Односите помеѓу ТМОРО И ВМК

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Односите помеѓу Македонската револуционерна организација и Врховниот македонски комитет имале своевиден колорит и влијание врз севкупниот развој на ослободителното движење во Македонија [1]. По формирањето на Македонскиот комитет во Софија, МРО со внимание ја следел неговата активност, првенствено целта на Централниот комитет е да се побара морална и материјална помош од македонската емиграција во Бугарија. Од другата стран пак бил Македонскиот комитет кој сакал да се наметне како раководител на цело македонско револуционерно дело. Со текот на годините двете организаци целосно ги раскинуваат врските и започуваат меѓусебана воружена војна, што се покажало како кобно за целото македонско дело.

Првите контакти[уреди | уреди извор]

Уште пред да започне Мелничко востание во Солун се нашол Никола Наумов. Тој го поканил ЦК да земе учество во акцијата, но организацијата ја одбила неговата покана.

Претходно Наумов во Виена имал средба со Христо Татарчев и разговарале на истата тема но одговорот на Татарчев бил негативен. Веројатно со иста цел се нашол во Солун и Георги Баласчев но и тој не успеал да го разубеди ЦК.

Трајко Китанчев
Дамјан Груев
Иван Хаџи Николов
Андреј Љапчев

Даме Груев во летото 1895 година пристигнал во Софија. Груев бил испратен од ЦК на организацијата, за да го запознае Трајко Китанчев со целите на МРО (Македонска револуционерна Организација) - ТМОРО и да побара морална и матерјална подршка. Во Софија, Груев имал средба со Наум Туфекчиев, Андреј Љапчев и со Трајко Китанчев.

Додека Даме Груев бил во Софија, четите веќе ја минувале границата. Од средбите што ги имал, Д. Груев разбрал дека акцијата започнала со помош на бугарската влада и поради тоа сметал дека таа нема да има успех.

Подоцна во Софија се нашол и Иван Хаџи Николов кој имал средба со Китанчев и од него исто така побарал морална и матерјална помош за организацијата [2].

По Мелничата авантура во Солун се нашол офицерот Луков (кој учествувал во акцијата). Тој имал средба со Христо Татарчев и Даме Груев и сакал дирекно да се запознае со целите на МРО . Луков потоа заминал за Битола на средба со Пере Тошев.

Од таму Ѓорче Петров известил со телеграма дека Луков во Македонија дошол за да може изворно да се запознаее со состојбата. За земни односи помеѓу комитетот и организацијата не станало збор. МРО не знаела како стоеле работите во Бугарија и сакал да дознае што повеќе[3] .

Барањата на Македонската револуционерна организација[уреди | уреди извор]

Во летото 1895 година се одржало Солунското советување на МРО по што бил утврден односот на организацијата кон комитетот. Имено, кон крајот на август во Софија дошол К. Кондов кој ги преставил барањата на МРО кон ВМК и тие гласеле:

1) МК во Софија да дејствува во хармонија со целите и задачите на МРО и заемно да ги почитуваат респективните тертории.

2) МК во иднина да не испраќа чети во Македонија, ниту воружени поединци.

3) МК да не влегува во врска со самонаречени преставници на МРО, кои немаат полномоштво, ниту пак да им дава средства и матерјали во нејзино име.

4) МРО предупредува дека ќе биде беспоштедна кон сите што не ги почитуваат нејзините закони и правилници, и кон оние, што без нејзина согласнос воружени навлегуваат на нејзина територија[4]

Тенденцијата на ВМК да се наметне како главен раководител на целото македонско револуционерно движење[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот
Македонска револуционерна организација
Печат на Македонскиот комитет

И покрај овие барања на ТМОРО, во есента 1895 година во виничко, ВМК го испратил А. Чакараов со цел агитира за едно востание. Неговата дејност била спречена од организацијата и тој морал да се врати назад во Бугарија. Поради оваа дејност Гоце Делчев протестирал. И покрај овие недоразбирања, контактите помеѓу ВМК И МРО продлжиле. ВМК ја поканил организацијата да испрати свои преставници на ІІ македонски конгрес но МРО ја одбила поканата. Во самиот ВМК внатре, дошло до дискусија, дали воопшто може револуционерните комитети од Македонија да испраќаат свои делегати на конгресот. Според некои историчари, поканата до МРО е обид организацијата да се сведе на ниво на македонско друштво под покровителство на самиот комитет и нешто повеќе.

