Борба на Петар Поп Арсов против српската пропаганда во Азот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Засиленото дејствување на српската пропаганда во 90-тите години на 19 век, во Велес и Азот била главната причина за доаѓањето на Поп Арсов во Велес во март 1895 година.

Хронологија[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот Петар Поп Арсов
На мокров 2.jpg
Петар Поп Арсов

Како последица од агресивноста на српската пропаганда, егзархиските учители биле изложени на разни напади и принудени на бегство. Училиштата по наговор на србоманите биле затворани. Под ист удар се нашле и свешениците, бидејќи србоманите посегнеле и по црквите и манастирите. Истовременото дејствување на бугарската и српската пропаганда во Азот, допопринело да дојде до поделба на македонското населението на србомани и бугараши, брат против брат, син против татко [1]. Оваа состојба ја принудила Велешката егзархиска митрополија да испрати протести до велешкиот кајмакам, валијата и големиот везир. За развојот на срспката пропаганда во Азот бил известен и егзархот Јосиф I од кого бил побаран совет. Егзархот со посланието од 9 декември (стар стил) 1894 година, го овластил велешкиот митрополит Авксентиј Пелагониски да одбере специјален чиновник, кој требало да се спротистави на српската пропаганда во Велес и Азот [2].

Управата на Велешката егзархиска митрополија направила повеќе обиди за изнаоѓање на соодветна личност. Меѓутоа, никој не се решил да ја прифати таа должност, зашто во меѓувреме Богомила речиси целосно застанала на страната на србоманите. Отука, како неопходност се покажала потребата од повикување на Поп Арсов од Солун и негово назначување на таа должност [2]. Неколку месеци пред донесувањето на оваа одлука, Егзархијата го отпуштила Поп Арсов од службата во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, меѓутоа таа сметала дека Поп Арсов со својот авторитет и преку своите роднини и пријатели ќе повлијае кај населението да се врати под закрилата на Бугарската егзархија. Егзархистите го познавале антипропагандното расположение на Поп Арсов и сметале дека неговата активност против српската пропаганда, ќе ја искористат за свои цели [2]. Поп Арсов бил повикан од Солун за оваа нему непозната работа и на 15 февруари 1895 година пристигнал во Велес. Ванчо Ѓорѓиев истакнува дека: Петар Поп Арсов не дошол во Велес само по покана од Егзархијата, туку тоа било сторено во согласност со ЦК на МРО, чиј член и секретар во тоа време бил тој. Тоа го налагала и потребата од зацврстување на оргнизационата мрежа на МРО во овој крај, како и да се попречи раздробувањето на народот од влијанието на српската пропаганда. Во такви околности, поканата од Егзархијата требалода послужи само како добра камуфлажа пред османските власти за легализирање на неговиот престој во Велес. [2].

Митрополит Авксентиј Пелагониски
Факсимил од согледувањата на Петар Поп Арсов за српската пропаганда во нахијата Азот

Во Велес, Поп Арсов најпрво се сретнал со митрополитот Авксентиј, а потоа заминал за Богомила каде што се задржал четири дена. На терен сакал да ги испита причините за појавата и ширењето на српската пропаганда, по што требало да се бараат и превземат мерки за парализирање на оваа пропаганда. Во тој период, во Богомила како борци против српската пропаганда се истакнале Андреја Поп Арсов [белешка 1], Најдо Лилјак, Георги и Павел Чикабеви и попот Ангеле. По враќањето од Богомила и обиколката низ Азот, Поп рсов заклучил дека главната причина за појавувањето на српската пропаганда во овој крај е печалбарството кое било насочено кон Србија, кое било резултат на неплодноста на оваа земја во овој дел на Македонија. Поп Арсов истакнал дека првиот човек што заминал на гурбет во Србија од овој крај бил некојси дедо Мирче поради што бил наречен Србот. Тој истакнал дека во 1895 година, бројот на Србјаните (така се нарекувале оние кои јабанџуваат во Србија) е многу голем и речиси секоја куќа има по еден или неколку србјани [3]. Меѓутоа и покарј тоа, Поп Арсов заклучил дека: говорот на населението ја држи средината помеѓу велешкиот и прилепскиот и не бил повлијаен од српскиот [2]. Според Ванчо Ѓорѓиев:

Интересот на Петар Поп Арсов за проучување на посебноста на македонскиот јазик од соседните словенски јазици е продолжение на тенденцијата пројавена во Лоза. Всушност, со докажувањето на посебноста на јазикот кај макеоднскиот народ, тој сега сакал да и се спротистави на српската па и на другите пропаганди во Македонија [2]


