Јосиф Ковачев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јосиф Ковачев
Роден 14 јануари 1839
Штип, денес Македонија
Починал 31 октомври 1898(1898-10-31) (возр. 59)
Софија, Бугарија

Јосиф Антонов Ковачев — македонски педагог, реформатор, револуционер, политичар и научник во Бугарија.

Образование[уреди | уреди извор]

Јосиф Антонов Ковачев своето образование најпрво го започнал кај својот татко Антон Ковачев, а го завршил кај учителот Павел Златанов, каде се здобил со името наусничар. Tака се нарекувале сите кои имале завршено во келијните училишта.

Ковачев потоа се запишал на богословија во Белград каде завршил во 1861 година. Јосиф Ковачев на 24 години, во 1863 година подготвил ракопис за педагошка пракса и заминал за Виена каде сакал да го отпечати.

Таму имал средба со со издавачот Д. В. Манчев и неговото дело под наслов Школска педагогија или методическо раководство за учителите на народните школи било испечатено во 1863 година.

Во 1864 година заминал за Киев, каде се запишал на Богословскиот факултет. Неговото школување траело 4 години, при што се запознал со делата на најголемите руски педагози и со делото на основачот на руската педагогија Константин Димитриевич Ушински.

Особено кај Ковачев влијаела идејата за поделба на учениците по возраст и во посебни одделенија. Ковачев како одличен студент добил стипендија од фондацијата на познатиот Васил Евстатиев Априлов, позната како Фонд Априлов. Јосиф ковачев покрај Богословскиот факултет во Киев, студирал и завршил Педагогија со психологија.

Дејноста и реформите во Македонија[уреди | уреди извор]

Во учебната 1869-1870 година се вработил во Основното училиште во Штип. Таму Ковачев започнал со своите училишни реформи, притоа формираал посебна институција за подготовка на учители со два класа, каде го вовел класниот и предметниот систем на настава, вклучувајќи ги и световните предмети покрај богословските. На 18 јули 1874 година се вработил како директор на народното училиште во Прилеп, каде останал три години од 1874 до 1877 година. Ковачев го вовел и пеењето како световна содржина, напоредно со црковното пеење (псалтикија) во училиштата. Црковното пеење го предавал според руската (киевската) црковна традиција. Најголема новина е основањето на црковниот хор составен од учениците кои вежбале редовно во црквата Св. Блаовештение во Прилеп.

Дејноста во Бугарија[уреди | уреди извор]

Бугарски буквар

По создавањето на бугарската држава е поставен за началник на народното просветителство во Пловдив, а потоа е училиштен инспектор во Софиската околија. Избран е за претставник во Народното Собрание во 1879 година потоа е избран за претседател на општинскиот совет во Софија. Од 1880 година до 1887 година ја извршува функцијата главен секретар на Министерството за внатрешни работи, член на Државниот совет и градоначалник на Софија (1886 - 1887). Јосиф Ковачев во Бугарија заземал многу значајни позиции, но секако најпрестижната, е кога при основањето на Универзитетот во Софија во 1888 година, бил назначен за доцент на Катедрата по педагогија, на Историско - Филозофскиот факултет. Таму ги предавал предметите: социологија, педагогија, историја на педагогија и педагошка психологија.

Школска педагогија

Јосиф Ковачев е автор на статии за македонското (јужно-бугарското), балканското (северно-бугарското) и шопското (среднобугарското) наречје во бугарскиот јазик, како е и еден од поддржувачите на идејата за основа на книжевниот бугарски јазик да се прифати шопското наречје. Во своите дела Ковачев зборува за македонското наречје како дел од бугарскиот јазик и се самоидентификува како припадник на бугарскиот народ.[1]

Јосиф Ковачев умира на 31 октомври 1898 година во Софија. Погребан е со почести на централните Софиски гробишта.

Оставил својот имот за поттикнување истражувањата на "бугарското отечественоведение", а во 1908 година е основан фонд "Екатерина - Јосиф", средствата од кој се користат "за награди за студентски научни студии по историја на бугарскиот јазик, бугарската етнографија и бугарската културна историја, како и двегодишна стипендија за странство на студент од Софискиот универзитет за развој по словенска филологија, бугарската историја, бугарската географија, филозофија и педагогија". [2]

Дела[уреди | уреди извор]

  • Школска педагогија или методическо раководство за учителите на народните школи, објавува книжарницата на Д. В. Манчев во Пловдив, Свиштов и Солун, 1873 година (прво издание)
  • Буквар по нагледна и гласна метода - Виена, 1874 година
  • Бугарски буквар по гласна метода за народните школи, објавува книжарницата на Хр. Г. Данов, во Пловдив, Русе и Велес, 1875 година (прво издание)
  • Раководство за првоначално обучение в четечото и писането звучна метода - Пловдив и Софија, 1879 година

Историски погледи за делото на Јосиф Ковачев[уреди | уреди извор]

За делото на Јосиф Ковачев постои подвоеност во историската наука. Имено, бугарската историографија го смета за буаграски општествени и деец. Од своја страна пак, македонската историографија го смета за прв автор од областа на педагогијата и реформатор на школскиот систем во историјата на македонскиот народ и култура.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Едно мнение за общия език и правописание у нас, в. Ден, г. 1, бр. 16, 1875 г. (Та всета е мъчнотия тука, че нашия народ еднакво не говоре на всякъде, отсем това нашите пасичи, както ги нарича почитаемият оценител не са познати надлежно на всите наречия, които живеят у народната уста. ... Защото в по-главните наречия, както северно-българското или балкансктото, южно-българското или македонското, и среднобългарското или шопското няма никаква голяма разлика в коренето и значението на думите, която би могла да ни заплашува от тая страна.... В` нашият язик и найвише в` шопското наречие...)
  2. ФОНД “ЕКАТЕРИНА – ЙОСИФ”

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Издвоени страници од педагошките книги на Јосиф Ковачев.