ВМК, манифестира тенденција дека МРО е дел од општата организција, чие седиште се наоѓа во Софија и на кој и припаѓа правото сама да решава по делото [1]

И покрај тоа што МРО ја одбила поканата да учествува на конгресот, од своја страна ВМК до ЦК на организацијата испратил писмо на 28.12.1895 година во кое се известува за работата на конгресот и било истакнато дека конгресот го овластил комитетот да стапи во тајна врска со МРО . Меѓу во ова писмо ВМК исто така се обидува да ја објасни својата улога и улогата на ТМОРО во македонското движење. ВМК за себе си го задржал правото над дипломатијата, а според погледите на комитетот МРО требала да биде средство за притисок[5]. На оваа писмо ЦК одговорил со свое писмо од 20.01.1896 година во кое било истаканато дека:

...ние продолжуваме да го подготвуваме народот во духот на зацртаната програма и остануваме согласни со сите, кои ја споделуваат нашата девиза[6]

Одговорот бил дипломатски и МРО не дал значење на покровителскиот однос на комитетот. Во оваа коресподенција помеѓу ВМК И МРО на станало збор за заемни односи.

Првите преговори за заемни односи[уреди | уреди извор]

Во февруари 1896 година претседателот на ВМК генералот Данаил Николаев имал средба со Гоце Делчев во Софија. На оваа среба станало збор за заемните односи, притоа генералот Николаев истакнал ако МРО сака да добие поткрепа и помош од македонската емиграција во Бугарија, тогаш ВМК мора да биде главен раководител на целото македонско ослободително дело и да го има главниот збор по прашањето за востание. Гоце Делчев приоа остро протестирал истакнувајќи дека:

Гоце Делчев
Но, ние не сме согласни со тоа што вие мислите за Македонија... Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија... Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание, ќе реши народот. Нема да дозволиме да командувате од тука, за да не внесете во игра на востание како што се обидовте лани... Но, знајте, ние не бараме покровители, а уште помалу господари[7]

Откако Гоце Делчев се вратил во Македонија, тој му пишал писмо на Н. Зографов, притоа истакнал дека е разочаран од ВМК и дека:

... Рибата смрди од главата, така е и со Врховниот[8]

Дамјан Груев на 7.03.1896 година во Софија присуствувал на работата на ВМК се обидел да ги смири односите но неуспешно, на нему му биле пренесени истите барања како на Делчев и тој ги одбил, притоа Д. Груев негодувал, комитетот да го има главниот збор во врска со македонското делото и востанието. ВМК својата политика и однос кон Македонската Револуционерна Организација отворено ја покажува со писмото од 20.03.1896 година, кое било во форма на решенија и притоа било истакнато дека:

Данаил Николаев
1)Само со решение на ВМК ќе бидат преземени какви и да се дејства во Македонија; тој ќе се смета за единствено компентентен за определување датум за подигање востание; 2) Неговите решенија ќе бидат ставени во исполнување преку ЦРМК, ако пак последниот најдува за неудобно и невозможно за исполнување на тие решенија, тој го известува за тоа, заедно со мотивите, ВМК; ако тој и по повторното изучување и разгледување на заемното решеније и преставените мотиви настојува на своето прво решеније, ЦРМК е се задолжува безусловно да ги исполни; 3) ЦРМК без знаење и согласност на ВМК не ќе може да влегува во спогодба ниту со приватни и официјални лица и установи, ниту со кои и да се влади; тој не ќе може од нив да добива помош во пари, оружје или совети[9]

На 23.03.1896 година ВМК испратил ново писмо до МРО во кое имало проект за реформи во Македонија и се барало подршка за нивно спроведување. Не е познат ставот на МРО кон овие реформи, од друга пак страна Д. Груев протестирал против начинот на коресподенција на ВМК, имено писмата биле испраќани на вистинска адреса со сите титулари на ЦК. На Солунскиот конгрес во 1896 година било прочитано писмото од ВМК од 20.03.1896 год. притоа било решено да продолжат контактите, да се убедува комитетот да ја напушти таквата тенденција како штетна по делото, да не дојде до целосно раскинување за да не се лиши ТМОРО од матерјалните средстава. Да се формира задгранично преставништво кое ќе ги застапува интересите на организацијата пред бугарското општество и ВМК да се бара морална и матерјална помош од нив и да не се мешаат во нивните внатрешни работи[10]

