Мелничко востание

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Мелничко востание
Знаме на Мелничкото востание.jpg
Знаме на неколку чети. Најпрво било користено од четата на Петар Начев и Никола Мутафов во Мелничкото востание, а подоцна го користела четата на Иван Цончев.
Датум 1895
Место Македонија
Исход Задушување на востанието, признавање на кнезот Фердинанд I за законски владетел на Бугарија од страна на Русија, западноевропските држави и Отоманската Империја
Завојувани страни
SMAC Seal.JPG

Македонски комитет

Osmanli-nisani.svg

Османлиска империја

Сила
околу 800 востаници 170-175 000 боеви сили
Дел од серијалот Борис Сарафов
Spomenik na Boris Sarafov.JPG

Мелничко востание, Мелничка авантура[1], (во бугарската историјографија познато и како Четничка акција[2]). Организатор на движење била македонската емигранска организација во Бугарија која во почетокот фигурирала под името Македонскиот комитет, односно Врховен македонско-одрински комитет. Треба да се истакне дека врз основа на големината на четите, бројот на учесниците, времетраењето како и врз основа на територијата која била опфатена со акцијата, не може да се говори за востание во вистинска смисла на зборот, меѓутоа во духот на историската традиција, сета акција се нарекува Мелничко востание.

Цел[уреди | уреди извор]

Да се привлече вниманието на големите сили, за да се принуди Отоманската империја за да го реализира членот 23 од Берлинскиот конгрес[3].

Македонскиот комитет не увидел дека неговата дејност може да се злупотреби од страна на бугарската влада и бугарскиот кнез, што и се случило со признавањето на Фердинант за законски владетеле на Бугарија.

Подготовки[уреди | уреди извор]

Организатор[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Македонски комитет.

Востанието било подготвувано од Македонскиот Комитет на чело со Трајко Китанчев, помош добиле од бугарската влада и од кнезот Фердинанд I, а најмногу од воениот министер Рачо Петров.

Трајко Китанчев

Најголем дел од оружјето и опремата за акцијата потекнувало од магацините на Бугарското воено министерство, а прку браќата Иванови, познати лиферанти, биле снабдени четите.

Водачи[уреди | уреди извор]

За акцијата биле ангажирани 40 официри од Бугарската армија, меѓу нив се нашле: Стојчо Гаруфалов, Антон Бозуков, Петар Начев, Васил Мутафов, Борис Сарафов, Димитар Атанасов, Димитар Жостов, Јордан Венедиков и други. Официрите биле поставени за командири на одредите.

Како водачи на теренот, кој го познавале, биле поставени старите арамиски војводи, како: Кочо Љутата, Дедо Димото, Никола Геројот, Кочо Мустракот, Дончо Златков, Дедо Анго Константинов и други[4].

Војводите добиле строги упатства да не го напаѓаат мирното турско население, да непреземаат самоволни акции, да не вршат грабежи и да си ја плаќаат храната. Биле формирани четири поголеми одреди и неколку помали чети.

Востанички чети[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет

Струмичка дружина[уреди | уреди извор]

Првиот одред бил наречен Струмичка дружина, според првиоот список одредот броел 120 души[5], меѓу нив се нашле и 10 активи официри и 3 резервни официри, меѓу кои биле Михаил Апостолов - Попето , иден инструктор на Четничкиот институт на ТМОРО. Командир на одредот бил поручникот Петар Начев, а од војводите биле Манол Караманов и Георги Кацаров. Задачата на одредот е да се нападне Струмица.

Пирин Планина[уреди | уреди извор]

Вториот одред бил Пирин Планина формиран на 16.04.1895 година во Софија и броел 148 души, меѓу кој имало и 30 души со воена подготовка. Негов командир бил капетанот Тодор Матров, а од војводите бил Кочо Љутата. Одредот требало да ја помага Струмичката дружина.

Серска дружина[уреди | уреди извор]

Третиот одред е познат како Серска дружина и се состоел од 200 души. Негов командир бил резервниот капетан Ст. Димитров, а војвода бил Стоју Костов Скрижовски позната како Дедо Стоју. Во одредот се нашоле и Георги Иванов Геројски (подоцна познат како Марко Лерински), Јане Сандански, Кирил Прличев и Димитар Мирасчиев[6] Одредот немал конкретна задача, според Јане Санадански во одредот имало 13 официри кој несакале да навлезат длабоко во османска територија и затоа се движеле по границата.

