Митре Влаот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Митре Панџаров Влаот
Роден 1873
Кономлади, Костурско
Починал 22 февруари 1907
кај Жупанишча, Костурско
Деца Божидар Митрев Панџаров

Димитар Панџаров – Влаот, познат како Митре Влаот, Влашето, Митре Панџари, Митре Панџарот[1] (Кономлади, Костурско, 1873 - Жупанишча, Костурско, 22 февруари 1907) — македонски револуционер, член и војвода на Македонската револуционерна организација.[2]

Животопис[уреди | уреди извор]

Тој е роден во 1873 година во Кономлади, Костурско. Во 1901 година влегува во ТМОРО како обичен четник. Во четата се научил да чита и пишува, а потоа станал помошник на војводата Георги Папанчев.

Зел учество на Смилевскиот конгрес, на кој е решено да се крене востание. Во мај 1903 година четата на Митре Влаот се судрила со турски аскер кај селото Руља (денес Котас).

Четата на Митре Влаот (седнат, втор од лево на десно)

За време на Илинденското востание учествува во нападот врз османлискиот гарнизон во селото Вишени (денес Висиниа) и во големата битка кај селото Песодер (денес Писодери).

По неуспехот на востанието, тој е еден од ретките раководители на Организацијата кои не ја напуштаат Македонија. Во април 1904 година формирал нова чета, којашто бргу се зголемила. Бил прогласен за главен војвода на Костенаријата, каде што повеќепати се судрувал со грчки андартски чети.

Српски извештај од 1907 година, за убиството на војводата Митре Влаот, во борба со турската војска во село Жупаниште, Костурска каза.

Митре ги сметал за непријатели оние кои се продавале за пари, ставајќи се во служба на грчката кауза. Таквата состојба многу болно ја прифаќал:

Од душмански куршум не се плашам, но се плашам од предавнички збор, особено кога тој доаѓа од човек на родот мој [2]

Смрт[уреди | уреди извор]

На 22 февруари 1907 година неговата чета е предадена од Христо од село Шестеово (денес Сидирохори), купен од грчкиот владика Германос Каравангелис. Кај селото Жупанишча (денес Анолевки), тешко ранет, Митре Влаот умира. Заедно со целата негова чета е погребан во село Апоскеп (денес Апоскепос).

Гробот на Митре Влаот е во селото Апоскеп, во заедничка гробница со други востаници, на една височинка од каде се гледаат костурските планини, по кои тој се борел за човечки права и достоинство, за слободата на Македонија. Неговото претчувство дека ќе загине од предавнички збор на човек од родот свој се исполни за што често зборувал, а со тоа како да сакал да им остави аманет на младите македонски поколенија да се чуваат и да бегаат од такво зло кое потајно руши [2]

Во негова чест е испеана песната „Митре Влао, тешко ранет“.[3]

Митре Влао, тешко ранет

Митре Влао, тешко ранет,
му се моли на другари:
„Ој другари, мили братја,
подајте ми дулбијата
да ја врла Вич планина
да распула горе-долу
планините, долините,
и Баскарските Извори;
да се проста со Костурско
и со цела Македонија,
да се проста со Костурско
и со цела Македонија.“

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 67
  2. 2,0 2,1 2,2 „Митре Панџаров - Влаот, македонски војвода“. Архивирано од изворникот на 2007-10-22. Посетено на 2007-01-11.
  3. Сокол ми лета високо - Збирка народни песни од Егејска Македонија, Скопје: КУД Гоце Делев - Скопје, 1978, стр. 18.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]