Прејди на содржината

Мисија на Атанас Јанков

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мисијата на Атанас Јанков била изведена во летото 1902 година во Македонија. Оваа мисија била дел од поголемата врховистистичка акција која имала за цел кревање на едно востание, а полковникот Атанас Јанков ја претставувал претходницата на врховистичките востанички чети.

Планот на ВМОК за востание

[уреди | уреди извор]

Во мај 1902 година Македонскиот врховен комитет подготвил план за востание во Македонија, а тој се состоел од три точки:

а) Стојан Михајловски и Иван Цончев документирано да ја претставаат неподносливата положба на населението во Горноџумајско и Малешевско пред бугарскиот министер за внатрешни работи Људсаков и Радев, а со тоа била побарана дозвола за кревање на востание во Македонија.
б) Иван Цончев и Стефан Николов да навлезат во Македонија и да извршат инспекција до реката Вардар, по што ќе одлучеле дали да се крева востание.
в) Полковникот Атанас Јанков да навлезе со чета во Битолскиот револуционерен округ [1].

Мисијата на полковникот Јанков била добро обмислена и имала неколку цели. Со продорот во Македонија требало да се сврти вниманието на ТМОРО и да се истоштат нејзините сили, да се олесни предвиденото востание во Горноџумајско, да се привлечат османлиските сили, а на надворешен план да се остави впечаток дека движењето е започнато во Македонија и е резултата на лошата османска управа со што се намалувала инволвираноста на Бугарија [2].

Поход од Џумајаско до Костурско

[уреди | уреди извор]

Навлегување

[уреди | уреди извор]

Полковникот Јанков во Македонија навлегол со чета од 110 души составена претежно од офицери и подофицери од бугарската армија. Со неговото навлегување всушност врховистичката агитација за востание станала реалност. Атанас Јанков минал низ Џумајско, Малешевско, Гевгелиско, Воденско стигнувајќи до Костурско. Полковникот секаде каде што минувал оставал свој приврзаници и повикувал на востание.

Струмички и Серски револуционерен округ

[уреди | уреди извор]
Дел од темата
Македонски комитет
Печат на Македонскиот комитет

Во јуни 1902 година Јанков се нашол од десната страна на реката Струма. Таму врховистите веќе ја започнале борбата со силите на ТМОРО, а со минувањето на Јанков состојбата уште повеќе се усложнила.

Иван Пашалијата

Додека полковникот Атанас Јанков се наоѓал таму, Тодор Саев и Иван Пашалијата му поставиле заседа на Христо Чернопеев, а во судирот имало неколку ранети.

Како се доближувало врмето за кревање на врховистичкото востание, ТМОРО на десната страна на Струма префрлила дополнителни сили но таквото засилување било задоцнето.

Атанас Јанков својата свита ја поделил на три дела и тие агитирале во Струмичко, Радовишко и Петричко дека востанието ќе биде објавено во август.

Со оваа агитација врховистите успеале да привлечат голем број на села и да си ги зацврстат позициите во Горноџумајско, Малешевско и Петричко.

Јанков својот поход го продолжил кон Струмичко, а по неговото поминување таму се заилил врховистичкиот војвода Алекса Поројлијата, а тој својата дејност ја насочил на запад кон Дојранско и Струмичко.

Солунски револуционерен округ

[уреди | уреди извор]

Во средината на август Јанков со својата свита ја минал реката Вардар и се упатил кон Гевгелиско, Ениџевардарско и Воденско. При преминот на Вардар кај железничкиот мост на еден час растојание од Солун врховистите имале судир со аскерот, во судирот имало ранети и убиени од двете страни.

Иван Пожарлиев.

Османлиите во текот на борбата успеале да запленат неколку документи според кој четниците имале наредба да облекуваат турски воени униформи, да вршат екцеси и тоа да им се препише на Османлиите.

