Д’мбени

Од Википедија — слободната енциклопедија
Д’мбени
Δενδροχώρι
Д’мбени во помеѓу 1920 и 1930 г.
Д’мбени во помеѓу 1920 и 1930 г.
Д’мбени is located in Грција
Д’мбени
Д’мбени
Координати: 40°34.57′N 21°8.39′E / 40.57617° СГШ; 21.13983° ИГД / 40.57617; 21.13983Координати: 40°34.57′N 21°8.39′E / 40.57617° СГШ; 21.13983° ИГД / 40.57617; 21.13983
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругКостур
ОпштинаКостур
Надм. вис.&100000000000010770000001.077 м
Население (2001)[1]
 • Вкупно349
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)
Мреж. местоdambeni.com

Д’мбени или Дамбени (грчки: Δενδροχώρι, Дендрохори, до 1926 г. Δύμπενι, Димбени или Ντέμπενι, Дембени[2]) — село во Костурско, Егејска Македонија, денес во Општина Костур на областа Западна Македонија, Грција. Во 2001 г. населението броело 349 жители.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Уште од својот постанок, селото се викало Д’мбени. Со преземањето на Егејска Македонија под грчка административна управа по Првата балканска војна и по Првата светска војна, Грците го измениле името прво во Дембени, а со наредбата на грчката влада од 31 август 1926, го добило името Дендрахорион. И денес селото се води под тоа име во Грција. Ова грчко име е всушност превод на македонското Д’мбени, што значи даб - месено: д’мб и дендро - дрво. Дендрохорион, описно преведено, значи село во дабови дрвја.[3]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Д’мбени се наоѓа на географските координати 40°34'60" СГШ и ИГД 21°8'60". Релјефoт му е планинско-ридски со мали рамнини и котлини. Од север кон југ го сечат четири истечни води и суводолци и трапови. Одогенетскиот процес се развил во тријасот од мезозојската ера, па планините се издигнуваат од дното на некогашното море. Тогаш се формирал и динарско-пиндскиот планински систем кој му припаѓа на Орлово (Малимади).[4]

Тоа се наоѓа во северозападниот дел на Костурскиот округ во Егејска Македонија. Расположено е на еден гранитен масив наречен Орлово, огранок на планината Вињари, во должина од 900 метри. Од градот Костур е оддалечено околу 20 км, а од Билишта, гратче што се наоѓа во Албанија, околу 25 км. На север, преку планината Вињари, се граничи со селото Брезница; на североисток преку планината Костолата се граничи со селата Габреш и Дреновени; на исток, преку планините Тумба, Кирјака и Тројница, со селата Четирок и Света Недела; и на запад, преку планината Уши, со селото Косинец, а преку планината Арвенко и со селото Смрдеш. Сите овие села се населени со чисто македонско население, со исклучок на Сливени (населено со Маџири, доселеници од Мала Азија), додека селата Четирок и Света Недела се со мешано население - Македонци и Маџири.[3]

Клима[уреди | уреди извор]

Климата во Д’мбени е умереноконтинентална со средоземно влијание. Зимите се благи, со многу снег, а летата топли и суви. Средната годишна температура е 15° Ц, а средната температура во јануари е околу 4° Ц. Најтопол месец е јули со просечна температура од 26° Ц.[5]

Врнежите се нерамномерно распоредени во текот на годината. Најмногу дожд паѓа во пролет и есен и секогаш е придружен со силни ветрови и грмотевици. Годишно паѓаат од 600-900 мм врнежи на 1 м2. Ветровите се претежно од неопределена насока бидејќи селото се наоѓа во подножје на планински полувенец. Најпознат и најчест е ветерот југо кој дува во зимските и пролетните месеци.[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Д’мбени на почетокот на XX век

Се претпоставува дека Д’мбени е создадено по доаѓањето на Турците на балканскиот полуостров. Настанало од повеќе помали македонски населби што се наоѓале во негова близина. Така, источно од Д’мбени се наоѓало селцето Берик. Неговите жители биле чифлигари на жервенскиот бег; на југоисток се наоѓало селцето Горно Сливени чии жители биле чифлигари на сливенскиот бег; на југ се наоѓало селцето Сајново, а неговите жители биле чифлигари на четирскиот бег и на југоисток се наоѓало селцето Света Петка чии жители биле чифлигари на светонеделскиот бег. И до ден денес тие места, каде што биле селските населби, ги носат истите имиња.[3]

Турско време[уреди | уреди извор]

Д’мбени, иако било доста оддалечено од главните комуникациони патишта, не било поштедено од секојдневните напади, провокации и ограбувања од претставниците на турската власт. Д’мбени најповеќе страдало поради тоа што во негова близина имало села со муслиманско население (Сливени, Четирок, Света Недела, Ошени, Капешница и други од Четирското Поле). Беговите најчесто ги одземале пасиштата по д’мбенските планини за нивните стада и ставале свои бачила.[6]