Одредот на Сарафов[уреди | уреди извор]

Четвртиот одред се ссостоел од 65 души а негов командир бил Борис Сарафов од старите арамии биле Кочо Мустракот, Кољо Ризов и Дедо Анго Константинов. Тие имале задача да дејствуваат во источна Македонија.

Собирни пунктови[уреди | уреди извор]

Во почетокот на јуни 1895 година, четите се нашле во околината на Ќустендил. Собирни пунктови биле Рилскиот манастир и селата Ветрен, Богослов и Граница. Четите биле доопремени со содејство на Трајко Китанчев, Ќустендилското друштво и браќата Иванови. Четите биле снабдени со Мартинки какви што имала османлиската армија, за да можата полесно да се снабдаат со муниција.

Наспроти овие слабо вооружени чети, стоела османлиската армија кој во 1895 година броела 170-175 000 боеви сили. Меѓу другото османлиите знаеле за подготовките на акцијата и од своја страна презеле соодветни мерки.

Востание[уреди | уреди извор]

Првите судири[уреди | уреди извор]

Четите границата почнале да ја минуват на крајот на месец јуни и почеток на месец јули. Први границата ја минале, четите под команада на Дедо Димо, Никола Геројски и така наречената чета Планина Беласица под команда на И. Инѓето и Кр. Мачерев.

По преминувањето на границата, четата на Дедо Димо имала две пресметки со турскиот аскер. На 17 јули загинал Дедо Димо. Командувањето го презел Глигор Соколов кој успеал со четата да се пробие до прилепско, а потоа се повлекле кон Бугарија.

Четата на Никола Геројот се состоела од 25 четници првиот судир го имале кај Карпиновскиот манастир. Оваа чета имала три судира со аскерот, по што 5 души исчезнале, 4-8 души биле заробени (меѓу кој бил и Никола Геројски) и еден ранет[7].

Борбите на Струмичката дружина[уреди | уреди извор]

Подпоручик Јордан Венедиков (1), поручик Петар Начев (2), подпоручик Борис Сарафов (3), поручик Хараламби Луков (4), поручик Васил Мутафов (5), поручик Стојчо Гаруфалов (6).
Четата на Кочо Љутата и Дончо Златков во 1895 година.

Струмичката дружина по преминот на границата на 30 јули го имала првиот судир со акерот и тоа во облата Голак. При овој судир загинал Петар Начев, а командувањето го презел Мутафов.

Дружината се потоа упатила кон врвот Готан на планината Плачковица. Тука наишле на заседа. На 4 јули се нашле над Струмица, кај Суви Лаки на планината Огражден и имале уште еден судир со турците.

Тука е донесена одлука да не се напаѓа Струмица бидејќи ќе имаат работа не со чети, туку со табури[8]. Се повлекле длабоко во Огражден за да се засолнат, а тука од селаните дознале дека одредот Пирин Планина имал судир кај селото Габрово.

Се упатиле кон нив меѓутоа се разминале, бидејќи одредот Пирин Планина веќе се упатил кон Струмица.

Струмичката дружина наишла на заседа кај селото Сушица, таму имале 8 души загинати.

На 7 јули во Габровската курија, Струмичката дружина го имала својот последен судир со аскерот и имале 30 души загинати вклучително и Мутафов, по што се повлекле кон Бугарија.

Струмичката држина имала најмногу судири и најмогу загинати. Во Бугарија се вратиле само 75 четници[9] .

Борбите на одредот Пирин Планина[уреди | уреди извор]

Четата на дедо Стоју Костов Скрижовски

Одредот Пирин Планина границата ја минал неколку дена по Струмичката дружина. Се поделин на две чети под команада на капетанот Тодор Матров и поручникот Антон Бозуков, војвода бил Кочо Љутата, а имале задача да го помогнат првиот одред.

По преминувањеѕо на границата тие се оглушиле на наредбата на МК, и ги нападнале турските селани од селата Стамер, Град и Вирче. За да се пресметаат со турските селани, на 3 јули испратиле повик до селаните на с. Лешко-Горноџумајско.

Меѓутоа селаните не им помогнале и марале да се повлечат кон Беласица. На 4 јули се нашле на ридовите меѓу Беласица и Џумајско. На 5 јули кај с. Габрово имале судир со аскерот по што морале да се повлечат кон Црната Планина[10].

Тука старите арамии се оделиле со 40 души и се уптиле кон с. Кочариново. Од војводите останале Џалко, Ќучук и Љутата и дошле во судир со офицерите дали да се повлечат или да одат кон Струмица.

