Афера мис Стон
Аферата мис Стон според времетраењето, спектакуларноста, добиените финансиски средства и афирмацијата на македонското револуционерно дело на меѓународен план е најголемата афера во историјата на Македонската револуционерна организација. Главни учесници во неа биле Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов и грабнатата Мис Стон која била првиот американски граѓанин киднапиран надвор од територијата на САД.[1][2]
Причини
[уреди | уреди извор]Солунска афера
[уреди | уреди извор]Македонска револуционерна |
---|
Мото
|
Псевдоним
|
Институти
|
Статути
|
Конгреси
|
Весници
|
Непријатели
|
Сојузници
|
Хронологија
|
Афери
|
Фракции
|
Битки
|
Aпостоли
|
Поврзано
|
По Солунската провала, ТМОРО се нашла во тешка положба, голем дел од организациската мрежа била разоткриена, комитетите посебно во Солунскиот окружен комитет биле обезглавени, а речиси целиот Централен комитет бил фатен и осуден. Затоа по Солунска провала се преземени дејствија за опоравување на организацијата, а како главно прашање се наметнале финансиските средства.
Кон крајот на март 1901 година во Софија во хотелот Батемберг се одржало советување на кое присуствувале Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Д-р Руменов, Ризo Ризов и адвокатот Стрезов. На оваа средба се наметнало прашањето за финансиска помош од бугарската влада што категорички било отфрлено од Делчев. Тој решил, за да се соберат финансиски средства, да се изведат сопствени киднаперски акции во Македонија.[2]
Први обиди
[уреди | уреди извор]Гоце Делчев го ополномоштил Михаил Герџиков да изврши едно киднапирање во Македонија, но турските сили сѐ уште биле раздвижени поради Солунската провала и затоа овој обид останал неуспешен. Во летото 1901 година се одржало советување во Ќустендил на кое присуствувале Гоце Делчев, Јане Сандански и Христо Чернопеев и тие заклучиле дека:
- ситните грабежи само го нарушуваат престижот на Организацијата, а не придонесуваат за нејзино финансиско закрепнување.[2]
Затоа Јане Сандански предложил да го киднапира кнезот Фердинад при неговата посета на Рилскиот манастир, но оваа иницијатив на Сандански била отфрлена од страна на Гоце Делчев и предложил војводите да спроведаат акции за собирање на пари, но надвор од границите на Бугарија.
Раководството и војводскиот кадар се нашол во дилема. Имено помошта од Бугарија не била прифатлива, ситните акции биле непожелни, а големите биле опасни по Организацијата и ослободителнот делото [2] но сите разбрале дека мора нешто да се стори за да се дојде до пари.
Во 1901 година некаде околу Петровден, Јане Сандански, Христо Чернопеев и Сава Михајлов подготвиле план за киднапирање на Сулејман бег од Горна Џумаја, но поради болест на бегот таквата акција била откажана.[3]
Бидејќи таа акција била одложена Јане Сандански и Чернопеев се нашле во Разлошко и решиле да го грабнат д-р Хаус кој бил протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа, тој го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестанската мисионерка Мис Стон која се наоѓала во Банско. Според Христо Чернопеев киднапирањето на Мис Стон било поприфатливо бидејќи:
„ | Д-р Хаус секогаш бил пријател на селаните. Кога чув дека тој решил да не доаѓа, јас на пример не се сожалуваав. За Мис Стон јас не држев многу. Таа често проповедаше против нас, велејќи им на селаните дека Господ ќе ги оттргне од бедните, а не разбојниците... тоа ја направи работата полесна за проголтување [4] | “ |
Киднапирањето
[уреди | уреди извор]Подготовки и планот за грабнување
[уреди | уреди извор]За акцијата најпрво бил известен ОК во Банско на чело со Димитар Лазаров, потоа бил утврден планот кој се состоел од неколку точки:
- 1. Четата кој ќе го изврши грбнувањето да се состои од малку луѓе, а во неа требало да влезаат Јане Сандански, Христо Чернопеев, ајдутинот Стојан Просјакот и уште двајца комити кои требало два дена порано да заминат за село Градево [5]
- 2. Киднапирањето да се изврши на патот од Разлог за Горна Џумаја кај месноста Потпрена Скала [5]
- 4. Со четата да замине и Вапцаров кој требало да ги посочи жените [5]
- 5. Пред жените со крпа на глава требало да оди Митре Захов за да го најави нивното пристигање [5]
За целиот план притоа биле известени Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Делчев се двоумел додека Ѓорче бил на мислење дека со грабнувањето нема да се добијат големи финансиски средства. Треба да се истакне дека Јане и Христо Чернопеев решиле на своја рака да ја покренат акцијата.