Илинденско востание[уреди | уреди извор]

Лазар Поп-Трајков

Формирањето на ВМРО во 1893 наишло на силен одглас кај македонското население во костурско. Д’мбенци масовно ја прифатиле организацијата и сестрано ја помагале. Првиот организатор на ВМРО во Костурско бил учителот Апостол Димитров од Д’мбени.[7] На 24 август 1903, востаниците под команда на Лазар Поп-Трајков воделе борба со илјаден турски аскер. Во тој период турскиот аскер го разрушил селото и го уништил. Од 276 куќи, уште повеќе плевни, кошари и други помошни простории, останале само 3 куќи. Бидејќи населението било надвор од селото, на 12 септември 1903, аскерот убил 10 старци кои останале во селото. Поради пустошот, по враќањето, д’мбенци морале да ја преживеат зимата, 1903/1904, во импровизирани живеалишта.[8] Поради тешката состојба, над 170 мажи се иселиле во странство на печалба.[9]

Грчко-турска војна[уреди | уреди извор]

За време на Грчко-турската војна, Грција извршила општа мобилизација и во Егејска Македонија. Во тој период од Д’мбени емигрирале 42 лица. Оние кои останале во селото биле принудени да учествуваат во војната. Од ова село, во војанта, се бореле 40 селани. Од нив, во Мала Азија, загинале 7, а тешко ранет останал еден војник. Неуспехот на грчкиот ескпанзионизам, грчката власт го одразила и на македонските војници. На сите оние кои имале поголем чин, истиот им бил одземен и сите Македонци биле испратени во логори на принудна работа, сè до демобилизирањето.

По неколку години од Грчко-турската војна, грчката власт наредила во сите села да се подигнат споменици за одбележување на имињата на паднатите борци од истото село. Таков споменик бил направен и во Д’мбени, на местото Голем Рид, на кого биле испишани имињата на седуммината загинати војници.[10]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Лазо Трповски и Андреја Чипов

Во есента 1939, била извршена делумна мобилизација. Д’мбени се наоѓало меѓу првата и втората одбранбена линија и поради тоа, во 1939, во селото бил страциониран еден баталјон на грчката армија. Во борбата против италијанскиот окупатор учествувале 99 д’мбенци на страната на грчката војска. При бомбардирањето од страна на Италија, во Д’мбени била уништена една куќа, како и убиени две жени и една ранета.[11]

Учесници на конференција на СНОФ во с.Д'мбени во април 1944

Со омасовувањето на КПГ, во јули 1941, бил формиран реонски комитет за западниот дел на Костурскиот округ со седиште во Д’мбени. За секретар бил избран Илија Љочков. Организацијата најмногу придонела во снабдувањето со оружје на комунистите, како и обезбедување на две радија на батерии.[12]

На 1 ноември 1941 г. специјалниот италијански баталјон за чистење на комунисти, на чело со капетанот Де Примо, го обиколил селото Д’мбени. Следниот ден, наутро, биле повикани селаните на плоштадот на селото и мажите биле затворени во училиштето. Во Д’мбени се носеле мажи од сите соседни села за да бидат испрашувани. Два месеци окупаторите останале во селото и биле уапсени 26 комунисти, 46 д’мбенци и 60 д’мбенки кои биле однесени во затворот во Костур. Италијанскиот врховен суд осудил 10 д’мбенци на смрт со стрелање.[13]

Во текот на народноослободителната борба на Грција, сите жители на Д’мбени биле опфатени во антифашистичките организации: ЕАМ, КПГ, ОКНЕ, СНОФ, ЕОПН, АЕТОПУЛА (пионери) и го помагале движењето морално, материјално и со директно учество. По ослободувањето на селото од страна на единиците на ЕЛАС, во втората половина на 1943, била воспоставена народна власт. Во ноември истата година, по вторпат бил избран народноослободителниот одбор. Претседател на вториот одбор бил Ставро Имбров.[14]

Занимање на населението[уреди | уреди извор]

Секое семејство чувало по една до две мазги или магариња за превоз и по еден до два вола за орање; по една или повеќе крави, 15-30 кози, а домаќинствата кои се занимавале главно со сточарство чувале и преку 300 овци. Крупниот добиток се пасел во две стада: едното за калаченската маала, а другото за каменската маала. Истото било и со козите, телињата и свињите. Пасачите на добиток се пазареле секој Митровден. Спогодбата се вршела кај чешмата помеѓу претставниците од секое семество и заинтересираните пасачи. Пасачите на добиток биле, главно, мажи кои немале ниви или не се занимавале со земјоделство.

