Ошин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ошин
Αρχάγγελος
Центарот на селото
Центарот на селото
Ошин is located in Грција
Ошин
Ошин
Местоположба во областа
Ошин is located in Меглен
Ошин
Местоположба на Ошин во општината Меглен и областа Централна Македонија
Координати: 41°05′N 22°17′E / 41.083° СГШ; 22.283° ИГД / 41.083; 22.283Координати: 41°05′N 22°17′E / 41.083° СГШ; 22.283° ИГД / 41.083; 22.283
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругПостол
ОпштинаМеглен
Општ. единицаКапињани
Надм. вис.&10000000000000820000000820 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно623
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (DST)EEST (UTC+3)

Ошин (грчки: Αρχάγγελος, Архангелос; до 1925 година: Όσσιανη, Осјани;[2] мегленоромански: Ossiani; романски: Oşani) — село во Мегленско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Меглен, во Централна Македонија, Грција.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа југозападно од градот Гевгелија и југоисточно од Ноти, на северните падини на планината Пајак, на надморска височина од 820 метри.[3]

Сместено е на 33 километри североисточно од Капињани. На северозапад од Ошин е планината Кожуф, а на југ е врвот Козјак. На исток се наоѓа големото влашко село Љумница.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Археолошките ископувања во 1973 година откриле некропола од доцноримската епоха. Византиските автори пишувале за село Хостјани или Хостјанес (Χώστιανη, Χώστιανες).[5]

Селото отсекогаш било населено со Власи од етничката група позната како Пајакашки Власи и до денеска нема претрпено никакви етнички измени.[3]

Кон крајот на XIX век, Ошин е едно од големите влашки (мегленовлашки) села во областа Меглен. Според традицијата било основано од жителите на седум села.[5]

Во Ошин започнала да пушта корени романската пропаганда и Власите од селото започнале да се афирмираат како такви и да се откажуваат од грчката пропаганда. Во селото во периодот 1895-1896 година бил основан комитет на ВМОРО[6] и селаните ја потпомагале четата на Иван Карасулијата, заради кој во 1905 година 20 души од селото биле осудени на различни затворски казни.[7] Во 1905 година, грчките андарти го нападнале Ошинскиот манастир и го убиле игуменот.[8] Игумен на манастирот станал грчкиот офицер Михаил Анагностакос.[9]

Во 1925 година, селото било преименувано во Архангелос (Αρχάγγελος), според името на светецот на Ошинскиот манастир кој се наоѓа во непосредна близина.[3][4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Главно занимање на жителите е сточарството поради просторните пасишта со кои располага селото, како и земјоделството. Тука, многу успева компирот, но и костенот, оревот, црешата и јаболкото, кои сè се одгледуваат и даваат мошне високи приноси.[3]

Во последно време, во селото се развива и туризмот.

Население[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година во Ошин живееле 1.500 Власи христијани.[3][10] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ошани имало 1.260 Власи и работело влашко училиште.[11]

Во 1920 година, Ошин е посочено со 200 влашки куќи.[3][12]

Во пописот од 1913 година било забележано со 1.219 жители. Во текот на Првата светска војна, поради близината на воените дејства, селото настрадало, а неговите жители биле интернирани во внатрешноста на Бугарија од страна на бугарските власти. Дел од жителите не се вратиле ниту по завршувањето на војната, поради што во 1920 година селото било забележано само со 826 жители. Во 1925 година, околу 85 семејства заминале за Романија, кои биле сместени во Добруџа. Поради поголем број на иселени семејства, Ошин во 1928 година имало само 786 жители (во овој број биле пресметани и војниците од стационираната чета на грчката погранична војска), а во 1940 година Ошин имало 980 жители. Селото не настрадало во Граѓанската војна, поради што и не дошло до осетно намалување на неговото население. Во 1951 година биле забележани 879, во 1961 година 840, во 1971 година 764, во 1981 година 709, а во 1991 година 666 жители.[3]

Ошин е најголемото мегленовлашко село. Според извештај од 1993 година, селото е чисто влашко и влашкиот јазик се говори одлично.[13]

Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 686 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 623 жители.

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011
Население 980 879 840 764 709 666 686 623
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Поглед на Ошинскиот манастир

Од 1919 година, селото претставувало самостојна општина во Мегленската околија, чиј атар опфаќал површина од 66 квадратни километри.[3] Во 1928 година, кон селото бил присоединет и Ошинскиот манастир „Св. Архангел Михаил“. Во 1956 година, кон Ошин било припоено и земјиште од поранешното село Лесково. Во 1997 година, општината Ошин била припоена кон поранешната општина Капињани.[14] Во 2011 година, општината Капињани станала дел од поголемата општина Меглен.

Селото припаѓа на општинската единица Капињани со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Меглен, во округот Постол. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Ошин, во кој е единственото село.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Полициска станица

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви
  • Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, фрескоживописана во 1842 г. од крушевскиот мајстори Атанас и Наум;
Манастири

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • 6 септември — голем панаѓур во Ошинскиот манастир

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција. 
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Όσσιανη -- Αρχάγγελος
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Симовски, Тодор (1998). „Воденски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански карактеристики. I. Скопје: Институт за национална историја. стр. 96. 
  4. 4,0 4,1 „Αρχάγγελος“ (грчки јазик). Δήμος Εξαπλατάνου. конс. 21 март 2016. 
  5. 5,0 5,1 „Γνωριμία με το Δήμο Εξαπλατάνου“ (грчки јазик). Δήμος Αλμωπίας. конс. 21 март 2016. 
  6. „Борбите в Македония - Спомени на отец Герасим, Георги Райков, Дельо Марковски, Илия Докторов, Васил Драгомиров“, Борис Йорданов Николов, ИК „Звезди“, 2005 г., стр. 53, ISBN 9549514560
  7. Драгомиров, Васил. Спомени, в: Борбите в Македония, Звезди, София, 2005, стр. 176.
  8. Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, стр.264.
  9. Силянов, Христо. Освободителните борби на Македония, том II, стр. 142.
  10. Васил К’нчов. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 152.
  11. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 194-195.
  12. Милојевић, Боровоје. Јужна Македонја - Антропогеографска, Београд 1920. Цитирано по: Λιθοξόου, Δημήτρης. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Γιανιτσών 1886 – 1927 (διοικητικά όρια 1911)
  13. Riki Van Boeschoten. "Usage des langues minoritaires dans les départements de Florina et d’Aridea (Macédoine)"
  14. Περίκλεια.