Смрдеш (планина)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ова е статија за планината. За истоименото село во Грција видете Смрдеш
Смрдеш
планински масив
Поглед на северно-источната падина на Смрдеш над селото Сулдурци, Радовишко
Регион Македонија Македонија
Највисока точка Елешница
 - височина 971 м

Смрдеш (меѓу населението позната и како Смрдешник) — ниска, но доста пространа планина која се наоѓа во источниот дел на Македонија.

Протегање[уреди | уреди извор]

Се протега во правец севрозапад-југоисток помеѓу Радовишката Котлина од источната страна и Лакавичката од западната. На северозапад започнува јужно од Штип, а завршува близу до Струмица кај долината на река Водочница[1], од каде што на југ се поврзува со ниската планина Плавуш со која заеднички зафаќаат површина од 48,8 км2 на надморска височина над 500 метри[2]. Највисок врв е Елешница со 971 m, а други повисоки и поистакнати врвови по билото од север кон југ се: Остра Чука (618 м.), Голема Чука (675 м.), Вела Глава (705 м.), Елени Рид (763 м.), Чегрлан (760 м.), Стојчева Нива (833 м.), Дворничеви Ширини (866 м.), Змиева Дупка (909 м.), Вели Врв (615 м.), Бивола Глава (747 м.), Еленик/Елешница (971 м.), Одарто (801 м.), Перејца (716 м.) . Правецот на протегањето на планината всушност претставува и вододелница на егејските речни сливови нa Вардар преку Крива Лакавица и водите на западната и јужна падина и на Струма преку водите на Стара Река (Струмица) и Иневска Река од источната и северна падина. Во делот за орографија во книгата Материјали по изучувањето на Македонија на македонскиот револуционер Ѓорче Петров, Смрдеш е определена како источниот издигнат крај на висорамнината помеѓу Радовишкото Поле и Штипската долина на Брегалница[3]. Смрдеш, преку Струмичката или Илвинската Планина (Еленица, н.з.), е поврзан со Конечката Планина, при што таа напречна соединувачка и шумовита планина е на самата вододелница меѓу Струма преку нејзината притока Струмица и Вардар преку неговата притока Лакавица[1]. Таа е разбиена маса без истакнати врвови, а дисецирана со повеќе суводолици и кратки речни текови што преку летото пресушуваат[1].

Градба и природни одлики[уреди | уреди извор]

Геолошкиот состав е претставен со кристалести шкрилци, андезити, флишни и езерски седименти[1]. Делумно е покриена со дабова шума.[4], а од другите дрвја и растителен свет застапени се липата околу селата Горни и Долни Липовиќ, тополата, јасиката, сливата, оревот, како и листопадната медитеранска и субмедитеранска грмушка со мало дрво наречена смрдеш (смрдлика) по кое таа најверојатно го добила името. Падините на планината се богати со дабово дрво, поради што таа е главен снабдувач со огревно дрво на Радовишко и Струмичко каде што во големи размери е застапена дивата сеча, а воедно на селата Дедино, Ракитец, Горни Липовиќ е многу развиено варџиството.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Во јавноста и науката планината е позната под името Смрдеш, а меѓу месното население почесто се слуша називот Смрдешник. Името најверојатно потекнува од големата застапеност на смрдликата - листопадна грмушка со мало дрво од Медитеранот и Субмедитеранот која се нарекува уште и смрдеш, а е присутна како топоним и на други места низ Македонија како село во Костурско, предел на Шар Планина итн. Називот Смрдешник означува 'место со (растението) смрдеш'. За потеклото на името на овој масив, македонскиот револуционер Ѓорче Петров го запишале следното толкување односно предание на месното население: некојси овчар толку длабоко заспал што се изгубил и волкот му ги изел овците, па поради неговата мрзливост го нарекле „смрдле“, име што подоцна ѝ го дале на планината каде што се случило тоа[3].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Андоновски, Томе. (2009). „Смрдеш“. Македонска енциклопедија 2: 1385. Скопје: МАНУ.
  2. Стојмилов, Александар (2011) (на македонски). Географија на Република Македонија. Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 67. 
  3. 3,0 3,1 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 133. ISBN 978-608-245-113-8. 
  4. Marković, Jovan Đ (1967) (на српско-хрватски). Geografske oblasti Socijalističke Federativne Republike Jugoslavije. Beograd: Zavod za izdavanje udžbenika Socijalističke Republike Srbije.