Тома Николов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Toma nikolov hristov.jpg
Роден околу 1863
Вранештица, Кичевско , Македонија
Починал 18 август 1946
Софија, Бугарија

Тома Николов Христов (Поп Тома) бил македонски свештеник и револуционер, член и раководител на Македонската револуционерна организација.

Револуционерна дејност[уреди | уреди извор]

По завршувањето на Солунската гимназија станува егзархиски учител. Во 1889 година во Цариград е ракоположен за ѓакон.

По создавањето на Организацијата влегува во нејзините редови и е близок соработник на Даме Груев, Пере Тошев, Анастас Лозанчев, Павел Христов, Борис Сарафов, Христо Матов и други. Во 1896 година е назначен за егзархиски архиерејски наместник во Дебар, потоа се населува во Битола, а во 1899 година станува архиерејски наместник во Кичево.

Во 1902 година, по убиството на неколку бегови во Кичевско, тој е осомничен и лежи во затворите во Кичево и Битола. По ослободувањето, истата година е пак осомничен за убиство на еден предавник и знаејќи што го очекува, ја напушта службата и оди во четата на Тома Давидов.

По смртта на овој војвода влегува во четата на Славејко Арсов која дејствува во Ресенско. Заедно со Васил Попов и Христо Сугарев (брат на Ѓорѓи Сугарев) се вратил во Кичевско.

Во 1903 година учествува на Смилевскиот конгрес и добил задача да ги предаде на протоколите на Задграничното претставништво во Софија.

Во текот на Илинденското востание во странскиот печат биле објавени интервјуа со истакнати македонски дејци, а меѓу нив било и она на Поп Тома објавена во Daily News на 12 август 1903 година во која се истакнува:

И, што е тоа неповолно за македонската кауза, мислам на онаа што лошо се сфаќа и што прилично нашироко преовладува во западна Европа? Македонија за Македонците, не Велика Бугарија, е нашиот идеал - рече попот-борец Тома Николов, чиешто раскажување јас го претставив во едно писмо од Блискиот Исток пред неколку недели. Така, гледате дека ние веќе направивме извесен почеток со привремена влада на Македонија. Нашиот идеал е Македонија за Македонците и за него ние ќе се бориме. Јас се надевам дека Вие ќе и го кажете ова на Вашата англиска јавност. Востанието е македонско, вистинските ефикасни боречки чети се македонски. Четите не доаѓаат од Бугарија. Тие доаѓаат од македонскиот народ. Тие ќе продолжат да доаѓаат се дотогаш додека македонскиот народ ќе го поднесува лошото владеење на Турците [1]

По востанието заедно со Даме Груев се враќа во Македонија и се посветува на обновувањето на револуционерната мрежа. Во тој период дошло со засилување на Српското четничко движење и до грабнувањето на Даме Груев, во врска со тоа случување Поп Тома истакнал:

Паѓањето на Даме во рацете на Мицко беше голем морален удар за Организацијата. Тоа најмногу го почуствував јас во Кичевско кога српскиот свештеник ренегат Мисаил... надмено се шеташе по чаршијата во Кичево и се фалеше нагоре-надоле пред граѓаните, дека Даме ранет се наоѓа во нивни раце и тој испратл медикаменти од Кичево за негово лекување [2]

По Демихисарската афера во Битолско, поп Тома е пак во затвор и осуден на доживотен затвор, но по девет месеци e ослободeн од битолскиот затвор во екот на Младотурската револуција.

Подоцнежна дејност[уреди | уреди извор]

По расколот во Организацијата станува делегат на Сојузот на бугарски уставни клубови во септември 1908 г. во Солун.

Потоа станал претседател на егзархиската црковно-просветна општина во Ениџе Вардар, а подоцна во декември 1909 година од страна на Бугарската егзархија е поставен за управник на Воденската епархија, каде го затекнале Балканските војни.

По избувнувањето на Втората балканска војна, поп Тома бил уапсен и затворен во Једи Куле во Солун. Откако бил ослободен заминал за Софија, а со започнувањето на Првата светска војна бил поставен за свештеник на Петтиот полк (подоцна 63-ти) при Единаесттата дивизија.

По војната работел како свештеник во црквата во Горна бања, во близина на Софија, а потоа во софиската црква св. Петка, а таму во 1934 година бил расчинет поради отслужување на панихида за член на ВМРО (Автономистичка) во екот на државниот удар. Умира во Софија во 1946 година.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. J.M., Macedonian Rising - Daily News (London) August 12, 1903, p. 12
  2. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]