Трајко Китанчев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Трајко Китанчев
Роден 1 септември 1858
Подмочани, Ресенско
Починал 1 август 1895
Софија, Бугарија

Трајко Китанчев (1858-1895) е македонски книжевник, просветен работник и револуционер. Бил предавач на Трновската богословија и во Солунската егзархиска машка гимназија. Бил уапсен од бугарските власти и осуден без никакви докази во случајот со атентатот на бугарскиот министер Христо Белчев. Бил претседател на Врховниот македонски комитет. Автор е на 36 песни, главно напишани на бугарски литературен јазик[1].

Животопис[уреди | уреди извор]

Потекло, образование и светоглед[уреди | уреди извор]

Трајко Китанчев е роден на 1 септември 1858 година[2] во селото Подмочани, Ресенско. Основното образование го започнал на 8 годишна возраст во Ресен, од каде по две години заминал во Истанбул, за да му помага на својот татко, кој се занимавал со градинарство. Во учебната 1869/70 година, Трајко Китанчев пристапил во бугарското училиште во Фенер,[3] кое го посетувал една година и 3-4 месеци, но поради немање на средства го прекинал образованието.

Бугарското благотворително братство во Цариград, „Просвештение“, за да ги дистанцира Македонците од Цариградската патријаршија и од влијанието на грчката пропаганда, одлучило да издржува „14 момчиња македончиња“, кои по завршувањето на образованието требало да заминат како учители во Македонија.[4] Трајко Китанчев во 1871/72 година бил еден од 14 – те избраници на „Просвештение“. Димитар Благоев – еден од соучениците на Т. Китанчев во бугарското училиште во Истанбул, пишува дека откако се обратил кон бугарскиот преродбенски деец, Петко Славејков, бил примен „лесно, многу лесно, зашто во тоа време бугарските револуционери – националисти се стремеа да го развијат и закрепнат кај Македонците чувството за национална заемност со Бугарите и со радост го пресретнуваа секое Македонче, способно да стане агитатор на бугарската национална идеја во Македонија“.[5] Воспитаниците на „Просвештение“ од македонско потекло биле организирани во друштвото „Самообразование и развој“. Тие, требало да дејствуваат меѓу македонските печалбари во Истанбул за пробудување на „бугарско национално сознание“.[6] Во учебната 1872/73 година, Трајко Китанчев станал штитеник на егзархискиот охридски митрополит Натанаил Кучевишки (Охридски), со чија материјална помош го завршил третиот клас на бугарското училиште во Фенер.

Во 1874/75 година, со помош на владиката Натанаил, Трајко Китанчев пристапил во Киевската духовна богословија, која успешно ја завршил во 1879 година.[7] Иако бил ученик во духовно училиште, Китанчев малку се интересирал за богословските прашања. Тој бил под силно влијание на идеите на руските револуционери – демократи. Со благослов на владиката Натанаил, во 1879/80 година се запишал на Правниот факултет при Московскиот универзитет. По завршувањето на првиот курс, во 1880 година, Китанчев се разболел, поради што ја напушти Русија и се вратил кај владиката Натанаил, кој во тоа време се наоѓал во Ловеч – Бугарија.[8]

Врз идејниот светогледот на Трајко Китанчев влијаеле повеќе фактори. Како дете од сиромашна рурална средина од османлиска Македонија, Китанчев не можел да се идентификува и да се солидаризира со аристократијата, ниту пак со конзервативната идеологија, туку секогаш бил критички настроен кон нив. Со оглед на фактот дека во Истанбул се школувал во институција и при луѓе кои антифанариотската борба ја издигнале во бугарската национална идеологија, Т. Китанчев паднал под нивно влијание, иако никогаш не го заборавил своето македонско потекло. Под влијание на учителот Славејков, Китанчев пројавил интерес кон поезијата и литературата. Иако Китанчев никогаш не станал духовно лице, владиката Натанаил и духовната богословија оставиле влијание врз неговите погледи кон светот.

За време на престојот во Русија, Т. Китанчев се запознал со делата на руските нихилисти – народници, кои со своето учење за социјална правда и за отфрлање на световните и духовните авторитети го привлекле вниманието на слободољубивиот Китанчев. Трајко Китанчев пројавил широк интерес кон книжевноста, лингвистиката, историјата, антропологијата, политичките системи, кон револуционерните движења и идеологии. Врз основа на сето тоа, тој се профилирал како интелектуалец и демократ со либерални погледи, како борец за социјална правда, како културно-просветен и политички деец, како човек кој го прифатил револуционерниот метод во однос на решавањето на македонското прашање.

