Петрички инцидент

Од Википедија — слободната енциклопедија
Петрички инцидент

Грчкиот амбасадор во Франција, Карапанос, за време на разговорите во Лигата на Народите за случувањата во Пиринска Македонија во 1925 година
Датум 19 – 29 октомври 1925
Место Петрич, јужна Бугарија
Исход
Завојувани страни
 Бугарија
ВМРО
 Грција
Команданти и водачи
Борис III
Александар Цанков
Теодорос Пангалос
Сила
граничните стражари, волонтери (4000) 6-та дивизија
Жртви и загуби
50 повеќето цивили[1] 121 (бугарски извор)[2]

Петрички инцидент (бугарски: Петрички инцидент; грчки: Επεισόδιο του Πετριτσίου) — граничен конфликт помеѓу Грција и Бугарија во Пиринска Македонија во 1925 година. Настаните се случиле помеѓу 19 и 28 октомври 1925 година и започнала со граничен инцидент, кога по убиството на грчки војник, грчката армија навлегла во Пиринскиот дел на Македонија и окупирала 10 села. По десетдневната необјавена војна, која се водела со четите на ВМРО и мал дел на бугарската армија, грчката војска неславно се повлекла. Конфликтот познат како „Петрички инцидент” бил разрешен од Лигата на народите.[3][4]

Тек[уреди | уреди извор]

По завршувањето на Првата светска војна, со Нејскиот договор од 27 ноември 1919 година, Бугарија била казнета од победниците (Антантата), Бугарија немала право да има воздухопловство, морнарица и артилерија, а бугарската армија не можела да ја надмине бројката од 33.000 војници, вклучувајќи ја и пограничната стража. Едноставно Бугарија не била способна да ја брани својата територија. Со Нејскиот договор најмногу добила фаворизирата Грција. Освен Егејска Македонија, населена претежно со македонско население, таа ги добила и териториите во Западна Тракија, кои за Бугарија биле единствениот излез на Бело Море.

Грчките политичари кои сонувале да ја обноват Византија, по поразот од Турција во 1922 година и обединувањето на македонските револуционерни сили (Мајскиот манифест во 1924 година и основачкиот конгрес на ВМРО обединета, одржан од 1 до 11 октонври 1925 година во Виена), гледале закана за остварување на своите цели во окупираниот од Бугарија, Пирински дел на Македонија, каде ВМРО создала држава во држава.

Свесни дека разоружаната и речиси беспомошна Бугарија, која во тоа време се наоѓа и во меѓународна изолација, не може да се справи со ВМРО, Атина стационирала војска на грчко-бугарската граница и барале повод за навлегување во Пиринска Македонија за да ја уништи Македонската револуционерна организација која барала ослободување и обединување на сите три дела на окупирана Македонија (Пиринска, Вардарска и Егејска Македонија).

Причината за да ја нападне Бугарија, Грција нашла во еден пограничен инцидент на 19 октомври 1925 година. На граничниот превој Демир Капија на Беласица, бугарските граничари на своја територија копале бунар. Во 14:30 часот, грчка патрола влегла на бугарската територија и ги обвинила за копање ровови. Во текот на расправијата дошло до престрелка во која бил убиен грчки војник и сериозно ранет грчки офицер. При обидот на грчката војска да го собере телото на починатиот војник дошло до престрелка, која потоа прераснала во војна.

Иако, бугарската влада инсистирала да биде формирана бугарско-грчка комисија за истражување на инцидентот, како што барала Лигата на народите, денешната ООН, Атина не го прифатила, бидејќи поводот за напад бил најден.