Тек на акцијата
[уреди | уреди извор]Додека Сандански и Христо Чернопеев го подготвувале планот нивната чета на чело со Никола Дечев од Стара Загора ги чекала во Пирин. Меѓутоа на Делчев му здодеало чекањето и затоа испратил писмо со остар тон дека ако Сандански и Чернопеев не се појават, тој уште истата вечер ќе се врати со четата во Бугарија.
Затоа Сандански и Чернопеев и поради остриот тон на писмото дошло до расправија. Поради тоа од 14-члената чета, 11 души биле разоружани и пратени во Бугарија. Со војводите останале Димитар Ќосето, Стоил Просјакот и Димитар Инев по што биле запознаени со киднаперскиот план. За започнување на сета акција се чекал сигнал од ОК во Банско.
Меѓутоа еден дел од банските чорбаџии негодувале против грабнувањето и затоа Сандански и Чернопеев морале да заминат во Банско, а работата ја пресекол Чернопеев кога истакнал:
- Добро, но дајте вие по 5.000 лири секој, и ќе се откажеме [4].
Истовремено Лазар Димитров раководителот на ОК во Банско се запознал со Мис Стон и го дознал точниот час не нејзиното заминување, а како нејзини кираџии биле стокмени Саве Мехомиски и Георги Мацурев кој биле организациски луѓе. Откако сè било подготвено и четата била засилена со 6-мина селани заминале кон месноста Потпрена Скала, а таму со 5 комити им се придружил Крсто Асенов.
Грабнувачите биле облечени во турска облека и требало меѓу себе да говораат на турски јазик за да се остави впечаток дека грабнувањето го направиле Турци. Во караванот кој бил чекан се наоѓале: Мис Стон, Катерина Ушева, Катерина Цилка со нејзиниот маж Григор, три учителки, две ученички и други.
Тие требало да се разделаат во Горна Џумаја, Мис Стон требало да замине за Солун додека пак Цилка со нејзиното семејство требало да замине за Корча. На 28 септември 1901 година патниците биле пресретнати и поведени во планина и тогаш Мис Стон и Цилка биле одделени од групата. Цилка била земена наместо планираната Катерина Ушева која била болна, а Цилка била грабната за да не бидат обвинети за неморал, односно за да ѝ прави друштво на Мис Стон.
Треба да се истакне дека грабнувањето не се одвивало според предвидениот план. Мис Стон тргнала подоцна од предвиденото време додека пак селаните кои требало да ја снабдат четата со храна поради присуството на турска војска не можеле тоа да го направат и затоа комитите кои чекале два дена прегладнеле. Непосредно пред грабнувањето четата дошла во судир со еден Албанец кои почнал да стрела со револвер и притоа успеал да рани едно момче. Албанецот бил совладан и четата го зела со себе.
По грабнувањето прегладнетите комити почнале да го пребаруваат товарот барајќи храна и почнале да јадат свински производи и заборавајќи притоа дека треба да зборуваат турски со што се појавиле сомненија меѓу грабнатите дека не станува збор за турски разбојници.
Дополнително на тоа, четата дознала дека Албанецот е познат разбојник кој извршил бројни злосторства врз селаните и Крсто Асенов не можејќи да се воздржи го ликвидирал разбојникот пред очите на грабнатите патници, а сето тоа придонело да се засили сомнежот дека киднаперите не се Турци. На 3 септември (16 септември нов стил) османлиското комесарство испратило вербална нота до Министерството за надворешни работи и вероисповед во Софија, во која се вели дека:
„ | Од сигурните податоци, испорачани на царскотото комесарство, излегува дека четата, која киднапирала на територијата на Сер, Солунска област, мис Стоун и нејзината другарка, е составена од Бугари, членови на македонскиот комитет. [6] | “ |
Шестмесечната одисеја
[уреди | уреди извор]Први денови
[уреди | уреди извор]Четата од безбедносни причини се движела ноќе и постојано го менувала правецот на движење за да не бидаат откриени. Вториот ден тие биле во околината на село Долна Сушица и на жените како утеха им биле подарени горски цвеќиња и претходно земената библија.
