Прејди на содржината

Теово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Теово

Воздушен поглед на селото

Теово во рамките на Македонија
Теово
Местоположба на Теово во Македонија
Теово на карта

Карта

Координати 41°34′44″N 21°34′20″E / 41.57889°N 21.57222°E / 41.57889; 21.57222
Регион Вардарски
Општина Чашка
ОбластАзот
Население104 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.1415
Повик. бр.043
Шифра на КО29075
Надм. вис.260 м
СлаваАтанасовден
Теово на општинската карта

Атарот на Теово во рамките на општината
Теово на Ризницата

Теово — село во Општина Чашка, во областа Азот, во околината на градот Велес.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото првпат е споменато како „Техово“ во 1335 година. Името потекнува од личното име „Техо“ (од грчкото име Теохар, што значи „божја благодат“) или од корен „тех-“ што означува рудник, рударска јама.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Сретселото во Теово

Селото се наоѓа во областа Азот, во средишниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 260 метри.[3] Теово е оддалечено 20 километри југозападно од општинското средиште Чашка[4] и 30 километри од градот Велес.

Низ селото поминува регионалниот пат 2336.

Селото се наоѓа покрај железничката пруга Велес-Прилеп и главно е сместено во проширувањето на долината на Бабуна. Околни села се Согле и Плевење. Во минатото, мештаните се снабдувале со вода од 7-8 бунари. Подалеку од Теово на селскиот атар избива единствениот извор Бела Чешма.[5]

Одредени делови на селскиот атар ги носат овие имиња: Кале или Марково Кале, Стража, Селиште, Река, Брезица (река која дотекува од селото Габровник, чие име според селаните потекнува од времето кога Крали Марко имал тврдина на возвишението Марково Кале), Голема Чука, Бумбарчица, Остреш, Уши, Глава, Готовуша, Карпа, Рамниште, Црно Осое, Вртешка, Корија Ашанит (во турско време припаѓала на соседното село Согле, а таму некојси Рушан од Согле имал ќерамидница) и други.[5]

Теово има доста збиен тип. Куќите на секој род се блиску една до друга и на куп, заради што деловите од селото се викаат според родовите: Кировци, Плевењци, Каличовци, Калајџиовци и други.[5]

Во селото се наоѓа железничка станица на пругата Велес-Прилеп, на која редовно сообраќаат регионалните возови на линијата Скопје-Битола.

Историја

[уреди | уреди извор]
Стара куќа во Теово, изградена во 1892 година

Возвишението Марково Кале (789 м.) се наоѓа западно од селото и народното предание кажува дека таму се наоѓала кула на Крали Марко и остатоци од ѕидини на црква. Многу се оскудни преданијата за настанувањето и минатото на селото, но според пишаните историски податоци може да се заклучи дека Теово е доста старо населено место. Истото се споменува во 1335 година како пусто селиште Техово, што може да се заклучи дека постоело како село и претходно. Во подоцнежниот период, селото било обновено.[5]

Првобитно, Теово се наоѓало на месноста наречена Селиште, која се наоѓа во подножјето на возвишението Марково Кале, на оддалеченост од околу 2 километри југозападно од денешната местоположба. На оваа месност се пронаоѓани остатоци од некогашната населба како што се делови од разрушена црква, стари гробови, а на тоа место избивал и силниот и воедно единствен теовски извор „Бела Чешма“.[5]

Подоцна селото било преместено на денешната местоположба од страна на петте старинечки родови Каличовци, Калајџиовци, Јачевци, Ацевци и Прекуречани, кои живееле во старото село. Први се преселиле родовите на родот Ацевци, а другите родови постепено ги следеле.[5]

Околу средината на XIX век во селото се населил Албанецот Авмет од соседното село Согле при што основал чифлик на кој работеле 7 македонски домаќинства, додека сите останати поседувале сопствена земја. По 1912 година Авмет се вратил во Согле, а оттаму се иселил во Турција,[5] при што Теово повторно го добило својот чист македонски карактер кој е задржан сѐ до денес.

Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров од 1896 година, селото Теово било чифлик со 130 куќи кој се наоѓал на двете страни на реката Бабуна на ½ час растојание од Согле.[6]

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Новото железничко стојалиште во селото, како замена за стариот објект на железничката станица, која е надвор од селото

Атарот зафаќа простор од 27,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.000 хектари, на шумите отпаѓаат 825 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 785 хектари.[3]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]

Од земјоделските култури најмногу се одгледува пченица, грав, тутун и јачмен, а од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци, а полека се обновува и одгледувањето на кози. Теово е познато по своето сирење со билки (мајчина душица и др.), кое котира доста високо на пазарот.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948623    
1953662+6.3%
1961659−0.5%
1971464−29.6%
1981315−32.1%
ГодинаНас.±%
1991226−28.3%
1994188−16.8%
2002189+0.5%
2021104−45.0%

Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 850 жители, сите Македонци.[7]

По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Теово имало 880 Македонци.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Македонци.[9]

Теово е населено со македонско население, но со значително негово иселување. Така, во 1961 година селото броело 659 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 188 жители.[3]

Теово како и многуте други македонски села доживеало огромно намалување на бројот на своите жители поради големата миграција. Во последниве години се забележува доселување на повратници кои селото го напуштиле во времето на индустријализацијата.

Според пописот од 2002 година, селото Теово броело 189 жители, од кои 186 Македонци, 1 Србин и 2 останати.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 104 жители, од кои 97 Македонци и 7 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 850 880 623 662 659 464 315 226 188 189 104
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Селото Теово во целост е населено со православни македонски родови кои се делат на старинци (46 к.) и доселеници (49 к.). Доселениците во селото главно живеат од XIX век.[5]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1965 година, родови во селото се:

  • Староседелски македонски родови се: Каличовци (12 к.), Калајџиовци (12 к.), Јачевци (10 к.), Ацевци (8 к.) и Прекуречани (5 к.), слават Свети Ѓорѓи „зимен“. Како што е претходно речено нивните предци имале куќи во пределот Селиште.
  • Доселени македонски родови се: Плевењци (12 к., Свети Никола) дошле од соседното повисоко село Плевење во XIX век; Ѓоревци (12 к., Пречиста) за нив не се знае од каде се доселени и Кировци (13 к.) и Петревци (11 к.), слават Свети Никола и тие се доселени од некаде.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Според проценките иселувањата кои настанале по Втората светска војна воделе во Скопје (околу 37 к.) и Велес (6 к.). Се знае и за овие иселеници од Теово: Грбевци (1 к.) и Јовановски (1 к.) во соседното Оморани, Теовчани (2 к.) живеат во Согле, Костадинови (1 к.), живеат во Превалец во Велес, Игновци (1 к.) живеат во прилепското село Десово и Теовци (1 к.) живеат во Долно Врановци.[5]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
  • Месна заедница, која ги опфаќа селата Теово, Ораов Дол и Габровник[4]
  • Дисперзирана канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на Република Македонија[4]
  • ЖС „Теово“ — железничко стојалиште на линијата Скопје-Битола, на која редовно сообраќаат возови, кое ја заменило поранешната железничка станица „Лутица Стојан“
  • Поранешно основно училиште „Петар Поп Арсов“
  • Поранешна пошта
  • Поранешна амбуланта
  • Здружение на пензионери

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Во XIX век селото било дел од Велешката каза, од Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Теово, во која покрај селото Теово, се наоѓале и селата Габровник, Мокрени, Оморани, Ораов Дол, Плевење и Согле. Општината Теово постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачко место бр. 2216 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект. Во избирачкото место се опфатени и населените места: Габровник, Мокрени, Ораов Дол и Плевење.[16]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 95 гласачи.[17] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 91 гласач.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 95 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[20]
Цркви[21]
Манастири
  • Теовски манастир — сместен над селото, пред 400 години Турците го запалиле манастирот до темел. Во манастирот се одржуваат и ликовни изложби.
Споменици на природата
Реки

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[5]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 162–163.
  3. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 295. Посетено на 31 август 2018.
  4. 1 2 3 „Профил на Општина Чашка“ (PDF). Урбан Рурален Консалтинг. Општина Чашка. 2008. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2 јуни 2016.
  5. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Трифуноски, Јован (1977). Област Бабуне и Тополке. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 222-223.
  6. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.312
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158
  8. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јуни 2016.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 31 август 2018.
  17. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-10-16. Посетено на 31 август 2018.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 1 август 2025.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  22. Чалоски, Томе (15 февруари 2005). „Како тргнало, тапаните повторно ќе бијат“. Вечер. Скопје: Вечер Прес. Посетено на 2 јуни 2016.[мртва врска]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]