Било решено да се упатат кон Струмица, но тие се разминале со Струмичката дружина, кој веќе се повлекува. На 8 јули кај Пехчево разбрале дека Струмичката дружина имал судир кај с. Габрово и се упатиле кон Пирин планина.

Старите арамиски војводи се оделиле за да вршат грабежи, а одердот спаднал на 66 души се пвлекле кон Бугарија. Одредот Пирин Планина не ја исплонил својата задача.

Напад на селото Доспат[уреди | уреди извор]

Серската дружина била под команда на резервниот капетан Стојан Димитров, а војвода бил Дедо Стоју. Овој одред немал конкретна задача и веројатано од дедо Стоју потекнала идејата да се нападне помашкото с. Доспат.

Стоју бил во лоши односи со МК и без негова согласност ја минал границата.

Селото било опколено и запалено, селскиот старешина и неговата ќерка биле убиени, а еден калуѓер од Рилскиот манастир фрлил две бомби во џамијата. Кога селаните почнале да стрелаат, одредот се повлекол.

Стоју заедно со својот помошник, се оделил, по палењето и грабежот на селото и се упатиле кон драмско за да ги ограбат тамошните богати чифлици.

При нападот на с. Алистрати Дедо Стоју бил убин,а останатите се повлекле. Со палењето и грабежот на селото Доспат завршила акцијата на Серската дружина[11].

Напад на Мелник[уреди | уреди извор]

Борис Сарафов во Мелник

Четвртиот одред бил под команда на Борис Сарафов, а со него биле и војводите Кочо Мустракот, Кољо Ризов и Дедо Анго. Тие имале задача да дејствуваат во Источна Македонија. На Петровден, Сарафов ја минал границата во униформа и се приклучил кон дупничката чета.

Во Пирин им се придружил дедо Анго со 25 души, а одредот вкупно броел 65 четници. Сарафов одвај успеал да ги одврати војводите да не пљачкаат и ги убедувал:

пет пушки да фрлиме, ама во градот да ги фрлиме[12]

Одредот најпрво се упатила кон Неврокоп, а потоа се вратила повторно пред Мелник. На 12 јули влегле во градот ја зазеле околиската управа ја запалиле поштата и ги ослободиле затворениците од градскиот затвор. Биле запалени 37 куќи и биле повикани градските првенци да им се каже дека целта е ослободување на Македонија.

На пладне четата си заминала од градот, а Кочо Мустракот со 20 души се оделил да пљачка.

На 16 јули Сарафов и одредот кај село Влахи биле престигнати од аскерот, но успеале да се повлечат без загуби. На 22 јули веќе се нашле во Бугарија.

Сарафов со својата одред успеал да го покрие неуспехот на останатите одреди и затоа отука целата акција на Македонскиот комитет е наречена Мелничко востание[13].

Последици[уреди | уреди извор]

Учесници во Мелничкото востание.jpg

На војнички план акцијата на Македонскиот комитет била неуспешна, покрај големиот број на загинати четници 63 биле заробени. 30 души од нив се нашле во затворот во Скопје меѓу нив бил и Никола Геројот.

Од протоколот на апелационит суд во Скопје се дознава дека сите тие биле доброволци и дек биле испратени од бугарската влада за да кренат востание во Македонија. Некој од четниците на судењето истакнале дека:

сакаат да имаат оделна држава со независна управа[14]

Тие биле обвинети според член 54 во врска со членот 56 од кривичниот османлиски закон. Биле осудени на доживотен затвор со заточеништво најголемиот дел од нив се нашле на островот Родос, додека четниците од одредот Пирин Планина се нашле во Подрум Кале. Во 1897 година биле помилувани и се вратиле во Бугарија.

Причини за неуспех[уреди | уреди извор]

Сета акција не била добро подготвена и не добила подршка од населението. Кметот на с. Лешко, Китан Ајдучки не само што не ги организирал селаните туку заминал кај кајмакамот на Горна Џумаја со повикот кој го примил од одредот Пирин Планина.

Од друга страна во текот на дејствата бугарската влада ги затворила границите за македонските чети и почнала да ги гони и проследува.

