Иван Цончев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ivan Tsonchev 1903.jpg
Роден 10 септември 1858
Дрјаново, Османска империја
Починал 16 декември 1910
Софија, Бугарија

Иван Стефанов Цончев бил бугарски офицер, генерал-мајор. Неофицијален водач на Врховниот македонско-одрински комитет, главен организатор на Горноџумајското востание и учесник во Илинденското востание.

Биографија[уреди | уреди извор]

Потекло[уреди | уреди извор]

Иван Цончев е роден на 10 септември 1858 година во бугарскиот град Дрјаново

Во бугарската армија[уреди | уреди извор]

Во текот на Руско-турската војна Цончев бил доброволец во Бугарското ополчение и се борел во рамките на XII- а ополченска дружина [1].

По ослободувањето на Бугарија во 1879 год. го завршил военото училиште во Софија по што служел во Лом и Орханија. Во 1883 год. заминал за Русија на стажирање. По враќањето во Бугарија ја продолжил воената кариера и во август 1885 год. бил унапреден во капетан. Потоа бил назначен за командир на II- та дружина од VII -от пешадиски преславски полк.

Во текот на Српско-бугарската војна Цончев со својата дружина учествува во борбите кај Сливница, а на 7 ноември бил тешко ранет. Таквиот ангажман и пожртвуваност му го донел орденот „За храброст“.

По војната капетан Цончев служел низ различни гарнизони низ Бугарија и постепено стасал со командир на полк : VII- и пешадиски преславски полк 1889 година и VI- и пешадиски трновски полк во 1890. Подоцна на II- а бригада од VI- а пешадиска бдинска дивизија во 1899.

Цончев учествувал во ликвидирањето на разбојничките банди во Североисточна Бугарија во 1880 г. и во задушувањето на русофилскиот бунт во војската во 1887 г.

Во почетокот на 1901 г. полковникот Иван Цончев бил унапреден во генерал-мајор.

Македонското револуционерно движење и Цончев[уреди | уреди извор]

Тајни офицерски братства[уреди | уреди извор]

Цончев како офицер во бугарската армија

Кон крајот на 1896 година во Софија како задграничен преставинк на Македонската револуционерна организација пристигнал Гоце Делчев.

По своето пристигање во Бугарија тој стапил во контакт со офицерите од 1895 година, односно со дел од учесниците во Мелничкото востание.

По доаѓањето на Ѓорче Петров за задграничен преставинк соработката со офицерите била продлабочена. Во тој период Македонската револуционерна организација поради лошите односи со ВМОК барала нови извори за помош на револуционерната борба во Македонија.

Отука кај Ѓорче Петров, Гоце Делчев и офицерите Антон Бозуков и Стојчо Гаруфалов се појавила идејата за формирање на Тајните офицерски братства [2], a се поставило прашањето и кој би можел да застане на нивно чело.

Гаруфалов за раководител на Офицерските братства го предлжил Иван Цончев бидејќи тој имал углед меѓу офицерите, меѓутоа Бозуков истакнал дека тој имал врски со кнезот Фердинанд I и неговиот двор. Задграничните преставници поради тоа долго се колебале но на крајот се одлучиле за Цончев сметајќи дека обвинението на Бозуков е од лични амбиции [3].

Во летото 1897 година, од името на Офицерските братства, Цончев го посетил Солун. Таму во книжарницата на Иван Хаџи Николов имал средба со Даме Груев и Христо Татарчев. Од нив Цончев разбрал за состојбите во Македонија и искажал подготвеност Офицерските братства морално и материјално да ја помогнат Македонската револуционерна организација.

