Павел Шатев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Pavel Shatev.jpg
Роден 15 јуни 1882
Кратово, Отоманска империја
Починал 30 јануари 1951
Битола, ФНРЈ

Павел Шатев (Кратово, 15 јуни 1882 - Битола, 30 јануари 1951) — истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атенатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија - прв министер за правосудство. Бил и слободен ѕидар.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Образование[уреди | уреди извор]

Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.

Гемиџија[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Гемиџии.
Павел Шатев
Шатев со Гемиџиите, споменик на плоштадот Македонија во Скопје

Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.

Прогонство[уреди | уреди извор]

Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара.

Амнестија и дообразување[уреди | уреди извор]

Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.

Меѓу македонската емиграција во Бугарија[уреди | уреди извор]

Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ [2]

Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.

Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател.

Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува професионален разузнавач за СССР.

Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во 1931 година се враќа во Бугарија.

Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.

Учесник во создавањето на современата македонска држава[уреди | уреди извор]

По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија.[3] На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.

Судир со новите македонски комунистички власти[уреди | уреди извор]

Шатев влегува во судир со комунистичкото раководство на Македонија. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанува на страната на советската партија. На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји...“[4]

На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набрзо се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува во јануари 1951 година.

Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.

Петар Карчев, пријател на Шатев и деец на ВМРО (обединета), пишува за него:

Павел Шатев, бидејќи високо чесен човек стана жртва на својата наивност, како во првите моменти од формирањето на сегашната "федеративна" Република Македонија поверува дека во идејата за "македонска нација" не се содржи никаква коварство. Но развојот на работите отвори очите на Павел Шатев - тој со времето сфати дека Македонија повторно е жртва на банда политички аферисти и дека нејзиното "ослободување" е фикција. Колишевски и Влахов беа го продале злочестното македонско население, во своето мнозинството чисто бугарско, на српскиот шовинизам. Павел Шатев нададе загрижувачки вик, но беше фрлен во битолскиот затвор. Тортуриран морално и физички, овој искрен син на Македонија и доблестен борач падна тешко болен и неколку дена откако го пуштија од затвор почина.[5]


Мисли[уреди | уреди извор]

Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон, фантазија за секој Македонец. И сега, смело можеме да изјавиме, сметајќи дека го изразуваме мислењето скоро на сите Македонци, дека нема поголемо морално задоволство за Македонците од тоа, македонскиот народ да биде во неразделни културни, политички и еконеомски врски со народите на балканските држави, но истовремено е јасно и за последниот Македонец, за да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во оделна политичка единица, во оделна држава... Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот... [6]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Масоните в България: Членовете на Българските масонски ложи, родени в Македония (до 1944 г.), Брошура на Главно управление на архивите към Министерски съвет на Р. България, С., 2003 г.
  2. Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ и како треба да се реши македонското прашање.
  3. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 49-50 стр.
  4. „Панко Брашнаров и Павел Шатев за обстановката във Вардарска Македония през 1944-1948 г. — изложение до ВКП(б)“
  5. Карчев, Петар. Низ прозорецот на едно полустолетие (1900-1950), Исток-Запад, Софија, 2004, стр 729 - 730. ISBN 954321056X
  6. Иван Катарџиев, Македонската национално политичка мисла меѓу двете војни, Култура, 1991.

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Slogan na Gemidziite.svg
Гемиџии
Guadalkivir solun.jpg
Јордан Поп Јорданов - Орцето | Константин Кирков | Павел Шатев | Марко Бошнаков | Цветко Трајков | Георги Богданов | Милан Арсов | Димитар Мечев | Владимир Пингов | Илија Трчков | Димитар Коштанов