Георги В'ндев

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Георги Вндев)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Georgi Vandev.jpg
Роден 7 април 1890
Лесково, Мегленско, Македонија
Починал 16 април 1942
Петрич, Бугарија

Георги В'ндев Ѓошев, познат како Вардарскиот херој, бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација и Внатрешната македонска револуционерна организација.

Биографија[уреди | уреди извор]

Георги В'ндев е роден на 7-ми април 1890 година во мeгленското село Лесково, тогаш во Отоманската империја. Негов татко е војводата Вндо Ѓошев, кој подоцна го зема во својата четата. Завршува прогимназија во градот Гуменнџе. На 16 годишна возраст Георги е заколнат член на ВМОРО, станува четник на Штерио Јонана, а потоа се присоединува кон четата на својот татко.

Четата на струмичките војводи Георги Вндев (во првиот ред на средина) и Милан Постоларски.

Со четата на својот татко во селото Крива на 9 октомври 1912 година, во текот на Првата балканска војна, разбива турски аскер, а на 19 октомври ја помага грчката армија при ослободувањетоо Ениџе Вардар [1]. На 15 декември Вндо Ѓошев и неговиот син се уапсени и осудени на смрт. Затворени се во Еди куле, од каде Георги успева да избега, а војводата Вндо е отруен во 1917 година.

Наредба на ЦК на ВМОРО за назначување на Георги Вндев и Никола Василев за членови на струмичкото окружено управно тело.

Во периодот 1915-1918 Георги учествува како доброволец во Првата светска војна. Бил префрлен од 1 македонски полк во 11 македонска дивизија. Војувал во Криволак, Дојран и по долината на реката Струма. До есента 1918 година е во единицата на војводата Тане Николов. Во 1918 година во моравско воено-инспекциска област, Вндев заедно со други негови соборци, војводи на ВМОРО, преземат оакција за спречување саботажната активност на Коста Пеќанец и Коста Војнович. За храброст е награден со три орденот "За храброст".

По завршувањето на војната, Георги активно се вклучува во дејноста на ВМРО и е прогласен за струмички околиски војвода. Продолжува да влегува со илегални чети во окупираната од Србија, Вардарска Македонија. На 15 декември 1921 година крај Белотино со чета од осум души води борба со неколку стотици српски војници и полицајци. Секретар на четата на В'ндев е Сашо Попов од Струга. На 14 февруари 1923 година ја минува границата и во центарот на Струмица, го ранува ренегатот Иван Паљошев, а неговиот помошник Халил Пехливанов е убиен.

Четата на Георги Вндев, на неа тој е со трите медали за храброст.

Учествува во казнената акција на ВМРО против федералистите во т.н. Неврокопска акција на ВМРО во октомври 1922 година, како помошник на војводата Алеко Василев. Во јули 1924 година на Струмичкиот окружен конгрес е избран за член на окружниот комитет.

По убиството на Тодор Александров на 31 август 1924 година Вндев застанува на страната на Иван Михајлов.

Заедно со четите на Ефтим Чифлишки и Дончо Христов изведуваат казнена акција во февруари 1925 година во Малешевско и Радовишко против српската власт, како одговор на нејзини испади против локалното население. На Шестиот конгрес на ВМРО во февруари 1925 година е избран за окружен војвода на Струмичкиот револуционерен округ. Во октомври 1925 година, за време на т.н. Петричкиот инцидент, Георги В'ндев со помош на Борис Бунев организира одбраната во Петрич против навлегувањето на грчка армија. Благодарните граѓани го поздравуваат со почести и е награден со златен часовник.

Во 1927 година В'ндев со семејството се населил во Петрич. Во 1928 година е делегат на Седмиот конгрес на ВМРО. По 19 - то мајскиот државен удар во 1934 година Георги Вндев е интерниран во Бургас, Карлово и Софија. Се враќа во Петрич во 1938 година. Се занимава се со книжарска дејност и земјоделство. Умира на 16 април 1942 година во Петрич.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 133.