Мартолци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мартолци
Поглед на Мартолци 4.JPG

Панорамски поглед на селото Мартолци со новоизградената црква „Св. Илија

Мартолци is located in Македонија
Мартолци
Местоположба на Мартолци во Македонија
Координати 41°34′02″N 21°39′14″E / 41.56722° СГШ; 21.65389° ИГД / 41.56722; 21.65389Координати: 41°34′02″N 21°39′14″E / 41.56722° СГШ; 21.65389° ИГД / 41.56722; 21.65389
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски
Општина Coat of arms of Čaška Municipality.svg Чашка
Население 180[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1413
Повик. бр. 043
Надм. вис. 330 м
Слава Ѓурѓовден
Мартолци на општинската карта
Мартолци во Општина Чашка.svg

Атарот на Мартолци во рамките на општината
Commons-logo.svg Мартолци на Ризницата


Мартолци — село во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед кон сретселото и новоизградената црква „Св. Илија

Селото Мартолци се наоѓа во областа Азот, на 21 км југозападно од градот Велес. Мартолци се наоѓа во областа Азот, во средното сливно подрачје на реката Бабуна, а на територијата на Општина Чашка. До 2004 година било дел од некогашната Општина Извор.

Селото е ридско, расположено на надморска височина од 330 метри. Куќите на ова познато село се сместени во подножјето на карпестото стеновито возвишение Чукар (655 м.н.в.), кое се издигнува северозападно од населбата[2]. Од градот Велес е оддалечено 25 километри[3]. Јужно од Мартолци на оддалеченост од 60 метри е истоимената железничка станица на пругата Велес – Прилеп – Битола, коритото на реката Бабуна и плодната алувијална рамнина околу неа.

Околни села се Стари Град и Оморани. Жителите се служеле со вода од една пумпа кај железничката станица. Порано, некои селани летно време на магариња носеле вода од „кладенци“ крај Бабуна[2]. Денес, селото има водовод. Атарот зафаќа простор од 14,9 квадратни километри, на него преовладуваат пасиштата на површина од 950 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 305 ха, а на шумите само 69 ха[3]. Краевите на атарот ги носат следните називи: Руен, Поменовски Рид, Меѓа, Бабуна, Марков Камен, Врле Дол, Зад-Чукар, Калдрма, Смрека, Јалица, Било, Шумјаци. Внатрешните делови на атарот се: Говедарничиште, Чумар Средни Рид, Крст, Велјаница, Ѕвездина Пештера, Петков Гроб, Влашки Трла, Ѓорговица, Тумби, Гарваница, Арнаутски Ниви, Аргачи, Миленкова Нива, Мечкина Круша, Јасика, Цуцулест Камен, Црвена Пештера, Талева Пештера, Присој.

Мартоци е село од збиен тип, каде што сродничките куќи се групирани блиску една до друга.

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед кон Долно Маало во Мартолци

Селото Мартолци најпрвин се наоѓало покрај реката Бабуна од нејзината лева страна[2]. Тоа место се нарекува Селиште, каде што сега се ниви. За време на турското владеење, селото се кренало на сегашната повисока местоположба[2]. Од старото село останала црквата Св. Мина околу која се селските гробишта. Некои велат дека црквата на Селиште потекнува од „Елините“ или од „Римјаните“. Во 1878 година Мартолци станало чифлик, кога него го присвоил некојси Зенделбег кој бил доселен како бегалец (мухаџир) од Ќустендил во Велес[2]. Од 1912 година неговиот син Тефик почнал да ја распродава земјата на чифчиите и доселеници од околните села[2].

За Мартолци дава податоци и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во неговата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, каде опишувајќи ги селата во областа Азот по долина на Бабуна запишал дека Мартолци е чифлик со 30 куќи и 10 самостојни куќи[4]. Во време на заминувањето на Турците, Мартолци имало 25 македонски куќи. Селска слава на Мартолци е Ѓурѓовден. Селаните велат дека таа населба е од поново време. Неа ја вовел Тефик-бег. Тој во селото чувал доста овци и говеда. Стрижењето на овците се вршело на Ѓурѓовден и така селото споменатиот празник почнало да ја слави како „панаѓур“[2]. На местото Марков Камен еднаш се сретнале василичари од селата Мартолци и Оморани. Во судирот победиле оние од Мартолци. Затоа местата Марков Камен и Василички Гробишта крај него биле присвоени од жителите на Оморани. Плочите од тие гробови се тргнати во 1935 за време на градењето на железничката пруга. Недалеку од Марков Камен е местото Присој. Таму се познаваат отисоци од „коњски копита и човечки стапалки“. Ѕвездина пештера името го добила поради тоа што таму некои арамии ја убиле девојката Ѕвезда. На местото Петок Гроб порано постоела голема надгробна плоча.

