Долни Липовиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Долни Липовиќ
Долни Липовиќ 01.JPG

Панорамски поглед на селото Долни Липовиќ

Долни Липовиќ is located in Македонија
Долни Липовиќ
Местоположба на Долни Липовиќ во Македонија
Координати 41°30′15″N 22°27′24″E / 41.50417° СГШ; 22.45667° ИГД / 41.50417; 22.45667Координати: 41°30′15″N 22°27′24″E / 41.50417° СГШ; 22.45667° ИГД / 41.50417; 22.45667
Регион Logo of Southeastern Region, North Macedonia.svg Југоисточен
Општина Coat of arms of Konče Municipality.svg Конче
Население 423[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 2424
Повик. бр. 032
Надм. вис. 563 м
Долни Липовиќ на општинската карта
Долни Липовиќ во Општина Конче.svg

Атарот на Долни Липовиќ во рамките на општината
Commons-logo.svg Долни Липовиќ на Ризницата


Долни Липовиќ — село во Општина Конче, во околината на градот Радовиш.

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 423 жители[1], со што селото се вбројува во средни села во областа на Конче и Радовиш.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Долни Липовиќ се наоѓа во ридско-рамничарски предел и е сместено во источниот дел на Општина Конче, во изворишното сливно подрачје на Крива Лакавица[3]. Долни Липовиќ е ридско село расположено на надморска височина од 310 метри[3]. Всушност куќите на селото се расположени на допирот на ридското земјиште од падината на Смрдеш која се издигнува на исток и рамничарското низинско земјиште кое се простира кон запад. Од градот Радовиш селото е оддалечено 16,8 км[3], а во близина на селото е Горни Липовиќ. Атарот кој се допира до територијата на Општина Струмица е голем и зафаќа простор од 21,4 км2, на кои преволадуваат шумите на површина од 1.511 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 524,7 ха, а на пасиштата 72,6 ха[3].

Историја[уреди | уреди извор]

Во турските пописни дефтери од XVI век, односно од 1570 година, кои се однесуваат на засебната Нахија Конче во состав на Ќустендилскиот санџак, се запишани две села со имињата Липовик кое било дервен-џиско и Стар Липовик кое било тимар на некојси Јусуф[4]. За селото Липовик е запишано дека тоа билодервен на патот што води од Струмица за Солун при што секој човек имал обврска да дава давачка-испенџе по 10 акчиња, жените по еден денк (половина товар) пченица и еден денк јачмен, а од сите вонредни давачки и обичајни оптоварувања како давање веслари, јаничари итн. биле ослободени во замена за што требало да чуваат и да обезбедуваат да не дојде до шетета на ничиј имот и живот[4], односно да ја вршат дервенџиската должност за обезбедување на сигурноста на патниците по патот. И двете села биле населени со чисто христијанско македонско население, при што Липовик имало 50 христијански македонски семејства кои произведувале пченица и мешано жито по 25 товари, вино, чувале свињи и имало една воденица на некојси Петко Стојко за што се остварувало приход од 2780 акчиња, додека во селото Стар Липовиќ живееле 16 христијански македонски семејства кои произведувале пченица до 17 товари, мешано жито до 19 товари, уров, леќа, сено, градинарски култури, праз, чувале свињи и пчели во улишта и кошници и правеле вино за што се остварувало севкупен приход од 1884 акчиња[4].

