Солунска афера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Белата кула во Солун

Солунска афера — една од најголемите провали со која се соочила Македонската револуционерна организација. Аферата започнала во Солун, постепено се проширила во Солунскиот вилает и најголемиот дел од легалните дејци на Организацијата од загрозените реони биле принудени да заминаат и да се засолнат во Бугарија. Дополнително оваа афера добива на тежина со апсењето на речиси целиот Централен комитет, a тоа овозможило на чело на Организацијата да застане Бугаринот Иван Гарванов [1].

Причини[уреди | уреди извор]

Организациска раздвиженост[уреди | уреди извор]

Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Големата активност на Организацијата, серијата на провали, насилното собирање на пари и бројните погубувања го привлекле вниманието на турските власти и тие разбрале дека македонското население се воружува. Отука Отоманското Царство ќе преземе дејства кои постепено ќе доведаат до разоткривање на тајниот механизам на Организацијата и нејзината мрежа.

Поради организациската раздвиженост, во летото 1900 година Османлиското воено минсистерство издало наредба до управата на III армиски корпус да се проследува движењето на населението и било истакано дека се пренесуваат пушки и друг воен материјал од Бугарија во Македонија. Ова укажување било проследено до сите воени домови на III армиски корпус како и до сите административни и царински власти во Солунскиот и Скопскиот вилает.

Солунските власти почнале да прваат разни пречки за издавање на пасoши за патување во Бугарија, по што Бугарското трговско агентство неколкупати се жалеле за таквите постапки [1].

Извештај на Атанас Шопов[уреди | уреди извор]

На 23 јануари 1901 година бугарскиот трговски агент Атанас Шопов го известил Бугарското министерство за надворешни работи и веросиповет дека:

... Тие денови во Солун стасала заповед од Цариград, која налагала да се обрне сериозно внимание на сите мутесарифи и кајмаками во вилаетот, бидејќи според сведенијата престојната пролет од Бугарија за Македонија се подготвувале да заминат неколку илјаи комити. Поради тоа, од Цариград во Солунскиот вилает биле испратени 150 заптии за борба против четите [1]

Воените власти и дипломатските претставници во Солун истаканле дека заптиите можат дополнително да ја усложнат и онака крефката состојба, затоа според нив требало да дојде до промена на локалната власт и жандармерија. Генералот Сејфула - паша истакнал дека бројот на заптиите е доволен но дека има недостаток на офицерски кадар и тој за сета состојба го обвинил солунскиот валија Тефик - паша сметајќи дека е неспособен.

23 јануари[уреди | уреди извор]

Токму на 23 јануари 1901 година (стар стил) започнала Солунската афера. Таа ноќ турските власти ги уапсила Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев - Карловалијата поради нарушување на јавниот ред околу Вардарската капија [2].

Треба да се истакне дека Милан Михајлов родум од Прилеп бил човек на Врховниот комитет на Борис Сарафов и по негова препорака дошол во Централниот комитет во Солун [3]. Александар Ников од Битола бил секретар на Централниот комитет додека пак Кочо Георгиев бил комита во четата на Христо Чернопеев и заедно со Милан Михајлов по почетокот на јануари дошле во Солун на лекување [4].

Апсење[уреди | уреди извор]

Иако тие тројца биле предупредени да внимаваат заседнале во една грчка гостилница и притоа започнале да дискутираат на висок тон, а некој од нив извадил на масата доверливи документи на Организацијата.

Христо Татарчев

Биле забележани од гостилничарот кој ги пријавил кај властите, а тие по излегувањето од гостилницата од страна на турската жандармерија биле уапсени во една од улиците по што биле однесени во вилаетското полициско одделение. Таму кај нив покрај оружје биле пронајдени и доверливи документи на Организацијата. имено кај Александар Ников била пронајдена покана за последното заседавање на Централнот комитет, кај Милан Михајлов биле пронајдени револвер и кама, а кај Кочо Карловалијата била пронајдена кама на која бил изгравиран лозунгот Слобода или смрт [2].