Кај селото Сушица третиот ден на жените им било откриено дека се грабнати за откуп, а Чернопеев ги предупредил дека ако се обидаат да избегаат ќе ги убијаат.
Од своја страна Мис Стон истакнала дека нема да им даде повод за такво нешто меѓутоа кога дознала колкава сума на пари бараат за неа таа се исплашила, имено станувало збор за 25.000 лири односно 101.000 долари.[2] Третата ноќ четата навлегла во Бугарија, со цел таму да се засолни сè додека не се смири состојбата во Горна Џумаја. Тие се засолниле во селата Флорош и Црвиште, а Сандански во меѓувреме заминал во Дупница на лекување но и да дознае нешто.
Таму од Никола Малешевски разбрал дека бугарската армија и жандармерија ја пребаруваат пограничната област и затоа четата се вратила во Горна Џумаја. По враќањето тие времено се сметиле во една куќа во Селиште и ги започнале првите обиди за преговори со цел да се добие откуп.[4]
Преговори
[уреди | уреди извор]На 4.09.1901 година во Банско, Григор Цилка и останатите ослободени ја известиле тамошната протестанска заедница, а тие пак на 5 септември телеграфски го известиле д-р Џон Хаус кој од своја страна пак за киднапирањето го известил американскиот конзул во Солун, П. Х. Лазаро, тој пак го известил американскиот конзул во Цариград, Дикенсон.
Лазаро покрај известувањето за киднапирањето потенцирал дека американскиот конзулаат треба да побара од Високата порта да го плати откупот и да не испраќа војска бидејќи би можеле да настрадаат грабнатите [4].
Шест дена по грабнувањето на 9.09.1901 година Мис Стон била принудена да го напише првото писмо со кое требало да започнат преговорите. Споменатото писмо било диктирано од Јане Сандански и Чернопеев, а самата Мис Стон требало да одлучи до кого ќе го адресира и таа решила да го испрати до Костадин Петканчин од Банско и нејзин стар пријател.
Во писмото било наведено дека за нивното враќање се бараат 25.000 лири и дека Петканчин требало да го извести Вилјам Пит кои бил касиер во американскиот совет во Цариград. Меѓутоа Петканчин исплашен од писмото ги известил турските власти и првиот обид за започнување на преговори пропаднал. Потоа Мис Стон ја натерале да напише ново писмо сега до д-р Хаскел кој бил мисионер во Самоков.
Оваа писмо лично било однесено од Крсто Асенов во тој момент содејство дале и Ѓорче Петров и Никола Малешевски. На 28 септември д-р Хаскел во Цариград имал средба со Вилјам Пит, Еди Пенсер - времен американски претставник и Чарлс Дикинс - дотогашен генерален американски конзул во Цариград.
Вмешување на американскиот Департмент
[уреди | уреди извор]Во киднапирањето на Мис Стон се вмешал и американскиот Департмент и почал да дава инструкции на Дикенсон и Лејшман, потенцирајќи дека Департментот нема да се занимава со киднапирањето и сета одговорност се препушта на Лејшман.
Американскиот совет за пропаганда истакнал дека нама да го плати откупот затоа што со тоа би се направил опасен преседан. Од друга страна Департментот истакнал дека без дозвола на Конгресот на САД и тој нема да може да го плати откупот.
На 3.10.1901 година американскиот државен секретар му препорачал на Американскиот совет за пропаганда дека парите за откуп може да се собераат по пат на доброволни прилози и истовремено ветил дека администрацијата ќе го убедува Конгресот да ги врати парите на дарителите. За собирање на пари од доброволни прилози била отворена посебна сметка во банка, а од своја Департментот на 24.09.1901 година ги известил своите претставници во Цариград дека владата на САД и американскиот совет не преземаат одговорност за плаќање на откупот но истовремено било истаканто дека нема да прваат пречка при собирањето на доброволните прилози.
Департментот иако истакнал дека нема да се занимава со преговорите ветил содејство и помош. Тој препорачал сите дејствија во однос на преговорите да одат преку Вилјам Пит, касиерот на Американскиот мисионерски совет во Цариград [1]. Во меѓувреме Дикенсон бил назначен за дипломатски претставник во Софија и почнал да врши притисок врз бугарската влада за фаќање на грабнувачите но Софија истакнала дека таа не може да стори ништо бидејќи киднапирањето се случило во Отоманското Царство.
