Прејди на содржината

Бајалци

Координати: 41°04′N 22°36′E / 41.067° СГШ; 22.600° ИГД / 41.067; 22.600
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бајалци
Бајалци is located in Грција
Бајалци
Бајалци
Координати: 41°04′N 22°36′E / 41.067° СГШ; 22.600° ИГД / 41.067; 22.600
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругКукуш
ОпштинаПајонија
Општ. единицаРугуновец
Население (2001)[1]
 • Вкупно404
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Бајалци (грчки: Πλατανιά, Платанија, до 1927 г. Μπαγιάλτσα, Бајалца) — село во областа Бојмија, Гевгелиско, а денес во општината Пајонија на Кукушкиот округ во Егејска Македонија, Грција.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото Бајалци е сместено во рамничарскиот предел на јужниот раб на Гевгелиско-валандовската котлина односно во историско-географската и етнографска област Бојмија, во долното течение од левата страна на реката Вардар. Од градот Кукуш е оддалечено на растојание од 30 километри во северозападен правец, а од главната магистрала на автопатот Скопје - Солун (Е-75) е оддалечено само 2 километри[2]. Селото Бајалци е расположено на надморска височина од 120 метри[2].

Историја

[уреди | уреди извор]

Во минатото, селото Бајалци било населено исклучително со македонско население, при што во статистиките на К’нчов од 1910 се споменува со 325, Бранков го запишал со 400 македонски жители, додека Милоевиќ го води со 45 македонски куќи[2]. Уште во 1894-1895 година во селото Бајалци бил основан комитет на ВМОРО. Првата поголема борба на Организацијата била на 4 февруари 1901 година, токму во селото Бајалци кога четата на Христо Чернопеев во која бил и познатиот јунак Леонид Јанков, била опколена со околу 500 турски аскери. Османлиите биле изненадени од отпорот на востаниците, додека народот се гордеел со храброста што ја покажале неговите синови. Следниот ден, во селото биле уапсени и заточени, а потоа измачувани 8 членови на ВМОРО со што ова било силен удар врз револуционерната организација. Овој случај познат и како Бајалска провала или афера, заедно со Солунската се првите разоткривања на постоењето на револуционерната органзиација од османлиските власти. Селото Бајалци наполно настрадало во Втората балканска војна во летото 1913 година, кога било целосно изгорено од грчките војски, а неговите жители се спасиле со бегство[2]. Од нив, поголем број се преселиле во Бугарија, а извесен број семејства се сместиле во Гевгелија. Во 1923 - 1924 година, тука биле сместени поголем број на бегалски семејства од Понд и Кавказ[2]. По грчката граѓанската војна во селото биле сместени и извесен број на влашки семејства од Голема Ливада[2].

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Земјиштето кое се наоѓа во алувијалната рамнина на Вардар е многу плодно[3]. Главни производи на населението се жито, памук и тутун[3].

Население

[уреди | уреди извор]

Во пописот од 1913 година селото е евидентирано само со 34 жители, додека во 1920 година Бајалци имало 67 жители, кои всушност биле преселеници. Со населувањето на бегалски семејства во Кавказ и Понд, бројот на жителите во 1928 нараснува на 282, во 1940 се искачува на 521, во 1951 на 529, во 1961 на 593, за да опадне во 1971 на 475, во 1981 на 444, а во 1991 на 416 жители иако по граѓанската војна тука биле сместени и извесен број на влашки семејства.

години население
1928 282
1940 521
1951 529
1961 593
1971 475
1981 444
1991 416
2001 404

Личности

[уреди | уреди извор]

Личности починати во Бајалци:

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

По уништувањето на селото во Балканските војни од страна на грчката војска, најголемиот број од македонското население се иселило во Бугарија, а извесен број семејства се сместиле во Гевгелија.

Знаменитости

[уреди | уреди извор]
  1. Фактичка состојба на населението и домовите во Грција според пописот од 18 март 2001 г. (PDF 39 Мб). Државен завод за статистика на Грција. 2003.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Симовски Христов, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија. 2. Скопје: Здружение на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија. стр. 74. ISBN 9989-9819-4-9.
  3. 3,0 3,1 Симовски, Тодор (1998). „Кукушки округ (XI/2)“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 74.