Поп Арсов заклучил дека и покрај зачувувањето на чистотоата на македонскиот јазик, сепак српската пропаганда успела да го претвори духот на народот во српски и дека нејзиниот успех се должел токму на печалбарството и покај тоа што вешто бил прикриен под превезот на омразениот грцизам [2]. Тој како втора причина за опстанокот на српската пропаганда во овој дел на Македонија ја посочил локалната османлиска власт која јавно ги подржувала србоманите и ги присилувала селаните да се пишуваат под Патријаршијата. На враќање од Богомила, Поп Арсов се задржал во анот во селото Теово каде што имал средба со еден заптија од нахијата Азот. Нему му ги посочил репресалиите што биле превземени врз народот за да се врати под Цариградската патријаршија и на тој начин да стане лесен плен на српската пропаганда. Истовремено искажал чудење како може османлиската власт да ја подржуваат српската пропаганда, кога нејзините агитатори отворено проповедаат дека оние што се под Патријаршијата еден ден ќе бидат под управа на српскиот крал [2]. Српските агенти во својата агитација се користеле со разни ветувања, од кои Поп Арсов ги издвојува следните: намалување на бегликот на 3, 5 гроша, бесплатно патување по железницата за Србија, бесплатни српски учители и учителки, преполување на данокот за крштевање, венчавање, погреб и др. Во текот на обиколката на Азот, Поп Арсов меѓу населението агитирал да се откаже од посрбување [2]. Голем дел од луѓето изјавувале дека не можат против судот кој сам ги терал да се пишуваат под Патријаршијата. Сепак, Поп Арсов во Богомила успеал десет куќи да ги врати под Егзархијата. За да ја симне секаква сомнителност од себе и за да го легализира својот престој во Велес, Поп Арсов на 4 март (страр стил) 1895 година, побарал од Велешката егзархиска митрополија да го назначи за секретар или учител при Митрополијата [2]. Два дена подоцна, Митрополијата со актот бр. 459, го известила Поп Арсов дека е назначен за секретар - инспектор на училишниот оддел при Велешката митрополија. Меѓутоа, Поп Арсов како критичар на Бугарската егзархија и бугарската политика кон Македонија, не ја проголтал егзархиската јадица, која сметала да го канализира во своја корист неговот спротиставување на српската пропагнада. Напротив, Поп Арсов:

сакал да ја проучи и да се спротистави на српската пропаганда во Азот од позициите на самостојноста на револуционерната борба на македонскиот народ [4]


Туше Делииванов
Гоце Делечв

Ванчо Ѓорѓиев заклучува дека судирот помеѓу Егзрахијата и Поп Арсов бил неизбежен. Тој својот престој во Велес го искористил за агитација кај населението за ширење идеите на Внатрешната организација, притоа ги кординирал акциите на Организацијата во Азот за одбрана од србизмот. Првата група за револуционерна работа која ја организирал Поп Арсов ја сочинувале: Велко Думев, Андреја Коробаров, Трајче Христов, Димче Зеков, Иван, Диме и Јордан Варналиеви. За време на Велигденската мисија, Поп Арсов се сретнал со Гоце Делчев и Туше Делииванов кои биле на пат за Солун и Кукуш. Биле разменеи мислења за постигнатите резултати на револуциоерното дело во Велес и Штип. Во текот на разговорот Поп Арсов истакнал: И тука (во Велес б.н) нема да останаме поназад [5]. Тој изразил верување дека Внатрешната организација во Велес добро ќе се развива и зацврсти. За тоа била потребна систематска работа, зашто, како што истакнал самиот: интелегенцијата во тој град тешко се превиткува, а тоа било резултат на безброј поделби на социјалисти, анархисти и др., макар што сите се добри момци [6]. На средбата стнало збор и за српската пропаганда во Велес и Азот и за плановите на Егзархијата да го искористи дејствувањето на Поп Арсов за свои цели. Набаргу по заминувањето на Гоце и Туше Туше Делииванов, Поп Арсов поднел оставка на доверената должност во Митрополијата [2].

Бугарската егзархија од своја страна ја согледала дека непокорливата и самостојната активност на Поп Арсов во полза на Внатрешната организација и почнала да го напаѓа како нездрав човек за Турција, а од друга страна како турски шпион пред велешани. При таквиот развој на настаните, Поп Арсов како човек кој ја критикувал секоја власт си поднел оставка на должноста секеретар - инспектор на училишниот оддел при Велешката егзрахиска општина. Петар Поп Арсов во оставката истакнал дека причината е неопределеноста на должноста со која бил натоварен. Митрополијата од своја страна ја премолчала неговата оставка и со актот бр. 712 од 28 април (стар стил) 1895 година разрешила од должноста [2]. Митрополитот Авксентиј Пелагониски во едно писмо до егзархот Јосиф I, не се осмелил да ги изнесе вистинските причини за разединувањето со Поп Арсов. Тој не ја споменал оставката, туку заминувањето на Поп Арсов го свел на причини од еконсомски карактер: За да се направи една економија, јас го ослободив г. П. П. Арсов од наложената мисија [2].

Во текот на својот престој во Велес, Поп Арсов не успеал многу да го попречи отварањето на српските училишта. Сепак, во текот на 1895 година, како резултат на Поп Арсовата дејност, десетина куќи од Богомила се вратиле под закрилата на Егзархијата, а истото го сториле и неколку жители од село Ораовец, Теово, Башино Село и други. По заминувањето на Петар Поп Арсов од Велес, борбата против српската пропаганда ја предводел неговиот брат Андреја.

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Андреја Поп Арсов во 1907 година бил принуден од србоманите да ја напушти Богомила и да замине за учител во Ореше. Тој ја предводел борбата против српската пропаганда во Азот се до 1918 година кога бил убиен од Србите

Извори[уреди | уреди извор]

  1. П. Росен, Низ Азот, Македонија, I/VII, Софија, 1922
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонското националноослободително движење, Скопје, 1997
  3. Види: Факсимил од согледувањата на Петар Поп Арсов за српската пропаганда во нахијата Азот
  4. Петар Стојанов, Петар Поп Арсов во националното револуционерно движење на макеоднскиот народ (1868-1919) Скопје, 1963
  5. Крум Христов, Гоце Делчев, Софија, 1955
  6. Христо Андонов Полјански, Гоце Делчев во спомените на современиците, Скопје, 1963