Вранештица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вранештица

Поглед кон Вранештица

Вранештица во рамките на Македонија
Вранештица
Местоположба на Вранештица во Македонија
Вранештица на карта

Карта

Координати 41°26′42″N 21°01′35″E / 41.44500° СГШ; 21.02639° ИГД / 41.44500; 21.02639Координати: 41°26′42″N 21°01′35″E / 41.44500° СГШ; 21.02639° ИГД / 41.44500; 21.02639
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Долно Кичево
Население 329 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6258
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12011
Надм. вис. 660 м
Слава Илинден
Вранештица на општинската карта

Атарот на Вранештица во рамките на општината
Вранештица на Ризницата

Вранештица — големо село во областа Долно Кичево, во Општина Кичево, во околината на градот Кичево.

До 2013 година селото било административно седиште на истоимената општина, која била припоена кон Општина Кичево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Сретселото

Ова село се наоѓа во областа Долно Кичево, во крајниот јужен дел на Кичевската Котлина, недалеку од патот Кичево-Македонски Брод, во југоисточниот дел на територијата на Општина Кичево.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 660 метри. Од градот Кичево е оддалечено 12 километри, а од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод само 1,1 километар.[2]

Селото се наоѓа во северното подножје на планината Баба Сач. Тоа е едно од најголемите и најпознатите македонски села во Кичевската Котлина. Околни села се: Атишта, Челопеци и Староец.[3]

Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Баба Сач, Кутлиште, Турла, Рамниште, Рамна Краста, Пештера, Ливадиште, Осој, Присој, Пантео Трло, Каралајца, Калиња, Граиште, Гробои, Д’лгаш и Стаматоец. Месностите во низинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Садој, Ограѓе, Калници, Лесковник, Секулица, Дрен, Св. Петка, Рајкојци, Кукулејци, Вртача, Чупчеец, Адине, Мањов Враз, Рофјаник, Широка Шума, Лазој, Крва Бара, Крс, Лагот, Мост, Кленчиња, Латков Брег и Крилатица.[3]

Селото има збиен тип. Постојат четири маала: Горно, Средно, Долно и Лево Маало. Од нив најголемо е Средното Маало. Роднинските куќи се групирани и поблиску една до друга.[3]

До Вранештица води асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат Кичево-Македонски Брод.

Во селото до 1981 постоеле отворени извори (Инков извор, Стаматоец, Зајакоско изворче, Извор и други), но со изградбата на селскиот водовод сите тие извори преку летниот период пресушуваат. Населението со вода се снабдува од системот Студенчица, а покрај него постојат и неколку јавни чешми.

Историја[уреди | уреди извор]

Вранештица се смета за стара населба во Кичевско и во неа постојат бројни стари македонски родови. Единствено се наведува дека порано селото имало разбиен тип, односно постоеле куќи и на месностите Стари Куќи, Куќине (каде што денес се наоѓа доцносредновековната црква „Св. Илија“) и други. Подоцна, Вранештица станало село од збиен тип.[3]

За самото село се поврзува и Вранешничкиот апостол, ракопис од XIII век.[4]

Во историските извори се сретнува под истото име во втората половина на XV век (1467/1477), кога броело 52 словенско-христијански куќи,[3] меѓу кои 48 семејства, 3 неженети и 1 вдовица.[5]

За време на турското владеење, мештаните многу страдале од муслиманските Арбанаси од демирхисарското село С’лп. Тоа село имало околу 60 куќи и неговите жители ги запоседнале сите пасишта и шуми на планината Баба Сач, но и најдобрите ниви во атарот на Вранештица. Освен тоа, на превојот Турла го контролирала сообраќајот Кичево-Битола. Тоа село при една буна во 1913 година било целосно уништено.[3]

Во XIX век, Вранештица било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 15,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.100,3 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 259,9 хектари, а на пасиштата само 143,8 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат продавници.[2]

Мештаните на Вранештица се занимаваат со земјоделство и сточарство, а во минатото особено било развиено грнчарството.[3]