На основа на овие записи кои секако се однесуваат на селата Долни и Горни Липовиќ е тешко да се одреди и претпостави на кое точно се однесуваат соосветните Липовик и Стар Липовик. Врз основа на местоположбата како дервен - теснина, клисура или превој низ кој минува пат, може да се претпостави дека дервенџиското Липовик се однесува на Горни Липовиќ низ кој и денес постои (шумски) пат кој преку месноста Скрки во која некогаш имало куќи[5], води кон Струмица. Месноста Скрки во која и денес повторно се градат (викенд) куќи е на границата, но повеќе припаѓа под Струмичко, а според предание жителите сметаат дека некогаш во дамнина селото Горни Липовиќ се наоѓало на тоа место[5]. На основа на ова предание меѓу мештаните и записите од средновековните турски дефтери може да се претпостави дека дервенџиското село Липовик се однесува на Горни Липовиќ. Но, доколку се увиди фактот дека селото Стар Липовиќ е запишано како помалубројно по бројот на семејства, може да се претпостави дека тоа се наоѓало погоре во планината, како што е впрочем чест случај постарите села и населби да се наоѓаат на повисоко ридско-планинско земјиште од каде слегувале жители и ги основале новите долни села[6], при што во тој случај тоа одговара на Горни Липовиќ. Но фактот што е запишано дека селото Стар Липовиќ произведува повеќе градинарски култури за кои одговара низинско земјиште со многу вода од река, укажува дека според тоа неговата местоположба одговара на Долни Липовиќ, која пак исто така е многу погодна и поповолна за пат по долот на Стругарница и превојот во долот на Бела Река над струмичкото село Рич.

Селото во XIX век било дел од Радовишката каза во Отоманската Империја.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Се верува дека името на селото, заедно со блиското село Горни Липовиќ, потекнува од мноштвото липи кои порано постоеле на нивните атари.[7] Густа и доста застапена липова шума постои и денес на ридот Вртешка непосредно до селото Горни Липовиќ[5], како и во месноста Липадиница во долот кон Долни Липовиќ. Според книгата „Речник на топонимите во областа на Сливот на Брегалница“ за селото Долни Липовиќ е запишано дека неговото име потекнува од ботаничкото име на дрвото липа, односно од изведената именка Липовик/Липовиќ што означува 'место со липа, липова шума' (сп. буковиќ, дабовиќ, дрчевиќ, габроик итн.)[8]

Население[уреди | уреди извор]

Поглед на основното училиште „Гоце Делчев“
Поглед на новоизградениот дом на културата
Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 380 жители, 180 Македонци и 200 Турци.[9] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Долни Липовиќ имало 240 жители.[10]

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 423 жители[1], сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[11] 1905[12] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 380 240 449 502 486 574 515 465 467 423
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Конче, една од ретките општини во Македонија, која не била променета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Конче.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Радовиш. Селото припаѓало на некогашната општина Радовиш во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Конче.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Конче, во која покрај селото Долни Липовиќ, се наоѓале и селата Габревци, Горни Липовиќ, Долни Радеш, Конче, Лубница, Негреновци и Ракитец. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Дедино, во која влегувале селата Горни Липовиќ, Долни Липовиќ, Дедино, Габревци, Негреновци и Ракитец.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[14]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во селото постои културно-уметничкото друштво „Плетенка“.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 12 мај 2016. 
  2. 2,0 2,1 Атанасов, Зоранчо (2011) (на македонски). Инфраструктурни одлики на населените места во општините Радовиш и Конче. стр. 65–77. http://www.igeografija.mk/MGD/Razgledi_44-45/06-Zoranco.pdf. посет. 12 мај 2016 г. 
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 103. ISBN 9989-862-00-1. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Соколоски, Методија (1982) (на македонски). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 273-274 и 277-278. 
  5. 5,0 5,1 5,2 Според кажување на жител на с. Дедино, забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски, Кирил Симеоновски на 02.04.2016
  6. Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски. уред. Материјали по изучувањето на Македонија (2016 издание). Скопје: Единствена Македонија. стр. 351. ISBN 978-608-245-113-8 (детални објаснувања на Ѓорче Петров за топографската појава за настанок на села со имиња Горни и Долни, Старо и Ново, Големо и Мало). 
  7. Шатевски, Љупчо. „Варџиите од Горни Липовиќ се поцврсти од каменот што го кршат“, „Дневник“, МПМ Македонија, 6 август 2015 (посет. 12 мај 2016 г). (на македонски)
  8. Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 139. 
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 235
  10. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  14. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]