Додека се наоѓале во притвор Александар Ников го искористил невниманието на стражарот и избегал но за таа случка разбрал целиот Солун. Александар Ников живеел заедно со Милан Ризов и четникот Кочо Христов Чонка и по бегството веднаш таму се засолнил но живеалиштето било посочено од Милан Михајлов и полицијата извршила упад при што четникот Кочо Чонка бил уапсен, а Ников и Милан Ризов успеале да побегнат низ прозорот [1].

Полициски претреси[уреди | уреди извор]

По бегството на Александар Ников и Милан Ризов полицијата започнала со претрес по куќите каде тие би можеле да се кријат. Прво било проверно живеалиштето на Коце Лазров кој бил пријател на М. Ризов.

Христо Матов
Пере Тошев

Кај него биле пронајдени 50 куршуми за револвер и доверлива организациска документација, а меѓу другото бил пронјаден и еден хектографиран извештај до Централнот комитет за прокопување на канал под Отоманската банка во Цариград.

Коце Лазаров веднаш бил уапсен, а пронајдената документација му била доверена од страна на Пере Тошев. Истовремено полицијата упаднала во живеалиштата на Христо Татарчев, Никола Попев, Коне Попев, Димитар Паљошев и Христо Пиперков. Последните двајца биле уапсени, а Пиперков подоцна бил ослободен. По нив бил уапсен и книжарот од Воден, Димитар Хлебаров. На 25 јануари, Христо Матов и Пере Тошев [1] биле уапсени, а полицијата извршила претрес во живеалиштето на поп Стамат при црквата св. Димитрија и тамошното пансионско училиште.

Полицијата исто така извршила претрес и во црквата св. Кирил и Методиј како и во околните куќи но при овие претреси ништо не било откриено.

Малку подоцна бил уапсен и Христо Татарчев. Треба да се истакне дека тој можел да избега и да се засолни, што му било укажувано од драгоманот на рускиот конзул Тодор Хаџимишев но Татарчев:

... не сакал да дезертира од својот пост [3]

Додека траеле претресите истовремено продолжила и потерата по Александар Ников и Милан Ризов. Тие се засолниле на еврејските гробишта, а ним им се придружил и Тодор Иванов - Серменинчето.

По дискусијата решиле да го напуштат Солун и да се засолнаат во некоја од четите и затоа Анго Арабаџијата и мајсторот Андон Ангелов подготвиле специјална кола и заедно со бегалците на 28 јануари го напуштиле градот.

Но на четврт час од Солун кај месноста Тумба биле престигнати од турака потера и тогаш Александар Ников се самоубил, а останатите биле уапсени [3].

Првичниот успех на турските власти во разоткривањето на Организацијата се должеле на кажувањата на Милан Михајлов. Тој по апсењето ведаш почнал се да кажува.

Зборувал за своите патувања во Струмица, Моноспитово, Кукуш и Дојран каде го растурал нелегалниот весник Реформи. Кажал дека по наредба на Пере Тошев заминал за Гевгелиско кај Андон Ќосето. М. Михајлов бил преоблечен во полициска униформа и таков бил шетан низ градот за да ги посочи места каде неговите соборци и другари ги посетувале, атој ја посочил и куќата на мајсторот Андон каде се криеле Милан Ризов и четникот Кочо Чонка.

Проширување на истрагата[уреди | уреди извор]

Кон крајот на јануари 1901 година аферата добила големи размери. Престресите се проширувале, а бројот на уапсените се зголемувал. Од Кукуш во Солун биле донесени Туше Делииванов и трговецот Дупков.

Делииванов бил ослободен бидејќи според полицијата се бараал Караиванов, а не Делииванов но Туше разбрал дека него го бараат и дека станува грешка во презимето и затоа се засолнил во четата на Христо Чернопеев. Кон крајот на јануари бил направен уште еден претрес кај поп Стамат но повторно ништо не било најдено.