Мистериозна понуда[уреди | уреди извор]

По Солунскиот конгрес Врховниот комитет од Централниот комитет побарал да испрати свој човек во Софија кој требал да организира канал за пренесување на 3 000 пушки во Македонија. Оваа задача му била доверена на Ѓорче Петров и тој заминал во Бугарија. Во Софија Ѓорче Петров имал средба со Данаил Николаев, Андреј Љапчев, Димитар Ризов и Тома Карајовов. На оваа средба генералот Николаев истакнал дека англиската влада на Врховниот комитет му дала 3 000 пушки и дека тие се наоѓаат на англиски пароброд во Средоземното море. Николаев истакнал дека пушките ќе ги дада на Централниот комитет под услов да се крене востание во една или две околии во Македонија [11] . Ѓорче Петров ги прифатил пушките но го одбил барањето за востание. Меѓутоа сета понуда излегла како блеф. Имено ниту пушките ниту паробродот се појавиле и оттука произлегува дека тоа било само обид за наметнување на Врховниот комитет над Централниот комитет.

Половникот Атанас Јанков во Солун[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1896 година во Солун пристигнал полковникот Атанас Јанков. Тој бил пратен од страна на Врховниот комитет и со себе носел нов предлог за договор.

Јанков имал средба со Христо Татарчев и Дамјан Груев на оваа средба полковникот ветувал пари и оружје истакнувајќи дека треба да дојде до обединување на двете организации.

Сите предлози на Атанас Јанков биле одбиени од страна на Централниот комитет. Тогаш Врховниот комитетот на чело со генералот Данаил Николаеав ја немал подршката на бугарската влада и се обидел да се наметне над Централниот комитет преку кнезот Фердинанд I, односно Јанков требало да покаже дека Врховниот комитет има подршка од кнезот и офицерите во бугарската влада.

Христо Куслев истакнува дека за време на оваа мисија Јанков го дал сигналот за создавање на Бугарското тајно револуционерно братство [12].

Односите во пeриодот 1897 - 1901 година[уреди | уреди извор]

Во овој период доаѓа до извесно подобрување на односите меѓу двете организации. МРО кон крајот на 1896 година во Софија го отворила своето Задграничното претставништво и понатамошните контакти биле оставрувани преку Гоце Делчев и Ѓорче Петров.

Во јуни 1897 година во Софија се одржал IV македонски конгрес. На обој конгрес биле разгледани односите помеѓу двете организации и била манифестирано приближување кон ставовите на Централниот комитет посебно кон прашањето за востанието во Македонија.

Сосема неочекувано Гоце Делчев бил избран за член на Врховниот комитет. Овој избор Делчев го одбил поради својата дејност во МРО [13]. И покрај одбивањето на изборот контактите меѓу Задграничното претставништво и Врховниот комитет на чело со Христо Станишев продолжиле.

Овој комитет дал извесна сума на пари за МРО меѓутоа ниту едните ниту другите биле задоволни од заемните односи.

Контактите меѓу Задграничното претставништво и Комитетот на чело со Александар Радев продолжиле но односите не биле подобрени.

Во меѓувреме позициите на Врховниот комитет биле ослабени и задграничните преставници и ЦК решиле да го преземат Врховниот македонски комитет во свој раце [1].

Обидот на Задграничното преставништво да го стави под своја контрола Врховниот комитет[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот Борис Сарафов
Spomenik na Boris Sarafov.JPG

За таа цел Ѓорче Петров започнал силна агитација во Бугарија. Целта Ѓ. Петров била да најде лице кое ќе има силен авторитет да застане на чело на Комитетот и да ја зацврсти неговата позиција.

Сарафов и Антон Бозуков се понудиле но тие не биле по вкусот на ТМОРО, а Ѓ. Петров барал некој кои имал поголема улога во бугарското општеството.

Притоа тој имал средби со голем број на македонски интелектуалци од Бугарија и се сретнал со учителот Паунчев во Варна, адвокатот Панов и адвокатот Иван Иванович.

Исто така имал средба и со Димитар Благоев но сите го одбиле. Работат премногу им изгледала опасна.