Во Солун, Цончев направил безуспешен обид за помирување помеѓу Македонската револуционерна организација и Бугарското тајно револуционерно братство. По разговорите Цончев се вратил во Бугарија восхитен од луѓето и положбата. Во врска со оваа посета, Цончев во својот дневник запишал:

при средбата со членовите на ЦК... Даме Груев, Хр. Татарчев, Ив. Х. Николов и други, најдобар впечаток ми направи Д. Груев со својот ум, позитивност и смелост [2]

По враќањето на Цончев во Софија соработката меѓу Офицерските братства и Организацијата била продлабочена. Братствата во почетокот укажале значајна материјална помош за Македонската револуционерна организација. Преку Офицерските братства биле врбувани и испраќани првите кадри за Четничкиот институт. Затоа, Ѓорче Петров забележал дека Цончев во прво време многу им помагал [3].

Оваа соработка меѓу Офицерските братства и Организацијата била забележана од страна на бугарскиот трговски агент во Солун, Атанас Шопов. Тој во својот извештај до бугарскиот премиер Константин Стоилов истакнал:

тукашниот комитет (ЦК на ТМОРО б.н) има свои раководители во Софија. Главен раководител им е офицерскиот комитет... Членови на тој комитет се повеќето резервни офицери, сите офицери родум од Македонија, и многу офицери родум од Бугарија... Владата треба да обрне сериозно внимание на организацијата на офицерските комитети, зашто тие може да приготват сериозни изненадувања за Бугарија. Не сметате ли за можно, дека еден ден, една погранична дружина, чии офицери се членови на кажаниот комитет, може без знаење на владата, да тргне за Македонија и да ја вовлече БУгарија во војна? Ако не тоа, не допуштате ли дека може да се случи нешто во минијатура, слично на тоа [4]

Извештајот како и фактот дека бугарската влада не можела да се спогоди со Македонската револуционерна организација, донеле консенквенции. Воениот министер Мишо Иванов наредил да се следи Ѓорче Петров, Цончев го преместил во Видин, а офицерите почнал да ги заплашува [3].

Врховен македонски комитет[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Македонски комитет.
Цончев во комбинаториките на Ѓорче Петров[уреди | уреди извор]

Во 1899 година Задграничните претставници во согласност на Централниот комитет на Македонската револуционерна организација решил индирекно да го преземат Врховниот македонски комитет.

Ѓорче Петров сакал да најде лице кое ќе има силен авторитет и ќе може да застане на чело на Комитетот и да ја зацврсти неговата позиција.

Најпрво тој разговарал со Цончев, но тој сеуште не бил подготвен да даде оставка и да застане на чело на Врховниот македонски комитет.

Затоа Ѓорче барал други лица и на крајот била постигната коалиција со офицерите од 1895 година.

Задграничните преставници на ТМОРО направиле договор со Сарафов и неговите приврзаници, односно ТМОРО ќе ја подржи кандидатурата на Сарафов за претседател на Комитетот, а за возврат Врховниот Комитет нема да презема никави дејства без знаење и согласност на задграничните преставници.

На 1 мај 1899 година во Софија започнал VІ македонски конгрес на кој Борис Сарафов бил избран за претседател на Комитетот, секако со поткрепа на Ѓ. Петров и Гоце Делчев.

Договорот Сарафов - Цончев[уреди | уреди извор]

Борис Сарафов финансиски и морално ја помагал ТМОРО, меѓутоа уште додека се составувал комитетот тој планирал да го заземе ЦК на ТМОРО. Имено, Сарафов направил договор со Иван Цончев и потполковниците Атанас Јанков и Стефан Николов.

Според овој договор Цончев требало да даде оставка на офицерската должност и да го зазеде претседателското место во Комитетот, а Борис Сарафов со 14 до 16 офицери требало да навлезе во Македонија да го преземе Централниот комитет и потоа да се крене востание [3].

Било предвидено територијата на Македонија да се подели на 14 востанички окрузи на чело со по еден офицер, а полковникот И. Цончев со големи сили да навлезе од Бугарија. За планот не требало да дознаат Гоце Делчев и Ѓорче Петров [3].

Раководител на ВМОК[уреди | уреди извор]

По убиството на Стефан Михаљану положбата на Сарафов се влошила и затоа тој според претходниот договор кои го имал со офицерите го повикал Иван Цончев да даде оставка на генералската функција и да застане на чело на Врховниот комитет [5].

