Дедино

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Дедино
Дедино 02.JPG

Панорамски поглед на селото Дедино

Дедино is located in Македонија
Дедино
Местоположба на Дедино во Македонија
Координати 41°34′12″N 22°25′28″E / 41.57000° СГШ; 22.42444° ИГД / 41.57000; 22.42444Координати: 41°34′12″N 22°25′28″E / 41.57000° СГШ; 22.42444° ИГД / 41.57000; 22.42444
Регион Logo of Southeastern Region, North Macedonia.svg Југоисточен
Општина Coat of arms of Konče Municipality.svg Конче
Население 716[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 2420
Повик. бр. 032
Надм. вис. 689 м
Слава Свети Никола Летен
Дедино на општинската карта
Дедино во Општина Конче.svg

Атарот на Дедино во рамките на општината
Commons-logo.svg Дедино на Ризницата


Дедино — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 716 жители[1], со што селото се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.[2]. Дедино е познато како значајно место од времето на Илинденското востание, кога во него била изградена пушкарница, а добар дел од населението директно учествувало во востанието[3].

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Дедино се наоѓа на територијата на Општина Конче, на превалот (превојот), односно на сртот на планината Смрдешник, помеѓу Радовишкото Поле и горното сливно подрачје на Крива Лакавица[3]. Иако има ваква специфична местоположба на самата граница помеѓу Радовишкото Поле и Лакавичко, сепак според кажувањата на самите жители и според географските и етнографските одлики, Дедино припаѓа на Лакавицата, па поради тоа во минатото било преместено од рамките на некогашната општина во Ињево во Конче[4]. Дедино е ридско село[3] кое се наоѓа на надморска височина од 689 метри. Селото се наоѓа на планината Смрдешник заобиколено со неколку ридови. Низ селото минува регионалниот пат од Радовиш за општината Конче и го дели селото на два дела: Горно и Долно Маало. Од градот Радовиш е оддалечено 10 километри[3]. Атарот е голем и зафаќа простор од 22,1 км2, на кои преовладуваат шумите на површина од 1.338,8 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 592,6 ха, а на пасиштата 248,1 ха[3].

Историја[уреди | уреди извор]

Споменик за паднатите жртви од селото Дедино во НОБ и за првите бомби налеани, кои биле употребени во Илинденското востание

Селото Дедино е многу старо село, едно од најстарите села во Радовишко и Лакавичко за што сведочат пишани записи уште од XIV век. Имено, тоа под истото име Дедино ( Дѣдино ) заедно со Ракитец, Конче, Лубница се споменати во еден пишан запис од 1366 година[5], кога била изградена познатата црква „Св. Стефан“ во селото Конче.

Во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година, Дедино се среќава во 2 записи, како чисто христијанско македонско село кое припаѓало во рамки на казата и нахија Струмица во состав на Ќустендилскиот санџак[6]. Во првиот запис тоа е запишано како чифлиг на некој царски слуга во кое имало 14 укинати соколари и уште 21 христијанско македонско семејство кои произведувале 45 товари пченица, 53 товари мешано жито, леќа, наут, грав (од видот мердумек), градинарски култури, овошје, грозје, шира, сено, одгледувале свињи и пчели во улишта и кошници за што се остварувало приход од 5103 акчиња[6]. Во вториот запис се наведени 21 македонско христијанско семејство, што соодвествува со првиот запис, кои произведувале 48 товари пченица, 40 товари мешано жито, леќа, градинарски култури, грав, грозје и шира, чувале свињи и пчели за што се остварувало данок од 4585 акчиња[6].