На крајот Ѓ. Петров морал да се задоволи со Борис Сарафов. Задграничните преставници на ТМОРО направиле договор со Сарафов и неговите приврзаници, односно ТМОРО ќе ја подржи кандидатурата на Сарафов за претседател на Комитетот, а за возврат Врховниот Комитет нема да презема никави дејства без знаење и согласност на задграничните преставници [14].

На 1 мај 1899 година во Софија започнал VІ македонски конгрес на кој Борис Сарафов бил избран за претседател на Комитетот, секако со поткрепа на Ѓ. Петров и Гоце Делчев.

Затоа не треба да зачудува изјавата на Сарафов: Ние сме фирмата, а Ѓорче е комитетот[15],Ѓорче Петров во своите спомени тоа и го потврдува, Ние го уредивме Сарафовиот комитет, тој беше наш продукт [16].

Заострување и раскинување на односите[уреди | уреди извор]

ТМОРО и Борис Сарафов[уреди | уреди извор]

По самиот избор на комитетот, Борис Сарафов ја помагал материјално и морално ТМОРО, меѓутоа уште додека се составувал комитетот Б. Сарафов планирал да го заземе ЦК на ТМОРО.

Имено, тој направил договор со полковникот Иван Цончев и потполковниците Атанас Јанков и Стефан Николов. Според овој договор Цончев требало да даде оставка на офицерската должност и да го зазеде претсдателското место во комитетот и на таков начин тој да се најде во рацете на офицерите и што поскоро да се крене востание.

Било предвидено територијата на Македонија да се подели на 14 востанички окрузи на чело со по еден офицер, а полковникот И. Цончев со големи сили да навлезе од Бугарија.

За планот не требало да дознаат Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Подоцна кога Б. Сарфов и Иван Цончев ќе дојдат во судир, за овој договор преку Сарафов ќе дознае Ѓ. Петров.

Меѓутоа офицерите без согласност на Гоце Делчев и Ѓорче Петров не се осмелувале да го остварат планот. Затоа тие предложиле да се постават двајца офицери во Централниот комитет и 14 - 15 офицери по окрузите во Македонија. Задграничните преставници во принцип не го одбиле овој предлог и од тука произлегла мајската спогодба од 1 мај 1901 година со која требало на Централниот комитет да му се препораачаат офицерите.

Но Гоце Делчев и Ѓорче Петров знаејќи ја амбицијата на Сарафов за преземање на целото македонско националноослободително дело во свои раце, намерно одолговлекувале во спроведувањето на мајската спогодба [1] .

Поради тоа Гоце Делчев бил обвинет дека сака да стане командант на востаничките сили и дури бил и физички нападнат во просториите на Врховниот комитет.

Биле расипани односите и со Ѓорче Петров кој ја продолжил приватната коресподенција со Централниот комитет иако според договорот таа требало да се одвива преку секретарот на Врховниот комитет.

Од друга страна пак Борис Сарафов успеал да го придобие на своја страна Зографов кој бил началник на ТМОРО за Ќустендилскиот реон со што дошло до прекунување на врските помеѓу двете организации.

Од почетокот на 1900 година до март 1901 Врховниот комитет не давал никаква материјална помош за ТМОРО, а помошта е обновена по Солунската афера кога во Централниот комитет влегол Иван Гарванов.

ТМОРО и Иван Цончев[уреди | уреди извор]

Иван Цончев

По убиството на Стефан Михаљану положбата на Сарафов се влошила и затоа тој според претходниот договор кои го имал со офицерите го повикал Иван Цончев да даде оставка на генералската функција и да застане на чело на Врховниот комитет.

Цончев ја прифатил поканата и во почетокот на јануари 1901 година се нашол во Софија но во меѓу време дошло до Солунската провала и Срафов го сменил решението сметајќи дека ќе може да владее со се [1].

Поради тоа дошло до расцеп во Комитетот на две крила сарафисти и цончевисти. Додека траеле превирањата бил закажан VІІІ македонски конгрес, Сарфов бил уапсен а за претседател на Комитетот бил избран Стојан Михајловски кои требало да го подготви теренот за влегување на Цончев во Врховниот комитет.

