Виничка афера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Виница

Виничка афера — првата голема афера со која се соочила Македонската револуционерна организација, своето име го добила по Виница каде аферата започнала, во близината на Кочанско и предизвикува растројство на револуционерната мрежа во Скопскиот револуционерен округ.

Причини[уреди | уреди извор]

Повод за аферата е нападот на една разбојничка чета, дојдена од Бугарија,[1] во домот на богатиот Турчин Касим бег во градот Виница на 15 ноември 1897 година. Четата зела од неговиот дом околу 800 турски лири, а самиот него го убила.

Следниот ден кочанскиот кајмакам се појавил со жандармерија и војска во Виница, ги подложил селаните на ќотек и ги открил соучесниците на бандата, осум души, меѓу нив и раководителот на комитетот, Георги Иванов, син на виничкиот кмет. Фатена била и жената на убиениот. Таа, кога го видела мртов својот маж, мислејќи дека е убиен од Организацијата, со солзи во очите отишла кај командирот на војската и му соопштила дека во нејзината куќа има и складирани комитски пушки.

Наоѓајќи ги посочените пушки, кајмакамот ги претресувал и другите куќи и открил: педесетина пушки, дваесетина бомби, неколку сандуци со патрони и малку барут.

Развој[уреди | уреди извор]

Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет

Претседателот на локалниот комитет на организацијата Георги Иванов ги предал организациските дејци во Виница. Претресите на власта се прошириле и во Штипската, Кратовската, Паланечката, Радовишката, Кумановската, Скопската и други кази.[1]

Како резултат на истрагата и насилствата спроведени во текот на нејзината акција се убиени пет лица, петмина други умираат на крајот од тортура, 111 лица се претепани, 13 жени и мажи се силувани, вкупно уапсените се 528 лица, а околу 300 луѓе избегале во Бугарија.[1][2]

Последици[уреди | уреди извор]

Како резултат на Виничката афера Организацијата губи многу оружје, претрпува морални штети и вредни организациски кадри, а османските власти започнаа да гледаат со зголемена недоверба кон населението во Македонија.

Аферата ја открива потребата од повеќе ефикасност во активностите на Организацијата при вакви кризи, дека е потребно да се даде азил на прогонетите и да се спречи предавство.

Во извесна мера го забрзува создавањето на постојани окружни чети, подобрување на илегалните канали.[2]

Епилог[уреди | уреди извор]

За време на апсењата на територијата на Косовскиот вилает, биле уапсени 592 лица, од кои 30 биле учители и повеќе свештеници, распределени на следниов начин:

  • Кочанска каза — 172 лица
  • Пехчевска каза — 51 лица
  • Штипска каза — 159 лица
  • Кратовска каза — 64 лица
  • Кумановска каза — 26 лица
  • Паланечка каза — 120 лица

Според Мемоарите на Внатрешната револуционерна организација се дава претстава за методите кои ги применуваа инквизиторите: Во с. Виница, Кочанско: учителот Црвенков-Елеков бил жестоко измачуван и обесчестен, главата на селскиот кмет Иван Петров била стегната со влажни јажиња, селанецот Христо Грнчарот 24 часа бил држан да виси надолу со главата и бил тепан по градите, младиот Ампо Захариев умрел од жестоки измачувања, војници, во едно оризово поле ги убиле Атанас Петков, Григор Медлинин и двајца работници од с. Галичник (Дебарско), обесчестени биле Катарина Митева од чаушот на Дервиш ефенди и еден војник, Марија Порушова и Гина Иванова.

Мемоар од бугарскиот агент Димитар Марков до големиот везир за уапсените 600 лица во Штипскиот округ („Виничка афера“), подложени на инквизиторски измачувања
Мемоар од бугарскиот агент Димитар Марков до големиот везир за уапсените 600 лица во Штипскиот округ („Виничка афера“), подложени на инквизиторски измачувања

Поп Никола од с. Зрновци (Кочанско), бил обесен со главата надолу и држан во таква состојба цели 3 часа, бил држен неколку часа во смрзната вода, бил горен со железо по телото и анусот и др. Тасо Мишев од истото село бил обесен со главата надолу и горен со железо по телото.

Учителот од с. Панчево (Кочанско) Алекса Беличев бил мачен со забивање спици под ноктите и долго време бил држен над оган.

Коце Захариев од Кочани бил држен неколку часа со голи нозе под силно вжештена печка.

Учителот од с. Дадини (Радовишко) Хр. Георгиев бил тепан пет вечери по ред, бесен е со главата надолу и јазикот му е фаќан со вжештена маша.

Во истото село се обесчестени: Спасена Георгиева и момите: Катерина Јанева и Зоја Илиева. Првите две умреле од преголемо насилство. Кара Тасе, Пане Пиштоло, Васил Лската, Ѓошо Икономски и Коце Бакалчето – сите родум од Штип, добиле по 40 камшици и преку 24 часа биле држани на по една нога и тепани.

Васил Лската умрел од жестоки измачувања.

Свештеникот поп Димко од Свети Николе (Штипско) бил обесчестен од војници. Младиот свештеник Ананиј од с. Кокошиње (Кумановско) бил тепан по нозете и горен по стомакот со усвитено железо, учителот од истото село Арсениј Николов е тепан по нозете и горен со усвитено железо по задникот и десната нога.

Учителот во Кратово Јосиф Даскалов е жестоко измачуван, горен со железо во устата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 д-р Стојан Киселиновски и др. (2000). Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. стр. 104. ISBN 9989-624-46-1. Недостасува |author1= (help)
  2. 2,0 2,1 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)