На 1фебруари 1901 година биле уапсени браќата Мончеви, Васил и Михаил содржатели на Бошњак - ан, потоа бил уапсен учителот од Мурарци со двајца селани, а бил уапсен и епитромот на Вардарската црква, Атанас Ангелов кој бил воедно и претседател на солунскиот револуционерен комитет.

На 3 февруари во солунскиот затвор имало 34 души затворени во врска со аферата.

Нов тек на Аферата[уреди | уреди извор]

Судирот кај Бајалци[уреди | уреди извор]

Христо Чернопеев
Туше Делииванов

Додека турските власти ја разоткривале организациската мрежа во Солунско и Кукушко на 4 Февруари 1901 година во селото Бајалци четата на Христо Чернопеев имала судир со турскиот аскер и тоа дало нова дименизија на аферата.

Легалните дејци на Организацијата од Солунско и Кукушко за да не бидат уапсени од страна на турските власти се засолниле во четата на Чернопеев и така таа нараснала на 30 души.

Затоа, Чернопеев и Туше Делииванов со четата замонале во Гевгелиско и таму се ослободиле од дејците, а на 2.02.1901 година се нашле во селото Мачуково каде требале да го разгледаат поведението на Гоно Рибаров.

Отаму четата се упатила кон Бајалци, а Рибаров ја предал четата на турските власти. Организацискиот раководител во Мачуково, Леонид Јанков го известил Чернопеев да го напушти Бајалци но тој одбил и по цена :

султанот да дојде да го моли [5]

Од друга страна пак Чернопеев им се обратил на селаните од Бајалци кажувајќи им дека тие треба да собираат пари за купување на пушки.

На 4 Февруари четата била опколена и таа се обидела да се пробие но при првиот јуриш загинале 7 комити, двајца биле ранети, а останатите се окопале во снегот и започнале престрелка со турскиот аскер која траела 14 часа.

Четата сепак успеала да се пробие и се упатила кон селото Калиново, а дури третиот ден успеале да и избегаат на турската потера.

По овој судир Чернопеев и Туше Делииванов кон крајот на март се нашле во Бугарија. Овој судир ги потврдил изјавите на Милан Михајлов, имено меѓу загинатите комити биле откриени посочените лица, а турската власт увидела дека убиените се од Кукуш и околината и дека Отоманското Царство има работа со масовно вооружено организирано движење и затоа прогонните на власта се прошириле во Солунскиот вилает [6]

Нов бран на апсења[уреди | уреди извор]

По судирот кај Бајалци биле уапсени 15 селани од оваа село и одведени во Солун, турските потери и претреси во Гевгелиско и Солунско добиле нов силен интензитет. Во селото Мачуково уапсен учителот, а по околните села се раздвижиле турските потери од кои населението настрадало.

Во селото Аканаџали - Дојранско, под обвинение на арамијата Мехмед дека има комити, дошол турскиот аскер и од клисарот било побарано да ги посочи комитите.

Тој го посочил поп Иван но тој не кажал ништо. Затоа арамијата Мехмед го повикал клисарот и му кажал дека ќе го повика кајмакамот и дека тој како комити ќе треба да ги посочи селските чорбаџии, а ако не го стори тоа ќе го убијат него, неговите два сина и ќе му ја запалан куќата.

Клисарот ги посочил чорбаџиите по што тие биле уапсени, а младиот поп Иван бил соблечен гол и бил рашетуван низ селото. Властите набргу го прекопале црковниот двор барајќи оружје, а пота бил и уапсен минатогодишниот селски учител Иванов. Од оваа село десетина души биле одвлечкани во Дојран, а останатите биле ослободени откако платиле рушвет.

