Тушин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Тушин
Αετοχώρι
Тушин is located in Грција
Тушин
Тушин
Координати: 41°06′N 22°11′E / 41.100° СГШ; 22.183° ИГД / 41.100; 22.183Координати: 41°06′N 22°11′E / 41.100° СГШ; 22.183° ИГД / 41.100; 22.183
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругПостол
ОпштинаМеглен
Општ. единицаКапињани
Надм. вис.&10000000000000680000000680 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно25
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (DST)EEST (UTC+3)

Тушин или Тушим (грчки: Αετοχώρι, Аетохори; книжевно: Αετοχώριον, Аетохорион; до 1925 година: Τούσιν или Τούσιανη, Тусин, Тусјани[2]) — село во Мегленско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Меглен, во Централна Македонија, Грција.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во југозападното подножје на планината Кожуф, на надморска височина од 680 метри.[3] Во минатото, селото било многу големо и целосно македонско село.

Сместено е во северниот дел на областа Меглен, мала котлина помеѓу планините Кожуф на исток, Пајак на југоисток и Ниџе на северозапад, на околу 18 километри северно од селото Капињани.

Историја[уреди | уреди извор]

Според преданието, селото е основан од Димитар, брат на потурчениот мегленски митрополит Јоан.[4]

Друго предание вели дека селото е основано од жителите на селото Орлјак, кое било сместено јужно од Тушим на самиот пат од Фуштани за Ноти и било напуштено, бидејќи често трпело штети од напади на разбојници.

До 1858 година, во грчкото училиште во селото по настојување на мештаните започнува да се изучува бугарскиот јазик. Подоцна, во 1879 година било отворено бугарско училиште.[5][6]

Во селото во периодот 1895-1896 бил основан комитет на ВМОРО.[7]

Тушим до Првата светска војна било големо село, иако претрпело големи штети во Илинденското востание. Во 1916 година повторно настрадало, кога целото негово население било преселено од бугарските воени власти во заднината на фронтот, бидејќи тука поминувала линијата на фронтот. Притоа еден дел од жителите биле сместени во тиквешките села, а другиот во внатрешноста на Бугарија. По војната, само извесен број се вратиле и го обновиле селото.[3]

Во 1920-тите години во селото биле населени грчки бегалски семејства, вкупно 29 бегалци, од кои половината го напуштиле селото, со што во 1940 година имало само 18 бегалци. Во 1928 година, во селото живееле 10 бегалски семејства со вкупно 32 жители.[8]

Во 1925 година, името на селото било променето во Аерохори (Αετοχώρι).

Тушин наполно настрадало во Граѓанската војна, кога поголемиот дел од населението се преселило и во Македонија, а помал дел во зимата 1947 година грчките монархистичките власти принудно го раселиле во Фуштани. По завршувањето на војните, селото било обновено, но не веднаш, па затоа во пописот од 1951 година се водело како напуштена населба.[3]

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на Тушим е добиено од основачот на селото, некојси Туши, кој прв тука изградил колиба, а бидејќи ова место им се допаднало и на другите жители на Орлјак, тие наскоро го напуштиле своето село и се преселиле тука. Грците, всушност Тушим го именуваат со името на селото од каде дошле тушимци, само преведено на грчки, бидејќи Аетохори значи Орлово Село или Орлјак, како што селаните си го именувале своето поранешно село.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Тушимци порано главно се занимавале со сточарство, бидејќи селото располага со неограничени пространства погодни за сточарење, со што се занимаваат и денес, а делумно и со земјоделство, во прв ред производство на компири.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, издадена во Константинопол во 1878 година, во која е прикажана статистиката за машкото население од 1873, Тушин (Touchine) било посочено како село во Воденската каза со 60 куќи и 283 жители.[9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година во Тушим живееле 1.200 Македонци.[3][10] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Тушим (Touchim) имало 1.344 Македонци и работело бугарско училиште.[11]

Во пописот од 1913 година било забележано со 1.057 жители. Во текот на Првата светска војна, поради близината на воените дејства, селото настрадало, особено во 1916 година, а неговите жители биле интернирани во внатрешноста на Бугарија од страна на бугарските власти. Само половина од жителите се вратиле во селото. Поради тоа во пописот од 1920 година селото се водело со преполовено население, односно само со 520 жители. Останатите семејства од селото Тушин (вкупно 100) кои не се вратиле во селото, биле сместени во Горна Џумаја - 30 семејства, Стара Загора - 30 семејства, Асеновград - 10 семејства и 30 семејства во Гевгелија. Меѓутоа во 1924 година во Бугарија се иселиле уште 33 жители. Грчките власти населиле тука 29 бегалци, од кои половината го напуштиле селото, така што во 1940 година тоа броело 1.015 жители, од кои според статистиката на НОФ само 18 бегалци.[3]

Селото наполно настрадало и било целосно напуштено за време на Граѓанската војна, а по завршувањето на војната повторно било обновено, но со помалку жители, бидејќи поголемиот дел од нив не се врати во селото. Поголемиот дел од жителите на Тушин побарале засолниште во Македонија. Бидејќи не било веднаш обновено, во пописот од 1951 година се водело како напуштена населба. Во 1961 година било забележано со 168 жители, во 1971 година со 147, во 1981 година со 79, а во 1991 година со 69 жители.[3]

Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 62 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 25 жители.

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011
Население 1.015 168 147 79 69 62 25
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Неговиот атар опфаќа површина од 19 квадратни километри, а административно влегува во составот на општината Ноти. До 1955 година претставувало самостојна општина, но со наредба од 13 јули 1955 година било приклучено кон општината Ноти. Во 1997 година, општината Ноти била припоена кон поранешната општина Капињани.[12] Во 2011 година, општината Капињани станала дел од поголемата општина Меглен.

Селото припаѓа на општинската единица Капињани со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Меглен, во округот Постол. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Ноти, во кој покрај селото Тушин влегува и селото Ноти.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви
  • Црква „Св. Димитриј“ — главна селска црква, изградена во 1842 година и фрескоживописана од зографи од Крушево; до црквата се наоѓа четирикатна камбанарија.
Црквата „Св. Димитриј“ во селото Тушин

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Попис на населението од 2011 г. Трајно население". Државен завод за статистика на Грција. 
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Τούσιν -- Αετοχώρι
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Симовски, Тодор (1998). „Воденски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански карактеристики. I. Скопје: Институт за национална историја. стр. 95. 
  4. Νομός Πέλλας: Από την Έδεσσα και πάνω, Η Καθημερινή, 30/7/2008
  5. Илюстрация Илинден, година 9, книга 9 (89), ноември, 1937, стр. 2.
  6. Младенов, Кирил. Областта Меглен в Македония, Историко-етнографски преглед и народностни борби, София 1936, цит. по Етнография на Македония. Извори и материали в два тома, т. 2, София 1992, с. 306
  7. „Борбите в Македония - Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Дельо Марковски, Илия Докторов, Васил Драгомиров“, Борис Йорданов Николов, ИК „Звезди“, 2005 г., стр. 53, ISBN 9549514560
  8. Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928
  9. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 156-157.
  10. Васил К’нчов. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 354.
  11. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 194-195.
  12. Περίκλεια.