Министерот за внатрешни работи Михаил Сарафов писмено го известил Дикенсон дека Бугарија нема да дозволи откупот да се изврши на нејзина територија, бидејќи со тоа би можеле да се мотивираат слични грабнувачи од Турција. Дикенсон сепак продолжил со својот притисок и предложил да спроведе сопствена истрага и поради тоа бил прогласен за непожелна личност во Бугарија [4].
Во меѓувреме американскиот вршител на работи во Цариград, Еди Пенсер побарал од турските власти да не се опколува и напаѓа четата и истовремено побарал од рускиот претставник Зиновјев да влијае врз Централниот комитет, а Зиновјев истакнал дека ќе стори сè што може. Додека траеле овие надмудрувања рокот кој бил поставен за плаќање на откупот истекувал и затоа Дикенсон се решил на спасувачка акција. Тој на 7.10.1901 година разбрал дека четата се наоѓа во Пирин и предложил кординирана акција помеѓу турските и бугарските сили за ваќање на четата но неговиот предлог бил категорично отфрлен. Сето тоа влијаелео Дикенсон да се реши дирекно да преговара со четата.
Дикенсон како преговарач
[уреди | уреди извор]Во меѓувреме д-р Хаскел го почитувал дадениот рок и затоа на 8 октомври со вратил во Самоков. Второто писмо Крсто Асенов го предал на 25.10.1901 година и рокот бил продолжен за 8 дена.
Хаскел се обидел да преговара за пониска цена и затоа Асенов се вратил назад за консултации со четата, а Хаксел за воспоставениот контакт го известил Дикенсон кој во Самоков пристигнал на 29 октомври 1901 година. Тој три дена пред тоа добил известување од Департментот дека се собрани 66 000 долари за откупот, меѓутоа Дикенсон не успеал да се сретне со Асенов. Во Софија на 5 ноември 1901 годна во хотелот Бугарија Дикенсон имал средба со Крсто Асенов, а на 8 ноември имал средба со Христо Чернопеев додека пак на 13 ноември имал средба со двајцата. На последната средба Дикенсон понудил 10 000 лири но неговата понуда била одбиена. Дикинсон од своја страна пак поставил ултиматум дека ако парите не бидаат прифатени за една недела тие ќе бидаат вратени, а тој ќе се откаже од преговорите. Дикенсон за да биде по убедлив на 26.11.1901 година ја напуштил Софија и заминал за Цариград.
Според Ѓорче Петров:
„ | Дикенсон во преговорите се однесувал од високо и не сакал да преговара со рабојници. Нему му било одговорено дека тие не ја признаваат бугарската влада, дека таа е нивни непријател и дека доколку тој се осуди да ги предаде на бугарските власти, не ќе го остават жив, а и самите не ќе се предаадат живи [2] | “ |
Меѓу Дикенсон и грабнувачите не можело да дојде до согласност околу местото за предавње на окупот и ослободувањето на жените. Имено грабнувачите барале парите да се предадаат во Бугарија, а жените да се ослободаат во Отоманското Царство, додека пак Дикенон барал ослободувањето и откупот да се разменаат во исто време и место.
Комитет за преговори
[уреди | уреди извор]Меѓутоа Дикенсон не бил единствениот преговарач. Американското дипломатското претставништво во Цариград побарало дозвола од Департментот да се ангажираат како преговарачи Вилјам Пит и Гарџиоло кои требало на грабнувачите да им понудат 66.000 долари односно 15.000 лири.
Затоа Департментот предложил да се формира комитет за преговори и за да се олесни неговата работа да се објави дека се поседуваат 66 000 долари за откупот. Доколу и тоа неуспее Департментот препорачал дека остануваат три опции:
- 1. Да го платат целиот откуп од 25.000 лири
- 2. Да побараат од Турција и Бугарија воена акција
- 3. Да се принуди Бугарија да ја преземе одговорноста за ослободувањето на Мис Стон преку испраќање на воени бродови во Варна [1]
Усложнување на киднапирањето
[уреди | уреди извор]Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов не очекувале дека сета акција ќе се усложни и дека таа ќе трае 6 месеци.