По конгресот имало преговори околу не исполнувањето на мајската спогодба, а ТМОРО во овие преговори со Врховниот комитет била претставена од Гоце Делчев, Д-р Руменов и Михаил Герџиков, а као трета група која можела да го помогне македонското дело била преставена од Иван Цончев и Стефан Николов.

Отука произлегла нова мајска спогодба од 16.05.1901 година во која меѓу другото било договорено дека каналите и пунктовите на бугарска територија се во сопственост на ТМОРО додека пак оружјето складирано од страна на Сарафов во магацините по бугарската граница се на Врховниот комитет.

Меѓутоа откако Цончев го презел оружјето тој го сменил својот однос кон ТМОРО и за време на IX македонски конгрес тој бил избран за потпретседател на Врховниот комитет и започанл со подготовки за кревање на востание во Македонија кое му било потребно на бугарскиот кнез.

Иван Цончев започнал со праќање на чети во Македонија составени од арамии а меќу нив се нашле Хаљо, Дончо Златков, подофицерот Лазов, Ангел Станчовалијата, Касапчето и други.

Истовремено посегнал по пограничните пунктови на ТМОРО и биле преземени разни дејства за нарушување на авторитетот на ТМОРО пред населението во Македонија со што на 14 декември 1901 година Задгранично претставништвото објавило дека ги прекинува за сегоаш сите врски со овој состав на Врховниот комитет.

1901 - 1905[уреди | уреди извор]

Воружени престрелки[уреди | уреди извор]

Четата на Јурдан Стојанов

Иван Цончев веднаш откако го презел комитетот во свој раце започнал со организирење и препраќање на чети во Македонија. Овие врховистички чети биле составени од разни арамии и морално пропаданти луѓе.

Пионири на врховизмот во Македонија биле: Хаљо, Дончо Златков, Иван Карасулијата, Ангел Спанчовалијата, подофицерот Лазов.

Во летото 1901 година од левата и десната страна на реката Струма се нашле две врховистички чети. Едната под команда на капетанот Јурдан Стојанов а другата на чело на Пашалијата. Присуството на овие врховистички чети на територијата на Македонија неминовно воделе кон судир со четите на ТМОРО.

Набргу во овој крај се нашла четата на чело со Сава Михајлов и Јане Сандански и тие ги повикале врховистичките чети на јавен дуел пред населението, но врховистите од своја страна одбиле.

Во октомври 1901 година во селото Лагадош се нашла врховистичката чета на чело со подофицерот Михаил Лазаров [17]. Тој дошол во судир со Сава Михајлов при што бил разоружен и принуден да се врати во Бугарија [18].

Овој судир во Лагадош бил повод за Дончо Златков да се нафрли и врз Горно Џумајско.

Пионир на врховизмот во Петричко бил Стојчо Бакалчето, поранешен раководител на ТМОРО во селото Игуменец.

Бакалчето во почетокот на 1901 година злопотребил 12 лири на ТМОРО и поради тоа бил осуден на смрт но успаал да ја избегне ликвидацијата и да издејствува помилување [19]. Но овој настан кај Бакалчето предизвикла да се одалечи од ТМОРО, а кога дознал од весниците за судирот помеѓу ТМОРО и Врховниот комитет, решил да застане на страната на ВМОК и го поканил врховистичкот војвода Дончо Златков да дојде во областа Каршијак.

Таму Дончо на селаните им говорел дека:

Бугарија и Русија ќе помогнат и дека не треба да се даваат пари за пушки, туку секој да каже каква пушка сака и сам да си дојде до границата за да му се предаде. Оставете ги внарешните, тие не мислат за вашата слобода [20]
Четата на Ташко Костов

Во летото 1901 година Дончо со својата врховистичка чета се нашол во областа Каршијак и успеал на своја старана да спечали повеќе раководители и работници на ТМОРО.

Меѓу нив биле: поп Трендафил од Палат, учителот Цоне од Гореме, поп Иван од Долна Рибница и деградираниот војвода на ТМОРО Алексо Поројлијата.

Тие здружени со Дончо стапиле во контакт со Врховниот комитет и ја започнале борбата за Петричко со четите на ТМОРО.

Дончо и Алексо Поројлијата на измама успеала да го ликвидираат петричкиот војвода на ТМОРО, Кецакаров [21], по што дошле во судир со четата на дедо Иљо Крчовалијата.