Куќата во која престојувале Гоце Делчев, Јане Сандански и Коста Мазнејков
Куќата во која е изработена првата атска бомба
Куќата во која се лиени куршуми за Илинденското востание

За селото Дедино во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека се наоѓа 2 часа на југ од Радовиш на планината Смрдеш, а низ него минувал патот од Радовиш за Криволак, што од една страна му носело полза, а од друга штета зашто низ него бил патот и на конечките Турци[7]. Во тоа време на крајот на XIX век, селото имало околу 90 македонски куќи, а неговите жители - дединци се занимавале со земјоделство, произведувајќи крупна пченица и со сточарство, но главното занимање им било производството на вар[7]. Дединци правеле вар кој го носеле во Штип, Радовиш и Струмица[7]. Некогаш Дедино било чифлик, но во тоа време веќе било самостојно село чии давачки односно Спахилакот му изнесувал 370 лири, а во селото имало и до 5.000 глави добиток[7]. Дедино има стара црква во која Ѓорче Петров ги пронашол следниве нешта: Евангелие од Теофилакт со запис на почетокот од еден поп од с.Дедино во кој се кажува дека во 1745 година станало чудо големо: едно јагне се продавало за три гроша, ока сол за пет пари, ока леб за една пара, па се појавиле многу глувци и змии „па беше стравотија“; и натпис на една црковна книга од зајачка кожа[7]. Книгата во Радовиш ја купи стопан Богој[7].

На крајот на XIX век, селото било дел од Радовишката каза на Отоманската Империја. За селото се врзуваат неколку историски настани како што е изработувањето на првите бомби. Работилницата за рачни бомби во селото била отворена кон крајот на 1896 година, но била затворена во ноември 1897 година.[8]. Во време на национално-ослободителното револуционерно движење во селото Дедино отседнале и престојувале двајцата македонски револуционери - великани, Гоце Делчев и Јане Сандански. Во 1897 година, во Дедино и Ињево се одвила Радовишката афера на МРО.[9]. На 25 август во Дедино, настанало убиство на двајца собирачи на такси за тутунот, кои посвоите зулуми станале несносливи за народот[10]. Со ова убиство настанала таканаречената „Дединска афера[10]. Собирачите на данокот за тутун правеле многу пљачки низ селата, поради што месното раководство на ТМОРО во Радовиш донело решение да бидат спречени со сила, при што селската милиција во Дедино ги опколила и двајца од нив убила[10]. Главатарот на групата бил ранет и успеал да избега, по што ја известил војската во Радовиш која го опсадила дедино, при што во селото започнале претреси по куќите каде биле откриени скалдови со оружје и муниција, малтретирања и апсења во кои биле затворени 116 селани, а 123 биле измачувани[10]. Дединската афера се проширила и на соседното село Ињево, а предизвикала цела низа афери, со што македонското националноослободително движење претрпело значителни штети[10].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Според преданијата името го добило па некои дедо и внук кои живееле во оваа месност. Името на селото Дедино е многу старо со најстара потврда, запишано со истиот облик Дѣдино од 1366 година, а според научните толкувања тоа доаѓа од зборот дедо или личното име Дедо, Деде[5]. Имајќи предвид дека во постарите средновековни времиња, па и до денешни дни за свештеници и верски великодостојници - владики се вели дедо, поради средишната значајна местоположба можно е Дедино да било седиште и живеалиште на некој дедо-владика од каде го добило името Дедино - село, место.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото Дедино има мешовита земјоделска функција[3]. Најголемиот дел од населението се занимава со земјодели, при што најмногу се одгледува тутун, градинарски култури и ран зеленчук под пластеници - пипер, патлиџан, кромид, зелка, марула, лук, краставици, лубеници и дињи, жита - пченица, пченка и јачмен, а како и во поширокиот радовишки крај и во Дедино е многу застапено овоштарството и тоа најмногу одгледувањето на сливи, во помала мерка и цреши, кајсии, вишни, а застапено е и лозарството[4]. За потребите на земјоделието бидејќи селото е сместено високо на вододелницата помеѓу двата речни слива на Крива Лакавица и Струмица во Дедино постои систем за наводнување со пумпи[4]. Поради големите површини под шума, како и околните села, Дедино уште одамна има долга историска традиција на производство на вар, кој се произведува и во денешно време во помали размери. Од големите шумски површини се сече многу дрво за огрев и градежен материјал кое се продава во Радовиш и Скопје. Од сточарството е застапено одгледувањето на козите од ситниот и кравите и воловите од крупниот добиток. Во самото село работат неколку продавници, а поради близината на Радовиш, дел од населението се занимава со стопански - услужни и занаетчиски дејности надвор од Дедино, во прв ред автопревоз на големи камиони во странство, градежништво, трговија итн.

