Карладово
Карладово Μηλιά | |
---|---|
Поглед на селото | |
Координати: 41°00′N 22°09′E / 41.000° СГШ; 22.150° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Постол |
Општина | Меглен |
Општ. единица | Капињани |
Надм. вис. | 143 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 431 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Карладово (грчки: Μηλιά, Милија; книжевно: Μηλέα, Милеа; до 1926 година: Καρλάτ, Карлат[2]) — село во Мегленско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Меглен, во Централна Македонија, Грција.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа речиси во самиот центар на мегленската висорамнина, на надморска височина од 143 метри.[3]
Селото се наоѓа на 2 километри североисточно од селото Капињани, до реката Карадере.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Крај Карладово бил откриен антички мраморен погребен релјеф, на којшто имало двајца млади, кои стоеле пред седната женска фигура. Биле откриени и погребни мермерни плочи со грчки и латински натписи.[4]
Карладово до 1924 година било населено исклучително со македонско население, чиј поголем дел во немирните години, заради поголема семејна и имотна сигурност, ја сменил својата вера и се исламизирал.[3]
Во 1924 година, македонските муслимани во согласност со Лозанскиот договор, биле принудени да се иселат во Турција, а на нивно место грчките власти населиле поголем број бегалски семејства од Понт (вкупно 615 бегалци). Со тоа, селото станало најголемо во Меглен, зад С’ботско.[4] Според пописот во 1928 година, селото претставувало мешана населба со 169 бегалски семејства со вкупно 508 жители.[5]
Во 1926 година, името на селото било променето во Милеа (Μηλιά), во превод означува „јаболка“.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Бидејќи лежи сред плодното поле, а добар дел од обработливите површини се наводнуваат од реката Мегленица, селото е мошне богато. Главни производи се десертното грозје, овошјето, тутунот и други земјоделски производи.[3]
Население
[уреди | уреди извор]Според Стефан Верковиќ кон крајот на XIX век, Карладово било македонско-муслиманско село со машко население од 358 души и 90 домаќинства.[6]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година во Карладово живееле 105 Македонци и 675 Македонци-муслимани.[3][7]
Во 1920 година, Карладово било посочено како чисто муслиманско македонско село со 260 куќи, но веројатно е погрешно обележано.[3][8]
Селото во пописот од 1913 година било забележано со 789, а во 1920 година со 605 жители. Во 1924 година била извршена размената на население, односно муслиманите биле принудно иселени во Турција, а на нивно место биле доселени грчки бегалски семејства од Понт, вкупно 615 бегалци. Во 1928 година заедно со бегалците и помалобројните Македонци, селото броело 668 жители. Во 1940 година имало 982, во 1971 година 845, во 1981 година 787, а во 1991 година 769 жители.[3]
Според извештај од 1993 година, во селото било забележано дека на средно ниво се говорат македонскиот и турскиот јазик.[9]
Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 542 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 558 жители.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 982 | — | — | 845 | 787 | 769 | 542 | 558 | 431 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во 1918 година, селото станало самостојна општина, а атарот на општината опфаќал површина од 16 квадратни километри.[3]
Селото припаѓа на општинската единица Капињани со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Меглен, во округот Постол. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Карладово, во кој покрај селото Карладово влегува и селото Ружјани.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — некогашна џамија;[4]
- Црква „Рождество на Пресвета Богородица“ — новоизградена црква.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Καρλάτ -- Μηλέα
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Симовски, Тодор (1998). „Воденски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 91.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 „Η Μηλιά“ (грчки). Δήμος Εξαπλατάνου. Посетено на 19 март 2016.
- ↑ „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ Райчевски, Стоян (2004) [1998]. „ГЕОГРАФСКИ ПРЕДЕЛИ - Македония“. Българите мохамедани (бугарски) (второ издание. изд.). София: Национален музей на българската книга и полиграфия. стр. 114. ISBN 954-9308-51-0.
- ↑ Васил К’нчов. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 148.
- ↑ Милојевић, Боровоје. Јужна Македонија - Антропогеографска, Београд 1920. Цитирано по: Λιθοξόου, Δημήτρης. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Γιανιτσών 1886 – 1927 (διοικητικά όρια 1911) Архивирано на 27 март 2013 г.
- ↑ Riki Van Boeschoten. "Usage des langues minoritaires dans les départements de Florina et d’Aridea (Macédoine)"
Белешки
[уреди | уреди извор]- Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
|