Кон крајот на август 1901 година во Струмичко се појавува првата врховистичка чета. На чело на оваа чета стоел Хаљо кој бил поранешен убиец на бугарскиот премиер Стефан Стамболов [22].

Хаљо со себе ги донел двајцата отпадници на ТМОРО, Васил Пеливанов и Иван Карасулијата [23].

Оваа чета броела од 20 - 30 души и успеале да се пробијаат до селото Нивичино. Во ова село тие стапиле во контакт со Атанас Нивички кои бил раководител на ТМОРО во ова село, од него биле побарана храна и канал за понатамошен премин.

Атанас Нивички не знаел дека станува збор за врховистичка чета, но таа му станала сомнителна и затоа испртил двајца курири со писмо кое требало да го предадаат на првата чета на ТМОРО која ќе ја сретнаат.

Писмото го добил Михаил Герџиков, и тој за четата го известил Гоце Делчев. Делчев од своја страна издал нардба за протерување на врховистичката чета од територијата на ТМОРО.

Хаљо најверојатно насетил дека му се подготвува стапица и затоа се упатил кон Малешевско и тука со себе го зел разбојникот Петар Уже.

Четата на Хаљо била гонета од Атанас Нивички и Михаил Герџиков по што врховистичката чета била принудена да се врати во Бугарија.

Кон крајот на 1901 година врховизмот успеал да фати корени и да создаде свој бази во Североисточна Македонија. Според Христо Силјанов речиси сите села во Малешевско, Горноџумајско и Петричко биле под контрола на врховистичките чети. Во врска со првите врховисти во Македонија, Сиљанов истакнува дека ВМОК без помошта на разбојниците и разните декласирани елементи многу тешко би можел да постигне успех, додавајќи дека:

... Дончо и неговите колеги се претходниците и патоводителите, кои ги отворија дверите на Пиринското царство за капетан Јурдан Стојанов, Софрониј Стојанов, Тодор Саев, Лефтеров и другите офицери... за да подготваат едно востание [24]

Горноџумајско востание[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Горноџумајско востание .

Првата активност за започнување на врховистичкото востание во Македонија ја почнал полковникот Атанас Јанков. Во средината на 1902 година, Јанков со голема чета навлегол во Македонија и се движел од Џумаја до Костурско. Поминувајќи низ Џумајско, Малешевско, Струмичко, Гевгелиско и други места, Јанков оставал свои приврзаници и го повикувал населението на востание. Меѓутоа ТМОРО успеала со својата дејност да го спречи објавувањето на Врховистичкото востание во Костурско. Во текот на оваа акција на полковникот Јанков во југозападна Македонија започнало Горноџумајското востание. Со востанието биле зафатени Горноџумајско, Мелничко, Петричко, Малешевско, Струмичко и Разлошко. Оваа акција на Комитетот ја ослабнал и сериозно ја загрозил организациската мрежа на ТМОРО. Меѓутоа треба да се истакне дека Горноџумајското востание успеало да ги раздвижи дипломатите на големите сили околу македонското прашање и да ги предизвика таканаречените Падарски реформи. Еден дел од историчарите сметаат дека оваа акција на Комитетот допринела Централниот комитет на ТМОРО да го свика когресот на кој било поставено прашањето за востание во престојната 1903 година. По Горноџумајското востание претседателот на Централниот комитет Иван Гарванов сакал да дојде до помирување со Врховниот Комитет, а Иван Цончев за таквото помирување го поставил условот за кревање на востание во пролета 1903 година. Од своја пак страна Иван Цончев на 10 декеври 1902 година (стар стил) испратил повик до офицерите Македонци и Одринци да ја напуштат бугарската армија и да се вклучат во идното востание.

Илинденско востание[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Илинденско востание.
Генерал Иван Цончев со чета на Врховния комитет.