Во минатото во селото работела фабрика за тули и ќерамиди.[6]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948792—    
1953797+0.6%
1961745−6.5%
1971750+0.7%
1981710−5.3%
ГодинаНас.±%
1991549−22.7%
1994496−9.7%
2002438−11.7%
2021329−24.9%

Според податоците од 1873 година, селото имало 84 домаќинства со 290 жители христијани (Македонци).[7]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Вранештица имало 750 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Вранештица имало 960 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Вранештица се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 120 куќи.[10]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Вранештица:[11]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
119 111 151 49 200 165 274 439

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[12]

Вранештица е средно село по големина, но со намалување на бројот на население. Во 1961 година селото броело 745 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 496 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Вранештица живееле 438 жители, од кои 437 Македонци и 1 Србин.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 329 жители, од кои 313 Македонци и 16 лица без податоци.[14]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 750 960 792 797 745 750 710 549 496 438 329
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]

Родови[уреди | уреди извор]

Вранештица е православно македонско село. Селото е многу старо по постанок и во него има зачувано голем број на староседелски родови.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Староседелски: Ковачевци (10 к.), Пуздерковци (6 к.), Грковци (5 к.), Шошолевци (4 к.), Манајлевци (4 к.), Наревци (4 к.), Поп Настевци (4 к.), Тофановци (4 к.), Скајовци (3 к.), Мучовци (3 к.), Голушковци (3 к.), Минговци (3 к.), Златевци (3 к.), Калевци (3 к.), Кузевци (3 к.), Богојевци (3 к.), Ишковци (3 к.), Милошевци (2 к.), Попчевци (2 к.), Наумовци (2 к.), Симуновци (2 к.), Суљовци (2 к.), Грубевци (2 к.), Туловци (2 к.), Миленковци (2 к.), Брдаровци (2 к.), Прчевци (2 к.), Митрашевци (2 к.), Тофиловци (1 к.), Караџовци (1 к.), Бојовци (1 к.), Митревци (1 к.), Ивановци (1 к.), Скуревци (1 к.), Карафиловци (1 к.), Поповци (1 к.), Пејчиновци (1 к.), Дамчевци (1 к.), Поповци (1 к.), Таневци (1 к.), Борисовци (1 к.), Ќосевци (1 к.) и Србиновци (1 к.), сите овие родови се староседелски, а сите родови настанале од разгранување на поголеми родови;
  • Доселенички: Србаковци (8 к.), потеклото им е од околината на Ужице во Србија, некои муслимани за време на востанието во Србија во 1813 година донеле две жени со деца во селата Лисичани и Вранештица и така овој род е од децата, од овој род потекнува Ванчо Србаков; Пољанковци (8 к.), доселени се од селото Пашино Рувци во Прилепско; Миловци (7 к.), Зајаковци (4 к.), Ќиријовци (3 к.) и Матевци (2 к.), сите доселени од селото Цер; Незировци (1 к.), доселени се од соседното село Атишта; Голабовци (3 к.), доселени се од некое село во Струшко; Корабовци (2 к.), доселени се од кичевското село Ново Село.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[19]