Поради варовните ридови и планини, во селото послабо успевале житните растенија. Затоа, само на подобрите ниви се сеело пченица и пченка, а послабите ридски и каменести ниви се посадувале со ’рж, овес, уров, леќа и друго. Поради големата покриеност на планините со плодни дрвја, селаните ги користеле плодовите за тргување и за домашна употреба.[15]

Во Д’мбени отсекогаш било развиено и лозарството. Лозјата, главно, ги задоволувале потребите на домаќинствата, односно се користеле за правење вино и ракија.

Во селото имало и: дуќанџии, кафеани, чевлари, шивачки, столарски работници, бочвари, слаткарници, браварници, самарџии, лимари, бербери и др.[16]

Демографија[уреди | уреди извор]

Во 1913 година селото броело 1.207 жители, а во 1920 - 944. Според пописот од 1928 година имало 866 жители, а оној од 1940 покажува 794 жители. Во 1945 година во него живееле 780 Македонци. Во 1948 година е наполно уништено и сите негови жители се иселуваат. Подоцна во него се заселени Власи од Епир.[17]

Имиња и презимиња[уреди | уреди извор]

Со потпаѓањето на егејскиот дел на Македонија под административна власт на Грција, а посебно со диктатурата на Метаксас од 1936, им било наредено на Македонците да ги променат своите имиња со грчки. Поповите го вршеле прекрстувањето и ги внесувале во регистрите, а новороденчињата не ги примале доколку, претходно, родителите не го кажеле името на грчки. Прекрстувањето било на следниов начин: Трпо се прекрстувал во Трифунас, Цвета во Антула, Стојанка во Иоана, Лина во Амалија, Ванчо во Иоанис, Насо во Атанасиос, Живко во Зисис, Дафина во Дафни, Лена во Елони, Крсто во Ставрос итн. Презимињата биле менувани на сличен начин, односно: Трповски во Зисијадис, Шерков во Шекропулос, Караџов во Каразас, Шмагранов во Смагранис, Ангелков во Ангелкопуслос, Шимбов во Симбас и сл. Тоа значи дека на крајот на презимето редовно се додавале наставките: -ос, -ас, -ис, -у, -ну, итн.[5]

Религија[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Никола“

Сите д’мбенци биле православни. Во селото имало 4 попа. Имало три цркви: „Св. Никола“, подигната на местото Д’мбо; „Св. Димитрија“, подигната во центарот на селото; и третата била изградена надвор од селото. Тоа бил манастирот „Св. Петка“ кој се наоѓал на место каде што некогаш имало населба. Секоја година, во манастирот „Св. Петка“, се одржувал панаѓур на кој доаѓале луѓе од сите околни села (Косинец, Света Недела и Четирок). За манастирот и неговиот имот се грижеле калуѓери кои таму живееле.[18]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Образование[уреди | уреди извор]

Првото училиште во Д’мбени било подигнато до црквата „Св. Димитрија“. Во 1903, со нападите на аскерот, изгорело и училиштето. По обновувањето на селото д’мбенци го обновиле и истото и направиле поголемо училиште со 5 училници и други потребни простории. Поради нараснувањето на популацијата на селото, од 1935 до 1938, со свои средства, селаните подигнале големо училиште со седум училници, сала за состаноци и приредби, кабинети, други придружни простории и уредиле голем двор. За време на граѓанската војна во Грција, во училиштето била сместена грчка полиција и единици на грчката армија, од каде што и даваа отпор на ДАГ. На 21 јуни, 1948, заедно со селото, изгорело и училиштето.[18]

Повеќето д’мбенци имале завршено учителска школа. Некои од нив учествувале во подучувањето во родното село. Во турскиот период такви биле: Кирјако Трпковски, Јото Шекров, Јорго Деловски, Лазар Поптрајков, Ѓело Шекров, Лазо Москов, Дана Москова, Доча Трповска и други. Наставата ја изведувале на македонски јазик - костурски говор.[18]

Топоними и материјална култура[уреди | уреди извор]

Топоними[уреди | уреди извор]

До последното потполно уништување на селото, сите планини, реки и места имале македонски имиња. Д’мбенски топоними се: Малимади, Вињари, Арвеникот, Костолата, Калето, Тровица, Уши, Арангела, Света Петка, Плочите, Ливадјето, Злостана, Котлињата, Попова Глава, Трна, Бојовица, Скрчиците, Чешки, Леска, Лазиња, Рудињата, Герови Кории, Галов Сад, Јанилова Глава, Пандарница, Ридо, Голем Рид, Дренче, Рото, Маркова Нога, Рамнините, Козмово, Белите Камички, Николино Орејче, Маново, Новите Нивје, Широк Пат, Четирско, Бочкарово, Чрнио Пен, Шипурка, Сливенско, Широко Ротишче, Бора, Манково, Кораљач, Долна Локва, Јанов Рид, Коблица, Неор, Кочови Кории, Иличина чешма, Крстов бунар, Забранетото, Мостот итн.[5]