Според веснникот Право по преминувањето на реката Вардар, Атанас Јанков :

облечен во полковничка униформа, со перо на шапката, јавнат на коњ, оди од село на село, зборува против внатрешните дејци и од името на бугарскиот кнез и рускиот цар го кани населението на востание [3]

Влијанието на Јанков најмногу се почувствувало во Воденско. Таму јанков оставил 54 души кој се поделиле на 4 дела, еден дел раководел Атанас Николов од 12-13 души, тие се упатиле кон селото Тушим, во Пожарско како инструктор бил оставен Тома Пожарлие, во Саракиново бил Ботушаров, а за Островско заминале Карабиберов и Шаламанов.

Планот за врховистичкото востание, полковникот Јанков го претставил пред воденското раководство на ТМОРО. Според него востанието требало да започне на денот на прославата на Шипка. Јанков за Воденско ветил засилување со доаѓањето на офицерите Иван Пожарлиев и Христо Саракинов.

Битолски револуционерен округ

[уреди | уреди извор]
Полковникот Јанков

Полковникот Јанков со својата свита кон крајот на август пристигнал во селото Загоричани. Од таму Јанков испратил две писма едно за Христо Силјанов, а другото за Митре Влаот. Во овие писма Јанков известил за своето пристигање и побарал средба со нив, меѓутоа Јанков испратил писмо и до ренегатот Коте Христов кој се ставил во служба на грчката пропаганда, а тоа ја загрижило Организацијата.

Во близината на селото Блаца, Јанков ја имал средба со Васил Чакаларов, Пандо Кљашев и Христо Силјанов. Меѓутоа средбата била прекината од аскер кој се состоел од 300 души, четите за да не бидат откриени се повлекле. На 1 септември над селото Шестеово, Јанков на Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Христо Силјанов и на други војводи од ТМОРО им го кажал планот за кревање на востание. Според овој план востанието требало да се крене за 6 дена односно на 7 септември.

На оваа средба Јанков ветил помош од Иван Цончев и руските генерали кои дошле за прославата на Шипка, притоа истакнал дека тие како Македонци имаат долг да востанат [4]. Меѓутоа таквиот план за востание бил одбиен под изговор дека е потребно објаснување од Окружниот комитет.

Меѓутоа и покрај тоа, Јанков своја свита ја поделил на две-три групи со цел да се крене востание на 7 септември. Петар Рајков со 12 души за Загоричани, аѓутантот Москов за Д’мбени, а Нако за Шестеово. По овие наредби Јанков заминал на средба со Коте Христов, а во меѓувреме раководителите на ТМОРО од Битола добиле наредба да не им дозволат на врховистите да кренат шум.

Меѓутоа врховистите Петар Погончев и Лазар Бицанов на 4 или 5 септември со цел да го кренат населението, пуштиле гласови дека:

Лефтеров пристигнал во Леринско со 130 души! Саракинов пристигнал во Воденско! Сите востанаа, само Костурско недејствува, костурските началници предпочитаат да седат, јадат и да грабаат! [4]

Ваквата агитациија внела забуна меѓу населението, а фалело само една искра, за да пламне пожар. На 7 септември Москов бил нападнат од жандармеријата во Смрдешката планина, а четата се распаднала. Подоцна Москов со дел од своите момчиња се засолнил кај луѓето на ТМОРО и му пишал на полковнмикот Јанков да се откаже од својата намера за кревање на востание, но Јанков испратил изобличен одговор.

Четата на Атанас Јанков
Васил Чакаларов

Поради судирот во Смрдешка планина жандармеријата уапсила неклоку првенци кој подоцна биле ослободено со поткуп. На денот на предвиденото востание, односно на 7 септември половникот Јанков со 70 души и со луѓето на Коте се наоѓале над Лерин. Јанков планирал да го запали овој град и тоа требало да претставува сигнал за започнување на востанието.

