Ораов Дол

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ораов Дол
Поглед на Ораов Дол.jpg

Поглед на влезот во селото

Ораов Дол is located in Македонија
Ораов Дол
Местоположба на Ораов Дол во Македонија
Координати 41°31′38″N 21°32′00″E / 41.52722° СГШ; 21.53333° ИГД / 41.52722; 21.53333Координати: 41°31′38″N 21°32′00″E / 41.52722° СГШ; 21.53333° ИГД / 41.52722; 21.53333
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски
Општина Coat of arms of Čaška Municipality.svg Чашка
Област Азот
Население 3[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1415
Повик. бр. 043
Надм. вис. 540 м
Слава Спасовден
Ораов Дол на општинската карта
Ораов Дол во Општина Чашка.svg

Атарот на Ораов Дол во рамките на општината
Commons-logo.svg Ораов Дол на Ризницата


Ораов Дол (понекогаш нарекувано и Ореов Дол) — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во областа Азот, во југозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна, сместено на нејзината десна страна.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 540 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 30 километри.[2]

Селото се наоѓа во југозападниот дел на велешкиот крај и јужниот дел на Азот во басенот на рекичката Бреза, која е десна притока на Бабуна. Околни села се Мокрени на северозапад и Габровник на запад.

Жителите се снабдуваат со бунарска и изворска вода.

На масивот на планината Бабуна кој се издигнува јужно и југоисточно од селото се наоѓаат месностите: Кадиица, Шопур, Стур, Перовска Нива, Караџови Ниви, Самовско Гумно, Трештеник, Горна и Долна Чука, Бендерова Ливада, Смилев Врв, Јастребец, Јастребечки Плочи, Јарова Нива, Митаново Гумно и Осојница.

Краевите на атарот на ниското земјиште северозападно од селото ги носат следните називи: Карпас, Садовица, Ливади, Долна и Горна Корија (сега се ниви), Митковски Колиби, Долни Модрич, Рамниште, Јаричиште, Грамади, Чуревски Рид, Лековита Вода (таа вода никој не ја користи), Ѓоновец, Страње, Митковски Гробишта, Косма Глава, Црквиште и Долно Црквиште.

Ораов Дол има збиен тип и во него постојат 2 маала: Горно и Долно или Митковско. Првото е поголемо и се наоѓа десно од селската рекичка, додека другото е на нејзината лева страна.

Историја[уреди | уреди извор]

Преданието наведува дека Ораов Дол е многу старо село, што се гледа по зачуваните старинечки родови. Такви староседелски родови претходно имало повеќе, но нивниот број се намалил поради иселувања. Иселувањата се вршеле главно во поново време.

Ораов Дол најпрвин се наоѓало на местата Грамади и Чуревски Рид на ниското земјиште околу илјада метри северозападно од денешното село. Крај тие места водел стариот пат кој во Азот и долината на Бабуна доаѓал преку прилепското село Десово. Мештаните велат: „тогаш Турците додевале во селото“, па затоа тоа било преместено на денешната местоположба на повисоко. Јужно и југоисточно од Ореов Дол се издигнува делот на планината Бабуна наречен Кадиица. На Кадиица има пространа висорамнина висока околу 1100 метри, каде постојат многу поволни услови за сточарство поради што таму во минатото постоело истоимено влашко село. Тоа било раселено после некое насилство и злосторство најверојатно во XIX век. По раселувањето на Кадиица, целиот негов атар припаднал на Ораов Дол. Од тогаш и неговите жители станале големи сточари: лете бројната стока престојувала на Кадиица, додека зиме била чувана северно од селото во котлинското дно. Таму се наоѓаат бројни трла.

Во XIX век, Ораов Дол било село во рамките на Велешката каза на Отоманското Царство.

Во втората половина на XIX век и почетокот на XX век сѐ до 1912 година, жителите на Ораов Дол многу страдале од муслиманските Албанци населени во прилепското село Десово. Дека албанските жители на Десово биле надалеку познати како големи разбојници и пљачкаши сведочи и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, а во селата во Азот и областа на Бабуна е позната изреката: „лош си како десовец“ која се дава на лоши луѓе. Тие слободно се движеле по стариот пат во правецот Десово-Ораов Дол-Согле, некогаш грабале христијански девојки, одземале стока на планината, а доста мажи од ова село биле и убиени.

За да ги заштити Македонците од албанските насилства и зулуми, околу 1870 година, некој Никола Бендер од Ораов Дол собрал и организирал дружина во која имало жители и од соседните села Мокрени и Габровник. Еднаш на Кадиица, Никола Бендер убил 10 Албанци. Од тогаш престанал сообраќајот на споменатиот пат помеѓу Десово и Согле. Албанците од овие села морале да воспостават нов сообраќај по подалечниот пат преку селата Богомила и Гостиражни. Меѓутоа, подоцна Бендер дошол во судир со своите селани, особено со оние од денешниот род Плевењци. Судирот избил поради девојка која Плевењци не сакале да ја одобрат за мажачка со Бендер поради роднински врски. Послужувајќи со измама, Плевењци успеале да го обесат Бендер. Никола Бендер е погребан на местото кое денес се нарекува Бендерово Кладенче на потегот Грамади. После ова домашните на Бендер се иселиле во Белград. На планината Кадиица сега постои потегот Бендерова Ливада.

