Ракитец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ракитец
ЕкспедицијаЛакавичко 118.jpg

Панорамски поглед на селото Ракитец

Ракитец is located in Македонија
Ракитец
Местоположба на Ракитец во Македонија
Координати 41°32′35″N 22°25′32″E / 41.54306° СГШ; 22.42556° ИГД / 41.54306; 22.42556Координати: 41°32′35″N 22°25′32″E / 41.54306° СГШ; 22.42556° ИГД / 41.54306; 22.42556
Регион Logo of Southeastern Region, North Macedonia.svg Југоисточен
Општина Coat of arms of Konče Municipality.svg Конче
Население 519[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 2424
Повик. бр. 032
Надм. вис. 554 м
Слава Мала Богородица
Ракитец на општинската карта
Ракитец во Општина Конче.svg

Атарот на Ракитец во рамките на општината
Commons-logo.svg Ракитец на Ризницата


Ракитец — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 519 жители[1], со што селото се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Ракитец се наоѓа во средишниот дел на Општина Конче, сместено на планината Смрдеш на надморска височина од 554 метри. Селото е оддалечено шест километри северно од општинското средиште Конче, а 17 километри јужно од градот Радовиш.

Историја[уреди | уреди извор]

Влезот во селото

Според народните преданија селото потекнува уште многу одамна, а за време на турското владеење тоа претежно било населено со турско население. Денес во селото живее само македонско население. Дека селото Ракитец е многу старо село, односно едно од најстарите села во Лакавичко и Радовишко, сведочат пишаните записи уште од XIV век кога тоа под името Ракит'ць заедно со Дедино, Лубница, Конче се споменати во пишан запис од 1366 година[3], кога била изградена познатата црква „Св. Стефан“. Уште една потврда за овие народни преданија доаѓа од пишаните податоци во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година кога Ракитец било мешано христијанско македонско и муслиманско турско село кое припаѓало во рамки на засебната Нахија Конче во состав на Ќустендилскиот санџак[4]. Во ова време во селото, живееле 52 македонски христијански семејства и 10 муслимански турски семејства кои произведувале 59 товари пченица, 80 товари мешано жито, 1 товар уров, леќа, градинарски култури, свила, овошје, ореви до ½ товар, грозје и вино, сено, се чувале и свињи и пчели во улишта и кошници, за што се остварувло приход и давачки од 9000 акчиња[4].

На крајот на XIX век, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија за селото Ракитец запишал дека е сместено во југозападното подножје на Смрдеш, поточно под местото Николовец[5]. Некогаш било чисто македонско, а во тоа време било повеќе турско[5]. Главно занимање на жителите било земјоделството, при што спахилакот му се купувал за 250 – 270 лири[5].

Селото во XIX век било дел од Радовишката каза во Отоманската Империја.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото Ракитец е многу старо со најстара потврда, запишано со истиот облик Ракит'ць од 1366 година, а според научните толкувања тоа доаѓа од името на дрвото ракита - 'вид ниска врба со црвеникава кора, со ботанички назив Salix purpurea ' [3], кое што и денес го има и може да се забележи на падините околу селото.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Мештаните во село Ракитец се занимаваат со одгледување тутун, а и други земјоделски гранки. Исто така се одгледува добиток. Исто така, голем број од луѓето се занимаваат со производство на вар.

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 216 жители, 66 Македонци и 150 Турци.[6] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Ракитец имало 80 жители.[7]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 519 жители[1], сите Македонци.

По заминувањето на Турците, во селото живееле само Македонци. Воедно, селото Ракитец е едно од ретките во Македонија, кое забележува постојан раст на населението во селото и моментално живеат повеќе жители отколку по завршувањето на Втората светска војна.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[8] 1905[9] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 216 80 295 392 421 468 506 522 527 519
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Ракитец во целост е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед, чии родови во еден дел се староседелци, а останатите се доселени од соседните и околни повисоки села како Негреновци на месниот говор наречено Нагрновци, Липовиќ, Дедино на местото на помалубројните турци кои се иселиле. Родови и семејства кои живеат во Ракитец се: Арсовци се староседелци, Андреевци се исто така старинци, Грковци се доселиле од Горни Липовиќ живеат во свое посебно родовско маало наречено Грковско, Ѕамбуљци се доселиле од Дедино, Ристови, Манолеви, Митеви, Јованови, Тушеви, Илиеви, Николови.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Основното училиште „Гоце Делчев“
Здравствената амбуланта во селото
Главната селска црква „Рождество на Пресвета Богородица“

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Конче.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Конче, во која покрај селото Ракитец, се наоѓале и селата Габревци, Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Долни Радеш, Конче, Лубница и Негреновци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Дедино, во која влегувале селата Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Дедино, Габревци, Негреновци и Ракитец.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[11]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во селото денес не постои никаков спорски клуб.

Младите спорските активности ги извршуваат во општинското средиште Конче. Секоја година за празникот Велигден во селото се одржува турнир во мал фудбал во кој учествуваат екипи од целата општина.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во село Ракитец живеат околу 500 граѓани од кој 200 се иселени, некои од нив во градот Радовиш кој се наоѓа на оддалеченост од селото на 17 км, а голем дел и во дијаспората.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 27 мај 2016. 
  2. 2,0 2,1 Атанасов, Зоранчо (2011) (на македонски). Инфраструктурни одлики на населените места во општините Радовиш и Конче. стр. 65–77. http://www.igeografija.mk/MGD/Razgledi_44-45/06-Zoranco.pdf. посет. 27 мај 2016 г. 
  3. 3,0 3,1 Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 535. 
  4. 4,0 4,1 Соколоски, Методија (1982) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 271-273. 
  5. 5,0 5,1 5,2 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 442. ISBN 978-608-245-113-8. 
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 235
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]