Цончев ја прифатил поканата и во почетокот на јануари 1901 година се нашол во Софија но во меѓу време дошло до Солунската провала и Сaрафов го сменил решението сметајќи дека ќе може да владее со се [5]. Во врска со тоа Цончев објаснувал:

Мемоар на ВМОК до бугарската влада од 1901 година, подпишан од Стојан Михајловски, Иван Цончев и Стефан Николов
Јас, секогаш бев готов да ја жртвувам сопствената положба за да се помогне делото. Кога Сарфов ми пиша дека делото се наоѓа во опасност, бидејќи ќе биле арестувани, јас веднаш си дадов оставка [6]

Поради тоа дошло до расцеп во Комитетот на две крила сарафисти и цончевисти. Додека траеле превирањата бил закажан VІІІ македонски конгрес, Сарфов бил уапсен а за претседател на Комитетот бил избран Стојан Михајловски кои требало да го подготви теренот за влегување на Цончев во Врховниот комитет.

По конгресот имало преговори околу не исполнувањето на мајската спогодба, а ТМОРО во овие преговори со Врховниот комитет била претставена од Гоце Делчев, Д-р Руменов и Михаил Герџиков, а како трета група која можела да го помогне македонското дело била преставена од Иван Цончев и Стефан Николов.

Отука произлегла нова мајска спогодба од 16.05.1901 година во која меѓу другото било договорено дека каналите и пунктовите на бугарска територија се во сопственост на ТМОРО додека пак оружјето складирано од страна на Сарафов во магацините по бугарската граница се на Врховниот комитет.

Меѓутоа откако Цончев го презел оружјето тој го сменил својот однос кон ТМОРО и за време на IX македонски конгрес тој бил избран за потпретседател на Врховниот комитет и започанл со подготовки за кревање на востание во Македонија кое му било потребно на бугарскиот кнез.

Иван Цончев започнал со праќање на чети во Македонија составени од арамии а меќу нив се нашле Хаљо, Дончо Златков, подофицерот Лазов, Ангел Станчовалијата, Касапчето и други.

Истовремено посегнал по пограничните пунктови на ТМОРО и биле преземени разни дејства за нарушување на авторитетот на ТМОРО пред населението во Македонија со што на 14 декември 1901 година Задгранично претставништвото објавило дека ги прекинува за секогаш сите врски со овој состав на Врховниот комитет.

Горноџумајско востание[уреди | уреди извор]
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Горноџумајско востание.
Алфред Хејлс, Борис Тагев, Стефан Николов и Иван Цончев во 1903 година.

Првата активност за започнување на врховистичкото востание во Македонија ја почнал полковникот Атанас Јанков. Во средината на 1902 година, Јанков со голема чета навлегол во Македонија и се движел од Џумаја до Костурско.

Поминувајќи низ Џумајско, Малешевско, Струмичко, Гевгелиско и други места, Јанков оставал свои приврзаници и го повикувал населението на востание. Меѓутоа ТМОРО успеала со својата дејност да го спречи објавувањето на Врховистичкото востание во Костурско.

Во текот на оваа акција на полковникот Јанков во југозападна Македонија започнало Горноџумајското востание. Со востанието биле зафатени Горноџумајско, Мелничко, Петричко, Малешевско, Струмичко и Разлошко.

Оваа акција на Комитетот ја ослабнал и сериозно ја загрозил организациската мрежа на ТМОРО. Меѓутоа треба да се истакне дека Горноџумајското востание успеало да ги раздвижи дипломатите на големите сили околу македонското прашање и да ги предизвика таканаречените Падарски реформи.

Еден дел од историчарите сметаат дека оваа акција на Комитетот допринела Централниот комитет на ТМОРО да го свика когресот на кој било поставено прашањето за востание во престојната 1903 година.

По Горноџумајското востание претседателот на Централниот комитет Иван Гарванов сакал да дојде до помирување со Врховниот Комитет, а Иван Цончев за таквото помирување го поставил условот за кревање на востание во пролета 1903 година.