Северно од Ораов Дол е местото Долна Црква, каде што постоела црквичка. Кај нејзините рушевини селаните приредуваат ручек за Голема Богородица. Долната црква била напуштена во втората половина на XIX век, кога во Горното Маало на самото село е изградена сегашната голема црква посветена на Свети Никола која ја изградиле мајстори Мијаци од Папрадиште во исто време со тамошната црква, заедно со која се најдобрите и најубавите црковни храмови во целиот овој крај. Жителите на Ораов Дол порано имале селски гробишта на две места, по едни за секое маало. Во поново време, затоа што селото е мало едните од нив наречени Митковски кои се наоѓаат западно од селото се напуштени. Селска слава на Ораов Дол е Спасовден. После Првата светска војна ова село било седиште на општина. Тогаш, неговите жители биле големи сточари и одгледувачи на пченица. Стоката ја продавале во Прилеп, а житото во Богомила. За селото се велело дека од него нема „полебарско село“. Две-три години по Првата светска војна Ораов Дол имало околу 80 домаќинства, а кон шеесеттите години на ХХ век имало 24 домови.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Бачила на влезот во селото

Атарот зафаќа простор од 22,8 км². На него преовладуваат шумите на површина од 1.052 хектари, на пасиштата отпаѓаат 573 хектари, а на обработливото земјиште 566 хектари.[2]

Селото, во основа, има мешовита функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ораов Дол имало 512 жители.[3] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ораов Дол имало 712 жители.[4]

Селото е мало, во фаза на целосно раселување. Тоа, во 1961 година имало 279 жители, а во 1994 година само тројца жители.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Ораов Дол живееле 3 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[5] 1905[6] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 512 712 296 346 279 56 7 8 3 3
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[7]

Родови[уреди | уреди извор]

Населено е исклучиво со православни Македонци кои припаѓаат на следните родови: Глуковци (4 к.) од кои потекнува Стоилко Ивановски-Планински познат македонски партизан – борец и организатор на НОВ во областа на Бабуна, Поповци (2 к.), Мргудовци (6 к.), Ромбевци (3 к.) и Нешовци (2 к.) чии куќи се во Горното Маало. Првите два рода слават Свети Никола, а останатите Петковден. Сите се старинци односно староседелски родови. Митковци (4 к.) се исто така старинци. Куќите им се во Долното Маало и слават Свети Архангел. Една нивна родовска гранка го носи името Дервишовци поради некој нивен предок кој „се носел како дервиш“. Плевењци (3 к., Свети Никола) се доселиле во XIX век од селото Плевење на левата страна од Бабуна. Куќите им се во Горното Маало.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Планинарскиот дом „Браќа Јаневи“ во селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Теово, во која покрај селото Ораов Дол, се наоѓале и селата Габровник, Мокрени, Оморани, Плевење, Согле и Теово. Општината Теово постоела и во периодот 1950-1952 година.

Изборно место[уреди | уреди извор]

Селото припаѓа на изборното место бр. 2216 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект во селото Теово, во кое влегуваат селата Габровник, Мокрени, Ораов Дол, Плевење и Теово.[8]

На локалните избори во 2017 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 95 гласачи.[9]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Никола“
Споменик на Планински пред влезот во селото
Археолошки локалитети[10]
Цркви[11]
Споменици
  • Спомен-плоча од НОБ на планинарскиот дом
  • Споменик на Планински пред влезот во селото

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Спасовден — селска слава на селото со црковно-народен собир

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Ораов Дол
Починати во Ораов Дол

Иселеништво[уреди | уреди извор]

По Првата светска војна 10 домаќинства се иселиле во прилепското село Десово, градот Прилеп и селото Каласлари веднаш југоисточно крај автопатот „Александар Македонски“ (Е-75) кај Велес. Најголемите иселувања од Ораов Дол настанале по Втората светска војна по 1947 година, кога од селото си отишле околу 55 домаќинства. Најголемиот дел отишле во Велес (околу 15), Градско (околу 10), Битола (околу 10), селото Согле (околу 8), Богомила (6 к) и Скопје (5 к.). Други постари иселеници од Ораов Дол се: Јовановци (2 к.) и Ѓорѓиевци (1 к.) во селото Горно Раковец во долината на Тополка; Шавалевци (6 к.) во Извор; Ореовдолци (2 к.) и Јаневци (1 к.) во Долно Врановци. Родови со име Ореовчани живеат во Согле (8 к.) и Богомила (6 к.). Во прилепското село Десово живеат Митковци (6 к.) и Ромбевци (1 к.). Во велешкото село Каласлари живеат Алексови (2 к.), Трајковски (2 к.) и Давчеви (1 к.).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 24 август 2018. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 221. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. посет. 24 август 2018 г. 
  3. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 157.
  4. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
  5. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  6. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  7. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  8. „Описи на ИМ“. конс. 24 август 2018. 
  9. „Локални избори 2017“. конс. 24 август 2018. 
  10. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]