Мирче Ацев - Оровчанецот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мирче Ацев - Оровчанецот
MirceAcevOrovcanecot.jpg
Роден 1859
с. Ореовец, Прилепско
Починал 17 септември 1901
с. Уланци, Тиквешко

Мирче Ацев - Оровчанецот ( 1859 во Ореовец (Прилепско)17 септември 1901 во Уланци, Штипско) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација. Народниот херој од НОВ Мирче Ацев бил внук на војводата Мирче Ацев, чие име и го носел. Негова внука била и Вера Ацева, која исто така учествувала во НОВ.

Животопис[уреди | уреди извор]

Семејството на Ацевци (Симоновци) од селото Ореовец кај Прилеп, дало за Македонија дури 15 револуционери, борци за ослободување на македонскиот народ.[1] Тој бил син на најмалиот од шесте синови на Аџи Константин Симоноски - Аце Симоноски. Мирче имал уште пет други браќа: Петре, Дончо, Гога, Илија и Ордан.[2] По завршувањето на основното училиште работел како овчар, полјоделец и кираџија.

Револуционерна дејност[уреди | уреди извор]

Војводата Мирче Ацев со другари (првиот од лево)

Пресуден настан за да оформи чета и да се приклучи кон комитите кои ги заштитувале македонските селани, било убиството на неговиот татко - Аце Симоновски. Мирче Ацев бил сведок на овој настан, по што мртвото тело на својот татко го вратил дома, заедно со стоката. Убијците на неговиот татко потекнувале од селото Сирково (Тиквешко), а било извршено напролет, околу муслиманскиот празник Рамазан. По овој настан, тој решил да им се одмазди и затоа се приклучил во четата на Коне Павлев[3]. Меѓутоа, турската власт успеала да го фати и го испратила во Солунскиот затвор, каде одлежал повеќе години. Успеал да избега од затворот и се префрлил во Софија. Во Софија имал контакти со Гоце Делчев, за кого извршил и неколку задачи. Таму бил обвинет за учество во убиството на Стефан Стамболов (претседател на бугарската влада) и бил осуден на три години затвор, во злогласната „Црна џамија“. Разочаран од овие настани, Мирче се вратил во татковината.[4]

Во 1899 година со своја чета заминал за Неврокопско, каде неколкупати имал успешни судири со турската власт. Пролетта 1900 година во неговата чета членови биле: Глигор Соколов (кој подоцна станал водач на српска чета), Стојан Акчијата, Стојче Добрушанецот, Јордан од село Књаже, Стојан Димитров, Јордан Штипјанчето и др.[5]

Во овој период тој решава да им стави крај на неколку турски насилиници, какви што биле Топузот, Порезот, Булиман, па и Суљо Пушка од Долнени.[2] Активноста на неговата чета продолжила со поставувањето заседа на Ферад Ружди-бег од Охридско, во месноста Црници, крај стариот пат Прилеп-Велес. Тука бил ликвидиран и бегот и неговите тројца телохранители.[6] Со секоја ликвидација на злосторниците, кои вршеле терор врз македонскиот народ, добивале големи симпатии и поткрепа меѓу селаните. Се памети и прераскажува и неговата акција во местото "Скала" (Мариовско), во која ликвидирал 8 Турци-катили од битолското село Чарлија.

Смрт[уреди | уреди извор]

Во август 1901 година, Мирче Ацев со својата чета заедно со Гоце Делчев, тргнал од Ќустендил кон внатрешноста на Македонија. Била планирана акција врз рудникот за графит кај селото Попадија, каде требало да се киднапира директорот на рудникот (Белгијанец), а потоа да се бараат пари за откуп. Стигнувајќи крај реката Вардар, Гоце Делчев се раздвоил и тргнал на дводневна работа во Струмица, со план да се најде со Мирче Ацев во Прилеп. Еден од неговите четници веќе бил болен, по што Мирче одлучил да побара помош за него во самото село Уланци. Неофицијално, се смета дека четата била предадена. Започнала нерамна борба, во која Мирче Ацев бил ранет двапати, по што починал.[7][8] Тука била убиена целата негова чета, а само двајца успеале да се спасат. Тоа биле, комитите Христо Николаев и извесен Зафир од селото Ораовдол.[9] Откако преживеаните комити се засолниле во селото Мартолци, тие испратиле писмо до директорот на гимназијата во Велес - Петар Михов. Писмото завршило кај Јован Бабунски, кој бил српски учител во Велес, по што Петар Михов е затворен во скопскиот затвор, а пратена е потера во селото Мартолци, каде се ликвидирани и последните двајца комити од четата на Мирче Ацев.[2]

Со голема болка и неверување, смртта на прилепскиот војвода ја примил и Гоце Делчев, кој само неколку дена бил заедно со нив и лесно можел да потпадне во истата заседа. Во овој период тој, заедно со Никола Петров Русински, вршат обиколка на Прилепскиот и Битолскиот крај.

Делото на Мирче Ацев, го продолжиле и неговите браќа Петре, Ѓорѓи и Ордан. По бројот на борци дадени за слободата на Македонија, семејството на Ацев, можеби и едно од најзначајните. Покрај борците од Отоманскиот период, Ацевци ги дале и познатите борци од НОВ, народните херои, Мирче Ацев (крстен по војводата) и неговата сестра Вера Ацева.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Борбениот пат на револуционерното семејство Ацеви, Прилеп и Прилепско (1893-1918). Прилеп: Друштво за наука и уметност - Прилеп. 1991. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. 2,0 2,1 2,2 Војводите Коне Павлев и Мирче Ацев. Прилеп: Ризница - Прилеп. 2016. стр. 43, 49–54, 61–66. ISBN 978-608-4533-10-8. На |first= му недостасува |last= (help)
  3. Кратка биография на Мирче Ацев
  4. Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 52. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  5. Револуционерната дејност во Прекурид (крај на XIX-почеток на XX век), Прилеп и Прилепско. Прилеп: Друштво за наука и уметност. 1991. стр. 84. На |first= му недостасува |last= (help)
  6. Македонското национално ослободително движење во Битолскиот вилает. Скопје: НИО „Студентски збор“. 1982. стр. 84. На |first= му недостасува |last= (help)
  7. Енциклопедия България, том 1, Издателство на БАН, София, 1978, стр. 161.
  8. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 13 - 14.
  9. Револуциони борби во Азот (Велешко) и Поречието. Софија: Македонски Научен Институт, Книга X. 1929. стр. 31. На |first= му недостасува |last= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]