Просветна дејност[уреди | уреди извор]

Црквата св. Кирил и Методиј во Солун по Балканските војни

Во почетокот на 1881 година, Трајко Китанчев се вработил како учител во Петропавловската богословија, каде што предавал Историја на бугарската литература, Логика, Општа литература и Општа историја.[9] Во 1882/83 учебна година, Китанчев се вратил во Македонија и станал учител и претседател на учителскиот совет во егзархиската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во Солун. Китанчев во Солун се пројавил како критичар на централистичка образовна политика на Бугарската егзархија и се залагал за модернизација и унапредување на наставата. Китанчев бил еден од омилените учители на гимназијалците. Така, Георги Стрезов пишува: „Кога Трајко Китанчев ’Трајчо’ – како што си го нарекувавме ние, ... ќе почнеше да расправа, ние зјапајќи ја слушавме неговата пријатна музикална реч и до толку се внесувавме што не го слушавме ѕвончето, кога требаше да заврши часот. Долго време потоа имавме можност да слушаме прочуени професори во универзитетот и големи оратори, но Китанчев остана најзапечатен во мојата совет“.[10]

Китанчев во Солун пројавил сестрана општествена дејност. Во новоизградената црква Св. Кирил и Методиј „незаборавниот Трајко Китанчев на чист македонски дијалект секоја недела и празник држеше поучни проповеди, го толкуваше евангелието и секогаш завршуваше со паролата: ’Браќа, има крај на маките, на неволјите. Амин’“.[11]

Поради автономните постапки кои се коселе со конзервативната евлоуционистичка политика на Егзархијата, и неговата поврзаност со либералите кои во тоа време биле под политички прогон во Кнежевството Бугарија,[12] Т. Китанчев по завршувањето на учебната година бил отпуштен од Солунската гимназија од страна на Егзархијата.

Летото 1883 година Трајко Китанчев заминал во Пловдив – тогаш престолнина на автономната провинција Источна Румелија. Таму со посредство на водачот на бугарските крајни либерали, Петко Каравелов, се вработил како учител во пловдивската гимназија.[13]

Политичка кариера [уреди | уреди извор]

По запознавањето со Петко Каравелов, Китанчев станал негов поддржувач и се вклучил во политичкиот живот во Бугарија. По затворањето на Пловдивската гимназија во 1884 година, Китанчев се префрлил во Кнежевството Бугарија каде се вклучил во политичката борба на страната на крајните либерали, кои добиле убедливо мнозинство на изборите за IV Обикновено народно собрание.  Во јуни 1885 година, Трајко Китанчев бил назначен за просветен инспектор во Трновскиот округ. На дополнителните избори за IV Обикновено народно собрание кои се одржале на 21 јули 1885 година, Китанчев бил избран за пратеник на IV Обикновено народно собрание од Трновскиот округ.[14] Од тогаш по до крајот на животот, Китанчев ќе стане дел од политичкиот и парламентарниот живот во Бугарија, а Трновскиот округ негова изборна база за сите наредни избори.

Во 1885 Китанчев учествувал во Српско-бугарската војна како доброволец во бугарската Пештерската дружина.[15]

При превратот од 9 август 1886 година, при обидот за детронирање на кнезот Александар Батенберг, Китанчев застанал во одбрана на институцијата кнез како симбол на суверенитетот на државата. Китанчев тогаш застанал на страна претседателот на бугарското собрание – Стефан Стамболов, со кого од Трново заедно ја напишале прокламацијата со која превратот бил прогласен за незаконски.[16]

Трајко Китанчев како член на Великото народно собрание во 1887 година учествувал при изборот на Фердинанд за кнез на Бугарија.[17]

На дополнителните избори за V Обикновено собрание од 3 јануари 1888 година, Китанчев по вторпат бил избран за пратеник.[18] Поради несогласување со надворешната политика на бугарската влада, а особено поради политиката на насилство што ја практикувал премиерот Стамболов, Китанчев не само што се дистанцирал од премиерот, туку дошол во отворен конфликт со него. Критизерскиот и опозициониот однос на Китанчев кон политиката на Стамболов посебно дошла до израз за време на третата сесија на V Обикновено собрание. Тогаш односите помеѓу Стамболов и Китанчев се изостриле до степен на отворено непријателство и сериозни закани од страна на првиот кон вториот.[19] Китанчев се нашол под силен притисок од провладините весници, од кои бил прогласен за „злобен и пакостен Македонец“ поради што треба „да си ги прибере парталите и да си оди за Македонија“,[20] а набрзо потоа бил отпуштен и од инспекторската должност.[21]