Тука како главен проблем се јавил чувањето на заложниците на безбедно место и за тоа бил задолжен Сандански. Опасности доаѓале од османлиските потери во Пирин, дејствијата на бугарските сили во пограничните делови со што престојот на бугарска територија бил оневозможен, а како дополнителна опасност претставувала врховистичката чета на Дончо Златков [2]. Затоа четата морала постојано и брзо да се движи меѓутоа таквото движење било отежнато од фактот што станувало збор за жени, а Мис Стон тогаш имала 55 години додека пак Цилка била бремена во 5. месец што било откриено по грабнувањето.
Меѓутоа и покрај сложената ситуација четата се трудела да им обезбеди што поголеми удопства на жените. Ним им била давана најубавата храна, по можност им биле набавувани и коњи како превозно средство, а бидејќи тие биле киднапирани во летни алишта се презеле мерки за обезбедување на платно и друг материјал за шиење на облека бидејќи наближувале есента и зимата.
Двете жени изработувале облека за себе и за очекуваното бебе. Поради есента и приближувањето на зимата се појавил предлог да заминат кај Арџанското Езеро, но четата со жените одлучила да се задржат во Пирин и најчесто престојувале околу Селиште и Покровник [2].
Судирот со Дончо Златков
[уреди | уреди извор]Дополнителен проблем претставувал врховистичкиот војвода Дончо Златков кој сакал да им ги одземе жените на комитите и притоа се обидел со разни дејствија да го оствари тоа. Во село Тросково, каде Јане Сандански со жените и дел од четата престојувал, дошло до престрелка со Дончо и неговите 78 четници [2].
Престрелката траела цела ноќ по што двете чети се повлекле од селото, Јане и жените на пат кон Лешко ги сретнале Чернопеев и Асенов кои со 50 селани доаѓале на помош. Поради овој судир со Дончо, четата повторно се упатила кон Бугарија и се сместиле во селото Црвиште. Меѓутоа поради бугарските потери тие морале повторно да се вратат во Македонија.
Новороденче
[уреди | уреди извор]Јане Сандански решил да се засолнат во Влахи и таму да се породи Цилка. Меѓутоа движејќи се, Цилка добила породилни болки и затоа четата се сметила во село Србиново.
За тој чин биле донесени две бабици кои Сандански специјално ги повикал.
На 22 декември 1901 година (стар календар), Цилка се породила, а бебето било крстено Елена во чест на Мис Стон. Четата се здобила со нов член, а бројот на заложничките се зголемил на три со што положбата станала покомплицирана [2]. Мис Стон и Цилка биле изненадени од одностот на четата кон новиот сопатник. Додека пак Цилка за односот на Јане Сандански кон бебето, истакнала:
„ | Два или три часа подоцна се појави самиот водач. Тој беше висок, набиен и мургав. Очите му, друг пат свирепи, сега беа наведнати... потонати во длабоки размисли. Секој пат кога бебето ќе заплачеше или кивнеше тој се сепнуваше... мис Стон го зеде детето и го подаде на водачот. Од почетокот изгледаше збунет, но додека го гледаше малото беспомошно суштество во своите силни раце, на лицето му се појави насмевка... која почна да станува подолга... За мене тој веќе не беше разбојник, туку брат, татко, закрилник на моето дете... Бебето слатко спиеше во неговите силни машки раце... Таму од страна, беше револверот, таму беше страшната кама и пак таму малото бебе, нежно гушнато во тие чиниш железни раце. Истовремено се насмеав и се расплакав од радост. Му се заблагодарив на бога за благодарноста на тој човек... Настапи утрото. Водачот... се држеше заштитнички кон бебето. Го нарекувеше ... малата ајдутка, ќерка на четата, а најсакано име за неа му беше ксметчето [4] | “ |
Меѓутоа во Србиново дошол турски аскер и затоа четата морала да замине на третиот ден од породувањето на Цилка. Таа не можела да јава ниту да пешачи и затоа за неа бил подготвен специјален сандак и товарена на коњ стигнала во Влахи. На пат кон Влахи бебето почнало да плаче и затоа кај Христо Чернопеев и кај некој четници се јавила идејата да се убие бебето, па дури и жените за да не бидат откриени [2].
