуствувал и Делииванов. На оваа советување било разгледало барањето на битолчани за кревање на востание и барањето било одбиено. На 24.12.1902 година било одржано ново советување и било разгледано повторно прашањето за востание во Македонија и мозинството повторно предводено од Делчев било против.

Треба да се истакне дека Делииванов долго не бил во Македонија и не ги познавал доволно условите за кревање на востание и од тука најверојатно е дека тој како долгогодишен пријател и соработник на Делчев го поддржал во неговите напори за некревање на неподготвено востание.

По востанието[уреди | уреди извор]

Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ [7]

Постепено Делииванов бил потиснат од младите кадри во организацијата, а по смртта на Гоце Делчев тој останал доследен на Гоцевите идеали.

По расколот во Македонската револуционерна организација тој застанува на страната на Јане Сандански и по Младотурската револуција се вратил во родниот град и станал член на Народната федеративна партија. Оваа партија по една година го прекратила своето постоење и Делииванов во 1909 година се вратил во Бугарија.

По Првата светска војна е член на Привременото претставништво на бившата ВМРО. Во 1923 година, при обединувањето на МФРО и неутралните македонски братства влегува во Националниот комитет на организацијата како потпретседател. Повторно влегува во раководниот орган на Сојузот на македонските емигрантски организации како советник во септември 1934 година.

Во септември 1944 година го потпишува во Софија „Апелот до Македонците во Бугарија“.[8] Поканет е да учествува во управувањето на Народна Република Македонија, но одбива. Умира во Софија во 1950 година.

Публицистика[уреди | уреди извор]

По враќањето во Бугарија, Делииванов се повлекол од револуционерната дејност и го посветил животот на пишување книги. Во нив ги запишал своите сеќавања за организацијата како и за другарството со Гоце Делчев.

Мисли[уреди | уреди извор]

Засега положбата е безбедна. Меѓутоа, колку и да е мрачна таа денес, промени сепак ќе мастанат... Еве што треба без да очајуваме да го очекуваме развитокот на работите, поставувајќи си во должност да ги насочиме усилбите и дејноста кон помагање и зачувување на македонската свест кај сите Македонци каде и да се наоѓаат тие, а да ги одбегнуваме сите потфати што ја отежнуваат нашата положба... [9]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ и како треба да се реши македонското прашање
  2. Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  3. Спомени на Димитар Влахов, ракопис во семинарот на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје
  4. 4,0 4,1 4,2 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски Факултет
  5. Т. Влахов, Кукуш и неговото историческо минало
  6. Т. Влахов, Кукуш и неговот историческо минало..., 166.
  7. Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ и како треба да се реши македонското прашање.
  8. Апел до Македонците во Бугарија - 1944
  9. Иван Катарџиев, Македонската национално политичка мисла меѓу двете војни, Култура, 1991

Литерaтура[уреди | уреди извор]