Турските власти слично постапиле и во селата Дурбали, Сурлево, Валандово, Фурка и други [1]. Селото Крецово - Кукушко било опколено од 30 души аскер по што сите мажи од 20 до 40 години биле одделени, а по мачењата некој од нив ги предал 8 пушки од системот Гра.

Бимбашјата потоа им наредил на селаните да ги прокопаат селските гробишта за да биде најдено друго оружје но ништо не било откриено. Во ова село од тепање полуделе Коле Кљанков и Христо Попов, а Петра Кљанкова полудела од заплашување. Во Тиквешко настрадаа девет села.

За преживеаните ужаси зборува фактот, што од стотици измачувани еден од с. Ресово и двајца од Мрзен-Ореховец умираат во страшни маки, а еден од с. Борово, за да го избегне затворот и мачењето, се самоубива. Во Тиквешко, учителот Александар Станоев една богато надарена, кристално чиста поетска душа, преживува една потресна трагедија.

За да го избегне затворањето, Станоев пука во себе, но куршумот минува над клепката. Паднат во бесвест, несреќникот беше пренесен во Неготино, лекуван, испратен во Солун, осуден и заточен во Подрум кале. Не остана незасегнат од одразите на солунската афера и скопскиот округ – главно Радовишката каза.

Истрагата во Солун[уреди | уреди извор]

Поп Стамат
Иван Хаџи Николов

Паралелно со турските потери во Солун продолжила истрагата. По двата неуспешни претреса кај поп Стамат тој на 12.02.1091 година бил уапсен, а властите успеале да прочитаат и неколку организациски шифрирани писма.

Потоа биле претресени хотелот Манстир Хан и куќата на Иван Жабата по што двајцата сопственици биле уапсени. Истовремено во солунскиот затвор бил доведен егзархискиот учител од Гевгелија Иван Манолев, а бил уапсен и кукушкиот трговец Текенџиев.

Турските власти извршиле претрес и во хируршката клиника на Христовиќ, а биле проверени и болните. На 16.02. 1901 година во Солун биле доведени 30 христијани и 10 Турци од Гевгелиско, а 19 души од нив биле третирани како јатаци на комитите.

Апсењето на Иван Хаџи Николов[уреди | уреди извор]

По бранот на апсења последен на слобода од Централниот комитет останал Иван Хаџи Николов. Тој очекувајќи го своето апсење и опседнат со мислата дека се пропаѓа ги повикал Иван Гарванов и Спас Мартин и им го соопштил начинот на комуникација со внатрешноста и Врховниот комитет.

На втората средба тие решиле да издадаат 5 бланко потврди за офицерите во случај на евентуално кревање на востание, а овие потврди во Софија ги однел Софрониј Стојанов.

Во овој момент на очај, Иван Х. Николов Централниот комитет го предала на идејните противници на Организацијата, односно на членовите на поранешното Револуционерно братство.

Подоцна Хаџи Николов пред Татарчев се правдал дека на Иван Гарванов, Спас Мартин и Димитар Мирчев им ги предал само печатот на ЦК, шифрите и списоците и дека Спас Мартин го задолжил да им пише на задграничните претставници во смисла:

Држете ја вие од таму здраво ситуацијата [3]

Меѓутоа некои историчари сметаат дека Хаџи Николов ја разбрал својата грешка и дека најверојатно поради грижа на совест посегнал по својот живот односно си ја пресекол радијалната артерија и поради тоа подолго време се нашол во болница [1]

Једи Куле[уреди | уреди извор]

Најголемиот дел од уапсените биле сместени во истражниот затвор во Солун. Таму се нашле и Христо Татарчев, Христо Матов и Пере Тошев.

Једи Куле

Тие биле држени во оделни простории со цел преку закани и притисоци да им бидаат извлечени потврди за изјавите на Милан Михајлов.

По неколку дена тие биле префрлени во централниот вилаетски затвор Једи Куле и им се придружиле на поп Стамат, Димитар Паљошев и другите.

