Расцеп на Македонската револуционерна организација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Расцепот на Македонската револуционерна организација настанал по Илинденското востание. На преден план избиле две главни прашања околу кој се кршеле копјата, внатрешното уредување на организацијата, прашањето за централизација или децентрализација, односно демократизирање, како и крајната цел на самата Организација, автономна Македонија или оформување на Македонија како самостојна политичка единица во рамките на една балканска федерација. Со текот на времото, јасно се оформиле две крила во самат Организација Конзервативна струја и Реформска струја [1][2][3]. Односите меѓу двете крила постепено се заоштриле до степен на употрена на насилни мерки за наметнување на своите принципи и ставови, отука во 1908 година дошло до дефинитивно распаѓање на Организацијата, а тоа влијаело негативно врз целото македонско национално движење во еден подолг период.

Две концепции[уреди | уреди извор]

По востанието во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата.

Овие советувања се одржале во периодот од декември 1903 до февруари 1904 година, на нив учествувале истакнати раководители, војводи и началници, главно прашање кое било разгледувано е каков да биде правецот на делување по неуспешното востание.

Димо Хаџи Димов

На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе прозлезат две струии, едната концепција била преставена од Христо Матов кој се залагал за зачувување на централистичкиот принцип, а другата струја се залагала за децентрализација и демократизација на Организацијата.

На овие советувања превладала концепцијата за децентрализација и демократизација предводена од Серчани[4]. Отука произлегла Директивата за идната дејност на Организацијата изработена од Димо Хаџи Димов, Димитар Мирасчиев и Димитар Стефанов со што биле поставени основите на Реформска струја.

Како одговор на Директивата, Христо Матов ја создал брошурата Основите на Организацијата од Брут (бг. основитѣ на Организацията отъ Брутъ) во мај 1904 година. Во брошурата биле преставени пет принципи околу кој ќе се групира Конзервативна струја.

Главните прашања околу кој се судриле дејците на Организацијата, се прашањето за централизација или децентрализација, односно демократизирање, како и крајната цел на самата Организација, односно автономна Македонија или оформување на Македонија како самостојна политичка единица во рамките на една балканска федерација.

Почеток на разногласието[уреди | уреди извор]

Во текот на 1904 и 1905 година се одржале неколку окружни конгреси: Струмичкиот конгрес, Прилепскиот конгрес, Скопскиот конгрес, двата солунски конгреса од јуни и од август 1905 година, Струмичкиот конгрес од 1905 и Серскиот конгрес. На овие конгреси веќе јасно се покажале различните концепции за идната дејност.

Струмичкиот конгрес од 1904 година минал под влијание на софиските советувања и Директивата на Димо Хаџи Димов, тоа влијаело и врз другите окрузи вклучително и на Битолскиот револуционерен округ да заземе став за децентрализација на Организацијата.

Пере Тошев
Даме Груев

На Прилепскиот конгрес дошло до спротиставување на двете концепции за поредокот на Организацијата. Имено, Дамјан Груев се залагал за централистичкиот поредок но не наишол на подршка. Наспроти него била концепцијата на Пере Тошев за децентрализација на Организацијата и тој бил подржан од сите повидни револуционери [5]. Пере Тошев изработил предлог-статут наречен Образец I со кој се отфрлала мистериозната централизација. Ѓорче Петров за првиот предлог истакува дека:

...кога ќе се почне од Ц.К. та до селата, а наместо неа — широка децентрализација. Сложен механизам во вишите раководни установи се предвиде, за да можат сите повидни сили на организацијата да земат учество во делата на организацијата... И покрај силната мотивација на Пере Тошев, кој меѓу другото се потпираше на расположението и желбата на самото македонско население, неговиот предлог-статут, како крајно децентралистички и којшто не одговараше на една револуционерна организација, не беше прифатен во неговата целост [5]

Дамјан Груев откако увидел дека неговиот став за централизација нема да пројде предложил нов проект-правилник познат како Образец II кој бил копија на првиот меѓутоа во поумерена форма [5]. Двата проекти од страна на Ѓорче Петров му биле испратени во Софија на Борис Сарафов кој требало да ги испечати [5]. Овој конгрес меѓу другото покажал дека времето на авторитетните дејци во Организација поминало. Сето тоа допринело да се продлабочи кризата во самата Организација и меѓусебните судири.

Првиот скопски конгрес го разгледал прашањето за идното уредување на Организацијата. Разгледувањето на оваа прашање започнало со проектот-правилник на Пере Тошев наречен Образец I од Прилепскиот конгрес. Проектот-правилник на Пере Тошев бил прифатен меѓутоа претрпел измени од страна на самиот Конгрес особено во поглед Централниот комитет и Задграничното претставништво.