Во врска со оваа акција Борис Сарафов во интервјуто со Амфитеатров во 1901 година истакнува:

Автономаната македонска идеја не скара со бугарската влада. Зар поранао со нас не беше љубезен и внимателен кнезот Фердинант? Зар...Рачо Петров кој со своето Министерствонтолку грижливо се зафати да не скроти,не беше наш соучесник во 1895 година и не ни дозволи да ја минеме македоската граница и да водиме чети? Не фалеа жошто се надеваа дека ние, со своите раце, ќе ги вадиме од огнот македоските костени и ќе им ги дадеме ним како подарок на бугарската влада. Големите луѓе сакаа да јаваат на грбот на малите. Владата мечтаеше за Санстефанските граници, кнезот Фердинанат...го примамуфа ефектот кон своите два венца да го придодаде и третиот-Македонија[15]

Повик[уреди | уреди извор]

Повик во Весникот Право

Во екот на Мелничкото востание, на 8 јули 1895 година весникот Право објавил повик кон офицерите од Бугарската армиja, треба да се истакне дека околу 430 (33%) од 1 289 офицери во бугарската армија биле од Македонија[16], во повикот се вели:

Ждрепката е фрлена, борбата е започната! Македонија го издигна знамето на револуцијата! Нашите браќа воодушевени од големата идеја за слободата, гладни, голи и боси, без оружје одат да умираат. Нашите обесчестени мајки и убиени татковци викаат на помош, крвта на убиените браќа не вика на одмазда... Денес од врв Пирин Планина, кога ги извикуваме зедно со цела Македонија светите зборови. Слобода или Смрт! ја испраќаме кон вас последната молба, Другари дојдете да умираме[17]

Повикот бил потпишан од официрите Начев, Луков, Мутафов, Венедиков, Гаруфалов и Сарафов и од тука произлегува една контрадикторност, имено кога повикот бил објавен, Струмичката дружина и Пирин Планина биле распаднати, а Начев и Мутафов мртви. Тука се поставува прашањето:

За кого биле наменети овие невистини?[18]

Историски погледи[уреди | уреди извор]

Спорд бугарската историјографија: Aкција на Македонскиот Комитет е успех на бугарската надворешна политика. Бугарската влада покажала дека македонското револуционерно движење е под контрола на Софија и може да се користи за континуиран притисок врз Високата Порта, за доделувања на берати за егзархиските владици, и за спроведување на административни реформи во Македонија [19]. Меѓутоа македонските историчари истакнуваат дека: Kнезот и владата биле измамници, а македонците измамени, Фердинанат и владата си подиграле со патриотските чуства на македонците[20]. Историчари се согласни дека акцијата на Македонскиот комитет била искористена за законско признавање на Фердинант.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, 170, Институт за историја -Филозофски факултет, Скопје, 2003.
  2. Енциклопедия България, том 7, Академично издателство „Проф. Марин Дринов“, София, 1996.
  3. П.Константин Национлнотоослободително движение в Македония и Тракия 1893-1093, София, 1979,90.
  4. Г.Ив.Белев, Въстанието в Североизточна България през 1895 год.Софија 1935,12
  5. Кратки бележки за действията на струмичката востаничка дружина, Право, I/35, 15.071895, София, 4
  6. Спомени на Јане Сандански...,12.
  7. П. Константин Национлнотоослободително движение в Македония и Тракия 1893-1093, София, 1979, 68
  8. Право I/37,29.07.1895 София,4.
  9. Христо Сиљанов,цит,дело,57.
  10. Право I/40,19.08.1895 София,4.
  11. Христо Сиљанов,цит,дело,58
  12. Спомени на Борис Сарафов,38.
  13. Спомени на Борис Сарафов, 38-40.
  14. П.Шишков.Четничкото движење...,Ил.Илинден,г.XI 3 (203),13-14,Софија,1939
  15. А.В.Амфитеатров,Земја на раздорот,(избор,превод и редакција Цветан Станоевски),Скопје,1990,137
  16. Данкан Пери, Политика на теророт: Македонското револуционерно движење 1893 - 1903, Скопје, 2001, превод од англиски: Ферид Мухиќ и Здравко Ќорвезировски.
  17. Право,I/34,8.07.1895.
  18. Ванчо Ѓорѓиев,Слобода или Смрт.....(202),Скопје,2003
  19. Елдъров, Светлозар. „Върховният македоно-одрински комитет и Македоно-одринската организация в България (1895 - 1903)“, Иврай, София, 2003, стр. 27 - 29
  20. Ванчо Ѓорѓиев,Слобода или Смрт,Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903 година,201,Институт за историја -Филозофски факултет,Скопје,2003