Меѓутоа Сандански на тоа се спротивставил со зборовите:
„ | Ако ги погубиме, се убиваме себе и своето дело пред народот, впрочем, нека изумреме сите, но да не го погребеме нашето дело [4] | “ |
За зашита на грабнатите Сандански презел и кокретни мерки. Имено, при престојот во една куќа меѓу Езерец и Оштава, Сандански ја дал следната наредба:
„ | Таа жена ќе ја гледате, како принцеза да се гледа. Влакно не смее да и падне од главата, минутка не треба да биде ниту гладна, ниту жедна... Пиле ако влезе во таа куќа, не треба живо да излезе, а камо ли човек. Американката ни е многу потребна и ако успееме, ќе има голема полза за нашето дело. Сите сомнителни, кои се навртуваат околу куќата да бидаат ликвидирани. [4] | “ |
Таквата наредба била неминовна бидејќи резултатите од преговорите биле видливи, а парите од откупот биле на дофат. Поради односот на Сандански кон грабнатите, тие потајно го нарекле Сандански добриот човек, додека пак Чернопеев лошиот човек [4].
Крајот на одисејата
[уреди | уреди извор]Откако се формирал Комитетот за преговори дејноста за ослободувањето на грабнатите и предавањето на парите се забрзала. На 17.12.1901 година, Пит и Гераџиоло се упатиле кон Солун. Тие планирале да заминаат за Горноџумајско и Разлошко за да стапат во контакт со четата, а како преведувач го ангажирале мисионерот Џон Хаус.
Во Солун, тие побарале од Бугарското трговско агентство да им препорача водач кој би ги водел до Разлошко, меѓутоа бугарскиот трговски агент Атанас Шопов истакнал дека таков човек во Солун нема. Меѓутоа тие успеале преку посредник да ја испратаат информацијата дека Комитетот располага со 66.000 долари, а истата вест била пуштена и во Софија.
Одоворот за понудата, Вилјам Пит, Гарџиоло и Хаус ја чекале во Сер. Меѓутоа во овие преговори се вмешал Дикенсон и со својата дејност ги искомплицирал преговорите. Дикенсон бил изолиран по формирањето на Комитетот но не се откажал од учеството во преговорите. Затоа тој преку Тодоров, кој бил бивш ученик на Хаус, разбрал дека четата е подготвена да ја прифати пониска цена за откупот. Меѓутоа Дикенскон не добил дозвола да замине за Софија и да ги обнови преговорите.
Затоа Дикенсон се решил преку Тодоров да ја извести четата дека Комитетот е подготвен да ја плати целата сума. Не се знаее дали оваа информација стигнала до Крсто Асенов. Тој пак од своја страна го известил Тодоров дека четата ги прифаќа понудените 14.500 лири од Дикенсон [2], меѓутоа побарал средба со д-р Хаус во Банско за да бидаат прецизирани условите.
Во меѓувреме, Пит и Гарџиоло се согласиле откупот да биде предаден пред ослободувањето на жените и затоа телеграфски во Цариград, известиле да бидаат испратени парите за откупот.
На 20 јануари 1902 година од Цариград тргнал специјален вагон со обезбедување во кои се наоѓале парите. Американското дипломатско претставништво вршело притисок да биде прекратено движењето на турската војска во Горнаџумајско, а обезбедувањето да ги остави парите таму каде што Гарџиоло ќе побара. Кога турските власти насетиле дека парите ќе бидаат предадени на нејзина територија ја прекратиле соработката со американското претставништво, а по престигнувањето на парите во Демир Хисар дошло до засилувње на турските сили [2].
Од Демир Хисар, Пит и Гарџиоло се упатиле кон Горнаџумајско, обезедуваќето ги оставило во Разлог, а тие заминале во Банско.
Таму тие се сметиле во протестанскиот центар, а Хаус во куќата на Иван Грнчаров. Преговарачите од 21 до 31 јануари постојано било барано да се намали военото присуство. На 31 јануари 1902, во куќата на Константин Петканчин имало средба меѓу Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов и преговарачите. На оваа средба Хаус во името на владата на САД ги прифатил следните барања:
- 1. Да се чува во строга тајна местото и времето на размена
- 2. Да се заштитат од власта невините кои влегле во врска со четата
- 3. Цилка и Стон да не бидат изложени пред турските власт
- 4. Да се заштитат Константин Петканчин и Иван Грнчаров кој ги олесниле преговорите
Откако биле извршени сите подготовки, 104 килограми злато биле предадени, а сѐ уште не се знае како тоа злато било пренесено во протестанскиот центар во Банско ниту каде четата го презело [2]. На 23 февруари 1902 година грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во село Градошорци, во непосредна близина на Струмица.
