Владимир Поп Томов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Роден 8 февруари 1890
Белица, Пиринска Македонија
Починал 1 мај 1952
Софија, Бугарија

Владимир Поп Томов (8 февруари 1890 - 1 мај 1952) бил македонски револуционер и бугарски политичар од македонско потекло, учесник во македонското револуционерно движење, деец на ВМРО (Обединета) и Бугарската комунистичка партија, а по Втората светска војна бил министер за надворешни работи и потпретседател на Министерскиот совет во Народна Република Бугарија.

Биографија[уреди | уреди извор]

Владимир Поп Tомов е роден на 8 февруари (27 јануари стар стил) 1890 година во Белица, во тоа време дел од Отоманската империја. Завршува педагошко училиште во Сер во 1911 година, по што извесно време е учител во Банско. Во 1912 година станува член на Бугарската работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти), подоцна преименувана на БКП. Во 1914 завршува Школата за резервни офицери во Софија и за време на Првата светска војна служи како потпоручник во бугарската армија.[1]

По војната Поптомов учествува во раководството на БКП во Петрич и Горна Џумаја, а во 1920 година е избран за пратеник. По неуспехот на Септемвриското востание во 1923 година се повлекол во реонот на Разлог, а потоа емигрира во Југославија, во 1924 година е осуден во отсуство на смрт. Според друг извор, бил заробен за време на востанието од чета на ВМРО, но подоцна е ослободен. [2]

Во 1925 година станува еден од основачите на ВМРО (обединета) и нејзин политички секретар, а до 1933 година е и главен уредник на весникот „Македонско дело“.

Во 1934 година заминува за Москва, каде што станува член на Советската комунистичка партија и работи во Комунистичката интернационала. Во 1936 година на судскиот процес против ВМРО (обединета) во Бугарија, во отсуство е осуден на 12,5 година затвор.[3]

На Второто заседание на АВНОЈ во ноември 1943 година Поп Томов, заедно со Димитар Влахов, е предложен за член на Президиумот на АВНОЈ, но тој, за разлика од Влахов, ја одбива оваа понуда.

Во 1944 година се враќа во Бугарија и станува член на Политбирото на Централниот комитет на БКП. Од 1945 до 1949 година е главен уредник на весникот „Работничко дело“, официјален орган на БКП.

Во 1948 година добива професорска титула. Во 1948-1949 е главен секретар на Националниот совет на Татковинскиот фронт. Од август 1949 до мај 1950 година е министер за надворешни работи, а од јануари 1950 година до својата смрт е потпретседател на Министерскиот совет.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ташев, Ташо. Министрите на България 1879-1999. София, АИ „Проф. Марин Дринов“ / Изд. на МО, 1999
  2. Македония - история и политическа съдба, Том II, ИК Знание, София, 1998, стр. 122.
  3. Добринов, Дечо. ВМРО (обединена), Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 236

Надворешни врски[уреди | уреди извор]