Таквиот преработен проект-правилник, Конгресот решил да стапи во сила веднаш во Скопскиот револуционерен округ за да се зачува единството во работата на Округот [6][7], меѓутоа правилникот бил ревидиран и ставен во сила без да биде потврден од еден општ конгрес на Организацијата и тоа преставува израз на сепаратизам од страна на Скопскиот револуционерен округ.

Меѓутоа конфузијата се зголемила откако Конгресот ги прифатил и принципите на Христо Матов (Брут) - Основите на Внатрешната револуционерна организација и Директивата за идна дејност од софиските советувања за притоа дополнувајќи дека Организацијата ќе ги гони сите Срби кој нема да се придружуваат кон нејзините статути [6]. Самиот Скопски округ со овој Конгрес манифестирал сепаратизам, видлив преку преседантот при избор на Иван Гарванов за задграничен преставник на Округот.

Конгресот прифатил решенија кој меѓусебе си противречеле и затоа самиот Христо Матов, чии решенија биле прифатени и преовладувале на овој Конгрес, обвинил за кршење на единството во Организацијата [1].

Борис Сарафов

На Солунскиот конгрес од јуни 1905 година биле разгледани постапките на Борис Сарафов и се побарало негово судење, а исто така била осудено изедначувањето на активноста меѓу Организацијата и Бугарската егзархија. Била потенцирана самостојноста на Организацијата и македонското дело [8] , а се потенцирала автономијата како основа за делување и биле осудени сите преговори за поделба на Македонија на сфери на влијани како идни граници за поделба на земјата.

Солунскиот конгрес од август 1905 година побарал придружувањето кон веќе постојните статути и било побарано да се изработи еден општ внатрешен правилник за уредување на Организајата, сите управни институции требало да си ја задржат автономноста, а oкрузите да бидат независни, да се ограничи влијанието на Бугарската егзархија и егзархиските установи да бидат заменети со народни.

Конгресот нагласил дека Борис Сарафов поради својата дејност како и другите кои според Конгресот се огрешиле кон делото да се казнат. Конгресот разгледаал голем број на прашања кој го засегале македонското ослободително движење, бил направен обид за поставување на основа врз која би дошло до зацвртување на Македонска револуционерна организација но анагонизмот меѓу внатрешните дејци само се зголемил со тенденцијата за казнување на сите кои згрешиле на било каков начин кон делото, а во овој случај станувало збор за неистомисленици.

Обид за помирување[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот
Македонска револуционерна организација
Печат на Македонскиот комитет

Во октомври 1905 година во Рилскиот манастир се одржал Рилскиот конгрес. Христо Силјанов според составот на делегатите, констатирал дека меѓу нив се нашле страсни функционери кои сакале да го наметнат своето влијание, а покрај нив биле старите дејци кои одавале сила на пишаните правилници, првенци кои преку Конгресот сакале да го вратат изгубеното место во Организацијата и дејци кој сакале да се оттргнат од револуционерниот суд[1].

Рилски манастир

Меѓу нив секако имало и нови дејци кои се препуштале кон една или друга струја. Сето тоа допринело да има кулоарски интриги, преку кои бил обезбеден глас кои бил потребен да се донесе одлука. Ментор на целиот Конгрес бил Ѓорче Петров кој морал да прави комбинации при изборот на управните тела меѓу дејците, кои биле меѓусебно критички настроени. Конгресот го имал следниот дневен ред:

1. Извештај за минатата дејност и сегашната положба во Организацијата по окрузи и околии
2. Идната дејност на Организацијата
3. Устројство и управа на Организацијата;
а) административен оддел
б) судски одел
в) финансиски одел
г) културно - економски одел
4. Литература и печат
5. Односот и поведението на Организацијата спрема разните теченија; a) спрема сите пропаганди б) спрема бугарскиот државнички национализам и Егзархија в) спрема врховистите, емиграцијата и јавноста во Бугарија г) спрема одделни организациски групи внатре и надвор
6. Тактика на Организацијата
7. Отчет за дејноста на ЦК и Задграничното преставништво[1]

По третата точка, Конгресот расправал дваесет дена бидејќи станувало збор за идното уредување на организацијата. Појдовна точка биле правилниците-проекти од окружните конгреси. По ова прашање најактивен бил Пере Тошев кој сметал дека доследната примена на Правилникот би ги отстранила сите недоразбирања и би се зацврстила организацијата.

Според Христо Силјанов по ова прашање дошле во судир две струи кои имале различна концепција по ова прашање. Двете струи Силјанов ги нарекува: радикално - реформска и умерено - конзервативна [1][2].