Парите и ТМОРО
[уреди | уреди извор]Јане Сандански, Крсто Асенов и Сава Михајлов со чета преку Разлошко и Доспат, парите ги префрлиле во Бугарија. За нивно трошење била формирана четиричлена комисија. Дел од парите добиле учесниците во акцијата, а комитетот во Горна Џумаја добил 150 лири. Tрeба да се истакне дека најголемиот дел од парите добиени од оваа афера биле потрошени во борбата против врховизмот [2].
Аферата Мис Стон и македонското националноослободително дело
[уреди | уреди извор]Целата афера извршила голема афирмација на македонското револуционерно дело во меѓународната јавност и дипломатија. Тоа се случило уште првиот ден од нивното ослободување во Струмица. Во тамошната протестанска црква Мис Стон рекла:
„ | Да се помолиме за тие браќа во гората, кои работата за слободата на своите браќа и кои покажаа кон нас поголеми грижи, отколку што покажаа нашите родители. Тие ги изложија своите животи за да не заштитат [4] | “ |
По пристигнувањето во Солун, Мис Стон тврдела дека грабнувачите не се разбојници туку луѓе на Организацијата која имала за цел ослободување на Македонија.[2] Исто така таа додала дека тие биле киднапирани бидејќи со својата мисионерска дејност ги одвраќале македонските луѓе [2] од православитето и дека слична судбина би можела да ги снајде и останатите мисионери во Македонија[2].
Од друга пак страна Аферата Мис Стон уште во ноември 1901 година станала актуелна во печатот во САД.
Сето тоа придонело, македонското прашање да добие трајно место во американската јавност, како едно од најострите проблеми во Европа [2]. По ослободувањето на Стон, јавноста во САД разбрала дека нејзиното киднапирање не било дело на разбојници туку:
„ | важна епизода од борбата за слобода и човекови права [2] | “ |
По враќањето во САД, Стон продолжила со својата афирмација на македонското дело и станала поборник и заштитиник на идејата за Независна Македонија [1][2].
Таа тврдела дека за целиот инцидент е виновна Отоманското Царство која не го исполнила членот 23 од Берлинскиот конгрес.
Слични настапи имала и Катерина Цилка. Таа во летото 1903 година се нашла во САД, а со себе го носела и бебето Елена. Аферата Мис Стон придонела долготрајно присуство на македонското прашање во американскиот Конгрес и Департмен, а дополнително го свртела вниманието на американскиот печат кон подоцнежното Илинденското востание. На 1.01.1904 година, Мис Стон го издала следниот апел:
„ | Сегашното избивање на илјади христијани и уништувањето на стотици села е победа на муслиманскиот деспотизам над христијанството и христијанската цивилизација на XX век. Зар верниците од целиот христијански свет ќе останаат бесшумни и нема да возвратат на горчливите лелеци на оние што умираат во Македонија [7] | “ |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Лаура Бет Шерман, Пожари в планината, Македонското ревоюционно движение и отвличането на Елен Стоун, (превод од английски Екатерина Николова), София, 1992.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003.
- ↑ Спомени на Јане Сандански
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Мерсия Макдермот, За свобода и съвршенство. Биография на Яне Сандански (превод от английски Веселин Измирлиев), София 1987
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Пленяването на Мисъ Ел. Стонь и г - жа Катерина Стефанова Цилка, сообщава Л. Томовъ, Ил. Илинденъ г. V, 9 - 10 (49 - 50), София, 1933, 25
- ↑ Вербална нота от отоманското комисарство до МВРИ в София, № 348, 16 (3) септември 1901 г.
- ↑ T. Mитев, САЩ и Македония.... 40 - 41.
Литература
[уреди | уреди извор]- Лаура Бет Шерман, Пожари в планината, Македонското ревоюционно движение и отвличането на Елен Стоун, (превод од английски Екатерина Николова), София, 1992.
- Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- "Six Months Among Brigands" спомените на Ellen M. Stone
- "Born among Brigands; Mrs Tsilka's story of her Baby" спомените на Катерина Цилка
- АФЕРАТА "МИС СТОУН" Спомени, документи и материали, Съставители: Константин Пандев и Мая Вапцаров, Издателство на Отечествения фронт, София, 1983 г.