Подготвувајќи се за избори грчкиот диктатор генерал Теодорос Пангалос ја распалил националистичката хистерија во Грција и на 22 октомври 1925 година, без објавување на војна, им заповедал на војниците од VІ грчка дивизија сместена кај Сер, да навлезат во Бугарија. Во овој дел од границата Бугарската армија располагала само со 300 војници од пограничната стража. Тие го презеле врз себе првиот напад во зорите на 22 октомври 1925 година. Меѓутоа, деветте баталјони на грчката армија со планинска артилерија, митралези и минофрлачи лесно ја форсирале бугарската граница на фронт од 30 км и навлегле на 10 до 12 км на бугарска територија. Бугарија била изненадена, а бидејќи ги нема потребните воени сили да се спротивстави, по наредба на министерот за одбрана, генерал Иван Велков, кон границата биле упатени околу 1.000 војници, со 18 митралези и 12 топови. Против 100-илјадната грчка армија се спротивставиле вкупно 1 300 бугарски војници без тешко вооружување. Во првите часови на војната бугарските сили отстапиле, а Грците ги зазеле селата Кулата, Марино Поле, Долно Спанчево, Чучулигово, Ново Хоџово, Пиперица, Лехово, Марикостиново, Тополница, Петрово и Дрангово. Во еден момент грчката офанзива се забавила, бидејќи грчките војници се впуштиле во грабежи на покуќнина и добиток по селата во Пиринска Македонија. Владата во Софија испратила повик за помош до секретаријатот на ЛН во Женева и наредила на бугарските војници да се воздржат од воени дејствија. Малите бугарски сили кои не можеле да и се спротивстават на грчката армија се окопале околу Рупите и станица Генерал Тодоров. Но, грчката армија којашто има за цел да се заземе градот Петрич, кој е аминистративен центар на Пиринскиот дел на Македонија, и оттаму да го отвори патот по долината на реката Струма, продолжила со воените дејства. Меѓутоа, тука грчката армија се соочила со една од најдобро организираната воена сила во овој регион – четите на ВМРО. Имено, по крајот на Првата светска војна ВМРО ја обновила својата револуционерна дејност и изградила многу добра воена организација на територијата на Пиринска Македонија, која станала држава во држава.

На 22 октомври, во моментов на грчката инвазија, ВМРО собрала за одбрана на Петрич околу 4.500 четници, поделени во пет одреди, кои ги зазеле позициите околу градот. За подобра кординација ЦК на ВМРО го испратила во градот Јордан Ѓурков од Штип и на 23 октомври во Петрич бил формиран кризен штаб на чело со војводата Георги В'ндев од мегленското село Лесково и помошникот Борис Бунев од Тетово. Штабот ја презел кординацијата за одбрана на градот, а по левиот брег на Струма командант на четите бил Зисо Попов од село Бапчор, Егејска Македонија, кој го спречил напредувањето на грчките војски. Истовремено организацијата извршила евакуација на околу 15.000 бегалци во внатрешноста. Најжестоките борби се воделе на 22 и 23 октомври, кога грчките војници од југ и од запад ја почнале офанзивата, поддржана со артилерија и авијација. Грчката армија отворила силен оган врз станиците Петрич и Марино Поле. Сепак во борбите во овие два дена грчкото напредување било спречено од четите на ВМРО.

На 25 октомври грчката армија презела нова офанзива против Петрич и повторно била одбиена. Грчката офанзива потоа запрела, а во наредните денови, на некои фронтови, Грците биле разбиени по што почнале да се повлекуваат. Покрај тоа, цел еден грчки полк, одвоени од главните сили, бил опкружен и целосно уништен од дејците на ВМРО.

На 27 октомври, Лигата на Народите им наредила на Грција веднаш да ја прекине својата воена акција против Бугарија и во регионот испратила воени претставници во Англија, Италија и Франција.

На 28 октомври грчката влада издала наредба да ги повлече своите војници од територијата на Пиринска Македонија. Грчката војска потоа неславно се повлекла, поразена не од редовна армија, туку од мобилизираните одреди на ВМРО, селани и доброволци.

На 29 октомври Советот на Лихата на Народите назначила специјална анкетна комисија за истражување на конфликтот. Истражната комисија открила дека се изгорени 12 села, 15.000 бегалци ги напуштиле своите родни места, а цивилните жртви од Петрич и околните села биле околу 40 лица.

Врз основа на извештајот на комисијата, Генералното собрание на Лигата на Народите ја осудила Грција како агресор и наложила да исплати репарации на Бугарија во износ од 30 милиони лева. Неколку месеци подоцна, грчкиот генерал Пангалос ги изгубил изборите и бил суден за уништувањето што и го донел на Грција.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Данаилова, Катерина. „Петричкият инцидент“ и ОН - 1925 година. Пловдив, 2011, стр. 151.
  2. Mihaylov, Ivan. Спомени III. Освободителна борба 1924–1934, Leuven, 1967, pp. 584–585.
  3. Тюлеков, Димитър. „Обречено родолюбие. ВМРО в Пиринско 1919-1934“, Благоевград, 2001, стр. 145-149
  4. Енциклопедия „Пирински край“, Том 1, Благоевград, 1995, стр. 241
  5. Недев, Недјо (2007). Три държавни преврата или Кимон Георгиев и неговото време. София: „Сиела“. ISBN 978-954-28-0163-4.