На овој Конгрес најистакнати претставници на првата групација биле Пере Тошев, Ѓорче Петров и Јане Сандански, тие ја имале наклонетоста на најголемиот број на делегати. Оваа крило се залагало за децентрализација и демократизација на Организацијата, широка примена на изборното начело. На страната на оваа група застанал и Борис Сарафов сакајќи на тој начин да добие амнестија од обвиненијата.

На чело на другата групација застанал Даме Груев кој се залагал за зачувување на централистичкиот хиерархиски поредок. Меѓутоа тој ја немал поддршката на најголемиот број на делегати и затоа бил подготвен на компромис, а зад него застанале Аргир Манасиев, Борис Мончев, Лазар Маџаров, Стамат Икономов и Добри Даскалов [1].

По дваесет дневна расправа меѓу двете групи Конгресот ги прифатил новиот Устав и Правилник на Организацијата. Христо Силјанов истакнува дека новоусвоените акти биле компромисно решение меѓу двете групации:

со чуствително наклонување на лево[1]

и дека отстапките за компромисот биле направени од умерено - конзервативното крило. Иако Христо Силјанов истакнува дека бил постигнат компромис, во постарата литература преовладува ставот дека влијанието на левицата преовладало на овој конгрес.

Јане Сандански
Ѓорче Петров

Одговорноста на Борис Сарафов како и на другите дејци на Организацијата биле оставени за на крајот од дневниот ред, бидејќи оваа прашање било најделикатно. Сарафов бил обвинуван од сите страни и за секакви дејствија, дека земал пари од српската влада, за пропуштање на српски чети, за препраќање на свои чети во Македонија, давање пари на разни службеници со што предизвикувал раскол и расипништво. Главни обвинители на Конгресот бил Јане Сандански и серчани. Тие биле поддржани од струмичаните како и од реформските делегати, а против Сарафов биле и делегатите од Битолскиот и Солунскиот округ под влијание на Дамјан Груев, нивни претставник бил Борис Мончев.

Единствен кој застанал на страната на Сарафов бил Ѓорче Петров кој пак добил поткрепа од страна на Пере Тошев дека амнестирањето на обвинетите е најдобро решение со што би се разрешило заплетканото прашање.

Улогата на миротворец требало да ја одигра непомирливиот противник на Сарафов, самиот Јане Сандански. На изнанедување на многумина Сандански истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување, да се остави минатото. Во тој дух се изјаснил и Ѓорче Петров, а поддршка дал и Даме Груев.

На крај конгресот изгласал опша амнестија за сите обвинети вклучително и за Борис Сарафов. На Конгресот било постигнато единство кое траело кратко, бидејќи вториот општ конгрес никогаш не се одржал.

Заострување на односите[уреди | уреди извор]

Syveshtatelno sybranie na VMORO v Sofia.pdf

Во декември 1906 година Даме Груев, се упатил кон Софија, во обид да постигне разбирање меѓу фракции. На пат за Бугарија на 9 декември 1906 година Груев е убиен во престрелка со турската полиција. Со ова убиство пропаднал предвидениот нов општ конгрес и дошло до дефинитивен раскол.

Судирот настанал околу членот 3 од Правилникот на ВМОРО и настојувањето на Конзервативната струја конгресот да се одржи во Бугарија. Во членот 3 било истакнато:

Секој член кои ја напуштил организациската територија, дали бил тој службено лице или не, ги губи правата сè додека е надвор[9]

Од овој член произлегувало дека голем број од делегатите кој биле предложени од конзервативната струја немале право да учествуваат во работата на предвидениот конгрес, бидејќи подолго време се наоѓале надвор од Македонија и Одринско. Меѓу овие дејци се нашле Борис Сарафов, Христо Матов, Христо Татарчев, Иван Гарванов и други.

Во однос на барањето на Конзервативната струја за одржување на конгресот надвор од Македонија, односно во Бугарија, Јане Сандански остро се спротистваил слично како и при разговорите за одржување на Рилскиот конгрес кога побарал конгресот да се одржи внатре, на организациска територија, за да се подвлече чистиот внатрешен карактер и полната независност на Организацијата. Конзервативната струја при своите настојувања предвидениот конгрес да се одржи во Бугарија се правадала со Рилскиот конгрес кој се одржал на бугарска територија, меѓутоа на самиот Рилски конгрес, според Христо Силјанов:

тоа прашање (одржување на конгрес во Бугарија б.н) беше разрешено со поголема согласност во смисла, дека решенијата, кој што го наложија свикувањето на конгресот (Рилскиот б.н) зад граница, имаат сила само за сегашниот (Рилски б.н) конгрес, без да служат за претекст во иднина [10]

Отука биле прекршени два принципа, лицата кој не ги исполнувале условите и ги изгубиле своите организациски права им било дозволено да учествуваат на конгресот, со што бил прекрешен Правилникот на ВМОРО, а со одлуката за одржување на конгресот во Бугарија било прекршено решението од општиот Рилски конгрес, решение донесено од најголемиот број на дејци на Организацијата.

Серската група на Сандански не ги прифатиле овие решенија и се повлекла во Рила. Во Рилскиот манастир, конзервативната струја испратила парламентарци кои ги поканиле Серачни да испратат свој делегати на предвидениот конгрес, но Јане Сандански го одбил таквиот предлог истакнувјќи дека со Гарванов и Сарафов не може да има компромис, отстапки или соработка.

Откако Серската група одбила да учествува во работата на свиканиот конгресот, конзервативната струја одржала неколку советувања во Софија во периодот меѓу 17 декември 1906 година и 15 јануари 1907 година. На овие советувања било решено да не се избира нов Централен комитет тука само ново Задграничното претставништво на Организацијата во Бугарија, за нови задгранични преставници биле избрани Борис Сарафов, Христо Матов и Иван Гарванов. Меѓутоа Серската група не ги признала, а Сандански ги жигосал со зборовите неоврховисти. Последната активнот на оваа Задграничното претставништво е препраќање на нови чети за Македонија, а таа активност предизвикала оштра реакција од Серчани.

Во август 1907 година Сандански побарал Задграничното претставништво да биде укинато како орган, но таквото барање било одбиено. По одбивањето на барањето, Јане Сандански, Чудомир Кантарџиев, Георги Скрижовски и Александар Бујнов подпишале смртната пресуда за задграничните претставниците, од како одлуката е била подржана од Ѓорче Петров, Пере Тошев и Петар Поп Арсов [11]. По потпишувањето на смртната пресуда, двете крила почнале да се демнеат меѓу себе.

Кулминација[уреди | уреди извор]

Сандански ликвидацијата на задграничните претставници му ја доверил на Михаил Даев. Меѓутоа потајно Даев бил приврзаник на конзервативната струја и сакал да ја искористи блискоста со Јане за да го ликвидира. За таа негова одлука решил да ги извести задграничните преставници испраќајќи писмо преку својот заменик и кум - Тодор Паница. Меѓутоа Паница писмото му го доверил на Сандански и поради тој заговор Даев бил осуден на смрт. Пресудата врз Даев била спроведена на 30 октомври 1907 година, но таа се чувала во тајност.

Тодор Паница

На 28 ноември била извршена смртната пресуда врз задграничните преставници, Борис Сарафов бил убиен во својот дом, заедно со Иван Гарванов, од страна на Тодор Паница. Христо Матов преживеал поради фактот што задоцнил на предвидената средба [12].

Егзекуцијата на двајцата задгранични претставници по наредба на Сандански создале пречки во помирувањето на двете крила. Конзервативната струја го организирала Ќустендилскиот конгрес во 1908 година на кој меѓу другото биле осудени на смрт Јане Сандански и Тодор Паница.

Во 1908 година пресудата се обиделе да ја спроведат Тане Николов и Владе Сланков но тие не успеале да го елиминираат Сандански освен што успеале да го ранат[13].

Од своја страна Реформската струја го организирала Банскиот конгрес, на кој е донесена одлука за основање на нова Македонско-одринска револуционерна организација. Конгресот за формирање на МОРО пропаднал поради атентатите врз Сандански.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски) Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „HS“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  2. 2,0 2,1 Во постарата литература првата групација се нарекува левица, а втората како десница. Во поновата литература двете струи се нарекуваат реформско-демократска и конзервативно-централистичка Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „DMzS“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  3. Димо Хаџи Димов, Одбрани дела, редактор Манол Пандевски, Скопје, 1984
  4. Димитар Димески, Македонската револуционерна организација по Илинден (во пресрет на окружните конгреси), Годишен заборник на Филозофски факултет, книга, 19 (45), Скопје, 1992
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  6. 6,0 6,1 Протоколъ на I-вия редовенъ революционенъ конгресъ въ Скопския окръгъ, откритъ на 2 яануарий, 1905 година, Ил. Илинденъ, г.5/4 (44), София, 1933, (сообщава - Боянъ Мирчевъ
  7. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981
  8. Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
  9. Правилник на ВМОРО - Според оргиналот што се чува во библиотеката на групата за Историја при Филозофскиот факултет во Скопје
  10. Освободителнитѣ борби на Македония, II Хр. Силянов 33. РИЛСКИЯТЪ КОНГРЕСЪ
  11. Атанасов, Димитър, „Войводи с пагони“, Македония прес, 2003 г., София, стр.153
  12. Благов, Крум, „50-те най-големи атентата в българската история, 25. Убийството на задграничните представители“
  13. Николов, Тома, „Спомени от моето минало“, Изд. на Отеч. фронт, София, 1989 г.