Иван Хаџи Николов не бил со нива затоа што се наоѓаал во болница.

Затворот Једи Куле бил сместен во средновековна тврдина и од сите страни бил обиколен од високи бедеми.

Во овој затвор егзистирале 14 ќауша а во секој собирало по 44 затвореника, но имало по 80 души.

На чело на секој ќауш стоел ќаушбашија кој бил најчесто Турчин и тој бил господар на се. Само тој имал право да продава кафе, чај или локум.

Од друга страна пак ќаушбашијата ги терал затворениците да играат комар за да може да им ги земе картите.

За сосотојбите во затворот Једи Куле во весникот Право се истакнува:

Секој Турчин има право да те тепа кога сака. Ако се поплачеш, уште полошо. За такво спротивставување те фрлаат во подрум... 3 дена лежење таму чини 3 години живот... [7]

Жалбата[уреди | уреди извор]

Еден дел од затворениците испратиле жалба до дипломатските претставници во Солун поради лошата состојба во затворот како и поради големите насилија на турските власти при истрагата во врска со аферата.

Тие во оваа жалба истакнале дека 237 души биле претепани, 11 биле мачени, 2 биле убиени на место, 23 умреле од мачење, во едно село 5 жени и сите други биле силувани, 3 полуделе, а 6 села биле уценети со пари.

Оваа жалба била потпишана пд 103 лица [1].

Во друга жалба биле посочени лошите услови во затворот, лошиот однос кон болните и голем број на други работи, а оваа жалба била потпишана од Татарчев, Димитар Паљошев, Христо Динков и други.

Судење[уреди | уреди извор]

Обвинителен акт[уреди | уреди извор]

На 20 февруари 1901 година било покренато обвинението против 19 - мината прво обвинети. Со него биле обвинети: Милан Михајлов, Кочо Георгиев, Коце Лазаров, Тодор Иванов Карапетков, Васил Мончев, Христо Татарчев, Христо Матов, Пере Тошев, Поп Стамат и други. Тие биле обвинетеи за државен престап во целина против Отоманското Царство сакајќи:

Да основаат самостојна македонска држава од Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот вилает [8]

или во најмала рака овие три вилаети да бидаат присоединети кон Бугарија [8]. Според еден документот од англиско потекло, тие било обвинети за организирање на револуционерна сила против османската власт со цел:

воспоставување во Македонија автономна власт... воспоставување на нова форма на власт (влада) во Македонија [1]

Ова дело било казниво според членовите 56 и 58 од Османлискиот кривичен закон и според нив следувало смрта казна.

Пресуда[уреди | уреди извор]

Како резултат на Солунската аферата, било одржано судење од 26 февруари до 14 март 1901 год. на кое биле изведени 19 души, членови на Организацијата. Од нив тројца беа осудени на смрт, седум, меѓу кои и Христо Матов и Пере Тошев, на вечен затвор, тројца, меѓу кои и Христо Татарчев и поп Стамат, на петгодишен затвор со синџири, еден на затвор во траење од две години и петмина обвинети биле ослободени. Сите осудени биле испратени на издржување на казната во Мала Азија, во тврдината Подрум-кале (некогашниот Халикарнас). Сите биле амнестирани во втората половина на 1902 година.

Заточение[уреди | уреди извор]

Така, во настанатата афера по повод солунските малтретирања, во бајалската борба беа затворени 44 души револуционери, заробени на разни дати во месеците февруари и март 1901 година.

До јули судбината на секој од затворените беше определена: на 6 јули 1904 год. една група од 101 човек, меѓу кои имаше 8 души гевгеличани, била испратена на заточение во Мала Азија, тврдината Подрум кале; на 8 јули т.г. друга група од 40 луѓе, меѓу кои 17 гевгеличани била испратена пак во Мала АзијаАкија.