Крај Мартолци од северозападната страна избиваат слабите извори: Неделска, Средочна и Петочка вода. Се смета дека нивната вода е лековита. Селаните велат: „Ако некој не може да најде лек од лекар, тогаш оди таму“.

На атарот на Мартолци има едно регистрирано археолошко наоѓалиште. Тоа се Гробови – Подвид, некропола од римското време. На 200 метри североисточно од железничката станица, покрај пругата, во 1950 година биле откриени два надгробни споменика од мермер со грчки натписи. Спомениците се чуваат во Народниот музеј во Велес.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Мартолци потекнува од поранешните жители кои биле мартолози [2]. Тие биле помошни чети на христијани кои што биле посада во тврдините[2]. Тие мартолози имале посебни овластувања, за што сведочи и нивното име кое најверојатно потекнува од зборот арматолос - вооружен заштитник, капидан. Најпознат мартолоз во Македонија бил Карпош водачот на познатото востание. Имајќи ја предвид значајната местоположба на Мартолци на главните сообраќајни врски и крстопатот на областа Азот по долината на Бабуна, областа Клепа околу соседното село Извор и соседната долина на Тополка, голема е веројатноста тоа да било седиште на мартолоска чета. Недалеку од Мартолци на самиот влез на Бабуна во малата клисура, над Стари Град постои археолошкото наоѓалиште Кале, каде сѐ до раниот среден век, време во кое биле активни мартолозите, имало утврдена населба.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Месноста „Зелениште“ се користи како пасиште

Според составот на атарот, Мартолци е село со полјоделско-сточарска функција[3]. Поради извонредно поволната местоположба која изобилува со идеални услови за развој и занимавање со поледелство и сточарство, населението на селото Мартолци се занимаваа со исклучително развиен обем на земјоделство и сточарство. Од поледелството посебно во плодната алувијална почва од двата брега на реката Бабуна под селото на големи површини се застапени житата, најмногу пченица и пченка како и сточна храна, градинарството односно одгледување на пиперки, патлиџани (домат), краставици, лук, кромид, зелка, марула, боранија, спанаќ под пластеници и на отворено, а во значајна мерка е застапено овоштарството преку неколку големи насади на јаболкници и круши. Во дворот на речиси секоја куќа под пластеници и на отворено се одгледуваат пиперки, патлиџани, боранија, лук, грашок, нане. На благите падини на ридовите околу селото кои се свртени кон југ на сончевиот припек се одгледуваат повеќе лозја, кои даваат многу квалитетна винова лоза и трпезно грозје од сортите: мускат (со особено крупни зрна и арома) и афус-али од белите, вранец, хамбург од црните сорти, од кои се произведува многу вкусна ракија. Тревнатите падини и нискостеблестата грмушеста шума на падината на возвишението Чукар над селото се користат како добри пасишта за големиот број на стада кози и крупен добиток како крави, волови и телиња кои се чуваат речиси во секоја куќа. Во помала мерка се одгледуваат и овци.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година Мартолци броело 180 жители.[1] Селото Мартолци е населено само со Македонци. Поради иселување на дел од населението, бројот на жителите опаднал од 422 во 1961 година, на 215 жители од кои 212 Македонци во 1994 година[3]. Сепак поради поволната сообраќајна поврзаност преку асфалтниот патен и железничкиот правец кон Велес, како и одличните услови за стопанисување, во последните години Мартолци бележи зголемување на бројот на жителите. Во селото се родени и постојано живеат околу десет деца, а повеќе поранешни жители кои во минатото се иселиле во Велес, се вратиле и ги имаат обновено своите куќи во кои престојуваат сѐ почесто и ги обработуваат своите имоти.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[5] 1905[6] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 340 312 401 385 422 371 340 252 215 180
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[7]

Родови[уреди | уреди извор]

Денешното македонско население на Мартолци според староста на потеклото претставува мешавина од староседелци (ок. 32 куќи) и доселеници (ок. 39 куќи). Доселениците се од разни села од горниот слив на Бабуна. Со текот на заедничкото живеење тие сосема се изедначиле според начинот на живот и сфаќањата. Стари родови се: Кочовци, Пашалиовци, Ѓошовци, Бенинци, Трајковци, Боцевци, Петревци, Будалковци, Гочевци, Џунџевци, Стимковци, Чулевци, Божиновци, Мирчевци и Зафировци[2]. Најголемиот дел од нив слават Свети Никола. Бидејќи за овие родови никој не знае да каже дали се од некаде доселени, со голема веројатност може да се истакне дека тие се староседелци. Сите стари родови учествувале во иселувањата па затоа се мали по бројот. Родот Симковци, од кој потекнува познатиот четнички војвода Јован Бабунски, во турско време одреден период пребегнале во соседното село Оморани, па повторно се вратиле во старото село. Доселени родови по заминувањето на турската власт се: Нежиловци или Милевци дошле од Нежилово. Бистричани дошле од селото Бистрица. Капиновци дошле од селото Капиново. Мокренци дошле од селото Мокрени. Орешани дошле од село Папрадиште[2]. И доселеничките родови во најголем дел слават Св. Никола. Во 1960-тите години, издвоено од Мартолци, на јужната страна, во зградата на некогашната селска задруга живееле 4 семејства. Тие биле „деленици“ на поединечни старински (2 к.) и доселенички (2 к.) родови. За нив се слушало заедничкото име Мрзачи бидејќи се одвоиле од родителите, за да имаат „државна работа“ и да примаат детски додаток[2].

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Игралиштето заедно со зградата на поранешното основно училиште
Поглед на поранешната зграда на железничката станица во селото (денес семејна куќа)
Образовни
  • во селото постои зграда на основно училиште до V одделение, чии простории се користат и за општински и управни работи, како место за собир на месната заедница, гласачко место итн.
Сообраќајни
  • ЖС „Мартолци“ — железничка станица на линијата Скопје-Битола, на која редовно сообраќаат возови

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била значително проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Извор.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Извор.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Извор, во која покрај селото Мартолци, се наоѓале и селата Владиловци, Долно Врановци, Извор, Крнино, Поменово, Попадија, Смиловци, Стари Град и Степанци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Извор, во која влегувале селата Долно Врановци, Извор, Мартолци, Поменово, Смиловци, Стари Град и Степанци.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Новоизградената црква „Св. Илија“ на сретсело
Цркви[8]
Археолошки наоѓалишта[9]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за поголем број на иселеници од Мартолци. Има и сосема иселени или исчезнати (делумно изумрени) стари родови. Тоа се: Мишевци, Котевци, Марковци, Антовци, Пецовци, Таневци, Негревци, Домаќиновци, Ѓурѓевци и Миленковци. Се иселиле пред крајот на турското владеење и подоцна[2]. Од родот Мишевци некои членови живеат во соседното село Извор. Од родот Марковци има иселеници во Велес. Од родот Негревци има иселеници во Битола. Од родот Домаќиновци има иселеници во Белград. Жителите на родот Ѓурѓевци „избегале во Бугарија“. Во родот Котевци на крајот на 19 век живеел угледниот предок Коте, за кого се зборувало дека „бил рамен со бегот“. Тој купил земја и во соседното село Извор и така станал богат житарски трговец во Велес. Родот Мартолчани (1 к.) живее во соседното село Извор[2].

Иселеништвото во поново време главно се одвивало кон поголемите градски центри во Македонија, односно кон Велес и во помал степен кон Скопје. Мал дел од иселените жители на Мартолци се отселиле и во странство.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 7 мај 2016. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр.217-219
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја.. Патрија. стр. 192-193. 
  4. Петров, Гьорче (1896) (на бугарски). Материали по изучванието на Македония.. Печатница Вълковъ. стр. 312. 
  5. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  6. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  7. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  8. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  9. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Надворешни врски[уреди | уреди извор]