Лесково (Мегленско)

Координати: 41°2.5′N 22°14.37′E / 41.0417° СГШ; 22.23950° ИГД / 41.0417; 22.23950
Од Википедија — слободната енциклопедија
Лесково
Τρία Έλατα
Лесково is located in Грција
Лесково
Лесково
Местоположба во областа
Лесково во рамките на Меглен
Лесково
Местоположба на Лесково во Постолскиот округ и областа Централна Македонија
Координати: 41°2.5′N 22°14.37′E / 41.0417° СГШ; 22.23950° ИГД / 41.0417; 22.23950
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругПостолски
ОпштинаМеглен
Општ. единицаКапињани
Надм. вис.&10000000000000950000000950 м
Население
 • Вкупноиселено (1947)
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Лесково (грчки: Τρία Έλατα, Трија Елата; до 1925 г. Λέσκοβο, Лесково[1]) — поранешно гевгелиско село во Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Меглен во областа Централна Македонија, Грција. Конечно е напуштено за време на Грчката граѓанска војна, а од него денес останале само делови од црквата „Св. Мина“. До 1924 г. било населено исклучиво со Македонци.[2]

Географија[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓало високо на планината Пајак, во долината на реката Бистрица (Пајачка), околу 10 км североисточно од Капињани.

Историја[уреди | уреди извор]

Во Отоманското Царство[уреди | уреди извор]

Лесково за првпат се спомнува во османлиски документ од 1491 г. Романскиот автор од Прилеп Теодор Капидан сметал дека неговите жители биле по потекло Власи, но дека биле целосно помакедончени.[3]

Кон крајот на XIX век Лесково било големо македонско село во Гевгелиската каза. Жителите традиционално се занимавале со производство на дрвен јаглен, со кој ги снабдувале светогорските манастири.[4]

Од 1875 до 1893 г. месниот свештеник Ѓошо Колев составил грчко-македонски речник напишан со грчко писмо. Во 1897 г. лесковчаните го истерале грчкиот воденски владика Николај од својата црква, а следната година отвориле народно училиште предводени од селските првенци Георги Ташев и свештеникот Стојчо Јанчев.[5][6]

Во селото во 1895-96 г. е основан комитет на ВМРО на чело со раководителот Јане Кулов.[7] Меѓу 1896 и 1900 г. селото потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија[8]. Во октомври 1897 г. револуционерниот комитет е зајакнат со дејството на Аргир Манасиев (учител во Смоквица) и Пере Тошев.[9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Лесково живееле 650 Македонци христијани.[10][11] Малку подоцна период Милоевиќ во селото завел 150 македонски куќи.[2]

Според егзархиската статистика, селото броело 540 Македонци.[10] Повеќето биле под врховенството на Бугарската екзархия. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) в 1905 година во Лесково (Лясково, Liaskovo) имало 640 Македонци под егзархијата и 80 Македонци потпаднати под Цариградската патријаршија.[10][12]

При избувнувањето на Првата балканска војна во 1912 г. двајца лесковчани се пријавиле како доброволци во Македонско-одринските чети.[13]

Потпаѓање под Грција[уреди | уреди извор]

За време на војната, селото е окупирано од грчки единици, и по Втората балканска војна е припоено кон Грција. Пописот од истата 1913 г. наведува население од 592 (или 492) жители, кое се намалило на 523 во 1920 г. Со грчко-бугарската размена на население во 1924 г. поголем дел од лесковчаните се принудно иселени во Бугарија и сместени во напуштените живеалишта на Грците Кариоти — 35 семејства во Јамбол, 25 во Кавакли (Тооловград), 15 во Голем Манастир, 8 во Софија, 4 во Петрич и 3 во Мал Манастир.[2][14] На нивно место во Лесково биле доселени грчки бегалци од Понд и населбата станала мешана, значајно во полза на дојденците. Во 1925 г. Лесково е преименувано во Трија Елата (со значење „три елки“). Според пописот од 1928 г. селото имало 162 жители, од кои 45 македонски староседелци и 117 грчки дојденци. Во 1940 г. населението на Лесково броело 146 лица, од кои повеќе од половината биле Македонци, бидејќи дел од дојденците во меѓувреме го напуштиле селото.[2]

Во Втората светска и Граѓанската војна[уреди | уреди извор]

Селото е опожарено од германската војска на 6 мај 1944 г. заедно со Голема Ливада бидејќи овие села биле прибежишта и складови за единиците на ЕЛАС. Растуреното население не се повратило.[15] Селото конечно се распаднало за време на Грчката граѓанска војна, кога зимата 1947 г. грчките монархистички власти принудно го преселиле населението во Фуштани и Кожушани, а по војната жителите се преселиле во Ноти.[2] Во 1956 г. атарот му е припоен кон соседното село Ошин (Архангелос).[15] Според Симовски, иселените жителите и понатаму продолжуваат да ги користат своите имоти.[2]

Денес од селото единствено се зачувани делови од камбанаријата и од црквата „Св. Мина“.[16]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Λέσκοβο -- Τρία Έλατα
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 92.
  3. „Capidan, Theodor. Meglenoromânii, istoria şi graiul lor, vol. I, Bucureşti, 1925, p.7, f. 1“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-03. Посетено на 2019-11-05.
  4. Бабев, Иван. Ениджевардарският край /Природо-географска среда и стопански условия/, – во: Бабев, Иван, Македонска голгота – Спомени и изповеди от Ениджевардарско, ТАНГРА ТанНакРа ИК, София 2009, стр. 118.
  5. Младенов, Кирил. Областта Меглен в Македония, Историко-етнографски преглед и народностни борби, София 1936, цит. по Етнография на Македония. Извори и материали в два тома, т. 2, София 1992, с. 306
  6. Илюстрация Илинден, година 9, книга 9 (89), ноември 1937, стр. 2.
  7. „Борбите в Македония – Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Дельо Марковски, Илия Докторов, Васил Драгомиров“, Борис Йорданов Николов, ИК „Звезди“, 2005 г., стр. 52, ISBN 9549514560
  8. Илюстрация Илинден, 1936, бр.79, стр. 1
  9. Известия на Института за българска литература. Т. 7, 1958, стр. 354.
  10. 10,0 10,1 10,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  11. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 153. ISBN 954430424X.
  12. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 194 – 195.
  13. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 859.
  14. Младенов, Кирил. Областта Меглен в Македония, Историко-етнографски преглед и народностни борби, София 1936, цит. по Етнография на Македония. Извори и материали в два тома, т. 2, София 1992, с. 300. Според други податоци, преселниците од Лесково во Голем Манастир броеле 36 семејства — Райчевски, Стоян. Източна Тракия. История, етноси, преселения XV-XX век, София 2002, с. 254.
  15. 15,0 15,1 „Αρχάγγελος“. Δήμος Εξαπλατάνου. Посетено на 16 јуни 2014.
  16. Αρχάγγελος.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]