Јован Бабунски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јован Бабунски
Роден 1878
Мартолци, Османлиска империја
Починал 1920
Велес, Кралство СХС
Занимање Србомански Војвода и српски национален деец

Јован Стојков (иќ) попознат како Јован Бабунски (Мартолци, 1878Велес, 1920) — србомански четнички војвода и борец против македонското национално ослободување. Прекарот Бабунски го добил по местата во коишто делувал: планината Бабуна (особено селото Богомила) и реката Бабуна.

Образование[уреди | уреди извор]

Јован Стојков (иќ) е роден во велешкото село Мартолци во 1878 година. Основното образование го завршува во град Велес. По завршување на четирилетката, емигрира со семејството во Србија, во градот Белград, каде што една година учи гимназија, а потоа се префрла во богословско-учителско училиште наменето за Срби од Турција. Потоа образованието го продолжува во градот Валево, каде што завршува нижа гимназија, па учителска школа во Ниш.

По завршувањето на учителската школа, преку српската националистичка организација “Свети Сава“ е испратен како учител во Тетово.

Српски војвода[уреди | уреди извор]

Како агент на српската пропаганда во Тетово, а подоцна во градот Велес, Бабунски ги поттикнувал граѓаните да вршат клевети и предавства над активистите на ВМОРО пред турските власти. Заради едно такво предавство извршено од страна на брат му, Ѓорѓи Сугарев го ликвидира брат му, а после и татко му. После оваа казна на организацијата, Бабунски станал војвода на србоманска чета, и дејствувал во Поречието и Велешко.

Соработувајќи со турските власти, Бабунски успеал да создаде многу силна србоманска мрежа во областите во коишто е активен. Најблиски соработници му се Глигор Соколов (иќ) и Јован Долгач.

Четници по Младотурската револуција. Бабунски стои прв оддесно

Води серија битки против четите на Иван Алабакот, Блаже Биринчето, Стефан Димитров, Панчо Константинов и Ѓорѓи Сугарев.

Кога во Турција бил извршен преврат во 1908 од страна на Младотурците, кои донеле Устав и општ мир, Бабунски прекинал со четништвото на определено време. Но, откако извршува убиство на еден член на ВМОРО, Бабунски пак станува нелегален и успева да пребегне во Србија, од каде што во 1912 на чело на српската војска составена од елитни четници ја поминал балканската војна од Куманово до Битола.

Четниците на Бабунски на неговиот гроб

Името на Јован Бабунски е сврзано со задушувањето на македонското Тиквешко востание, кога заедно со својата србоманска чета, и со војници од редовната српска армија на најѕверски начин прави масакар на невиното население во Тиквешијата [1].

Исто така се истакнува и во борбите на Солунскиот фронт во Првата светска војна, за што добил највисоки српски и француски воени одликувања. Умрел во 1920 година во Велес.

Одликувања[уреди | уреди извор]

Носител е на повеќе српски и француски одликувања. Исто така, помеѓу двете Светски Војни, во негова чест бил подигнат споменик во Велес. Бабунски е опеан и во епот „Спремте се, спремте четници!“.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Михайлов, Иван. Спомени, т. ІІ. Освободителна борба 1919-1924 г., 1965, с. 61-62, 351.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]