Население[уреди | уреди извор]

Една од старите традиционални куќи во селото

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 700 жители, сите Македонци.[11] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Дедино имало 800 Македонци.[12]

Според пописот од 2002 година, селото имало 716 жители[1], сите Македонци. Иако во последниот попис и во селото Дедино се забележува намалување на жителите поради миграцијата град-село, сепак сè уште во селото живеат повеќе лица отколку на првиот попис во 1948 година и со тоа претставува едно од ретките села во Македонија каде не се намалил бројот на жителите.[13]. Во периодот од 30 години бројот на жителите се зголемил за 100, односно во 1961 Дедино броело 675 жители, а во 1994 бројот се зголемил на 779 жители[3].

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[14] 1905[15] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 700 800 606 702 675 762 814 778 779 716
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Дедино од секогаш па до денес е населено исклучиво со родови на Македонци од православна христијанска вероисповед меѓу кои најстари се: Кубурци, Гуширци од кои потекнувал селскиот кмет и чии претци откако направиле „збрка“ сакајќи да го убијат турскиот бег од Конче биле насилно раселени и однесени во Гостивар, Милевци - припадници на овој род заедно со членови од претходните два рода изработувале бомби и учествувале во познатата Радовишка афера на МРО, Здравеви. Останати семејства кои живеат во Дедино се: Ристови, Трендови, Веселинови, Илиеви, Ефтимови, Андонови.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на подрачното основно училиште „Орце Николов“ во селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Ињево, во која покрај селото Дедино, се наоѓале и селата Бучим, Воиславци, Горна Враштица, Дамјан, Долна Враштица, Ињево, Погулево, Сулдурци и Топалница. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната Општина Дедино, во која влегувале селата Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Дедино, Габревци, Негреновци и Ракитец.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Никола“
Поглед на црквата „Св. Атанасиј“
Цркви[17]
Споменици

Во селото има неколку споменици, а сè уште опстојуват и куќите каде што биле изработени првите бомби.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во селото работи аматерски фолклорен ансамбл „Цветови“, кој има 40-годишно постоење.[18]

Во селото функционира и фудбалскиот клуб „Илиница“.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Селото има голем број на иселеници кои живеат во Радовиш како и Гевгелија со околината.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 9 мај 2016. 
  2. 2,0 2,1 Атанасов, Зоранчо (2011) (на македонски). Инфраструктурни одлики на населените места во општините Радовиш и Конче. стр. 65–77. http://www.igeografija.mk/MGD/Razgledi_44-45/06-Zoranco.pdf. посет. 9 мај 2016 г. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 93. ISBN 9989-862-00-1. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Според кажување на жител на с.Дедино, забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски, Кирил Симеоновски на 02.04.2016
  5. 5,0 5,1 Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 172. 
  6. 6,0 6,1 6,2 Соколоски, Методија (1982) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 165, 185-186. 
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 443. ISBN 978-608-245-113-8. 
  8. „Рачна бомба „Македонка“ користена за време на Балканските војни“. Македонска нација (македонски). 18 февруари 2015. конс. 9 мај 2016. 
  9. Куманов, Милен. Македония. Кратък исторически справочник, София, 1993, стр. 213.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 Андонов - Полјански, Христо (1984). „5. Национално-ослободително движење (1893-1918)“ (на македонски). Историско и културно минато. Радовиш и Радовишко. Радовиш: Собрание на општината Радовиш. стр. 118–119. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/5/5b/%D0%A0%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%88_%D0%B8_%D0%A0%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%88%D0%BA%D0%BE.pdf. 
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 234
  12. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
  13. Шатевски, Љупчо. „Струјата во Kонче задоцни два века“, „Дневник“, МПМ Македонија, 13 ноември 2013 (посет. 9 мај 2016 г). (на македонски)
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  18. „Дали и колку ја чуваме и негуваме нашата традиција?!“. Алфа Телевизија. 5 јуни 2013. конс. 9 мај 2016. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]