Никола Киров Мајски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Никола Киров Мајски
Роден 28 јуни 1880
Крушево, Македонија
Починал 2 август 1962
Софија, Бугарија

Никола Киров Мајски (Крушево, 28 јуни 1880 - Софија, 2 август 1962) — македонски револуционер и писател. Автор е на Крушевскиот манифест.

Животопис[уреди | уреди извор]

Никола Киров Мајски е роден во семејство со револуционерни традиции, кое потекнува од охридското село Свиништа. Дедо му Трајко, познат по прекарот „Демир (Железен) Трајко“ своевремено важел за голем бунтар и народен закрилник. Татко му Киро бил ѕидарски мајстор, изучувајќи го старословенскиот и грчкиот јазик.

Основното образование го стекнува во родниот град, а гимназијата во Битола и Солун. Неговата бедна положба уште повеќе се влошува кога во 1892 година умира мајка му и се разболува татко му. Сепак успева да добие стипендија и да се запише во Битолската неполна машка гимназија каде ќе ги направи првите чекори на револуционерното поле, поврзувајќи се со неговиот воспитувач Пере Тошев, за кого ќе рече: „На учениците тој гледаше како на идни апостоли на слободата кои преку исполнувањето на својот патриотски долг ќе мораат да се соочуваат со маса тешкотии и да ги превозмогнуваат.“

Поради учеството во ученичкиот бунт во 1898/1899 година, заедно со група ученици ќе биде исклучен од Битолската гимназија. Сепак, по интервенцијата на охридскиот владика Методиј казната му била укинета и тој своето образование го продолжил во Солунската гимназија.

Во 1902 година заминува на учителска должност во леринското село Баница. Следната година се враќа во Крушево каде го затекнува Илинденското востание во кое братучед му Никола Карев ќе стане претседател на Крушевската република, а тој ќе го состави познатиот Крушевски манифест.

По неуспехот на Илинденското востание, во 1906 година повторно учителствува во Леринско. Подоцна се запишува на Софискиот универзитет а во 1909 година учителствува во бугарскиот град Ихтиман каде поради недоразбирањата со тамошниот училиштен инспектор се враќа повторно во Крушево. Во 1910 година е назначен за директор на училиштето во Дебар и Ресен, но поради акциите кои ги спроведуваат младотурците тој е спречен на тоа, поради што е и уапсен, каде е подложен на жестоки физички мачења. По 17-дневни мачења во истражниот затвор во Крушево, во недостиг на конкретни докази Мајски бил ослободен и тој веднаш стапил на должност во Дебар.

Таму тој бил осомничен за подбуцнувач на месната македонска и албанска интелигенција. Во учебната 1911/1912 година е директор во Ресен, каде застанал на страната на учителството за време на неколкудневниот штрајк. Поради оправданоста на штрајкувачките барања тој бил унапреден за училиштен инспектор на Охридската епархија.

За време на една обиколка во Струга, Мајски дознал за ултиматумот што балканските држави го доставиле на Турција и кое доведе до започнување на Балканските војни. Веста кај него предизвикала спонтана реакција: „Зарем требаше и Бугарија да го бара од Турција, она коешто ние го бевме спечелиле низ легални и нелегални средства и борби и кога почнавме веќе постепено да навлегуваме во војската, администрацијата и судските институции. Кој ѓавол ја принудил да се договара со своите соседи и да упатува ултиматуми за нас, без наше знаење и желба. Зошто таа не го стори тоа во времето кога ние бевме една моќна сила, кога ВМРО се почитуваше еднакво и од Турција, и од балканските држави...? Зошто не влезе во договорни односи со Србија и Грција за заемно откажување од завојувачката политика и не побара интервенција од големите сили за правилно разрешување на македонското прашање...? Какви ли расходи ќе платиме ние Македонците наспроти илуминациите на балканските држави во случај ако Турција го отфрли ултиматумот и се објави војна? Каков ли грозен можеби уште погрозен и пострашен ропски јарем од досегашниот, ќе ни наврте на вратот завојувачката политика на непријателите на борбена Македонија. Бидете проклети, о, браќа- небраќа!“

Подоцна врз Мајски биле вршени обиди да биде регрутиран за целите на големосрпската политика во Македонија. Понудено му било да стане околиски началник во Подградец (Албанија), но тој дипломатски одбива.

По крајот на Втората балканска војна, тој го напушта Охрид и заминува во Бугарија. Овде заедно со македонската интелигенција го уредувал органот на федералистите „Автономна Македонија“ во која објавува низа свои прилози. Завршил правни науки во Софија и работел како учител, па како финансиски службеник, а потоа се занимавал и со други дејности.

Значајна е и неговата активност во рамките на Крушевското братство пред и по Втората светска војна.

Значаен е и неговиот творечки фонд со драмските остварувања и поетски ракописи, посебно „За Македонија“. По предавањето на стихозбирката од името на ЦК на ВМРО на Тодор Александров, Георги Баждаров, Јордан Бадев и други за да ја прегледат и да се изјаснат дали таа може да биде печатена, Јордан Бадев ќе му одговори: „Порано јас имав или сакав да имам добро мислење за тебе но ти даваш докази дека сакаш да се надраснеш себеси... Си застанал да пишуваш стихови на македонски јазик, каков што не постои и каков што никогаш нема да постои. Зашто не постои македонска нација а има само македонски Бугари кои се неразделен дел од нашава нација и сите Бугари говорат на еден јазик-бугарскиот! Да се тврди спротивното е безумство, а да се работи за македонска нација тоа е злосторство и предавство.“

Никола Киров Мајски починал во Софија, во длабока старост, токму на денот на Илинден, 2 август 1962 година.

Творештво[уреди | уреди извор]

Никола Киров Мајски оставил доста историски трудови, како:

Познат е и како драмски писател и поет.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Миодраг Друговац „Современи македонски писатели“, „Наша книга“, Скопје, 1979.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]