Меѓутоа Турците биле известени за Јанков и против него испратиле коњаница од Битола. Истиот тој ден Битолскиот окружен округ писмено го предупредиле Јанков дека ќе го сметаат за одговорен доколку предизвика несреќи за населението и Организацијата. По интревенцијата на Турците и писмото од Битола, Јанков се повлекол. Подоцна тој се правдал дека палењето на Лерин било осуетено од некои багабонти од градот.

Јанков се повлекол во селото Смрдеш, но таму не бил примен од селаните, тие му предложиле да се разбере со ТМОРО ако сака да го прифатат во селото. На 13 септември кај месноста Арамиско падини, Јанков и Коте имале средба со луѓето на Организацијата [4].

На оваа средба Јанков предложил своите момчиња да ги остави во Костурско, а тој и Христо Силјанов да заминат за Битола и полковникот Јанков да се разбере со тамошниот комитет, односно да му дозволат тој и Коте да заминат во Грција и од таму да донесаат пушки. Ваквото барање на Јанков било прифатено.

На 14 септември требало да се поделат момчињата на Јанков, дел од нив требало да заминат со него, а дел да останат во реонот но Јанков тогаш предложил нов план, односно тој, Христо Силјанов и Васил Чакаларов да заминат за Бугарија. Во Бугарија според овој план требало Јанков, Иван Цончев и Христо Силјанов да влијат врз Борис Сарафов и Гоце Делчев за да дојде до помирување на двете организации, меѓутоа таквиот план бил отфрлен.

Истиот тој ден, Погончев и Петар Гајков во Загоричани успеале да ги востанат селаните. На тргнување востаниците убиле двајцаа спахии и двајца други Турци по што заминале во планината. По овие случувања Јанков подготвилк нов план сега за напад на градот Костур и тоа за 20 септември, но ни овој план не бил реализиран.

Коте Христов
Пандо Кљашев

На 5 октомври кај месноста Бабички стени, Јанов имал судир со Турците, во борбата загинале неколку Турци додека пак од четата загинал само еден.

По судирот Јанков ја продолжил агитацијата, но ни ТМОРО не седела со скрстени раце. Имено на 24 октомври во Смрдеш било извршено советување на 20 членови од раководните тела и тие побарале од Јанков да го докаже обвинението против Чакаларов дека злоупотребил пари од Сарафовиот комитет.

Меѓутоа Јанков таквите обвиненија не можел да ги докаже и дошло до расправија во која имало и размени на закани. На оваа советување врховистичката чета на Јанков и четата на ТМОРО ја имале последната средба. Од Смрдеш Јанов заминал за Грција, а до таму го придружувал Коте. На самата граница дел од момчињата на Јанков преминале во четата на Коте, а дел од нив се присоединиле кон Петар Гајков [4].

По преминот на Јанков и неговата свита низ Костурско дошло до раздвижување на турскиот аскер. Во Бапчор неколку души биле уапсени, а биле откриени и 14 пушки. Претсреси и апсења имало и во селата Черновица и Поздивишча.

Во текот на зимата состојбата уште повеќе се влошила, но според Христо Силјанов во Костурско не дошло до врховистичко востание, а силите на Организацијата биле зачувани. Најголема заслуга за тоа имале Чакаларов и Пандо Кљашев кој го попречиле Јанков да покрене едно врховистичко востание.

Полковникот Атанас Јанков со својата мисија успеал да го олесни кревањето на Горноџумајското востание, а во Солунскиот револуционерен округ, односно во Воденско дошло до т.н Тушимско востание, меѓутоа полковникот Јанков не успеал да испровоцира едно востание и во Костурско т.е во Битолскиот револуционерен округ.

Оваа мисија силно ги погодила редовите на ТМОРО и уште повеќе ја усложнила состојбата во Македонија и револуционерните редови бидејќи Јанков насекаде каде што минал посеал раздор и поделби [2].

  1. Г. Ив. Бьлевъ, Из живота на четить, Ил. Илинденъ, VI/7 (57), София 1934, 12-13
  2. 2,0 2,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  3. Право, II/25 (33), София, 10.08.1902, 4.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]