Од своја пак страна Иван Цончев на 10 декеври 1902 година (стар стил) испратил повик до офицерите Македонци и Одринци да ја напуштат бугарската армија и да се вклучат во идното востание.

Илинденско востание[уреди | уреди извор]
Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Илинденско востание.
Генерал Цончев (во средината) со својата четата. Десно од Цончев е Стефан Николов, а од лево Алфред Хејлс. Вториот од лево на десно е Борис Тагев.

Во пресрет на востанието четите на Врховниот комитет, на чело со Иван Цончев, полковникот Јанков и Стефан Николов се групираат на границата на Серскиот револуционерен округ, откако меѓу двете организации е постигнат писмен договор за помош.

Во Валовишко врховистката четата на Љубомир Стоенчев заедно со внатрешната чета на дедо Иљо Крчовалијата на 9 септември во месноста Ливада во Пирин води борба.

На 31 август единица од 400 лица, под команда на полковник Јанков и генерал Цончев и на војводите на ВМОК Христо Танушев, Иван Ботушанов, Никола Лефтеров и Димитар Атанасов се бори во месноста Гарваница, а на 1 септември се води борба во село Пелистер.

На 4 септември четите на војводата на ТМОРО Спиро Петров и оваа на ВМОК на чело со Константин Настев водат заедничка борба со турските сили кај месноста Кукли во која загинува Спиро Петров.

Растурање на Цончевистите[уреди | уреди извор]

Рилскиот конгрес на Македонската револуционерна организација испратил: Соопштение до групата македонски дејци наречени Врховисти. Во соопштението било истакнато:

Организацијата за напред по никаков начин не може да трпи на своја територија никакви други групи и корпорации... Таа ќе ги прогонува по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и корпорации како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи подлежаат на сите строгости на Уставот и Правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното дело и злосторниците на нашата татковина, каде и да се наоѓаат тие, биле членови на Организацијата или не [7]

Меѓутоа и покрај овие зборови во истото соопштение ТМОРО ги поканил Врховистите без разлика на нивната вера, народност и убедување да се приклучат кон организацијата, а својата група да ја растураат и да престанаат со својата активност во Македонија и Бугарија.

Сосема неочекувано за многумина, Иван Цончев се обратил писмено до Рилскиот конгрес приваќајќи го барањето на ТМОРО и истакнувајќи дека Врховниот комитет го изгубил своето значење, дека тој се распаднал на повеќе групи, а дека тој е преставник на онаа група во Бугарија.

Меѓу другото Цончев истакнал дека сака да постигне единство со ТМОРО и дека ќе ги извести своите приврзаници за тоа. До формално слевање на врховистите во ТМОРО немало, меѓутоа Цончев ги повлекол своите луѓе од Македонија и неговата група престанала да постои.

Награди[уреди | уреди извор]

  • Орден „За храброст“ IV степен
  • Орден „Св. Александар“ III, IV и V степен
  • Сребрен медал за Српско-бугарската војна
  • Руски медал за Ослободителната војна
  • Орден „Таково“ II и III степен
  • Орден „Италијанска корона“ II степен

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Биография на сайта на ВМРО.
  2. 2,0 2,1 Г. Ив. Бѣлевъ, Въстанието въ Североизточна Македония презъ 1895, Ил. Илинденъ, г. VIII/ 2-3 (62-63), София, 1935
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  4. А. Шопов, Дневник, дипломатически рапорти и писма (ред. А. Пасков). София, 1995
  5. 5,0 5,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски Факултет
  6. Евтим Спространов. Дневник, Т.I (1901-1907), Предговор Александър Гребенаров, Съставители: Гребенаров, Ал., Милкана Бошнакова, Георги Царев. С. 1994
  7. Х. Силяановъ, Ослободителнить борби на Македония, томъ 2..., 389 - 390

Литература[уреди | уреди извор]

  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  • Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933

Надворешни врски[уреди | уреди извор]