Или, само гевгеличани дадоа 25 луѓе заточеници во врска со бајалската борба и солунската афера. Рекапитулацијата на сите тие афери – последица на солунската – е страшна и по број и по својството на настраданите. Од затворените 188 беа осудени 101 (9 души на смрт). Една група од 40 души беше испратена на 6 јули во малоазијатската тврдина Подрум кале.

Последици[уреди | уреди извор]

Во текот на аферата во Апелациониот и Окружниот суд биле разгледани делата на 202 лица, меѓутоа во оваа бројка не влегле 88 души уапсени од Радовиш и неговата околина кој најверојатно биле однесени во Скопје и нивните дела биле разгледани од тамошниот Апелационен суд [1].

Според еден документ од англиско потекло во текот на аферата биле уапсени 204 лица. Од нив 66 души биле ослободени, 20 души биле осудени во отсуство, а 117 биле затворени во солунскиот затвор.

Според мемоарот на Организацијата во текот на аферата биле мачени 217 души , 188 биле уапсени од кои 101 лице биле осудени. Оваа афера оставила силни последици како за Организацијата така и врз целото македонско националноослободително дело.

Во текот на аферата речиси целиот Централен комитет бил затворен, а аферата на површина го исфрлила бугаринот Иван Гарванов некој од историчарите истакнуваат дека:

јасен бил курсот откако Гарванов го зел кормилото на Организацијата[1]

Единствена придобивка од оваа Афера за Македонска револуционерна организација е што сите разбрале дека таа се бори за: независна македонска држава [1].

Историски погледи за аферата[уреди | уреди извор]

Во историската наука сѐ уште не е доволно јасно од каде произлегло предаството поради кое се разврзала аферата.

Иван Гарванов истакнал дека како предавници се покажале Милан Михајлов, Милан Ризов и Коце Лазаров.

Ова тврдење историчарите го прифаќаат, меѓутоа тие истакнуваат дека покрај нив во текот на судскиот процес се покажало дека имало и други кои предале тајни на организацијата.

Историчарите исто така ја доведуваат во прашање и улогата на Врховниот комитет, односно се поставува прашањето дали Врховниот комитет учествувал во избивањето на аферата?

За можната улога на Комитетот се посочува изјавата на Софрониј Стојанов кој истакнал по враќањето во Софија дека си го уредил прашањето, притоа историчарите ја поставуваат дилемата дали оваа изјава се однесува на 5 бланко потврди или пак на предавството.

Исто така се истакнува дека Софрониј не бил единствениот човек на Врховниот комитет во Солун и дека најголемиот предавник Милан Михајлов всушност бил нивни човек.

Во однос на избивањето на аферата се доведува во прашање и улогата на членовите на поранешното Бугарско тајно револуционерно братство кои тогаш веќе биле дел од Организацијата, имено Јосиф Кондов бил член на Централниот комитет, а Иван Гарванов бил член на Солунскиот окружен комитет.

Ни еден челен на поранешното Братство не бил уапсен иако биле на раководни и важни места во Организацијата.

Ангел Динев истакнува дека аферата не дошла дирекно од Милан Михајлов туку од Кочо Карловалијата кој бил предаден од Мито Петров од Мурарци кој го предал Карловалијата, а овој пак Милан Михајлов и дека така се разврзала аферата.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  2. 2,0 2,1 Pierre d’ Espagnat - Avant le massacre (Roman de la Macedoine actuelle) - Македония - политическо и научно литературно списание г. I кн. VII, София, 1922
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  4. Спомени на Христо Чернопеев
  5. А. Динев, Илинденска епопеја..., т.1, 138
  6. Динев, Ангел. Од минатото на Гевгелија - ("Македонија"), бр. 1772, 10.IX.1932 г.
  7. Солунъ, Право, II/3 (11), София, 12.11.1901.
  8. 8,0 8,1 Георгиев Величко и Стайко Трифонов, Македония и Тракия в борба за свобода (XIX и началото XX век) Нови Документи, София, 1995