Заканите кон Китанчев, диктаторот Стамболов ги реализирала во 1892 година. На монтираниот процес против организаторите и учесниците врз неуспешниот атентат врз Стамболов, во кој бил убиен бугарскиот министер за финансии Христо Белчев, Трајко Китанчев бил обвинет како заговорник на атентатот и прогласен за виновен поради учество во комплот за промена на државниот систем, при што бил осуден на 3 години затвор. Казната ја одлежал во окружниот затвор во Хасково.[22]

По падот на Стефан Стамболов, на 19 мај 1894 година, новата влада на Константин Стоилов наредила ослободување на политичките затвореници.[23] Врз основа на тоа, по два дена, болникавиот Трајко Китанчев кому му останале уште само 7 дена од издржувањето на казната, бил ослободен.[24]

На изборите од 11 септември 1894 година, Китанчев по третпат бил избран за пратеник во Обикновеното народно собрание, овој пат како Каравелист. Китанчев ја искористил позицијата пратеник и за афирмација на македонското прашање.

Македонскиот комитет [уреди | уреди извор]

Портрет на Китанчев

Во втората половина на 1894 година, под влијание на ерменската криза, во Бугарија дошло до раздвижување на македонската емиграција, која настојувала да го искористи политичкиот момент за покренување на македонското прашање. Китанчев ги поддржал јавните манифестации на македонската емиграција.

На 27 декември 1894 година, Трајко Китанчев бил избран за претседател на македонското емигрантска организација „Братски сојуз“. По два дена, на едно собрание од околу 400 Македонци, Трајко Китанчев бил избран за претседател на „Македонскиот комитет“.[25] Помеѓу двете организации постоело соперништво околу приматот во македонското движење, но преовладала идејата за обединување.

На Првиот македонски конгрес во Софија, кој започнал со работа на 19 март (ст. стил) 1895 година, Трајко Китанчев бил избран за претседател на бирото на конгресот. Тој на конгресот одржал една „пламена родољубива и поучна реч“ по што прашањето за обединувањето на македонските друштва, кое било една од главните цели на конгресот, било прифатено од сите, без дискусија. За улогата на Китанчев при обединувањето на македонските друштва в. „Знаме“ пишува: „Тој беше единствениот човек, кој имаше огромна доверба речиси кај сите Македонци, никаква завист или клевета не можеше да му наштети. Само тој можеше да ги обедини во едно и старо, и младо, и бујни, и умерени“.[26] На Конгресот, македонските друштва се обединиле во единствена организација на чело со постојан Македонски комитет од дваесет члена, а за претседател на Бирото на Комитетот, бил избран Трајко Китанчев.[27]  

Првиот македонски конгрес си поставил за цел „придобивање автономија за Македонија“, приложена и гарантирана од големите сили. За остварување на целта, покрај легалните методи, делегатите прифатиле да организираат една четничка акција во Македонија.

Додека се одвивал процесот на обединувањето на македонските друштва, „Братски сојуз“ почнал да подготвува и да испраќа чети во Македонија.  Подготовките за четничката интервенција во Македонија се засилиле по одржувањето на Првиот македонски конгрес. Активностите на МК неофицијално биле поддржани од бугарската влада, која македонското движење настојувала да го искористи како инструмент за притисок врз Османлиското Царство и врз европската дипломатија за добивање на нови берати за егзархиски владики во Македонија и за меѓународно признавање на кнезот Фердинанд.  

Четничката акција на МК која била изведена летото 1895 година со околу 800 четници, претрпела катастрофа. Веднаш по започнувањето на четничката акција, Бугарија во интерес на добрите односи со Османлиското Царство почнала да ги преследува македонските чети. Поразот на „востаниците“ во Македонија, а уште повеќе односот на бугарските власти по нивното враќање во Бугарија, како и сознанието дека тие биле злоупотребени, предизвикало огромно разочарување кај болниот Китанчев.[28]

Споменикот „Паднати за слободата на Македонија“ во Ќустендил со името на Китанчев (втор во третата колона).

Смрт [уреди | уреди извор]

Вечерата на 31 јули (ст. стил) 1895 година, Т. Китанчев за последен пат раководел со заседанието на Македонскиот Комитет. Утредента на 1/13 август 1895 година пред пладне, Китанчев бил пронајден мртов во кревет. Според резултатите од аутопсијата, смртта кај Китанчев настапила моментално поради прскање на аортата при спојот со срцето. Покрај тоа, лекарите констатирале заболувања на бубрезите и туберкулоза на левото белодробно крило.[29]

