Прејди на содржината

Основање на Македонската револуционерна организација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Основањето на Македонската револуционерна организација се случило на 23 октомври 1893 година во Солун, Македонија од страна на Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.

Хронологија

[уреди | уреди извор]

Солун како културен, економски и политички центар на Македонија, во последната деценија на 19 век привлекол голем дел од македонската револуционерно настроена интелигенција. Во 1892 година во Солун се нашол Иван Х. Николов и на 11.09.1892 година (по стар стил) ја отворил својата книжарница [1]. Есента 1892 година Христо Татарчев се вработил како лекар во Солуската егзархиска гимназија[2]. Во јули 1893 година Дамјан Груев се вработил во печатницата на Коне Самарџиев како коректор[3]. Во есента 1893 година Петар Поп Арсов се вработил како професор во машката егзархиска гиманазија [4].

Д. Груев и П. П. Арсов се познавале уште од училишните денови, од друга страна Иван Х. Николов со Арсов се знаеле преку Младата македонска книжевна друшжина, и затоа Арсов бил во комбинациите на Хаџи Николов за организација во 1892 година. Блиски до идеите на Хаџи Николов биле и Татарчев, Христо Батанџиев и Антон Димитров, а во учебната 1893-94 година, Димитар Цонев не бил во Солун. Д. Груев преку П. П. Арсов се запознал со политичките стремежи, цели и нереализирани планови на И. Х. Николов. Во август 1893 година Д. Груев се запознал и со Татарчев, барајќи од него лекарска помош.

На третата средба тие двајца отворено разговарале за положбата на населението во Македонија. Од друга страна Д. Груев се запозанал и со Антон Димитров. На 21.10/2.11. 1893 година покрај солунскиот брег се сретнале Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Антон (Андон) Димитров, притоа тие разговарале за ослободување на Македонија. Паднал предлогот тие тројца да формираат револуционерна организација. И. Х. Николов понудил во основањето да учествуваат и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев. Се договориле за два дена да имаат нова средба. Всушност била договорена средбата на која била формирана:

МРО (Македонска револуционерна организација) [1]. Состанокот се одржал во сабота навечер на 23.10/4.11.1893 година, во станот на Христо Батанџиев [5].

На овој состанок присуствувале Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево - Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила - Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово - Солунско и секако домаќинот Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско[6]. На оваа средба била разгледана општата состојба во Македонија, и дошле до заклучок дека положбата на населението е неподнослива, за да се подобри потребна е една:

планомерна и сериозна акција, и тоа колку побрзо, толку поголем изглед за успех ќе има [7].

Била разгледана и опцијата самата османска власт да ја подобри положбата на христијаните преку реформи, но се согласиле дека тоа е невозможно, сè додека не дојде до суштинска промена во душите и традицијата на муслиманите [7] Откако ја отфрлиле оваа опција едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација. Според И. Х. Николов тогаш биле прифатени следните начела:

1. Организацијата да е тајна и револуционерна

2. Нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна.

3. Во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност.

4. Политичкото верују на организираните Македонци е автономија на Македонија.

5. Да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави [8].

Врз овие начела групата се конституирале: како друштво без писмен протокол и без да избераат раководители како претседател и слично. На таа средба не се утврдени никакви формалности, клетва или нешто слично, за да се сметаат членовите за лично обврзани за да делуваат за делото [9]. Основоположниците се разделиле со мислата дека им престои тешка и сериозна акција, секои од нив требало да размисли за лозунгот, формата и дејноста на организацијата. По неколку дена имале уште една средба, но конкретни предлози за организацијата немало. Татарчев истакнал дека на следната средба треба да се донесат конкретни решенија [10].

Државен празник на Република Македонија

[уреди | уреди извор]
Дел од темата „Петар Поп Арсов

Денот на основањето на Организацијата, 23 октомври, од 2007 година се слави како државен празник на Република Македонија под името Ден на Македонската револуционерна борба.

  1. 1,0 1,1 Христо Шалдев, Основаването на ВМРО (записи на Иван Х. Николов), Ил. Илинден VIII / 1 (71) София, 1936
  2. Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев, София, 1928, страница 95.
  3. АМ. ф. 1953, Даме Груев, 1. 1241. 1. 42., оп. 1, ае, 5, л139-142
  4. Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов..., 41.
  5. Д. Димески, Гоце Делцев, Битола, 1990, страна 42
  6. Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев София, 1928, страница 100.
  7. 7,0 7,1 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  8. Основаването на ВМРО (записи на Иван Х. Николов) съобщава Христо Шалдев, Ил. Илинден VIII / 1 (71) София, 1936
  9. Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев, София, 1928, страница 101-102.
  10. Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев, София, 1928, страница 102.