  • Староседелски: Грубевци (2 к.), Калевци (2 к.), Симуновци (1 к.), Јолевци (1 к.), Скуровци (3 к.), Незировци (3 к.), Ковачевци (5 к.), Шошола (1 к.), Пуздерковци (3 к.), Ивановци (1 к.), Газовци (1 к.), Дудачовци (1 к.), Фулаковци (1 к.), Маревци (3 к.), Грковци (3 к.), Мучовци (3 к.), Мркоглаовци (1 к.), Пркевци (2 к.), Лопушковци (1 к.) и Тетелевци (2 к.).
  • Доселенички: Чурчијевци (2 к.), доселени се од селото Дупјани, а таму се доселени од Тетовско; Брдаровци (4 к.), доселени се од селото Цер во Железник пред 200 години; Богојевци (4 к.), доселени се од селото Бигор Доленци; Пољаковци (2 к.), доселени се од Битолско пред 135 години; Бојовци (2 к.), доселени се од некое село Брезово кај Прилеп? (веројатно Брезово во Железник); Ќосевци (1 к.), доселени се од селото Цер во Железник; Црничовци (1 к.), доселени се од селото Челопеци; Карафиловци (1 к.), доселени се од Охридско или селото Малкоец; Србиновци (3 к.), доселени се од Србија; Ѓорнаумовци (3 к.), доселени се од Кумановско; Куневци (1 к.), доселени се од Цер во Железник; Кузевци (1 к.), дошле со Карафиловци од Охридско; Тофиловци (2 к.), доселени се од Битолско; Корабовци (3 к.), доселени се од селото Ново Село; Лешниковци (2 к.), потекнуваат од домазет доселен однекаде; Пејчиновци (1 к.), доселени се од Прострање; Газиновци (3 к.), доселени се од селото Атишта; Попчевци (2 к.), доселени се од селото Велмевци во Железник; Коритаровци (1 к.), од домазет, однекаде; Голабовци (3 к.), доселени се од Струшко; Кундаковци (2 к.), доселени се од Цер во Железник; Гугевци (1 к.), доселени се од Тетовско; Минговци (1 к.), доселени се од селото Староец; Кушиновци (1 к.), доселени се од селото Челопеци; Таневци (2 к.), доселени се преку селото Староец од Охридско; Митревци (2 к.), доселени се од Мариово; Бентовци (1 к.), доселени се од селото Атишта; Паспалковци (2 к.), доселени се од селото Лисолај кај Битола; Прчевци (2 к.), доселени се од Порече; Чушковци (1 к.), доселени се од селото Лупште во Порече; Србаковци (2 к.), доселени се пред околу 250 години од околината на Ужице или од Приштина. Дошле барајќи си ја сестрата и останале овде. Ги има и во Порече и Гостивар; Станчевци (1 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Цер во Железник и Баталковци (2 к.), доселени се од околината на Призрен во Косово.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Основното училиште „Ванчо Србаков“ во Вранештица
Спортско игралиште до основното училиште „Ванчо Србаков“

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото било седиште на некогашната Општина Вранештица.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Староец, во која покрај селото Атишта, се наоѓале и селата Бигор Доленци, Вранештица, Карбуница и Староец. Општината Староец постоела и во периодот 1950-1952, во која тогаш влегувале селата: Атишта, Вранештица, Карбуница и Староец.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0804 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[20]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 362 гласачи.[21]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 355 гласачи.[22]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[23]
  • Градиште — средновековна населба и некропола; и
  • Кале — утврдување од доцноантичкото време.
Цркви[24]
  • Црква „Св. Никола“ — главна селска црква;
  • Црква „Св. Ѓорѓи“ — доцносредновековна црква и археолошко наоѓалиште, која воедно е и заштитен споменик на културата; и
  • Црква „Св. Илија“ — доцносредновековна црква и археолошко наоѓалиште, која воедно е и заштитен споменик на културата.
Споменици

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Илинден (2 август) — главна селска слава

Личности[уреди | уреди извор]

Родени или по потекло од Вранештица

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Вранештица е село од кое населението не се селело често, како што е случај со поголемиот број села во Кичевско, а тоа се должи на добрата географска положба и близината со градотКичево. Но, сепак, и покрај тоа, од селото има иселеници, во мал број и тоа од родот Матевци има иселеници во Кикинда, од родот Пољанковци има иселеници во Кичево, постари иселеници има во Бугарија, а по еден род има отселено во селата Мало Црско(Златановци) и Староец (Голабовци).

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 59. Посетено на 25 ноември 2020.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 112–113.
  4. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Вранешнички“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 313. Text "series " ignored (help)
  5. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 233
  6. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Кичево“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 695. Text "series " ignored (help)
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 92-93.
  8. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 257.
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 156-157.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 35.
  11. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 ноември 2020.
  14. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  15. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  16. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  17. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  18. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  19. Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  20. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 26 ноември 2020.
  21. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  22. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 26 ноември 2020.
  23. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  24. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  25. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  26. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  27. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]