Трајко Китанчев бил погребан на 2/14 август во Софија. Смртта на Китанчев наишла на силен одраз во печатот во Бугарија. Во списанието „Мисла“ за наука, литература и култура, по повод неговата смрт пишува: „Китанчев не беше женет, но тој остави во наследство една прекрасна ќерка, која ја одгледа до средината на нејзината возраст. Неговите наследници треба да ја доодгледаат и прехранат до полна возраст. Едвај ќе се најде човек, кој не ќе биде пленет од нејзината убавина. Името ѝ е Македонска Слобода“.[30]

Творештво[уреди | уреди извор]

Трајко Китанчев се пројавил како поет, преведувач, публицист, критичар, полемичар, автор на научни трудови и рецензии. Од творештвото на Т. Китанчев може да се проследи неговиот интерес  кон општествено-политичката и научната мисла, неговите интимни чувства, но и личниот став спрема одредени општествени движења.

Печат на Врачанското благотворително културно-пресветно братство „Трајко Китанчев“

Стихотворбите на Китанчев може да се поделат на четири групи: интимни,  за Македонија, општествено-патриотски и социјалистички. Особено се издвојуваат стихотворбите „Дедо Неделко“, „Кралот Марко“ и „Кон Македонецот“, кои се исклучиво патриотски песни, посветени на ослободувањето на Македонија.

Трајко Китанчев, пишувал и трудови од научен карактер. Вистински научен потфат претставува неговата статијата „За акцентирањето на зборовите во ресенскиот говор од западномакедонското наречје“.[31] Со ова студија, Китанчев е прв којшто ги открил и врз научна основа ги дефинирал закономерностите при акцентирањето на зборовите во западномакедонските говори.

Значајно место во творечката активност на Т. Китанчев, зазема и неговата преведувачка дејност. Тој ги превел на бугарски јазик, „Дон Кихот“ од Сервантес, расказите „Шинел“ и „Невски проспект“ од Гогољ, како и вториот том од „Историја на цивилизацијата на Англија“ од Бакл.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Македонскиот 19 век. Скопје: Македоника. 2014. стр. 125. ISBN 978-608-4614-59-3. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. Съчинения на Трайчо Китанчевъ, нарежда Юрданъ Ивановъ, София 1898 (биографически бележки), 7.
  3. Иван. Н. Христов, Трайко Китанчев – нашият даскал, Педагогика 8/9, 1997, 88.
  4. Ю. Ивановъ, Биографически бележки…, 10.
  5. Димитръ Косев, Петко Рачев Славейков, Обществена и политическа дейност, София 1986, 167.
  6. Гане Тодоровски, Македонската правостоина, Скопје 1985, 326.
  7. Н. Никитовъ, Трайко Китанчевъ..., 19.
  8. Ю. Ивановъ, Биографически бележки…,18.
  9. Н. Станковъ, Единъ споменъ за първата учителска дѣятелностъ на Т. Китанчевъ, Мисълъ, списание за наука, литература и критика, г. V, кн.VII, София 1895, 702.
  10. Георги Стрѣзовъ, Първи стѫпки на солунската гимназия, Сборникъ Солунъ (издание на възпитателитѣ и взпитаницитѣ отъ солунскитѣ български гимназии), София 1934, 288.
  11. Скѫпъ и милъ паметникъ отъ епохата на възраждането ни въ Солунъ, сообщава: Б. Райновъ, Ил. Илинденъ, г. 3 / 9 (39), София 1930, 2.
  12. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 72.
  13. Ю. Ивановъ, Съчинения на Трайчо Китанчевъ..., 310.
  14. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 86.
  15. Ю. Ивановъ, Биографически бележки..., 42,
  16. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 96-109.
  17. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 107-108.
  18. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 111
  19. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 115-118
  20. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 119
  21. Ю. Ивановъ, Биографически бележки…, 47.
  22. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 125-138.
  23. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 148
  24. Знаме, г. I/94, София, 6 августъ 1895, 2.
  25. Княжеството България и македонският въпрос. Протоколи от конгресите на Върховния Македоно-одрински комитет 1895-1905, съставител : Цочо Билярски, София 2002, 38.
  26. Знаме, г. I/94, София, 6.08.1895, 2
  27. Константин Пандев, Националноосвободителното движение в Македония и Одринско 1878-1903, София 1979, 94.
  28. Петър Манджуков, Предвесници на бурята. Спомени, София, 2013, част първа, 9.
  29. В. Ѓорѓиев, Трајко Китанчев..., 219-220.
  30. Трайко Китанчевъ, Мисълъ, г. V, кн.VI, София 1895, 594.
  31. X. За ударението върху думитѣ въ рѣсенския говоръ, Периодическо списание, г. VII, кн.XLI-XLII, Срѣдецъ 1893, 857-915.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]