Во пресрет на востанието четите на Врховниот комитет, на чело со Иван Цончев, полковникот Јанков и Стефан Николов се групираат на границата на Серскиот револуционерен округ, откако меѓу двете организации е постигнат писмен договор за помош. Во Валовишко врховистката четата на Љубомир Стоенчев заедно со внатрешната чета на дедо Иљо Крчовалијата на 9 септември во месноста Ливада во Пирин води борба. На 12 септември таа повторно се судрила со отоманските сили кај месноста Мали и по еднодневен бој се повлекува во Бугарија. Во Мелничко врховистките чети на Јордан Стојанов, Петар Дрвингов и Димитар Зографов се здружуваат со внатрешните на Јане Сандански, Михаил Чаков и Стојан Млчанков во здружена чета од 160 души, а на 30 август водат борба кај Света Троица. На 31 август единица од 400 лица, под команда на полковник Јанков и генерал Цончев и на војводите на ВМОК Христо Танушев, Иван Ботушанов, Никола Лефтеров и Димитар Атанасов се бори во месноста Гарваница, а на 1 септември се води борба во село Пелистер. На 4 септември четите на војводата на ТМОРО Спиро Петров и оваа на ВМОК на чело со Константин Настев водат заедничка борба со турските сили кај месноста Кукли во која загинува Спиро Петров.

Слевање на ВМОК во Внатрешната организација[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет

Рилскиот конгрес од 1905 година на ТМОРО се занимавал и со прашањето на Врховизмот особено со групата околу Иван Цончев. Организацијата сакала еднаш за секогаш да расчисти со Врховниот комитет кој сакал да претвори во втора организација во Македонија и поради тоа двете организации биле во постојан конфликт и судир. Конгресот испратил:

Соопштение до групата македонски дејци наречени Врховисти

во кое било истакнато:

Организацијата за напред по никаков начин не може да трпи на своја територија никакви други групи и корпорации... Таа ќе ги прогонува по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и корпорации како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи подлежаат на сите строгости на Уставот и Правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното дело и злосторниците на нашата татковина, каде и да се наоѓаат тие, биле членови на Организацијата или не [25]

Меѓутоа и покрај овие зборови во истото соопштение ТМОРО ги поканил Врховистите без разлика на нивната вера, народност и убедување да се приклучат кон организацијата, а својата група да ја растураат и да престанаат со својата активност во Македонија и Бугарија.

Сосема неочекувано за многумина, Иван Цончев се обратил писмено до Рилскиот конгрес приваќајќи го барањето на ТМОРО и истакнувајќи дека Врховниот комитет го изгубил своето значење, дека тој се распаднал на повеќе групи, а дека тој е преставник на онаа група во Бугарија.

Меѓу другото Цончев истакнал дека сака да постигне единство со ТМОРО и дека ќе ги извести своите приврзаници за тоа. До формално слевање на врховистите во ТМОРО меѓутоа Цончев ги повлекол своите луѓе од Македонија и неговата група престанала да постои.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски Факултет
  2. Спомени на Иван Хаџи Николов....,59.
  3. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,58
  4. Страници од минатото (дел од дневникот К. Кондов), Ил. Илинден, II, 4(14), 3-4.
  5. Документи и матерјали за историјата на бугарскиот народ, Софија 1969, 268; Македонија, Зборник на документи и матерјали, Софија, 1978, 393-394
  6. Документи и матерјали за историјата на бугарскиот народ, Софија 1969, 268
  7. К.Христов, цит. дело, 125.
  8. Гоце Делчев, Писма и други матерјали...,54
  9. Д.Димески, Солунски конгрес на Македонската револуционерна организација (1896 година), Историја XXI/2, Скопје, 1985, 91.
  10. Д-р Христо Татарчев, Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација... 46.
  11. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција..., 76.
  12. Спомени на Христо Куслев..., 107 - 108.
  13. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,279
  14. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,118.
  15. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,120.
  16. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,117
  17. Х. Силјанов, цит, дело, т1, 161
  18. Спомени на Сава Михајлов..., 87-88
  19. Спомени на Христо Куслев..., 120
  20. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 143
  21. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 145.
  22. Ефтим Спространов, Дневник..., т.1, 49.
  23. Спомени на Михаил Герџиков..., 31.
  24. Х. Силјанов, цит. дело, т.1, 161
  25. Х. Силяановъ, Ослободителнить борби на Македония, томъ 2..., 389 - 390

Литература[уреди | уреди извор]

  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903 година, 208, Институт за историја -Филозофски факултет, Скопје, 2003.
  • Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  • Д-р Христо Татарчев, Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација како мит или стварност, Цочо Билјарски и Валентин Китанов, Софија, 1995.
  • Документи и матерјали за историјата на бугарскиот народ, Софија 1969.
  • Македонија, Зборник на документи и материјали, Софија, 1978