Радовишко
На оваа појаснителна страница се наведени статии — примероци кои се однесуваат на насловот Радовишко. Доколку овде ве доведе внатрешна врска, предлагаме да ја смените, за да води право на саканата статија. |
Поимот Радовишко се употребува за приближно означување на местото на некој настан и значи дека се случило во околината на градот Радовиш, т.е. место кое географски тежнее кон градот. Во зависност од административната поделба дефинирана со соодветна законска регулатива понекогаш се мисли на сите населени места кои потпаѓаат под управување на локалните власти во Општина Радовиш, според оваа дефиниција во одредени периоди некои места потпаѓаат под Радовишко, но некогаш и не. Радовишко или Радовишкиот регион ги опфаќа следните области и предели:
- Радовишко Поле или само Поле - ги опфаќа селата во полето и долината на Стара Река (Струмица) околу градот Радовиш и во правец на Струмица помеѓу планините Плачковица (со Готен и Изведен) и Смрдеш
- Лакавичко односно Општина Конче - селата по долината на реката Крива Лакавица помеѓу планините Серта (Конечка) и Смрдеш
- Радовишки Шоплук - ги опфаќа македонските „шопски“ села на југозападниот дел на падината на планината Плачковица.
- Јуруклак - турските јуручки села на западните падини на планината Плачковица
Географија, местоположба и граници
[уреди | уреди извор]Радовишко е сместено во југоисточниот дел на Македонија и ги опфаќа границите на некогашната Радовишка Каза при што граничи со Штипско, Тиквешко, Струмичко, Малешево (Пехечвско и Беровско) и Кочанско (Виничко)[1]. Нејзината граница со Кочанско и Малешево каза минува по билото на планината Плачковица, а со таква природна граница – Конечка Планина (Серта), таа е одделена и од Тиквешијата[1]. Границата со Штипско минува по средината на висорамнината меѓу Штип и Радовиш и преку западниот крај на Лакавичкото Поле[1]. Од нејзината граница со Струмичко средишниот дел ѝ е отворен рамничарски, а крајните делови ѝ се планински и врват по испустите на Плачковица и Конечка Планина[1]. Во тие граници Радовишко има облик на елипса чија поголема оска држи околу 12 часа од северозапад кон југоисток, малата зафаќа 8 часа, а обиколката е околу 22 часа[1]. Оваа каза ги опфаќа јужните падини на Плачковица, северните падини на Конечка Планина - Серта, источната половина на висорамнината помеѓу Штип и Радовиш, Лакавичкото и Радовишкото Поле[1].
Природни и стопански одлики
[уреди | уреди извор]Секое од тие места кои го сочинуваат Радовишко има различен карактер, плодност, производство и својства[1]. Плачковица е планина по падините покриена со гори, а на билото богата со пасишта. Сепак, таа планина е погодна за развиено сточарство и дрводелство. Бидејќи тие две стопански гранки тука како и насекаде кај нас се опаднати, таа не може да прехранува многубројно население. Тоа е причината зашто селата по неа се намалуваат и иселуваат во пониските места. Повеќето села по неа се населени со Турци-јуруци. Радовишкото Поле го сочинува јадрото, житницата и хранилиштето на казата. Почвата на поголемиот дел од полето е глинесто-песоклива со слаб примес од црница. Таква почва, навистина не дава богат род, но заедно со тоа трудот на земјоделецот никогаш не останува сосема ненаграден, зашто може да издржи и при многу дождови и во суши. Бездождие во месец март и дожд во месец мај даваат најдобар род. Местата по реката имаат наносна почва и богато се напојуваат од реката. Лакавичкото Поле стои подолу според плодноста од Радовишкото. Местото во подножјето на Конечка Планина е доста суво и исцедено. Тоа е најпогодно за одгледување тутун. Затоа пак самата долина на Лакавица е доста плодна особено за пченка. На закосените места има и добри ливади од кои вади 400 коли сено во средни години. Планинските места на таа каза се повеќето голи и обработени. Земјата им е слабородна и едвај ги задоволува домашните потреби за земјоделски производи. Дождот во месец април дава најдобар род во планинските места. Недостигот за издршка го дополнуваат со сточарството. Необработените места на висорамнината и пасиштата по Конечка Планина и Смрдеш даваат доволни средства за издршка. Некои од селаните одат и на печалба, а други се издржуваат и со други месни занаети, како печење вар, јагленарство и др. Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров во неговата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 годимна, Радовишката каза произведувала околу 3 – 4.000 оки афион, 8 – 10.000 оки ориз, 7 – 8.000 оки грав, 4 – 5.000 оки ореви, а спахилакот на целата каза се продавал за околу 6.000 лири[1]. Најмногу се произведува жито и градинарски растенија[1], што е случај и денес при што Радовишко заедно со Струмичко е најголемиот снабидтел на Македонија со градинарски и раноградинарски култури кои во голема мерка одат и за извоз. Според количеството и квалитетот на афионот Радовишката каза е прочуена меѓу околните кази[1]. Во Радовишко исто така многу развиено е и овоштарството односно одгледувањето на сливи кои покрај на домашните пазари во големи количества се извезуваат и во странство во Русија, Германија и други европски држави.
Клима
[уреди | уреди извор]Радовишко е свртено и наклонето кон југ и е надвор од климатскиот појас на Скопско. Заради тоа климата тука е повлажна, помека и повеќе постојана[1]. Земјата е снеговита. Штом еднаш ќе падне снег тој стои преку целата зима. Пролетта е дождлива. Дождовите повеќе доаѓаат од север и северозапад. Летото е релативно дождливо само што дождовите не идат од југ зашто веригата на Беласица ги попречува јужните ветрови. Ветерот кој носи дождови пролетно и летно време е познат под името вардарец[1]. Почетокот на есента е сув и во тоа време се сеат афионот и другите есенски сеидби. Во средината таа е дождлива и свежа, а кон крајот е студена[1].
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Радовишки села, според актуелната територијална поделба на Република Македонија.
Наводи
[уреди | уреди извор]Оваа статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |