Самостојна македонска држава

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Самостојна македонска држава е политичката и револуционерната цел на македонските револуционери и Македонската револуционерна организација. Револуционерната организација формално-правно во своите уставо-статутарни акти се залагала за автономија на Македонија и Одринско, меѓутоа врз основа на организациската документација и другите извори може да се заклучи дека Организацијата работела за самостојна македонска држава.

Ставови на организациските дејци[уреди | уреди извор]

Зад автономниот принцип се криела поголема цел, а тоа е создавање на слободна и независна македонска држава. Тоа го потврдуваат и сведоштвата на првите луѓе на организацијата. Христо Татарчев истакнува дека:не се раководеле од друга тенденција, освен од идејата за слободата и благото на целиот македонски народ. Дамјан Груев од друга страна, во писмото до Никола Дејков од 7. 02. 1894 година го објаснува сепаратизмот на МРО и вели дека:

Сепаратистичкото движење не треба да се смета за утопија... Тоа е плод на настојувањето на Бугарија да се добере до нас. Тоа го наоѓа својот израз во заземањето на едно друго поведение од страна на Македонците спрема соседите, а првенствено кон Бугарија[1].

Во 1905 година Дамјан Груев во Софија имал средба со Лермонтов. Притоа Д. Груев истакнал дека организацијата дејствува самостојно издигајќи ја девизата Македонија на Македонците [2], и дека организацијата не сака за ништо судбината на Македонија да ја потчини на интересите на кнежевството. Главна цел на организацијата е автономија на Македонија а не нејзино присоединување кон Бугарија [3].

На 17. 10. 1895 година, Гоце Делчев испратил писмо до Ефрем Каранов во кое пишува за слободна државичка Македонија[2]

Ставови на организацијата пласирани преку јавни гласила[уреди | уреди извор]

Во весникот Право во 1902 година јасно се кажуваат целите на организацијата:

Внатрешната револуционерна организација ќе му даде на секој да разбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава на Балканскиот Полуостров. Таа организација, давала и во иднина ќе дава докази дека не е агент на никоја од балканските држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепено ќе ги остранува племенските разлики во Македонија и ќе го организира идниот, ако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ [4].

Во 1905 година во Револуционерниот лист, кои бил официјален орган на Внатрешната организација, се истакнува дека: Автономна Македонија од Организацијата се сфаќа како самостојна држава [5].

Ставови на Бугарската егзархија[уреди | уреди извор]

Во писмото од 14. 04. 1901 година егзархот Јосиф I искажува стравување поради формулацијата обединување на сите без разлика на верата и народноста:

Јас мислам дека се гони тајна цел, имено : обединување на македонското население на македонска почва и остварување на поодамна замислената идеја за македонско словенска етничка група на Балканот. Во таков случај натамошната дејноста на Бугарската егзархија е непожелна, бидејќи во автономната македонска држава ќе се наметне потребата за единствена црква [6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. АМ. ф. 1953, Даме Груев, оп. 1, а. е. 5, л. 155
  2. 2,0 2,1 Документи за борбата на македонскиот народ. . . т. 1, 325
  3. Симон Дракул, Македонија меѓу автономијата и дележот, четврти том, 57.
  4. Право, II/31 (39), 22. 09. 1902, 3
  5. Официјално издание, Револуционерен лист, 2 јуни 1905, 3
  6. С. Димевски, Присуството на Теодосиј Гологанов во развојот на македонската национална мисла во епохата на национално - револуционерното движење, ГИНИ, XX/2, Скопје, 1976.