Во последниот период од постоењето на селото, грчката власт почнала поретко да ги менува имињата на местата на грчки, аналогно на македонските. На пример, месноста Јанилова Глава била преименувана во Јанито кефали, Широк Пат во Плами Дромо, Ридо во Лофод итн., но без никаков успех бидејќи не можеле да најдат соодветни грчки имиња и бидејќи населението ги знаело и ги именувало на македонски. Македонските имиња на топонимите останале сè до постоењето на селото и на македонското население во него.[5]

Куќи и покуќнина[уреди | уреди извор]

Куќите во Д’мбени биле од приземје и кат, два ката, а некои имале и по три ката. Претежно биле градени од камен, а покриени со ќерамиди кои биле произведени во селото или од во селата Четирок и Грабеш. Сите имале фасади, а над вратите и прозорците најчесто имале разни бордури од гипс: грбови во семејни монограми и дати на градбата. Внатре, собите, имале патос од штици. Скоро сите, од внатрешната страна, имале вградени плакари кои служеле за чување на постелнината и друго. Секој куќа имала двор, соѕидан со повисоки ѕидови и широка порта за влегување. Во дворот имало помошни простории како авур за чување на крупен добиток, фурна за печење леб, котар за свињите, летна кујна и друго.

Распоредот на просториите, главно, бил функционален во зависност од активноста на семејството. Една просторија во приземјето, најчесто, служела за чување на прехранбени производи. Таа се викала керал. Втората просторија била кујна или секојдневна соба, додека другите служеле за спиење, а редовно имало и по една соба за прием на гости. Подот од собите бил послан со черги или килими изработени од жените во селото. Во спалните соби имало дрвени или железни кревети послани со волнена постелнина, а прозорците имале пердиња изработени од жените или донесени од печалба. Затоплувањето на просториите се вршело со ѕидни огништа (постар вид на камин) во кои се ставале дрва, а за осветлување користеле газиени ламби.[19]

Носија[уреди | уреди извор]

Носијата во Д’мбени до Илинденското востание, претежно, била од домашна изработка. Со развојот на печалбарството настанале и измени во народната носија. Всушност се променил и начинот на живеење.[20]

  • мажите носеле: волнени чорапи, ѓурдни, шалвари, бели ткаени кошули и плетени капи или качкети,[20]
  • жените носеле: рачно плетени волнени чорапи, волнени ткаени фустани до под колена со староградски крој, шајзи кои биле украсени по рабовите со разнобојни гајтани, на градите биле украсени со полка од кадифе, ткаени скутници во разни бои, црна или бела шамија[20]

Историски објекти[уреди | уреди извор]

  • Градишта — средновековна тврдина кај селото

Прослави и обичаи[уреди | уреди извор]

Најмасовно во Д’мбени се празнувале празниците Божиќ (Крачун) и Велигден, потоа славите и имендените. Тогаш се прекинувале секојдневните работи за да се посетат роднините и пријателите. На овие празници и слави доаѓале до израз облеката, уредноста и гозбата.[21]

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

До Втората светска војна иселеништвото било главно во правец на Бугарија (околу 50 семејства) и Америка. По уништувањето на селото за време на Граѓанската војна во Грција (1945-1949) сите негови жители пребегале во тогашна НР Македонија (Југославија) и другите социјалистички држави од источниот блок (претежно СССР, Полска и Чехословачка).

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Фактичка состојба на населението и домовите во Грција според пописот од 18 март 2001 г. (PDF 39 Мб). Државен завод за статистика на Грција. 2003.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Δέμπενη - Δενδροχώρι
  3. 3,0 3,1 3,2 Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА, Скопје, 1996, стр. 13
  4. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА, Скопје, 1996, стр. 15
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 15
  6. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 47
  7. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 50
  8. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 54
  9. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 58
  10. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 67
  11. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 95
  12. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 101
  13. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 111
  14. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 126
  15. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 19
  16. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 20-22
  17. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  18. 18,0 18,1 18,2 Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 22-23
  19. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 18-19
  20. 20,0 20,1 20,2 Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 13
  21. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 24
  22. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 57
  23. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 265-268
  24. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 230-231
  25. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 296
  26. Лазо Поп-Јаневски: Костурското село Д’мбени. АУРОРА - Скопје, 1996. стр. 291
  27. 27,0 27,1 27,2 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Костурското село Д’мбени, Лазо Поп-Јаневски, АУРОРА - Скопје, 1996.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]